т:темплум  

 

октомври
е:
еленов глигор


 

м:мисија НВО #1

... Обесхрабрен, постепено отупував во нашиов општествен систем.
Ако еден млад човек, во ваква општествена ситуација, не реагира рефлексно и не замине веднаш во туѓина, а не саака и по никоја цена, подведен од бесот и презирот кон стварноста да се повлече во свој виртуелен егзил, тогаш му останува само да отпочне рововска борба и да пука со сите орудија кои му се на располагање.
А пукање имаше и тоа по бајаги.
Не знам како по некоја сосема неочекувана случајност западнав во лавиринтите на НВО секторот.
Ликовите, луѓето и карактерите кои се менуваа пред мене беше повеќе од филмски....

* * * * *
...-“Добро, зошто наеднаш сите заминуваат, како да бегаат?”
-“После поминати седум, осум години, сите бегаат.”
-“ Зошто?”
Го прашав Алмаер Плиш во една прилика, кој редовно го среќавам по скопјево.
Тука е веќе цела вечност и не крие дека оваа клима и опкружување некако му годи, исто онака како што јас не кријам дека оваа средина ужасно ме гуши.
- “Види, досега се работеа, итни и краткорочни проекти, но сега Македонија е стабилна земја. Земја кандидат за полноправно членство. Мора и треба да се отпочне со долгорочни проекти за развој на земјата.
Треба да дојдат други кои знаат, умеат да го спроведат тоа”.
Да не го прекинев којзнае уште колку долго ќе пелтечеше на својот недопечен англиски. Просто човек да не го праша нешто. Имаше некаква жичка која постојано го тера да збори, раскажува, филозофира и убедува. Мислеше дека има способност да раскажува приказни како Алесандро Барико, негов омилен писател. Не разбрав никогаш дали е убеден секогаш во тоа што го говори.
Неговата желба за ораторство доаѓаше можеби и од неговите родители. Дете на професор и професорка на торинскиот медицински факултет Пола Италијанец пола Словенец роден во Горица.

Алмаер Плиш беше меѓу нив, последниот што го запознав. Задолжен за надзор на фирмите кои вршеа реконструкција на куќите оштетени од воените дејствија. Пет пари не даваше за ништо и неќеше да глуми многу, дека којзнае што работи. Не се сметаше себеси за некаков месија. Карактеристика што сите останати ја поседуваа. Се сеќавам кога дојде целиот препотен со куферите во канцаларија. Откако се поздрави со мене и си го кажа името, прво што ме праша беше дали знам колку пари чини такси од скопскиот аеродром до нашата канцаларија. Му одговорив дека не знам. А тој на тоа додаде дека платил 97 евра на што јас слатко се изнасмеав и го прашав да не го запамтил бројот на таксито. Немав намера, да го барам или пријавам таксистот, прашав, да не случајно е некој познат па заедно да се почастиме во скопска пивница. Реален беше човекот знаеше дека истата таква работа не ретко им се случува и на странците во Италија.За него женските од extra communitario земјиве беа по егзотични отколку communitario женските. Супер се забавуваше и секогаш соло. Понекогаш со некој од нас, од local staff - от, искачаше по скопјево. Речиси никогаш и тоа без исклучок не се дружеше после работа со неговите, како што љубеа токму неговите, другите да ја прават поделбата. Жените ги сметаше за најголем порок и никојпат не сакаше да се врзе за ниту една од нив иако ги имаше многу. Преголем терет беа за него и бегаше од постојана врска како ѓавол од крст. Денес уште работи тука и чека татко да стане. Го средила некоја од нашите extra communitario женски. Кога ќе го видите не се разликува многу од сите нас. Пцуе, пие, пуши и не поштува никакви правила. Паркира кај ќе стигне. Откога свати дека ќе стане татко не практикува повеќе толку секс. Уште сака да зборува и филозофира, со таа разлика што сега се знае. Пред, да дојде тука само претпоставуваше. Типикус Македоникус...




 

м:мисија НВО #2

...Првиот што го запознав беше Алберто Савињи, инжињер за животно планирање, планер кој ја водеше целата операција за реконструкција на куќите. Типичен италијанец иако себеси не се типизираше како таков, по потекло од Сардинија. Неговиот Лери Хиген, инаку типичен девијантен американец, ебиветар кој патем за себе имаше убаво мислење, често пати менувајќи ги сателитските канали на разни италијански програми, знаеше да му префрли:
– “Види ги овие од Сардинија личат како да се Македонци.”
За мене и не беше нешто изненадување зошто навистина физичката сличност беше евидентна но тоа беше трогателно за Алберто кој таа изјава ја сваќаше за лична навреда. Сепак штом беше изговорена од устата на Лери звучеше некако интересна па дури и симпатична сатирична забелешка, иако сите знаевме дека простотилакот на Лери беше типичен за еден просечен американец, камионџија.
Алберто беше фин, образован и речиси постојано сталожен во секоја ситуација. Никогаш не можеше да биде доведен во ситуација на изнервираност иако сите ние работејќи во такви околности бевме речиси секогаш под висока волтажа и силен напон. Куршлус лесно можешпе да избие. Просто се чудевме сите но сето тоа набргу се разјасни кога дознавме за таинственото појавување на неговиот тојота џип во Тетово во раните утрински часови како ја поминува првата патарина од кај Желино за на кај Скопје.

...-“Абе, кој оди од Тетово за Скопје во 5 часот наутро”
Не запраша гласно еднаш во седиштето на организацијата Спасе еден типичен муфљуз, кој доаѓаше од тетовските села и кои за сите нас кои работевме таму македонци и албанци сметаше дека сме кодошишта и шпиони и дека зимаме огромни плати, со кои аздисуваме со коли и станови по скопјето, додека он црнчи и пати во кризните региони. Стално дремеше кај нас во канцаларија и очекуваше да падне нешто, само не знам што, можеби класерите од витрината на која постојано се потпираше.

- “Незнам бе Спасе што збориш никој не оди, тојотата ја возат стренџерите, англо саксонците и итало шпанцеросите. Ние овде extra communitario, немаме везе односно никој од нас не ја вози. Нас не возат.”
Mу возвратив онака инстиктивно но воедно и самиот зачуден.
- “Море сите вие нешто мувате, кој знае што правите, него последниот пат како тебе да те видов”
Се сврте кон мене и онака целиот љуто запиперен ми се втера во мојата воздушна сфера.
- “Абе ајде, драпај си меот” – му возвратив, “него ти што мајка бараш толку рано на прва наплатна рампа од Тетово”. Го засеков, онака љуто по улично, скопски.
- “Како што правам, па чекам автобус за Скопје”
Одговори онака зачудувачки, што уште повеќе ме зачуди. Имаше право, секое утро беше кај нас во канцаларија, уште пред сите ние да дојдеме.

Тогаш сватив, Спасе има право, некој стварно се мува со колата толку рано по патиштата, но не ми влагаше никако во глава кои би можел да биде тоа. Never mind.
Се, се разјасни тоа јануарско утро кога тојотата се расипа во 5 часот наутро на еден тежок снег 2001, а Алберто ме разбуди на мобилката да го соберам од автопат да не мрзне. Се спакирав влегов во кола и право накај Тетово. Кога стигнав во мракот негде пред 6 наутро Алберто Савињи ѕенѕаше со Лери Хиген пред паркираната кола. Лери инаку работеше за една друга организација и за разлика од овие моиве стренџери имаше најмено куќа во Тетово. Се ми беше јасно. Ги одведов во Скопје и ја спраштив право дома а дента не сакав да се појавам на работа под изговор за други обврски. Колку и да им беше нив целата ситуација нормална за еден типичен, конзервативен, хетеробалканец целава работа беше вошлива и не сакав да се појавам пред него, се додека не изградам стратегија како ќе ја голтнам кнедлата и ќе се однесувам во стилот never mind. Ништо не гледам ништо не слушам.



 

м:мисија НВО #3

Ана Анчер ми помогна, пола Италијанка пола Французинка, доста привлечна за целиот local staff, а за мене една типична кокошка, претставничка на женскиот род, со подвид гуска. Наредниот ден ме повлече за рака кога пристигнав во канцаларија и ми рече.

- “Знаеме дека знаеш тоа што сите ние го знаеме а што сите Вие од local staf - от, освен сега ти не го знаете. Нека остане и понатака така само што сега ти ќе знаеш, ние ќе знаеме а тие нема да знаат.”Ова ми го кажа на еден тупав англиски, принаучен од шпартање по светов во неанглиски говорни подрачја. Почнав да се сомневам дека и другите мајчин и татковски јазик, не ги познава баш. Имаше инсталирано два оперативни системи на нејзиниот компјутер, еден на италијански и еден на француски. Ужасно ме живцираше кога ќе ја најдам понекогаш на мојот компјутер како пушта музика и слуша музика. Не знам што музика беше ама ужасно ме нервираше, нешто како некои племенски ритуали од некој индиски или азиски шуми. Нешто како АУУ ВАУ ВАУ АУ АУУУ, така некако идеше. Лек, инсталирав линукс. Сирота не знаеше да пушти музика на нејзиниот компјутер. Кога ја прашав зошто ми рече дека нема на нејзиниот компјутер англиски оперативен систем. Шефица ни беше и со сите нас теренски работеше, односно патуваше по селата. Таа беше најголемиот месија. Кога одевме по селата беше постојано облечена во некаква шарена наметка, нешто како инките од Андите што сум ги гледал по енциклопедии, а рацете ги држеше онака гандиевски. Кога одеше мислиш испушта бонбони и ситни пари позади нејзе. Кога одевме во албански села имаше многу деца кои трчаа позади нејзе зошто им беше необична и смешна. А она, беше убедена дека тоа се случува зошто таа самата зрачи со хуманост, добрина и позитивна енергија. Цепки, постојано викаше “фалимендерит” - “дита на мир”, и се клањаше како будист, а сите паѓаа од смеење. По македонските села и онака немаше луѓе па ретко кој и ја забележуваше. Деца многу ретко се наоѓаа, а старците едвај ја догледуваа па проаѓаше некако неприметно. Затоа секогаш викаше дека македонците не ја сакаат а албанците ја сакаат. Нема везе тоа беше нејзина логика која го одразуваше и нејзиниот карактер и нејзината интелигенција.

Го прифатив фактот за Алберто и Лери по нејзина сугестија, ама само во првиот момент односно првите неколку дена. Не можев да се правам на Тошо, морав да им кажам на останатите, (тие), кои не знаеа. И тоа не поради некоја посебна причина, не сум алапача, ала тетка Анѓа од комшилук, туку зато што ме нервираше она ние, тие. Кои се тие? Ретки животни од Балканот, касаат, лаат, пљукаат и прдат, на се што ќе чујат. Море кој ве врти и така, ја разоткрив дилемата која поради нашите провинциски склоности целиот тој настан со мистериозното шетање на колата на релација Тетово Скопје во утринските часови, секој ден добиваше најразлично толкување и верзија.
Се разбира, за целата работа Ана Анчер ме окриви мене, и отпрвин беше љута и не сакаше да разговара со мене но подоцна се појави Масимо, па се појави Клаус, па се појави Алмаер Плиш и така после таа рингишпил ротација, како после една центрифуга од триилјади вртежи, излезе една нова личност која не се сеќаваше повеќе на ништо па така и на нејзиниот бес и љутина спрема мене.
Изиграваше лесно заљублива женска, за после one night two man show, да биде потполно кул према својот љубовен соперник. Таква гускетина немаат видено ни најголемите скопски дремачи пред CIAO. У ствари, тоа многу и не им сметаше на додворувачите, освен на Масимо.
 



 

м:мисија НВО #4

Масимо беше еден полу жабар полу аустриец кој и сам не знаеше кај живее и кај работи, само знаеше во моментот кај се наоѓа, а тоа беше fucking Балкан. “Fucking Balkan”, му беше секој втор збор. Нешто како во холивудските акциони филмови во сленг, FUCK YOU - Fucking Balkan. Не разбрав до крај, дали глаголот пред именката беше компарација за нешто проклето заебано или имаше значење на нешто што често се случува тука. Мислам на полното глаголско значење. Нема везе. Масимо беше слаб, со ќелава глава. Над ушите му растеше ретка и жолтеникава коса, која ја носеше собрана во коњско опавче. Имаше долг нос и вдлабнати очи, а брадата, побелена и небричена неколку дена му ги покриваше испиените образи. Долгите и руси веѓи наликуваа на праменчиња коса, залепени на челото. Вратот му беше збрчкан, со пеги, како да му го избелиле со варикина. Носеше син костум и кафеава свилена кошула. Очила со златни раамки му стоеја на сјајната ќелава глава. Карикатура ала БАЉУМ, БАЉУМ. Беше одговорен за дистрибуција на дрва во зима и за оранжериски пластеници во лето.
Никогаш нема да го заборавам кога онака качен на еден камион полн со дрва распределува кубикажа на секоја фамилија во Ратае, долно полошко македонски село. Околу него сељациве наелектризирани до максимум, само што не ги извадиле пушките и не се испотепале меѓу себе од љубомора зошто оној другиот земал повеќе кубици дрва од него. А нема врска, поделбата беше направена според број на луѓе во една фамилија. Нормално двочлена фамилија има помала кубикажа од осумчлена фамилија. Одеднаш се срчкаа и изби тепачка, фрштеа стапови и камења. Масимо ме праша што се случува а јас долевајќи уште повеќе пародија на трагикомичната ситуација му велам вчера играле Интер – Милан, Милан тепал па овие десно се кладеле на Интер а тепал Милан па изгубиле пари и сеа не сакаат да платат. Масимо тежок будала, одеднаш почна да рипа на дрвата со кренати два прста во знак на победа, и тоа со двете раце, и почна да се дере, ЈУВЕНТУС, ЈУВЕНТУС. Будала невиден. Го собрав и го пикнав во шоферската кабина да не изедеме ќутек онака по селски, ај ќутек ама може и главата да ја изгубиме.
После неговата мисија во Босна и Косово, еве го тука уште по Јужно. Магистар, политиколог по струка и тоа со тесна специјалност за Балканов. Немаше нешто да не знае за Балканов од историја па се до современиве политичари. Едно време мислев дека тука е во некаква друга мисија а не хуманитарна, но тие мои размислувања паднаа во вода кога сватив дека негова главна преокупација се жените, кај кои рака на срце немаше баш многу успех. Откако Ана Анчер го скрши на две половини, и го измачуваше во соништата со Клаус и Алмаер, реши својата утеха да ја бара на друго место. И, тој како Алберто ја бараше надвор од Скопје, но не во Тетово и не во Лери, туку надвор од Македонија. Во Софија. Чести беа патувањата на нас или како што не нарекуваа тие, local staff - от, до граница, да го собереме Масимо од Деве Баир, по завршување на викендот. Таму имал некои познати жабари и се дружел, беше главниот изговор, а сите знаевме дека не може да им одолее на жешките бугарки по тамошните барови, масажа центри и што ти уште не. Но, тоа беше Масимо, човекот кој многупати знаеше да ги заебе компјутерите откако ќе закачи некој вирус прелистувајки порно сајтови на интернет и после да не опкривува сите нас дека ние сме криви. Никој не му зимаше за лошо. Во душа добар беше, затоа и патеше во љубовта, онака платонски наивно. Ах, таа Ана човече. Не би ја погледнал, да не ни беше претпоставена, и да мора да зјапаме во неа додека состанчеше со сите нас, не знам што виде човеков во нејзе, немам појма. Но, она сигурно виде нешто во Клаус.

* * * * *

...Клаус типичен шваба ариевец, висок два метра плав, како да бил некој аѓутант во војската на третиот рајх. Интелигентен и доста образован кој речиси секогаш ги исмејуваше жабарите, шпанците и други евро медитеранци. За да биде поинтересен разказов требаше и него да го ставам во некаков триаголник со Алберто и Лери, но пак тоа би било неправедно зошто немаше да има никаква врска со вистината. На мое изненадување одлично говореше албански јазик, научил додека работел на Косово, па честопати одејќи по селата со него ни се случуваше да окапеме кај некој гостољубив албанец во некои празни муабетења. Толкаво човечиште, а јадеше како пиле. Кога праевме седенки за викендите ништо не јадеше од скарата, стварно незнам од што израснал толкаво мажиште во кое без исклучок, жените од local staff - от и тие дојденките беа заљубени. На крај на наше изненадување и на изненадување на Ана Анчер, одбра една ружна итаљанка и ја дувна со нејзе за Хрватска за никојпат повеќе да не се врати и да не се појави. Разбравме дека му завршила мисијата тука и дека земал две недели одмор кои решил да ги помине со нејзе во Хрватска. Или беше unexpecting love во прашање или проблеми со стомахот зошто пет дена пред да ја дувне го фати тешка серка после еден сладоледен оброк во една од многуте виртуозни сладолед шопови во градов. Сирот, требаше да го предупредам, ама од друга страна беше интересен онака кога гледаш таков коњ како трча и бара клозет по градов. СЕИР...

* * * * *

... Мајда, французинка, задолжена за финансиите, стално праеше некој табели во ексел и се нешто не и искачаше како што треба, лудо заљубена во Алберто Савињи. Сакаше да го преобрати. Но тоа тешко се случува со вистински верник. Не издржа во љубовната агонија и прва беше што дувна од тука и тоа уште пред Божиќ. Обично сите тогаш бегаа накај дома и по 2-3 недели се враќаа. Мајда ја дувна пред Божиќ и не се врати по тоа.
Божиќ беше рај за сите нас local staff – от(extra communitario). Ем кај нас во државава ѓоа се работи, а ние без шефови, без контрола. Добро, сега колите не ни ги оставаа, ама бате канцаларијата компјутерите интернет, 24 часа на располагање. Канцаларијата ја претворивме во мрежна играчница, NEED FOR SPEED, Colin McRae, etc. Жените мирцаа, пошто не им идеше удварањето со девијантните шефови, љубовта ја бараа надвор, виртуелно...
 


 

м:мисија НВО #5

... Тука беше и Маркизо (типичен италијански љубовџија)задолжен за логистика, кој не можеше да функционира без својата цицлеста Габриела, па после донирање на огромни парични средства во МОБИМАК, разни гифт шопови и DHL, ја донесе својата љубена од Рим директли во Скопје...

...Франческо, офицер за врски со европската агенција за реконструкција и други донатори, наконтен италијанец кои во Италија работел во пицерија и студирал нешто колку да не е без ич. Најмногу го интересираше фудбал и лимени трубачи по забавите. Шекнуваше околу циганите кога ќе се појавеја одеднаш на некоја прослава. Кога ќе го прашав што мајка бара тука, одговараше дека тука заработува двојно повеќе, бонус, ништо не троши.Платен, living cost. Во Италија заработувал 2500 евра. “Уф.”...

...Софи, пишуваше стално секој нови и нови проекти за кои никој неќеше да даде пари,французинка по раѓање, типична енглеска кучка по однесување, жив феномен на кои сите а особено жабарите се чудеа. Никој не знаеше што сака и што ја интересира. Не сакаше ниту мажи ниту жени. Ужас невиден. Сите ја избегнувавме, а се ми се чинеше дека тоа и годеше. Еден ден на вратата се појави еден перуанец и тоа не од шпанцеросите дојденци, туку домороден перуанец. Личеше на оние што постојано ги гледаме по документарни филмови за изгубените индијански племиња Маи. Тој маж да и бил. Си отидоа заедно негде и не се појавија повторно во нашево село...

...Џон, координатор на сите проекти и донации, шеф над шефовите, циничен енглез со велшка крв. Се, и сите ги презираше.Посебно нас балканците.Не сметаше за диво племе, не знам зошто. Беше прљав како твор. Се сеќавам учеше да скија и го однесовме едно зимо на Копаоник. Имаше желба човекот за скијање, повеќе, отколку што скијаше. Една вечер се стониравме од алкохол во една планинска брвнара и се довлечкавме до хотелот. Наредниот ден собарицата, која свати дека ние го разбираме нејзиниот јазик не одвлечка во собата на Џон жалејќи се што треба да чисти и информирајќи не дека ќе не пријави на менаџерот на хотелот. Срамота, таков свињарник немав видено. Плативме за штетата. Инаку Џон мораше засебно да спие зошто ‘рчеше како морж...

* * * * *

...Седам пред четворица улицкани, намирисани господа. Пријавен на интервју за работа во една од многуте ограноци и организации на обединетите нации кои имаат отворено канцаларии и тука кај нас. Време сегашно, година 2006. Интервјуто се одвива на англиски, додека разговараме господата љубезно ми ги подаваат своите визит карти. Едниот има презиме на ...ски, вториот исто така на ...ски, третиот е ....иќ, четвртиот презимето му завршува на ...ими. Што е ова човече, се кој од кој наш до наш, а ми пелтечат на нагрден англиски. Што се случува со овие НВО, во само едногодишно мое отсуство.
- “Дали имате искуство во Вашето работење со невладин сектор”, одвали еден од ...ски, на лош англиски умислен дека којзнае колку добро ја фаќа интонацијата на англиското “Д”. Загледан во визит картите и замајан со моите мисли, не му ни обратив внимание на прашањето се додека не го повтори.
- “ДА”, одговорив накратко.
- “Дали можете да го прифатите фактот дека во работната средина има луѓе кои доаѓаат од различна етничка и религиозна средина”, запеа оној со ...ими, и тоа со најдобар англиски од сите четворица.
- “ДА”
- “Дали сте спремни да работите тимски, под постојан стрес и ефективно десетина и повеќе саати на ден” – отсечно засече оној на ...иќ.
- “ДА, се разбира, како да не ДА”, папагалски повторив.
“Во каков ли само тим бев, колку ли само стресни и напорни ефективни години беа изминатите пет”- помислив....

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања

























































































































































































































































































































































































































 

  д:дома