т:темплум  

 

октомври
б:
бувљак нада

 

ф:фистула

Лео беше роден со поткожно влакно на една од препоните. Дури беше бебе не го чуствуваше, бидејќи влакната му беа премногу нежни и не му ја иритираа кожата. А беше влакнест. Кога се роди, мајка му незнаеше што собира повеќе прашина, дали неговата глава или градите на татко му, кој во пијано време знаеше да ги расплеска, создавајќи звук како да удира по прокиснато тесто.

Како старееше Лео, така му се зголемуваше отокот помеѓу нозете. Во честите случаи кога ќе се разболеше од грип, мајка му знаеше да влезе среде ноќ и да го намачка со ракија. Не го палеше светлото, за да не го разбуди и само ќе го потфатеше помеѓу нозете. По телесниот сензибилитет кој го предизвикуваше неговата грутка гној го распознаваше од брат му, со кого ја споделуваше перницата.

Кога порасна доволно за да сам пее под тушот, сите одеднаш како да заборавија на поткожното влакно. Не се зборуваше за него. На лето, кога ќе се стоплеше и ќе му се вжештеше пределот околу препоните под фармерките, се криеше во купатилото со позајмената пинцета од мајка му и кришум, со часови, се обидуваше да го извлече тој поткожен давеж кој му создаваше тегоби. Секогаш залудно.

Кога го фати пубертетот, меѓуножјето одеднаш како да беше сошиено со конец. Мајка му престана да го облекува во фустани, што дотогаш беше само еден вид нејзина забава со која му ги оттргаше мислите и му даваше до знаење дека е уникатен. Не дека нему му пречеше промената. Фустаните не му беа омилени, но немаше срце да ù каже. Но, му пречеше што престана да биде посебен во нејзините очи. Стана чудак. За чудакот и неговата околина, поткожното влакно припадна во групата на теми за кои не се разговараше, а со неа и се што му се случуваше помеѓу бедрата. Повеќе не му беше дозволено јавно да си игра со загноеното место.

Со налетот на првите хормонални промени пристигнаа и првите дилеми. За што беше одговорно поткожното влакно, а за што природните телесни реакции?! Недоумиците најмногу се истакнуваа кога во близина беше Неда, неговата другарка од детството. Секогаш кога ќе се сретнеше со нејзе и нејзиниот брат Марко, му се надразнуваше пределот околу поткожното влакно. Ја обвинуваше за тоа, следејќи ги советите на постарите, чии искази навестуваа дека сето тоа е нормално. ‘Нормално, да, можеби за оние кои немаат поткожно влакно на препоната,’ си велеше, иако немаше храброст пред нив да го искаже своето сознание. Претчуствуваше дека нема да го дочекаат со разбирање.

Со мајка му престана да има физички контакти, а и било какви други. Почнаа да се оддалечуваат по последната средба со педијатарот, на која го одведе откако самата се убеди дека неможе повеќе да го види поткожното влакно на кое ù се жалеше. Педијатарот тврдокорноста на влакното ја препиша на Леовата перверзна потреба постојано да си игра со своето меѓуножје.
- ‘Тоа што вашиот син го прави не е нормално, треба да се превземат мерки. Нема никаква фистула, ниту трага дека воопшто некогаш ја имал. Измислува, за да си ги оправда блудните постапки’ заклучи докторот.

Од тој ден мајка му престана да му зборува, освен службено кога во мисла ќе ù се вмешаше милата слика на Нединото лице. Неда беше посакување кое ја прикриваше реалноста како утринска магла, која чека да се распрсне со првите зраци на изгрејсонцето.

Лео се трудеше ‘да не си игра,’ иако неможеше да разбере како може да очекуваат такво нешто. ‘Па и коњот си ја користи опашката за да ги избрка мувите кога му ја дразнат кожата,’ си мислеше. Тогаш заклучи дека неговото поткожно влакно е личен сензор, кој го издвојува од останатите и како таков треба да го прифати. Неможеше да го прифати само во една единствена ситуација.
Постоењето на поткожното влакно му предизвикуваше срамежливост само кога беше насамо со Марко. Тогаш му се чинеше дека сите погледи се вперени во него. Сосетките му се појавуваа во облик на вештерки кои истеруваат духови околу себе. На мајка му мигноветно ù растеа изострени заби и на крајот доживуваше срцев удар. Неколку пати го испрати и брат му во потрага по пиштол. Само замислата на татко му, при таквите средби, се подудираше со реалноста. Тој секогаш се плескаше по градите. Всушност, татко му, како и секој прав маж престана да го приметува од денот кога за прв и последен пат помисли дека првенецот му, можеби има поткожно влакно. За да остане на сигурната страна, никогаш повторно не се ни запраша.

Кога ќе му набабреше поткожното влакно, Лео се будеше среде ноќ, испотен, помеѓу пламените на пеколот. Често си играа ѓаволите со загноеното парче месо откинато од неговото меѓуножје, смеејќи се како малоумниот чувар на киното, по претставата на Ноќта на вештерките. Во тие моменти добиваше нагон да се заштити. Секогаш се будеше со раката помеѓу бедрата. Стравот од губењето на она што го дефинираше почна да станува неподнослив.

Еден ден по натпреварот во кошарка се најде насамо во соблекувалната со Марко. Додека се соблекуваше ги забележа вперените очи во своето меѓуножје. За прв пат после толку години се почуствува слободен да си ги остави нозете раширени. Марко го грабна малото ноже, кое секогаш го носеше со себе и му го зари помеѓу нозете не прашувајќи ништо, зауздувајќи го врисокот кој излезе од градите на Лео со стисокот на својата рака. Телата за момент се испотија во прегратка обвиена со болката која ја предизвика ослободувањето на она кое Лео го тиштеше од самото раѓање. Во очите на другиот секој се здогледа себе си. Поткожното влакно излезе заедно со наслагите кои се собрале од неговото прво лето. Лео реши да го зачува сето тоа како една мала тајна, засекогаш помеѓу ѕидовите на соблекувалната. Не кажа никому.
Останатите продолжија да веруваат дека тој некогаш бил, а и сеуште е поразличен од нив. Сеуште ги вперуваа погледите кон дечкото со поткожното влакно, иако тоа повеќе не го болеше па ни кога Неда намерно и шегобијски ќе му седнеше на крило.
Мајка му сеуште не му зборуваше. После тој ден, велеше дека повеќе неможе да го препознае. Нејзе ù недостасуваше поткожното влакно.
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања































































































 

  д:дома