т:темплум |
октомври
Бев до попладне на работа и немав многу... знаете... немав многу време, мислам, не дека не сакав да ги послужам како што е ред, туку едноставно, кога е зафатен човек, мора да се снаоѓа некако. А... не бива сега, да се служи, а да не е суредено, не бива, што знам. Не дека на гостите им е многу битно, јас не викам не-знам-си-какви педантерии на гости, ама сакам да суредам, да биде како што е ред, сакам да биде сé цакум-пакум. Само немав многу време. Да имав време ќе суредев. Немав време, тоа беше проблемот. И... Го пратив Зоки да ми купи цигари, пиво, смоки, нешто за грицкање освен смоки, и нешто друго за пиење освен пиво, немав време сега и на тоа да мислам. Зоки беше уморен, му тргна бизнисот со фотокопирање, па по цели денови им копира на студентите. Во Мавровка, таму работи Зоки, кај факултетите. На кат. Отиде Зоки да купува, и одеднаш се изгубив, не знаев од каде да почнам. Не требаше да викам гости, си помислив, ама ајде веќе кога ги викнав, треба да ги послужам, како што е ред. Имав уште неколку, уште три поточно, значи три часа да зготвам нешто, а тоа не е доволно за да се направи не-знам-си-што, а и не знаев што да правам, па реков... Па си реков, да не губам време, таман ќе го испеглам чаршафот, и онака требаше да го пеглам, па ќе ми текне. Огромен чаршаф, баш и можевме помал да земеме. Зоки отиде по цигари, немаше кој да ми помогне. Па почнав од краевите, но ми беше страв дека целиот чаршаф се влечка по земја, некако. И сега, да го придржам, не можам, ќе се изгорам од пеглата. А знам еднаш од пегла се имам изгорено, и белег ми остана, не сакав уште еден белег. Белег и не е толку страшно, најмногу се нервирам кога се лупи кожата од изгорено, па пече, а не треба да се стави фластер... И... Значи, го ставив другиот крај од чаршафот на фотелјата и почнав да пеглам. Тогаш забележав некои жолти флеки. Се сеќавам дека го исправ, а го исправ пред два дена, но се чини дека флеките не се вадат. Не знам, право да ви кажам, кој прашок да користам, сите реклами ми се исти. Последен пат купив Калгон, гледав една реклама на онаа хрватска телевизија, Нова, и ми влезе песната во глава: „Перилица дуље живи уз Калгон!“. Не е дека мојата машина за перење страда од бигор... Да бидам најискрена, не знам зошто го купив, можеби поради песната. И после ќе има жолти флеки, ќе има. Едвај испеглав еден крај, кога почнав да ја пеглам средината, се изгужва. Си реков вака не оди, да го чекам Зоки да ми придржи ќе нема време, а и уморен е човекот. По цел ден работи Зоки, во фотокопирница, му тргна бизнисот сега. Ја преместив штицата меѓу двете фотелји за да ги потпирам краевите, да не ми се гужваат кога ја пеглам средината. На средината немаше жолти флеки, фала му на бога, па си реков, можеби нема да се видат ако се на крај. Ама размислив пак, и ми текна дека подобро ќе беше наместо на краевите, флеките да беа на средина: ќе можев да ги покријам со јадење. И се нервирав... Си реков: нема време сега на рака да го перам, а ќе треба Зоки да го враќам да купи Билјана прашок, толку е зафатен со фотокопирот, ќе ми го тресне прашокот од глава. Ако ми се истури прашок врз глава, ќе треба да ја мијам косата, и нема да имам време ништо да спремам. Што-да-спремам, што-да-спремам... Мислев и пеглав и ништо не одеше како што треба, кога ете ти го Зоки на врата, со празни раце. Пребледев, право да ви кажам, ми текна дека пред два дена се разболе Комшо. Не сакав да го мачам Зоки да оди дури до Тинекс. Ме виде и почна да ми се смее. Па дојде да ми помогне, да го придржи чаршафот. Пуста мала штица, кој ја измислил толку мала. Па како другите пеглаат чаршафи кога им доаѓаат гости? Изгледа имаат повеќе време, јас немам многу време - на работа бев до попладне, а сакам да ги пречекам гостите. Не е дека не сакам. Сакам, како што е ред. Само немам многу време. Требаше да пристигнат во секој момент а немав ништо спремено, си реков поважно е јадење отколку чаршаф и ја баталив пеглата, отидов да сецкам мезе, имав нешто домашна ракија – со тоа ќе ги почастам. Па сега, и тие ќе разберат, зафатени сме и јас и Зоки. Нека се одмори детето, по цел ден работи на фотокопир. И насецкав овчо сирење, пршута, нешто салата, туршија. И толку, немав време за повеќе. Да имав време, вие не знаете колку добро ќе спремев пача. Царица сум за пача. Не е само како желе пачата, како кога некој друг ќе ја направи, јас í ставам и морков, и повкусна е. Свињата е најкорисното животно, право да ви кажам, од сите нејзини делови може да се зготви нешто. Коњот, на пример, иако важи за поубаво животно, не може целосно да се зготви. Знам дека во Франција готват и коњско месо, е тоа не сум го пробала, ама сигурно не е вкусно како мојата пача. Да имав еден коњ сега, од немајкаде, веројатно и него ќе го зготвев, ама немам време. И го поставив на маса мезето, ракијата, а масата без чаршаф. Ете ти ги гостите. Ги пречекав, како што е ред, па го испеглав и чаршафот. Ми кажа кумата како таа го пегла, го превиткува на пола, па го пегла во два слоја. И навистина многу брзо го испеглав. |
e:електролит конкурс | ||||
а:актуелен конкурс | а:архива на конкурси | |||||
р:рокови | д:досегашни конкурси | |||||
п:праќање | н:награди | |||||
а:автори | з:застапени автори | |||||
р:раскази | з:застапени раскази | |||||
н:наградени раскази | н:наградени раскази | |||||
в:ваш избор | в:ваш избор | |||||
д:други текстови | в:вон конкуренција | |||||
п:праќајте ни други текстови
(песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс... |
||||||
в:ваши предлози | ||||||
п:прашања |
д:дома |