т:темплум  

 

октомври
г:
груески зоран


г:години: 29
п:професија/интереси: професор по философија / луѓе, фотографии, симболи, логоа, разговори, наблјудување; омилени книги: Оглед за распаѓањето, Блудниот син, Разговори со Гете... музика: The Doors, Placebo, Nat King Cole, Randy Crawford, Nina Simone

 
 

с:син на биста

Во моите сеќавања, една стара госпоѓа, седи на масата и ме чека да го дојадам доручекот. Устата ми беше речиси секогаш полна со преголем залак кој тврдоглаво не го голтав (всушност многу малку и го џвакав).
Старата госпоѓа имаше трпение.
Чекав да оди во кујната, за да го плукнам тоа последно парче суво преџвакано месо, кое ми се лепеше во рацете секогаш кога го фрлав низ прозорецот.
Кога ќе се вратеше..................
Секогаш се враќаше.
Сеедно, чинијата беше празна, а таа можеше конечно да си прилегне и да ја прочита нејзината „Борба“.

***

Пред десетина години не можев да го запрам плачот. Почина старата госпоѓа која секогаш ме чекаше да го дојадам доручекот.
На погребот морав да ги слушам сите добронамерни, но сепак сосема непотребни совети (бидејќи кога некој тагува, малку веројатно е дека ги слуша другите што му зборуваат, уште помалку дека ќе се обиде и да ги разбере), дека треба да бидам силен и дека треба да знам што треба да правам понатаму, затоа што животот бил...............не знам, студии некои, па свадба.............глупости.
Не можев да побегнам од тој, за мене веќе само гласен, шум, кој се ширеше на погребот на старата госпоѓа. Не можев да не гледам во земјата, помислувајќи како од таму ќе излезе некој и ќе им помогне на луѓето да ја закопаат што побргу.
Го допрев студеното лице на старата госпоѓа во ковчегот, го голтнав последниот залак прав и малку земја.
Таа не мораше да чека повеќе.

***

Јас и бев утеха за синот, кој починал премногу млад. Не можеше да си ги сокрие солзите, неколку пати во денот.
Ќе се насмееше низ солзи и ќе ми кажеше дека нејзиниот син, кога починал, ги замолкнал и канаринците. Не пееле со денови затоа што чувствувале дека веќе не е со нив.
Нејзиниот син - најдобриот човек на светот.
И неговите најдобри пријатели ми го кажуваа тоа, а јас чувствував дека не лажат и дека искрено им недостига тој човек.
Секако старата госпоѓа никогаш не спомна дека таа добрина го натерала и да пие, од што, за жал и починал.
Толку добар и толку млад.
За жал тој не починал само толку добар и толку млад.
Починал и толку наивен.
Кога бил на отслужување на воениот рок, дознал дека неговата сопруга, само неколку месеци по неговото заминување, почнала да шета наоколу.
Од тој миг........................веќе претпоставувате.
***
Секоја недела одевме на гробиштата да ја посетиме бистата на синот, кого, старата госпоѓа го оплакуваше толку често.
Неговото име и презиме беа исти како и моето име и презиме.
***
Чудно е, уште како мало дете да живееш со помислата дека твоето име и презиме се напишани на некоја надгробна плоча.
Точно, си помислуваш.........годината на раѓање е поинаква од твојата, точно.........човекот има зулуфи на образите и малку коса на главата, а ти голобрадо петгодишно дете, точно..........ти си неговиот син, син на бистата која ја посетуваш секоја недела и ја бакнуваш по навика, точно.........ти овој човек воопшто не го познаваш и паметиш, бидејќи почина многу млад.
Сепак точно беше и тоа, дека си замислував дека би можел да бидам и мртов, секогаш кога ќе го прочитав тоа име на бистата. Смешно нели? А сепак тоа ми создаваше некаква нелагодност.
Всушност, јас, сум живиот син на таа биста, со истото име и презиме како моето.
На тоа помислував секоја недела кога одевме накај Бутел.
На тоа помислив и денес. Ги чистам гранките од плочата. Го мијам лицето на бистата од изметот на птиците. Наоколу мириса на мочка. Си одам.

***

И понатаму на гробиштата, одвреме навреме, бакнувам биста на човек кого воопшто не го познавам.
И понатаму се трудам да џвакам и голтам побргу, бидејќи сега никој не седи на масата и не ме чека да завршам.

Голтнав.............сега можете да си одите.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања






































































 

  д:дома