октомври
д:димитровска јасна
г:години:
23
п:професија/интереси:
студентка/ литература, музика, дигитална уметност и Игор
д:досега
објавено: расказ во Маргина#72
yasnah_d@yahoo.com
www.yasnah.deviantart.com
www.nmp.com.mk
к:кујна
На Татко
Што стана со нас? Кои сме ние?
Кога почна со тешки тупаници да форсира по грбот и главата, си реков-
„Така...., убаво! Сега нема да одговарам пред себе за тоа што ке го
сторам. Ќе биде оправдано со единственото оправдување кое постои-
незапирливиот бес на повреденото его“.
Кога се подигнав, ја погледнав низ сите солзи кои се собраа во моите очи и
несигурно запреа на работ.
Во кујната, во таа оаза од зачини, своето место си го пронајдоа тешките
тупаници, грабаници и шамари кои како нестабилни електрони осцилираа околу
јадрото. Мислам дека бев премногу силна, премногу голема стоејќи во тоа
јадро кое полека се расцепуваше на два дела. Јас, против мајка.
Андреналинот е отров во овие моменти, ти го труе мозокот, ти ги стеснува
мозочните ќелии и те брка во еден ќош, во најнеугледниот, каллив и мрсен
ќош кој можеш да си го замислиш, налик на оние ќошеви малку потскриени од
фрекфентните шеталишта, таканаречени мочални. Интересното кај нив, е тоа
што се наоѓаат на неколку метри од чистиот бетон, оној кој го газат само
чистите ѓонови.
Таа вечер скршивме една розова глинена кокошка која ни ја подарија добрите
пријатели на мајка ми, еден сет млечно бели чинии, две чаши за сладолед и
неколку магнети од фрижидерот.
Од сите предмети кои сега ја отежнуваат ќесата за ѓубре, највеќе ќе ми
недостига глинената кокошка.
р:работата е
во тоа што овие скали се за симнување
-Аурора Бернандез
(првата сопруга на Кортасар)
Серуфимус чекореше по мостот
„Соединети блокови“ со страв погледнувајки во брзата и студена река под
него и размислувајќи за кучиња, дали е време да си набави некое и која
раса му е омилена.
Се присети на мајка му која велеше дека сите сопственици на кучиња личат
на своите кучиња, и сите кучиња личат на своите сопственици.
Додека ја проверуваше таа теза присетувајќи се на сите луѓе кои ги познава
или ги видел со нивните кучиња, задлабочен ја анализираше секоја одредена
карактеристика која би ги поврзала и баш пред да го донесе својот заклучок
мостот почна да се раскршува одвојувајки се токму на среде, притоа
испуштајки монструозни звуци.
Се раздели на два дела- лизгалки, и од сите автомобили и пешаци само тој
се лизгаше по него, притоа очајнички гребејќи со ноктите по асфалтот.
Серуфимус падна во ледената вода и со аголот од окото виде како над него
мостот повторно се склопува , како ништо да не било. И автомобилите
продолжија да возат, и пешаците продолжија да одат.
Серуфимус го носеше ледената вода додека не се загуби од видикот. Се
давеше прилично споро и во агонија, со сите тие рани од камењата и карпите
во кои го удираше струјата, постојано во движење, се додека неговото веќе
одамна мртво тело не се заплетка во некои треви и се успокои.
Го пронајдоа по четриесет дена, педесет и три километи од мостот
„Соединети блокови“, цел надуен и сив, со полураспаднат сурат. Го
идентификуваа по левата патика, онаа која секогаш повеќе ја стегаше.
Еден студен воздушен бран го опфати другиот крај од мостот кој Серуфимус
веќе го одминуваше, додавајќи трепет на ужасното чувство од таа
микрокосмичка апокалиптична визија од пред малку. Повторно се врати на
кучињата. Неговата братучетка Неријан имаше пекинезерски сурат. - Ааха!
Еве уште еден доказ!- си помисли.
Серуфимус се приближуваше до еден помал трговски центар и за да го скрати
патот реши да се симне по едни стрмни растрошени скали. Направи два чекора
и кога веќе на третиот не наиде на скалата на која што требаше да стапне,
се струполи со сета сила надолу. Сe траеше помалку од една секунда, иако
Серуфимус ќе се заколнеше дека удирањето во секоја скала претставуваше по
една цела вечност.
При крајот од скалите го скрши вратот и умре во истиот миг. Утредента ,
рано наутро го пронајде еден пензионер кој враќајќи се од продавница од
преголема возбуда ги испушти лебот и весникот од раката и потоа и самиот
мораше да биде хоспитализиран. Него пак го здогледа една сосетка од својот
балкон и веднаш повика брза помош.
Сега веќе ветрот беше засилил и Серуфимус повторно се стресе и се вовлече
во својот капут. Веќе доцнеше, па малку го забрза својот чекор.
На поминување на пешачкиот премин го удри една мошне забрзана кола и тој
летна десетина метри и падна токму на работ на еден контејнер при што ги
избрка сите мачки од него и исплаши едно ромче.
Малку подолу од пешачкиот премин, во една мрачна уличка, беше нападнат од
еден навидум обичен минувач кој во моментот на разминување го изненади
Серуфимус извлекувајќи едно ноже од под мантилот со кое му се фрли бодејќи
го по целото торзо. На Серуфимус му беа потребни девет ипол минути да
искрвари до смрт. Раните, иако беа плитки, беа многу на број.
Потоа, минувајќи покрај една зграда која беше сеуште во изградба, слушна
еден чуден звук, нешто налик на пригушено цивкање кое како да доаѓаше од
одозгора.
И последната слика која ја виде во својот живот во моментот кога погледна
нагоре привлечен од звукот, беше некој голем предмет со форма на квадрат-
градежен материјал кој паѓаше од највисокото скеле.
Загина моментално. Целото тело му беше згмечено од тежината на градежниот
куп и една локва крв полека почна да излегува од под него, почна да се
шири, да се меша со прашина.
-Ах, еве ја зградата!- помисли со олеснување. -Не доцнам многу.
Влезе во мрачниот влез и веднаш почна да го напипува ѕидот во потрага по
прекинувач за светилка. Не најде, но продолжи да се искачува по скалите
како крт во темница, со испружената рака минувајќи по ѕидот, сеуште
барајќи.
-Добра вечер!
-Добра вечер!
-Јас сум Серуфимус...
-Знаеме, знаеме! Влезете побрзо, сте се смрзнале! Ве чекавме само уште
вас, сите се веќе пристигнати. Еве седнете тука, опуштете се. Дајте ми го
капутот, ќе го сместам, без гајле вие само опуштете се.
-Знаете, сите овде се познаваат па би можеле вие прво да ни се
претставите, кој сте, зошто сте овде... добро, знаеме зошто сте овде, но
секогаш е подобро тоа да се каже на глас, пред сите, пред себе си.
-Добровечер. Јас сум Серуфимус и овде сум поради опсесивно замислување на
сопствената смрт. Веќе,- погледнувајќи на часовникот- веќе цели пет минути
немам ниту една замисла.
Во ходникот, надвор од станот, еден станар на слепо се искачуваше по
скалите, и тој упорно барајќи го прекинувачот за светилката. Работата беше
во тоа што овие скали не беа за искачување.
р:златна секција
И тогаш, низ речиси немо
заговорништво се договорија да изгледаат како пар за кој ќе се разговара
наоколу.
Таа се облече лошо. Не изгледаше ни невкусно, ни провокативно, ни евтино,
ни снобовски само едноставно, лошо. Требаше доза на уметност да се
избалансира облеката на тој начин, да збуни, да испровоцира коментар, да
пренесе несигурност како зараза, како некој срамен момент од минатото кој
сите сакаат да го заборават а еве го пак ги шлапка сите по лице, да
разнесе токсичен полен низ воздухот во просторијата, да навести но никогаш
да не каже ништо.
Тој пак, се облече многу убаво. Формата на облеката го следеше неговото
тело до перфекционизам а сепак изгледаше комфорно, естетски префинето;
боите беа пријатни за гледање и сосема складни.
Секој човек во чие видно поле ќе влета една таква фигура ќе се сврти, и
овојпат повнимателно, ќе го измерка од петици до глава, на тој начин
конзервирајќи го во својата естетска меморија. Беше безбеден.
Нашите очи сакаат убавина. Наречи ја конвенционална, стереотипна естетика
или биолошка тенденција за среќа, сепак длабоко во себе си, сите би
гребнале по малку од старата добра „златна секција“.