август/септември
н:неделковска маја
г:години:25
п:професија/интереси:
новинар/книжевност
п:приказна за буцкастите обравчиња и за грбавите носиња
Оваа приказна не ја измислив јас. Не знам ни дали е измислена, можеби е
вистина. Мое е да ти ја раскажам, па ти сакаш верувај, сакаш речи дека е
глупост.
Знам дека беше лето и знам дека мнооооооогу лошо си поминав. Бев во Охрид,
се враќав од пристаниште и плачев. Многу плачев. Бев сама и воопшто не ми
беше грижа дали некој ме гледа, што си мислат луѓето што ги пресретнувам.
Си тажев, се давев во солзи и во мрсули.
Како за белја, ја сретнав Сани. Постара жена, познаничка на баба ми. Не
знам што бараше толку доцна во ноќта. Тогаш се прашував дали мисли дека
сум до толку глупава, па со вакви приказни сака да ме натера да престанам
да плачам. Нека оди ова нека им го раскажува на мали деца, а не мене. Па
јас сум возрасна, зрела жена, си мислев тогаш.
Ама ете, знам дека тогаш престанав да плачам. Знам дека секогаш кога ќе ми
потечат солзи ми текнува на Сани. Не знам дали стварно и беше жал на Сани
за мене, ама фала богу што плачев тогаш и што ја сретнав нејзе.
Значи, плачев и се враќав накај кампот. Ајде не се битни деталите. Ја
сретнав Сани, и морав да се поздравам со неа. Се сеќавам дека кога виде
дека плачам, ми се насмевна. Вика, абе млади деца сте, како може да имате
толку големи проблеми за толкави крокодилски солзи.
-Сè поминува, џабе ти е плачењето.-се смееше Сани, а јас дури почнав да
липам.
Така, целата црвена, размрсулавена, немав што да и кажам. Не, сакав да и
кажам дека знам дека ќе ми помине, ама додека се случи тоа, ќе си плачам.
Така ми е полесно, нека истече тагата од мене. Изгледа и сум и го кажала
ова затоа што знам дека Сани, со заканувачки призвук ми се развика:
-Ако не престанеш да цмиздриш, ќе ти се здебелат образите, па после ќе
бидеш ко оние со огромни образи. Ќе имаш и длабоки бразди од солзите. Не
смееш да плачеш, солзите се отров, како киселина се, ќе ти го нагризат
лицето!
Знам дека со овие зборови ме налути. Па мене ми беше тешко, умирав од
тага, а оваа глупа жена ми збори за образи, за киселини. Продолжив да
чекорам по патот накај кампот и плачејќи и реков на Сани дека ќе одам да
си легнам. Тогаш знам дека уште повеќе ми се развика:
- Глупава, уште подобро ќе направиш! Ти стварно ништо не знаеш ма! Па ако
си легнеш сега, а не престанеш да плачеш, солзите ќе ти паѓаат преку носот
и ќе ти се направи огромна грпка. Знаеш каква ќе бидеш? Со огромен грбав
нос, ете тава!
Тогаш ме изнервира, ама знам дека одејќи по патот престанав да плачам. Се
сеќавам дека дури и се смеев на глупостите на Сани. Не знам дали таа
веруваше во тоа шѕо ми го кажа. Јас знам дека денес, кога и да видам
грбави носови или буцкасти образи ми текнува на таа вечер, ми текнува на
Сани. Од тогаш не сум ја видела Сани. Од таа вечер не плачам по улици, по
паркови, не плачам надвор од мојата соба. Страв ми е, кој знае од каде ќе
ми излезе Сани и со каква приказна ќе ми се закани.