т:темплум  


2007:јули/август
општ конкурс


с:стојаноска габриела



gabistoj@yahoo.com
 




 

н:(нов грев) Уште една скица за драгиот лик

  (Случаен поглед) Тетка Панде е убава жена со невидено држење на ставата. Ни најголемите злобници не би и дале шеесет години, а ги има шеесет и три. (Место на виреење) Центарот на градот, последниот кат на деветкатницата. Тетка Панде се проколнува себеси што го купи тој висечки затвор пред две години. (Признание) Тетка Панде има направено неколку грешки во животот, а последната што никако не може да си ја прости е продажбата на куќата во која живеела шеесет и една година и која, сега сфаќа, била љубовта на нејзиниот живот. (Исклученост) Тетка Панде не крие дека нејзе некако не и се допаѓаат старите моми, тие осамени жени, иако самата никогаш не се омажила. (Освестеност) Тетка Панде и заблазнува на мајка ми и ја кара што често е нервозна, велејќи и дека го спечалила најголемото богатство на светот: мене и сестра ми. (Опсесија) Тетка Панде никако да се навикне да живее во станот што го мрази, бидејќи луѓето кои претходно живееле тука ја измамиле: станот има рамен покрив што прокапува под дебелиот слој снег. ( Со која мисла за мажите се согласува? ) Тетка Панде се мрази себеси зашто останала сама без оној чадор за кој една нејзина пријателка вели дека е олицетворение на мажот: колку да е стар и парталав, и крив и искршен и никаков, сепак од некоја страна ќе те заштити од дождот. (Грди страни на самотијата) Тетка Панде, дента кога се вратила од кај-------------- кој и ги пренесувал работите од куќата во станот, старите предмети од кои најголемиот дел завршиле кај него дома, доживеала шок и и се искривила устата. Денес устата на тетка Панде е во ред, но тетка Панде никако не може да ја заборави неговата високо крената рака и заканувачките зборови: „Оди си, оти ако ти ја треснам една!“ (Што друго не може да заборави?) Тетка Панде го менува изразот на лицето кога си спомнува за десната рака на едно старо жениште кое прави движење како да вежба со тег за бицепс велејќи: „Ааа... Е, ај сега врати, на! На!“ Тоа бил одговорот упатен на тетка Панде кога таа рекла дека многу ефтино им ја продала куќата. (Филозофија и литература) Зошто жалиш, тетко Панде, и велам, кога знаеш дека таму ти предизвикуваше секојдневна мачнина чистењето на долгиот двор во кој безобразните деца на соседите ти фрлаа заклани кокошки и стаорци? Еден човек, ако веќе е несреќен, ми вели, треба да знае дека не треба да тргнува во потрага, да верува во промени и да ги бара, зашто несреќата ќе му се удвои. Така тетка Панде го разбира и Паоло Куељо. (Омилено друштво) Тетка Панде вели дека таму барем врапчињата и биле другари, а овде и слетуваат само некакви, одвратни, црни птици. Тетка Панде вели дека во куќата во која се родила, растела и живеела, куќата во која живееле, работеле и умреле сите што ги сакала, кога останала сама, имала душевен мир, и не и бил никој жив потребен. (Што заборава?) Тетка Панде не се сеќава дека и тогаш многу пати ме викаше мене и ми вртеше албуми и раскажуваше спомени од утро до мрак. (Отсутност) Денес со сигурност знам дека тетка Панде не била со мене едно чудно неделно попладне кога среде евергрините на радио ми рече да ме сврти неколку круга во собата. (Што не знае тетка Панде?) Во тие неколку моменти јас се молев никој од злонамерните соседи да не ѕирне низ нискиот широк прозорец, а моите родители и без тоа тогаш зборуваа дека не е во ред едно мало девојче да минува часови со стара и несреќна жена. (Добронамерен совет) Матичниот лекар на тетка Панде денес се плаши да не дојде до влошување на состојбата и, покрај лековите, и препорачува часови јога. (Споделен и несподелен страв) На тетка Панде и е страв од станот во кој се и е туѓо, и покрај огромната слика на сестра и која умрела на дваесет и една година. „Сестра ми умре кога јас имав дваесет и три“ , ми вели мене, а јас што сега имам дваесет и три години одвај се воздржувам да не си плукнам в пазува и во тие неколку моменти ја замразувам. (Има ли убави спомени?) Тетка Панде ми раскажува дека само една година била среќна, таа последната, кога двете со сестра и влегле на работа, кога си земале плата, мајка им им шиела фустани во кои биле прекрасни, оделе по игранки, дури биле и на летен одмор. Толку. А потоа ништо друго не гледала тетка Панде, освен болести, црнина, гробови и крстови. (Неостварени желби?) „Прашање е дали имам остварени? Одамна веќе ништо не посакувам“. Но, вчера тетка Панде ми кажа дека пред некоја вечер кога од кај нас се враќала дома со такси и идело да му рече на таксистот: „До езеро и назад!“, толку пријатно и било да се вози ноќе в кола. Колку само задоволства пропуштила тетка Панде? (Сепак, за што сонува?) Денес тетка Панде има рака во гипс што и тежи, ја чука од дрвената масичка и вика: „Е, ова е камената куќарка што ја сонив пред неколку дена. Вака, со скршената рака има добар изговор да не си подготвува јадење, но јас и велам дека кога ќе оздрави сепак, ќе мора да си готви. „Ми се гади кога јадам сама, ми вели тетка Панде додека бавно џвака, а ти, кога ќе заминеш во Скопје?“ (Резервни планови и проблематични закани) Тетка Панде се распрашува за старски домови, за условите во нив и за цената и истовремено ми раскажува за некоја манекенка што се затворила три месеци в соба и водела дневник за своето гладување до смрт. (Што ми замерува?) „ Јас се нафрлив на вас, но вие не ме сакате“, ми вели тетка Панде иако знае дека моето животно прашање, бракот и местото на живеење, Скопје или тука, воопшто не е решено, а мајка ми е стара колку неа и не може да ја догледува. „Кажи како? На крајот, сите тројца, заедно со мојот татко, ќе треба да паднете врз грбот на сестра ми, а јас да живеам со парите од твојот стан во Скопје каде што работи мојот сакан? Нема смисла. Јас не сум будала да не сакам стан, но исто така не сакам да станам најголем непријател на жената на која и сум една од ретките пријателки поради тежината на обврските и сложеноста на проблемот. (Писмо до Тетка Панде) Многу сакам да те усреќам, тетко Панде, но во овој момент не можам никако поинаку освен да бидам твој верен сочувствителен слушател. Тетко Панде, мајка ми ми одвои малку ориз во пластична кутија и јас доаѓам да ти го донесам. Ќе ти го прочитам и мојот расказ. Ти сакаше во него да бидеш главниот лик. Но, тетко Панде, и еден роман од стотина страници е премал да те собере тебе со твојата куќа и станот, и мене со мојата огромна љубов кон тебе. Не сакам стан тетко Панде. Се што сакам е да направиш да ми исчезне стравот што го чувствувам додека се качувам по скалите во твојот влез, додека ѕвонам на ѕвончето и додека не го слушнам твојот глас: „Мала, ти си?“
  П.С. Прости ми тетко Панде.
 






 

л:(лекција) за интимноста

(Започнуваме со примери, илустративен - елиминаторско - метафоричен метод) Го преполовуваш светот како зрело јаболко. Правиш избор (добар или лош – твој е!), останатото за другите. Ја замндалуваш дрвената порта во дворот. Едни внатре, другите „ Ајт!“ Еден куп познаници се точкаат на цртата. Го шибнуваш клучот во бравата на вратата од внатрешната страна. Одврзуваш врвки во претсобјето и препознаваш кој вечера на округлата трпезариска маса според ритамот на звуците што ги испушта додека ја срка супата. Ти изгледа „без везе“, но сепак ставаш резе на вратата од бањата и кога знаеш дека никој од возрасните нема да ти влезе. Дури и кога си сам!
Не е тоа интимност.
Мериш колку стапалки има меѓу расположените гости во дневната соба и фантазмагоричната поставка на несредените алишта во спалната. Ноќе, кришум броиш колку прсти има празно место на перницата за еден која ја делите двајца.
Не е ни тоа интимност.
Ни кога нечии прсти го мазнат плишот до струк, ни кога други отвораат ковчежиња во кои сам не си наѕрел.
Не е мерка за растојание и далечина, не е синоним за близина и сраснување, зашто не е интимност кога две души стануваат една, кога се растопуваш во другиот размачкувајќи ги границите, претворајќи ја скицата со молив во акварел.
(Заклучок до кој се доаѓа по креативен поетски пат, во конкретниов случај преку употреба на скратената форма на стилската фигура „Словенска антитеза“ (шематски приказ на формулата = )Дал е тоа тоа, или е тоа Тоа? Не ми било тоа, ни тоа, ни Тоа, тук ми било... ) Користена литература: Прличев, Григор. „ Сердарот“ (почетна слика).
Интимност е (најпросто, учебникарски кажано) кога некој го разбудува и постојано го распламтува најдоброто во тебе, а ти, не за возврат, туку од љубов, го правиш истото со него, останувајќи притоа потполно различни личности, без потреба и копнеж за поистоветување, со другиот, без правење двојник, клон или наследник, без наоѓање сродна душа или некогаш дамна изгубена половина.
Интимноста (повторување и прецизирање на дефиницијата) е љубење на различноста и поттик за нејзиното совршенство.
(За домашна – автоанализа во врска со темата, со посебен осврт на обратнопропорционалниот однос на интимноста со унификацијата).

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања




























































































































































 

  д:дома