2007:јули/август
општ
конкурс
г:гошевски душко
п:природен кошмар
Одамна, веќе години ја немам почувствувано радоста на зората. Пријатните
утрински зазорувања, будењето на денот беше настан, уживање, доживување.Го
следев до насмавка, со очни капаци кои тежнеат надолу полека и сигурно се
поклопуваат чувајѓи ја сликата за исгревот до првиот сон. Сега е сеќавање
на едно изгубено време. Во тие далечни пијани утра се враќаше надежта и
низ призмата на првите сончеви зраци ја гледавме убавината на животот.
Сега утрото е време за работа, грд период кој го гледам низ неотворени
очи, со брзање трчајки низ подигањето на сонцето кое целосно ќе ме запече
до крајот на денот. Слатките зраци прво милуваат, но знам дека тоа е само
почеток. Подоцна скокотливо жежат, за потоа преку целиот ден немилосрдно
да печат, низ мене струјат како топлотен удар а јас наведнат со алатката
во рацете... се кријам од мој нов, скорашен непријател.Едиствената дабова
сенка под која се криеме ми е сега единствен другар. Единствен. Во јадта
на овој остаток од животот кој ми се чини бесконечен, ќе живеам сам, така
решив. Ниту еден гад не ми треба да ми ја надополнува несреќата, не сакам
жалопојки и тажења и мали ситни гадуринки од радости кои успеваат да ги
одржат во живот овие мали луѓе кои се големи само под сенката, тогаш
несразмерно растат заземајќи огромни територии...
А мојата пријателка дабовата сенка ја прегрнувам само двапати во денот, по
четвртина час. Можеби тоа е , не сигурно тоа е причината за мојата
наклоност и нестрпливост да се соединам со неа , да ме прекрие ладта.
Реткоста.
Во попладневната изнемоштеност, сам на пашката од колоната се враќам назад
уште еднаш вртејќи грб на сонцето кое со крајни сили го задава последниот
удар, ме испраќа до вратата за потоа да се опушти и полека да си оди.
Немам други непријатели, освен сонцето, студот и воздухот што го дишам.
Одамна се откажаа од мене пакосниците, прелесен залак сум за нивните
намери. Човек без луѓе-непријатели...тоа е жив мртовец.
Легнувам и заспивам. Кошмарот заврши, и нема да има нов уште неколку часа
бессоно спиење.