2007:јули/август
општ
конкурс
с:станоевска жанета
г:години:52
п:професија: преведувач
н:нешто
за себе: се чувствувам помлада отколку што треба д:досега
објавено: два раскази во Маргина#76
stanojeska@yahoo.com
с:сладолед
Беше убава летна
квечерина со сите оние нишани на македонското поднебје – спарна, силно
обоена со топлите бои на зајдисонцето, со воздухот заситен од миризби. Јас
бев дете, имав речиси шест години и живеев во тесна уличка во еден мал
град, па летото го минував во бескрајни игри со маалските деца. Тој ден
помина како и сите други денови на тоа последно лето во мојот роден град и
со ништо не навестуваше дека ќе стане едно од оние неизбришливи горчливи
сеќавања. Бидејќи конечно завршија игрите, малку малаксана од трчање,
решив да си купам сладолед и да се честам со уште едно задоволство пред
конечно да се приберам дома. Дедо ми кој секогаш имаше разбирање за
детските страсти, уште утрината ми беше дал убава жолта паричка, токму
колку за еден сладолед, а јас цел ден проверував дали ми стои во џепчето.
И, ете, конечно тргнав кон најблиската слаткарница која заради белите
плочки на ѕидовите повеќе личеше на болничка соба, но за мене беше едно од
најубавите места на светот. Додека радосно чекорев во пресрет на тоа
ѓаволски вкусно доживување, од зад мене дотрча Љуба весело мавтајќи со
тенка прачка во раката. Таа видно се израдува, како одамна да не сме се
виделе, иако тоа претпладне долго игравме во нејзиниот двор. Љуба беше на
истата возраст како мене, со апсолутно права, многу светло руса коса
истрижена во облик на шлем, со речиси невидливи веѓи, со долги бели трепки
и големи сини очи. Таа едноставно ме обожаваше. Иако играв и со другите
деца од маалото, најмногу време минував со неа бидејќи таа постојано
изнаоѓаше начини да ме придобие, канејќи ме во својот дом за да ми покаже
некои куклички или крпчиња, да ме послужи со слатко. Убаво се сеќавам на
нејзината куќа. Беше малечка, со голем двор, претерано чиста и уредна,
веројатно за да се додаде колку толку достоинство на сиромашната
покуќнина. Но, ние најмногу време минувавме на тремот кадешто ги
дотерувавме куклите и им подготвувавме јадења од цветни ливчиња кои ги
сервиравме во празни кутивчиња од боја за чевли. Навистина е чудно што
воопшто не си ја спомнувам нејзината мајка. Таа беше фабричка работничка и
одеше на работа во смени, па веројатно Љуба ме канеше тогаш кога таа не
беше дома. Но, јасно се сеќавам на нејзиниот татко. Тој беше висок, убав
рус човек кој постојано работеше нешто во бавчата. Иако Љуба ме даруваше
со премногу внимание и јас тоа го прифаќав, сепак во мене тлееше некаков
отпор спрема неа. Можеби ми се чинеше дека ми краде од играта со другите
деца често успевајќи да ме намами кај себе, па јас несвесно ја казнував со
тоа што не ја сакав онолку колку што таа навистина заслужуваше. Како и да
е, таа квечерина почувствував силна лутина кога Љуба потрча по мене,
бидејќи знаев дека нема лесно да ме пушти. Како што претпоставив, таа
веднаш реши да ми прави друштво игнорирајќи го моето кисело лице. Се
јадосав што не ми дозволува да бидам сама со своето задоволство, што не
забележа дека не го сакам нејзиното друштво. Додека одевме по сокакот,
лутината во мене растеше, па кога влегов во слаткарницата и го здогледав
својот лик во големото огледало, се изненадив од сопственото бледило.
Додека дебелката и весела продавачка ми го подготвуваше корнетот, уште
еднаш погледнав низ излогот, глупаво надевајќи се дека Љуба заминала. Но,
таа трпеливо чекаше пред врата, а јас сосем ја загубив желбата за
сладолед. Кога излегов, знаев дека е ред да и` понудам да го проба, прва
да се почести од него, но јас ниту ја понудив неа, ниту, пак, самата го
пробав сладоледот. Се враќавме дома молкум, со грдиот гнев во мене, со
нејзиното немо разочарување и сладоледот кој полека се топеше и капеше на
мојата рака. Така стигнавме до нашата уличка и штом Љуба влезе во својата
порта, бесно го фрлив раскашавениот сладолед на земја и трчајќи влегов во
нашиот двор. Веќе од наредниот ден, нашето дружење продолжи да се одвива
како ништо да не се случило и тоа траеше уште неколку месеци додека јас и
моето семејство не се преселивме во друг град.
Десетина години подоцна, дојде да не` посети Марија, сосетка од старото
маало, која по некоја своја работа дошла во големиот град и распрашувајќи
се кај роднини и пријатели успеала да ја најде нашата адреса за да не`
изненади. Изненадувањето беше навистина пријатно, особено за мајка ми која
ја искористи приликата да се распраша за некои драги соседи од родниот
град. Марија со задоволство накратко ни опиша неколку свадби и крштевки,
еден закоп, а се осврна и на неволјите на едно несложно семејство. Тогаш и
јас посакав да прашам за моите стари другарчиња, но првото име што ми
падна на ум беше она на Љуба. Тогаш, жената се вомјази, погледот
неколкупати брзо и` прелета од мене до мајка ми, како да се двоуми, а
потоа тапо се загледа пред себе во филџанот од испиеното кафе. Зборувајќи
бавно и тивко, речиси со шепот, со нелагодност на човек што открива срамна
тајна, таа ни кажа дека пред неколку години Љуба ја напаствувал татко и` и
дека оттогаш тој го троши животот во затвор, а таа во душевна болница.
Веста ме удри како шлаканица, ме прикова за столот, ми го затапи умот. Не
знам дали мајка ми и гостинката продолжија да зборуваат. Јас не слушав
ништо, се чувствував како да ме поклопил бран од врела вода. Мојот
внатрешен глас замре и не знам колку време траеше таа страотна тишина што
врескаше во мојата глава. Кога конечно се прибрав, првото нешто што ми
исплива во свеста беше срамниот спомен на неизедениот сладолед. И, додека
грлото ме печеше од неисплаканите солзи, знаев дека онаа летна квечерина
во мојата совест засекогаш се втиснала грдата лузна на гревот.