2007:јули/август
општ
конкурс
п:петар пан
д:дедо
Еднаш внукот ме праша, “ дедо како почна да пушиш”. Ѓаволче ни заедно,
како само му текнуваа такви прашања. Толку бев стар што не се сеќавав
вчера што сум правел, а не за почетокот на некоја моја глупава навика. Со
годините доаѓа и заборавеноста, но со годините доаѓа и искуството. Решив
во одговорот да го вметнам моето искуство.
Имам способност уште од млад без престан да говорам цела ноќ. Една моја
приказна се надоврзува на друга, еден случај извира од друг. Би изнел цел
ред од зборови и би започнал од она што утрото се случило, а потоа опфаќам
и цели столетија за да се вратам на цената на доматите на пазар. На моите
раскажувања им нема крај, како што нема крај на времето, на она што
поминало и на она што доаѓа. Моите приказни никогаш не се здодевни.
Патоказ ми се очите на моето внуче. Штом тие почнуваат да се затвораат
веднаш ја носам мојата поука и порака.
Приказнта за моето пушење решив да ја започнам со мојот дедо. Приказните
пак на мојот дедо го наведуваа човек да ги слуша, па макар поради нив да
остане и гладен и жеден и макар животот да му се претвори во молчење на
коешто сите нешта му стануваат значајни дури откако ќе бидат раскажани.
Еден неделен ден дедо отиде да гласа за неговите и заборави да се врати.
Баба не реагираше првите три дена, по навика. Очекуваше во тој период дека
дедо ќе се појави со некој содружник на влезната порта. Третиот ден баба
веќе беше загрижена. Утредента ми рече, “оди и најди го дедо ти.”
Го барав.
Не го најдов во паркот каде се беа собирале малските пензионери. За дедо
тие нити чуле нити виделе. Не го најдов нити во спортските кладилници. Го
барав и по кафаните. Сите крчми во радиус од 2 километри ги проверив. Дедо
и не би можел да отиде толку далеку пеш.
“Сигурно заборавил дека треба да се врати дома, а ништо чудно и да
заборавил кај живее”, рече баба и по навика на масата сервираше три
прибори наместо два. Така беше првите две седмици. Третата седмица немајќи
го дедо, почнав постепено да го заборавам. Прво му ги заборавив очите.
Каква ли боја беа? Потоа му го заборавив лицето. И на крај му го заборавив
и гласот кој секое утро го слушав со, “станувај копук еден мрзлив”.
И баба престана да сервира за тројцата.
Само одвреме на време воздивнуваше додека вечеравме заедно стално
повторувајќи. “Тешко е да немаш со кого да испушиш по една цигара”.
Така започнав да пушам.
к:колорирање
Шетањето по фамилијарните фото албуми е најздодевната работа која постои
на светот. Не знам зошто луѓето се фотографираат, а уште помалку разбирам
зошто ги собираат фотографиите во тие големи смешни албуми.
Велат да се сеќаваме на минатото, да ги памтиме убавите моменти, да го
замрзнеме времето. Вчера средувајќи ги моите фиоки мајка ми ископа еден
албум со црно бели фотографии. Го отвори. На првата страна имаше три
снимки.
Се заврте кон мене и ме праша дали можам да ги обојам на тоа компјутерот
по кој висам со денови. Реков можам и се зафатив за работа.
Колорирањето е многу поинтересно од гледањето на фотки. Забавно е.
На едната снимка се баба и дедо. Дедо е со некаква смешна капа на главата
и со едно бастунче. На плеќите има наметнато некаков смешен пуловер кој
личи на скратена овча гуња. Целиот е во посветло, потемни, црно бели
нијанси. Панталоните му се потемни од откопчаниот пуловер, шубарата е црна
како и бастунот а очите му се сивкасти. Не се смее, намуртен е.
Баба е со волнена шапка. Носи очила но јасно се гледа дека очите и се
потемни од тие на дедо. Косата пак и е посветла од косата на дедо, а на
себе има некоја кујнска кецела чие шаренило се прелева во разно разни сиво
бели елементи. Ја скенирав и ја колорирав. Човек има впечаток дека дедо и
баба не дошле од минатото туку од иднината.
На втората фотка се тато и мама. Двајцата се костумосани, татко ми во
темен костум мајка ми во светла свечена облека. Се гледа дека татко ми е
крупен и мускулест, со широки раменици, од џебот има бело марамче а косата
му е кратко потшишана и темна. Мајка ми е светла, лесна, косата и е речиси
прозрачна. Во позадината се гледа некаква темна завеса и ништо друго.
Лесно беше. Колорирањето даваше впечаток како фотка од пред заминување на
матурска веселба.
На третата фотка сме јас и брат ми. Тој е во панталони јас сум во кратки
бермуди. Јас имам светли сандали тој има убави темни кондури. Кошулата му
е убава и светла, а јас носам една раздрпана морнарска мајца во црно бела
варијанта. Мене рацете ми се празни и во џеб, а тој во рацете држи едно
големо чоколадо и нешто што личи на сладолед. Јас сум низок тој е висок,
јас сум намуртен тој се смее.
И ги покажав на мајка ми колорираните црно бели фотки.
“Пеееххх, што ти е техника”, изусти.
Јас задоволно и гордо се потсмевав.
Ме прекина нејзиниот зачудувачки крик.
“ИИиии…., си заборавил да ги обоиш сладоледот и чоколадото што ги држи
брат ти!”
м:мојот
личен Гинтер Грас
Има сосема јасни три моменти каде Гинтер Грас мисли на Македонија. Два
моменти се сосема веродостојни, третиот оставам простор за сомнеж иако
лично сум убеден. И трите се литературни но по сосема различни начини.
“Темата за лименото барабанче”, може слободно да се окарактеризира како
националсоцијалистички македонски расказ. Еден човек, убил некого таму во
германска Полска, но пред да ни го престави самото сиже во негов стил,
Гинтер по описот на секоја наредна случка исто како да го слика
дејствијето во некоја си балканска држава, што автоматски ме наведува да
ја имам в предвид Македонија. Барабанот тука има посебна симболика зошто
Гинтер не бил директен и не сакал да ја вметне тука нашата овча гајда.
Така и цел концепт би му се срушил и наместо лимениот барабан романот би
се викал кожната гајда.
Кога ја завршил приказната со барабанот Гинтер се преселил да ги слика
“Кучешките години”. Па зарем има поголема инспирација од годините на
балканот минати низ столетија. Македонија е типичен егземплар на кучешките
години. Лично се осеќам како да живеам во кучешки задник, a не само како
да ги живеам неговите години. И не се борам само со тесниот простор и
смрдеата туку моето куче има по се изгледа и глисти па и така кратките
кучешки години ми се уште повеќе отежнати. Мислам дека кога ја пишувал
книгава Гинтер бил во Макеонија, само не сака да каже и признае.
Како врврн доказ за неговата обземеност со мојата земја е делото “Состанок
во Телгтеу”. Како мајстор на алегоријата никому не кажува дирекно дека
собирањето на едо место на германските барокни писатели е всушност собирот
на македонските комунистички дејци во фамозниот Прохор Пчински каде како
што ги поставуваат темелите на германската книжевност така се поставени
темелите на македонската државност. Оваа книга ми покажа дека Гнтер
всушност многу добро ја познава и нашата историја.
А кога неговите алемани му замерија дека кога пишува веќе не се сигурни
дали пишува за нив или таму за некое балканско племе, тој им се размавта
пред нос со “Мојот век”, каде повторно успешно го заобиколи името
Алеманија само и само да ја наслика својата Македонија од година во година
така скоро целиот дваеасетти век.
Своите вонсериски писателски способности ги докажа и со тоа што влезе дури
и во политиката. Да беше тогаш турбулентна Македонија како што е
сега,сигурно немаше да застане покрај Вили Брант, ќе застанеше покрај
некој наш комунистички лидер со социјално демократски визии. Сега веќе е
касно,Гинтер е уморен и од политиката и од кннигите. Посебно откако на
сите им кажа дека бил во јунгер младината на Хилер, што во превод значи
дека тој бил македонски лав, и им апелираше на сите дека не треба од тоа
да се срамат.
А за последнатa жена на Гинтер, сите велат дека секое утро му пржела пишии
и му ги сервирала да ги јаде со ајварче и биено овчо сирење.