2007:јули/август
општ
конкурс
с:серафимовски оливер
ж:жештина,
прв дел
Сонцето беше поставено на својата точка на вриење. Улиците сосема пусти,
освен по некој зацрвенет минувач. Немаше никој да помине веќе неколку
часа. Јован стоеше под дрвото кое имаше огромна сенка и беше природен
климатизер. Го отпиваше кој знае кое по ред пиво. Седеше под дебелата
крошна и со поглед ги следеше ретките минувачи. Ќе дадеше коментар за тоа
која будала може да оди по вака жешко време. Повторно ќе отпиеше од пивото
и ќе се наслонеше на дрвото. Топлото време и алкохолот во неговата крв го
постигнаа она што нему не можеше да му успее со денови... да заспие.
По неколку саати спиење под дебелата сенка, се разбуди сиот испотен. Во
раката се уште го држеше шишето со пиво. Отпи, ја исплука топлата течност.
Му се згади. Стана и тргна до блиската продавничка од која ги купуваше и
претходните дози студен јачмен. Ја отвори вратата и во ушите му одѕвони
звукот на ѕвоното кое ги најавуваше муштериите. Неверојатно му одеше на
живци тој звук и имаше неодолива желба да го откорне од неговото лежиште.
Очите му беа крвави од алкохолот, а погледот поспан. Ја погледна
продавачката која седеше покрај касата и го гледаше. Го нервираше тој
поглед и секој момент очекуваше од нејзината широка уста да излезат
зборови на прекор за неговото пиење и лутање по улиците. Го мразеше
морализирањето на неморалните комшии, за кои ги знаеше и најскриените
тајни. Не можеше да поднесе токму тие да му кажуваат што треба да прави со
својот и така мизерен живот. Ги допираше студените шишиња, но го бараше
најстуденото. Најде едно, токму какво што бараше, го зграбчи цврсто со
десната рака и го затвори фрижидерот. Полека одеше кон касата и мразеше
што ќе биде во близина на гадната маалска озборувачка. И го подаде шишето,
а таа го помина со читачот од касата. Јован се обидуваше да не ја гледа и
погледот му беше вперен во бедните рафтови на кои можеше да се најде по
некоја „Јадран„ наполитанка и од одвратните „Трио„ чоколади.
„Не можеш ли да набавиш нешто друго, осим овие гадниве чоколади? Дај, бе,
малку нови производи донеси, а не со овие за кои застанало времето! Ќе
имаш поише муштерии, па нема да се замараш толку со мене,ааааа!!!- и ги
фрли парите, го зграпчи шишето и тргна кон излезот, кога и го слушна
пискавиот глас кој неверојатно му одеше на живци.
„ Ако не ти се свиѓа, оди љокај на друго место, пијаничиште едно! Види се
на што личиш! А, и сврти се малку по дома... да видиш двене твои... што
праат!!!
Не изреагира на нејзините зборови, затоа што ги имаше слушнато безброј
пати. Веќе не допираа до него. Знаеше дека семејството му се распаѓа, но
не се обидуваше со ништо да го спаси. Излезе од проклетиот дуќан и тргна
повторно кон дрвото. Седна под дебелата сенка и отпи од ладното пиво.
Почнаа да минуваат повеќе луѓе кои си одеа од работа. Ги гледаше со своите
крвави очи и на некои од нив гласно ќе им довикаше:
„Сонцето ви го има спржено мозокот, алооо!!!„- и ќе отпиеше која голтка.
Некои ќе се свртеа да видат кој им довикува, а повеќето ќе си продолжеа да
си одат по патот. Го допи пивото и стана. Погледна низ густите гранки, да
види до каде е сонцето. Излезе од дебелата сенка и тргна по улицата. Се
уште сонцето печеше. Ги бришеше капките пот кои му влегуваа во очите. Се
тетеравеше, де налево де надесно. Блиску беше до неговата куќа. Ролетните
на прозорците беа спуштени. Промрморе дека повторно курвине ги нема дома.
Се почеша по косата и повторно сам ќе прозбореше, „што се тие криви„. Го
виде комшијата како стои и ја прска улицата. Беше подготвен за неговиот
коментар. Полека му се доближуваше.
„Како е, комшија? Топлово време не ти смета, а? Весело ти е или...?- се
насмеа и продолжи да ја прска улицата. Јован го слушаше и го чекаше
моментот кога овој ќе заврши со својот коментар.Полека му се доближи и му
застана зад грб.
„Одлично е, комши! На топлово најдобро функционирам и весел сум за твоја
информација! Али, едно не можам да си го објаснам! Која будала си ти што
на ова топлово у три саат си пуштил црево и ја прскаш усранава улица...
па, нормално дека ми е топло, кога си дигнал ужасна спарина! Не се дише,
дегену еден, прскај вечер кога ќе зајде јасново сонце,ееејјјјј!!!- и тргна
кон својата куќа која е на неколку чекори. Се насмевна и си ја
потпевнуваше „Зајди, зајди...„, тетеравејќи се по улицата. Се сврте кон
комшијата, кој со цревото в рака го гледаше збунето.
„А, бе комши, ме очука со тоа топлината! Како колектор си!- и повторно се
насмеа. Комшијата нервозно му дофрли:
„Оди дома, коњу еден! Види дали ти ги има... - и набрзина се повлече во
својот двор. Јован не реагираше на овие дофрлања. Погледна на спуштените
ролетни на прозорците од својата куќа. Низ главата му поминаа зборовите на
комшијата:
„Види дали ти ги има... кумот нешто често доаѓа у задње време, види што е
работата!„- погледна повторно во ролетните и тивко прокоментира:
„Курви... се дупи гарант со тоа лигушот,маме му ебам....„- и ја отвори
влезната врата од дворот. Патеката до куќата беше зарасната во трева.
Одамна ја немаше искосено, а тоа некогаш му правеше големо задоволство. Го
слушна лавежот на своето куче. Го виде како се стрчува кон него и мавтајќи
со опашот го поздравува. Потскокнуваше по него и од радост му се моташе
околу нозете.
„А, бе, ќе ме сопнеш, ај малку смири се!- клекна до него и почна да го
чеша, а кучето легна и се превртуваше од радост.
„Има ли некој дома, а? Пак му ја дувнале двеве... те остаиле сам да ја
чувам проклетава куќа?!„- стана и почна да буричка по џебовите барајќи ги
клучевите. Знаеше многу пати да ги заборави, па да преспие во шупата во
која ги чуваше дрвата за греење. Повторно ги немаше со себе. Тргна кон
влезната врата и ја протресе кваката. Вратата беше заклучена. Се сврте
околу да види негде да не види некој клуч. Се сети на времето кога под
саксијата со цвеќе и ги оставаа клучевите на ќерката. Ја подигна, но под
неа немаше ништо освен еден куп сува земја. Се почеша по главата и тргна
кон шупата. Ја отвори вратата, се разлета прашина која ја гледаше од
дупките кои зјаеа и од преку кои влегуваше сноп светлина. Седна и се
потпра на трупците кои го чекаа него да ги исцепи. Се намести во положба
која на телото најмногу му одговараше и заспа. Кучето се прилепи до него и
гледајќи го и тоа заспа.
ж:жештина,
втор дел
Јован беше гасарбајтер кој се имаше вратено на почетокот од македонската
транзиција од Германија. Имаше прекрасна жена и една ќерка, која тогаш
имаше седум години. Таму работел во фабрика за преработка на челични
легури. Со заработеното желбата му беше да инвестира во мал бизнис кој ќе
му овозможеше пристојна живеачка за него и семејството. Жена му имаше
отворено козметички салон и поголем дел од денот го поминуваше во
средување на ново печените „госпоѓи„. Јован своите пари ги чуваше во
банка. Со тие пари можеше да го почне својот долго планиран бизнис. Се
беше добро, семејството, големиот круг на пријатели, се... до денот кога
парите од банката исчезнаа како никогаш и да ги немал. Целата негова
заработувачка, целиот негов живот исчезнаа во еден миг. Од тој ден Јован
веќе не беше истиот. Почна да се затвора во себе. Ги одбегнуваше
пријателите, роднините и што е најважно сопругата и ќерката. Двете беа
најповредени од Јован. Се обидуваа на секаков начин да му помогнат да
излезе од депресивната состојба во која беше западнал, но тој немаше желба
за помош. Постојано велеше:
„За мене живот веќе нема! Како, со што да излезам пред пријатели,
роднини... за нив и не ми е толку колку за детево, но немам веќе сили за
борба... ми ја земаа душава... се што имав го земаа...!„- тоа постојано го
повторуваше секому. Се повеќе тонеше, а со него и неговото семејство. Жена
му во салонот го поминуваше и тој дел од денот, кој некогаш беше
резервиран за нејзиниот Јован. Ќерката беше адолесцент, со свои потреби и
не го разбираше проблемот кој го имаше нејзиното семејство. Почна да пие.
Алкохолот му беше бегството од реалноста. Така сметаше тој, а кога ќе го
измешаше со апчињата кои ги пиеше... е тука имаше друга приказна. Тепање
на жената која постојано ја обвинуваше дека таа е виновна за состојбата во
која е тој, за парите изгубени и дека има некој со кого сакаат да го
убијат. Многу пати од ваквите луди испади на Јован, таа бараше спас кај
комшиите кои немаа сила како да и помогнат. Полицијата ќе дојдеше и ќе
заминеше, а Јован пак ќе направеше некоја глупост. Од срам, почна и да не
оди во салонот бидејќи со сите оние модринки и беше срам да се појави пред
муштериите. Семејството кое пред неколку години живееше живот за приказ
пред другите, сега го живееше пеколот. Ќерката почна да не доаѓа дома, а
жената поради тоа ги трпеше Јовановите изливи на бес.
Јован пиеше во локалното гранапче и ги слушаше коментарите на комшиите.
Тоа уште повеќе ја распламтуваше во него љубомората и сомнежот дека
неговата жена има некого. Во салонот ја немаше околу еден, a дома се
поретко доаѓаше.
„Курва, кој и ебе матер... гледаш што ми направи, курва...„- тоа се
почесто го повторуваше, на што се надоврзуваа и зајадливите коментари на
комшиите. Нормално гледаа сеир на туѓата мака. Куќата пропаѓаше, а Јован
тоа не го интересираше.Алкохолот, апчињата, ако се сетеше и толку.
* *
*
Цвета седеше на двоседот во дневната соба, во куќата на кумот Спасе.
Плачеше и очите и беа отечени. Се гледаше болка на нејзиното лице. Спасе
нервозно шеташе по собата. Цвета имаше модри подливи околу рацете и очите.
Беа „свежи„. Како мастилав печат да и ги обележуваше повредените места. Во
собата влезе жена му на Спасе, Виолета, која носеше вода и апче за
смирување. И ги подаде на Цвета која отпрвин одбиваше да ги испие, но по
убедувањето од страна на Спасе и Виолета ги испи и легна на креветот. Беше
истоштена. Почна да ги затвора очите од дејството на апчето. Како голема
тежина да и се симнуваше од плеќите. Ќе ги затвореше очите, но за секунда
ќе ги отвореше и ќе почнеше да плаче:
„Не можам веќе! Се ме боли...не од неговото тепање... душата ме боли... не
можам веќе...Помогнете ми...„- а до неа седеше Виолета и ја држеше,
бидејќи неколку пати сакаше да стане. Спасе шеташе околу креветот. Ја
погледнуваше де Виолета, де помодрената и скршена од болка Цвета. Не
знаеше како да помогне. Безброј пати разговараше со Јован, но секогаш
обидите му пропаѓаа. Јован не сакаше да слушне било каков совет, било
каква помош. Секогаш одговараше дека тоа е негов живот, негово семејство и
дека тој најдобро знае како да си ги реши проблемите иако тие од ден на
ден се зголемуваа и стануваа неиздржливи за неговата околина. По секој
разговор на Спасе со Јован, последиците ги трпеше Цвета. Јован ја
обвинуваше дека таа нешто зад грб му спрема со Спасе и дека двајцата се
љубовници. Никакво објаснување не помагаше. Таа „јадеше„ќотек додека не
падне во несвест, што не беше реткост. Цвета најпосле се смири и заспа.
Виолета стана од креветот и го прегрна Спасе. Плачеше и го гушкаше се
поцврсто. Спасе ја прегрна и полека ја милуваше по косата.
„Помогни и...!„- во плач го молеше Виолета. Спасе ја погледна Цвета и уште
посилно ја гушна Виолета. Ја бакна во челото и тргна кон вратата. Се сврте
и и рече:
„Ќе се вратам...„- и излезе од куќата.
ж:жештина,
трет дел
Пoлека ги отвори очите. Се уште нерасонет не му беше баш јасно каде се
наоѓа. Ги протри очите и го погледна кучето како спие стуткано до него. Го
пресече оштра болка во главата. Ги затвори очите и направи болна гримаса.
Ова секогаш му се случуваше по пијаното деноноќие. Го протри вратот за да
ја ублажи малку болката, но баш и не му поминуваше. Го потурна кучето од
себе и стана. Целиот во прашина и прљав од лежењето на земја, ја отвори
вратата од шупата. Надвор веќе сонцето беше поставено на својата точка на
вриење. Се доближи до куќата, но ролетните се уште беа спуштени. Се обиде
да ја отвори вратата, но и таа беше заклучена.
„Kурвиве пак не се прибрале дома! Ќе им го ебам мамичето на сите, пичка им
материна...„- се сврте и тргна кон патеката обрасната со сува трева и
излезе низ вратата. Ја остави отворена и така немаше кој да влезе. Полека
тргна кон гранапчето во кое ќе ја испиеше дневната доза и ќе ги слушаше
зајадливите коментари на комшиите и на продавачката, која страшно му одеше
на нерви. Одеше полека по улицата. Ја гледаше сопствената сенка пред себе.
Изгледаше како пред него да оди дух. Немаше никој во продавницата. Освен,
се разбира, продавачката која му одеше на нерви. Ја отвори вратата и
заѕвони ѕвончето кое ги најавуваше муштериите. Ја погледна онаа која го
нервираше и уште повеќе ја замрази кога почна со своите канонади од
прашања:
„Пак, Јоване, кај мене на ладно пиво, а? Па, напрај малку пауза и малку
гледај го...„- Јован во тој момент го вадеше ладното пиво од фрижидерот и
слушајќи го пискавиот глас, нервозно се сврте.
„Кур да не те боли колку пијам и дали си го гледам семејството!„- викаше
гласно. И ги фрли парите и побрзо излезе од продавницата. Нервозен и со
брзи чекори дојде до своето омилено дрво. Седна под дебелата сенка и отпи
од ладното пиво. Повторно ги гледаше истите лица како минуваат крај него,
го гледаат, знаеше дека коментираат, но него не го тангираше ниту еден од
нив. Уште многу пати влезе во гранапот, го гледаше презривиот поглед на
„пискавата„, која молчеше и наплаќаше и истите лица, кога се враќаа од
работа по истиот пат од утринава. Него веќе алкохолот го имаше „фатено„ и
повторно заспа под дрвото чија сенка му беше природен климатизер. Се
разбуди и погледна низ густите крошни до каде е сонцето. Стана, ги протри
очите и тргна кон продавницата да го врати празното шише. Одеше по улицата
и се тетеравеше. Се доближуваше до гранапот, кога го слушна одвратниот
пискав глас како му довикува:
„Стигнале коконите... хи хи,хи...„- и брзо влезе внатре. Јован го фрли
шишето со сета сила кон ѕидот од продавницата и истото се распрсна на
милион парчиња.
„Да ти ебем матер у пичка, ќе те убијам, мајку ти јебем...„- и нервозно
продолжи да оди по улицата. Како се доближуваше до куќата, примети дека
ролетните се дигнати. На улицата повторно комшијата ја прскаше улицата.
Како Јован му се доближуваше, овој престана со прскањето. Го гледаше како
се тетерави. Јован полека му се приближи и на уво му шепна нешто:
„Пак прскаш у незгодно време...„- и со побрзи чекори одеше кон влезната
врата, кога го слушна комшијата како му довикува:
„Побрзај, побрзај...кумот ти е на гости дојден...„- и слушна како кисело
се смее. Се сврте и викна:
„Ќе те убијам и тебе, мамето ти го ебам у пичка!!!„- и ја отвори вратата.
Од куќата се стрча кучето кое скокаше по него.
„Седи, бе, мирен...„- го погали по главата и влезе внатре. Во дневната
соба седеа Цвета и Спасе. Го погледнаа и ништо не рекоа. Видоа дека е
пијан. Јован седна на чело на масата и ги гледаше двајцата. Никој ништо не
кажуваше. Спасе го гледаше како со презрив поглед и крвави очи го гледа.
Истото чувство го имаше и Цвета. Јован силно лупна по масата, на што
двајцата подрипнаа од столиците.
„Кај си, мори, ти? Те нема со денови, а сеа ми доаѓаш со дупачот у
куќа...„- и со раката тргнува да ја удри, кога Спасе му ја фаќа.
„Да не си ја пипнал веќе.... гледај што си направил од неа!„- и станува од
столицата. Цвета ги дига рацете за да се одбрани. Јован на оваа
неочекувана реакција на Спасе станува и оди во собата.
„Не требаше да му викаш...„- низ плач Цвета му се обрати на Спасе, на што
овој веќе нервозен:
„Што не требаше...па, пак. ли да те претепа, тоа ли го сакаш! И она
дупачот...до кога ќе се сомнева?„- Цвета вриснува кога го гледа Јован со
ловџиската пушка во рацете.
„Сега ви го ебав мамето...„- и испукува куршум кон Спасе. Го погодува во
кичмата и овој како покосен паѓа на тепихот. Цвета вреска, се слуша истрел
и таа паѓа погодена во градниот кош.
Комшијата престанува со прскањето кога го слуша првиот истрел. Се
стресува. Го фрла цревото и се стрчува кон куќата на Јован. Влегува во
дворот, кога го слуша вториот истрел. Застанува. Од вратата гледа како
излегува Јован со пушката в раце. Се скаменува. Се слуша уште еден истрел
и комшијата паѓа мртов на сувата трева. Јован со изгубен поглед и крвави
очи излегува на улицата за да го продолжи својот крвав пир. На улицата
немаше никој. Но, тој како да знаеше каде оди. Не застануваше. Со брзи
чекори се доближуваше до продавницата. Застана пред вратата и со ногата ја
отвори вратата. Продавачката почна да вреска, но истрелот беше побрз.
Јован застана. Ја наполни пушката. Излезе и тргна кон своето омилено дрво,
под кое секој ден ја отпиваше својата доза пиво и го имаше толку
потребниот сон. Седна под густата крошна и погледна низ неа. Сонцето беше
пред своето заоѓање. Издиша длабоко. Како да се ослободи од сите маки кои
го мачеа. Ја намести цевката под брадата. Пред себе го виде своето куче
како го гледа и цвили. Се слушна истрел.
* *
*
„...Во некои случаи и топлото време може да предизвика помрачување на
умот, бидејќи, на ови големи жештини, кога температурата достигнува и + 40
степени, мозокот едноставно се “пржи“ како што велиме ние..., -изјави
психијатарот од арестанското одделение „... а тоа може да е и во случајот
со осомничениот...плус алкохол... во големи количини„- одекнуваше од
телевизорот. Во истиот момент се слушна истрел...