2007:јули/август
општ
конкурс
d:dr.max
г:години:
20
п:професија/нтереси: студент
e-mail:
koprivce@yahoo.com
kopriva.blog.com.mk
д:дневник
12 Април 2009
Лежам. Последниот дим од мојата цигара сеуште ми стои во белите
дробови. До мене лежи уште едно суштество. Тотално непознато. Апсолутно
страно. А сепак тука, покрај мене сразмерно дише. И додека градите и се
креваат со секој дах, го испуштам последниот дим од мојата цигара. Таа
веќе одамна спие. Задоволно? Вљубено? Среќно? Не би знаел. Просто не би
сакал да знам. Не ме интересира. Април месец, а како да сме Јули. Легнав
на лежалката на балконот. Кога луѓето почнаа да се будат, заспав.
25 Фебруари 2010
Како дете стекнав една навика, секогаш да спијам кога патувам. Имав
нежен желудник, па најдобрата солуција ми беше моментален сон. Така беше и
сега, целиот пат го преспав. Башка бев во "спаваћа кола". Во Белград
стигнав нешто малку пред полноќ. Сакав да студирам тука, па неостварената
желба ја доловувам со трансфер од 3 месеци. - 120 динара друже - му платив
на таксистот и влегов во станот.
6 Март 2010
Студентска журка. Сава. Сплав. Стојам на шанкот со чаша коњак, додека
позади мене општото лудило кулминира. Се прашувам зошто, кога и да порачам
коњак, ми го носат со лед и во чаша за виски. Во еден елитен ресторан ми
се случи да ми донесат Courvoisier во чаша за црвено вино. Зарем
забораваат дека коњак се служи на собна температура, во чаши за коњак, кои
што се направени така да можеш да ја одржуваш температурата на пијалокот
со својата шака. Додека во мислите од коњак се префрлав на служење вино,
погледот ми беше засенет од една божанствена прилика. - Здраво, јас сум
Азра. Мило ми е. -
17 Септември 2012
Гледам тапо во мојата диплома. Андреј Миронов дипломирал. Го допив
кафето и заминав на работа. Ме пречека секојдневната гужва на клиниката.
Уште 5 години до крајот на специјализацијата. После барем ќе работам во
својата струка, ќе го работам она што го сакам. Во слободното време
волонтирав на Психијатрија. Просто е чудно колку малку им треба на луѓето
да завршат таму. Да направат еден одбранбен систем кој што ќе биде кобен
по нивниот социјален живот. Од друга страна, ние сме шизофреничари во
погледот на еден шизофреничар.
28 Мај 2016
Азра сеуште спиеше. После долгите веселби редно беше и ние да се
наспиеме. Животот продолжува со својот мирен тек. Искочив од спалната и
седнав на сабајлечко кафе со татко ми. Во 10 часот доручкувавме. По прв
пат Азра доручкуваше со моето семејство како моја жена. Се загледав во
насмеаните очи на мојата мајка. Како да не и бидат насмеани, догодина
специјализирам, имам убава и паметна жена, се би требало да е во најдобар
ред. Но, дали е така?
8 Јули 2024
Земав слободен ден. Денес би требало да резервирам карти и соба за
одмор. Одамна не сум бил сведок на ваква тишина во нашиот стан. Инес
заврши прво одделение, додека Младен прошлата недела наполни 5. Чувствувам
дека моментално баба им ги буди со опојниот мирис на палачинките. Не
чувствувам, знам. Така и мене ме будеше на нивни години. Но, како викаат,
деца се воле, унуци се обожавају. Азра е на работа. Прошлата година ја
поставиле за заменик директор во градежната фирма. Уште како студент се
знаеше дека ќе успее во животот. Го исклучив телефонот, пацијентите просто
не те оставаат самиот на себеси. Барам само 2 часа мир. Додека го
исклучував, ја приметив датата.
25 Јули 2041
После 4 операции се чувствував преморено. Веќе е 5 часот, а јас сеуште
на клиника. Влегов дома и затекнав глува темница. Не се палеше ниедна
сиалица. Од кујната блескаше некоја светлост. Кога влегов, видов торта
пренатрпана со свеќички. Милан и Инес одма почнаа да ме задеваат додека
Азра се смееше во аголот. На тортата избројав 54 свеќички.
8 Март 2056
Лежам. Последен дим од мојата цигара сеуште ми стои во белите дробови.
До мене лежи уште едно суштество. Овој пат познато. Суштество кое со мене
помина 40 години. До мене лежи мојата Азра, жена која што секој би ја
сакал и љубел. Жена која што безусловно ми ја подари нејзината љубов,
нејзиниот живот. Жена која што не успеав да ја засакам и по овие 40 и
кусур години поминати заедно. До мене лежи мајка на моите 2 успешни деца,
баба на моите мали и големи внучиња. Се вратив 50 години наназад, како што
постојано се навраќав, секоја можна вечер. Во тој момент го испуштив
последниот дим од мојата цигара, и воедно последниот дах од моето битие.
Зошто морав да знам како ќе ми тече и како ќе ми заврши животот?
Андреј Миронов, пензионираниот субспецијалист по вештачко оплодување,
почина во раните утрински часови на 8ми март 2056 година, во својата
69-та.