август/септември
м:максимова сања
у:ученичка
н:нешто
за себе: пишувам прозни творби и поезија. Член сум на ЛК Процвет.
д:дневникот памети
Си ветив себеси дека ќе те
мразам. Дека нема да дозволам твојот лик да се вгнезди во мојата душа. За
мене како да не постоиш. Но, напразни се сите мои ветувања, сите мои
забрани до срцето... Кога и да ме погледнеш, во мене затреперува нешто
чудно и волшебно. Твојата сенка ме запленува, а твојот поглед измамува.
Мислев дека знам сè за тебе и твојот лик. Очигледно се излажав самата себе
си.
Моето срце не знае за знакот стоп, напротив, тоа лудува и се измачува.
Секогаш кога нашите погледи ќе се пресретнат во него одѕвонува она
детското јас. Се ниша како лист на ветер. Се претвора во најмалата капка
вода и се губи во далечината. Го меша чуството на гнев и болка со чуството
на нежност, љубов и воздишка. Знаев дека ќе те мразам, но не и дека ќе те
посакувам. Дека од омразата до љубовта требало само чекор за да се
претвориш во најмалото суштество на планетата. Да стигнеш до таму што да ù
се покориш на судбината за некого. Беше доволен само поглед и омразата да
исчезне. Да се разбуди магијата во мене. Да сакам некого што пред малку го
мразев. Да го прекршам ветувањето дадено на разумот и да му се препуштам
на срцето да ме води.
Кога за прв пат те сретнав почуствував нешто што дотогаш беше непознато за
мене. Без тебе повеќе не можев да си замислам ниту еден ден. Бадијала ми
беа сите напори да те заборавам, да те мразам, во мојот разум повеќе да не
постоиш. Никогаш порано не верував во она што поговорката го велеше
„ЉУБОВТА Е КАКО ВИНО, АКО ЕДНАШ ПРОБАШ СТАНУВАШ ПИЈАНИЦА“
Но, сега мислам дека го вкусив ова вино и дека сум најголемата пијаница на
светот. А, ова пијанство е најслаткото нешто вкусено некогаш досега. Со
тоа прекрасно волшебство ги галиш ѕвездите, ги симнуваш на земјата и тие
расцветуваат како најубави цвеќиња в' пролет.
Животот ти е цветна градина исполнета со нежности и убавина. Ти ја внесе
сета топлина во мојата душа. Знаеше дека во срцево има место за двајца. Ја
разбуди љубовта во душата на невина девојка. Пристапи како принц од бајка
кој е дојден со бакнеж да ја разбуди заспаната принцеза. А таа веќе одамна
сонува за тој ден, за својот човек од сништата. Ти се појави в'
миг во кој не те очекував, украде дел од моето
спокојство. Ме натера да заборавам на омразата и
одмаздата. Да живеам,
да мечтаам, да се надевам.
Со секој твој допир се чуствував толку убаво,
толку прекрасно што за миг посакав магијата никогаш да не исчезне.
Но, ти и судбината бевте повторно во
заговор против мене. Ме измами, ме излажа и на
некој начин ме понижи. Ја стави мојата слабост и кревкост на еден сложен
тест на кој воопшто не се надевав. Повторно се најдов на работ од
самотијата, горчината и безнадежноста. Пак си ветив дека ќе те заборавам и
дека повторно ќе станам старата јас, но веќе ништо не беше како пред да те
сретнам. Ниту пак ти оној истиот, час нежен, милостив и романтичен, час
суров, лажлив и кукавица. Стојам пред осаменото огледало и ги ронам
последните солзи за тебе препевајќи ја во стихови сета наша љубов и во
една силна воздишка на изгубена ластовичка во Заборавот.
А колку само сакав да те олицетворам во идеален човек. Да те опишам како
убавина испратена од судбината. Да бидеш сè откинато од овој суров и
безмилосен свет, притоа заборавајќи дека сепак си живо суштество кое
покажува човечки особини и вредности. Се потценив себеси и ти дозволив да
управуваш со моите чувства.
Не смеев безрезервно да ти верувам, да ти допуштам да бидеш глава над сите
мои сништа. Само сакав да се чувствуваш посебен, поразличен од сите други.
Но, не и вообразен угледен човек.
Како можев да се доверувам на некој кој беше глув додека зборував, да
посакувам некој кој не наликуваше ни на сенката од тоа што си го
претставував. Сè повеќе се прашував зошто постапував така, но секогаш,
кога и да те погледнував се чувствував поразено. Го губев разумот и
дозволував светлината од изгубената надеж да ме води. Сè повеќе потонував
во твоите лаги, во она во кое ни ти самиот не веруваше.
Се губев во лавиринтот од воздишки и проколната надеж.
Бев слепа за сè што беше поврзано со тебе.
Секогаш кога и да бевме заедно јас бев пресреќна. Верував дека ќе се
оствари мојот толку често посакуван сон.
Моето срце, клуч за затворенава врата. Плодот од кој се зачна животот и
зрее сè додека не го дојде до својот конечен крај. И големите дела се мали
кога ќе ги потисне свирепоста на љубовта. Сè пропаѓа во сивилото на таа
безгрешна и истовремено безмилосна војна од која единствените поразени сме
ние. Ние, да, ние сме поразените. Поразена, а пак силна на крај останав
јас. Сонот ме сруши, а разумот ме задржа на вистинскиот пат.
Времето успеа да го стопи мразот во моето срце. Останатото не беше важно.
Јас продолжив понатаму. Со разнишана слика од минатото, зауздана во
канџите на спомените. Љубовта што ја чувствував кон тебе ја заборавив на
половина пат од вечноста. Сфатив дека ништо не може да трае вечно, па ни
љубовта која навидум издледала вистинска. А ти, можеби ме заборави или пак
ги правиш првите обиди кон достигање на некоја нова цел. Сеедно, ти ќе
останеш на страниците од мојот дневник, а моето срце нема да те памети .Во
огледалото ја пронајдов вистината.