т:темплум  


2007:јули/август
жанровски конкурс


д:дозгулпмус





 

с:срам

“Се’ што сакам да правам, секогаш, е да играм шах”.
Боби Фишер

Ноќта, околу 23:00 часот, го слушнав ѕвончето од влезната врата како беспомошно ја пренесува грубоста на нечиј невоспитан показалец. Како што искуството ме научи со ваквите “прстоносци”, крајно неразбрани и прости, го зедов кујнскиот нож и отидов да се пресметам. Кога ја отворив вратата, ножот удри на подот, истовремено со мојата долна вилица.

“Боби Фишер е мртов”, слушнав глас од вестите на телевизија, а мојата водорамна мисла се разбранува и кутна едно кајче полно со трагични биографии. Кој ги носи сите овие безнадежни случаи кај мене откако полицијата ќе ги заборави заради некој свеж и медиумски напумпан случај? Земете балон и надувајте го до пред пукнување. Сместете игла во него под прав агол и балонот нема да пукне туку ќе почне да туши свиркајќи едвај чујно и со лош здив. Ете така работеше локалната полиција. Случаите се забораваа и беа заменувани со нови. Јас имав работа со тие застарените. Роднините на жртвите во очај доаѓаа кај мене откако полицијата почнала да ги игнорира, а безбројните гатачки им ги собрале парите. Така е, работев за џабе сакајќи да се докажам и да дојдам во редот барем пред гатачките. Мојата дупка од канцеларија во подрумот од трошната зграда го прибираше овој џган од трагачи по правда. Влажните ѕидови се лупеа и паѓаа на црвосаниот бродски под, терајќи ја иглата од грамофонот да скока. Единствено Monk, или The Sphere како што блиските го нарекуваа, ми го отвараше мозокот доволно длабоко за да ги откријам оние навидум невидливи ситници во случаите. Тогаш набрекнатиот балон стои во мојот скут, а јас со закосена бабушка (игла) во мојата рака правам движење кое во едно силно “пау!” ја открива неговата внатрешност. Случајот е решен! Следниот, молам...
Ех, Боби... Не ми се веруваше дека таква грандиозност може да замине како обичните смртници. Енцефалитис, куршум, невритис, шуга, конјуктивитис, земјотрес, псоразија, бродолом, ендокардитис, ледено доба, старост... Не, не! Ништо од ова не можеше да го победи генијот! Ја баталив настрвеноста на бабушката кон случајот на кој работев и го пуштив Monk, на пет седмини од дупчето во центарот на винилот – Misterioso. Два гении во една соба. Едниот танцуваше ингениозно на црно-бела површина, а другиот свиреше повишени кварти на секој dominant flat 7.

Дозгулпмус: Еј Боби! Боби Фишер! Па каде си пријателе! Конечно се вразуми и ме посети, а?
Фишер: Дозгулпмус, немој веднаш да ме напаѓаш. Барем покани ме да влезам, па потоа напaдни ме. И што е ова со ножот? Во очекување си на некој “драг” пријател?
Дозгулпмус: Ти и твоите шеги Боби. Ајде повели, влези.
Фишер: Дозгулпмус, немам многу време. Знаеш што ти ветив пред 40 години!
Дозгулпмус: Боби, како да заборавам? Беше лето, месец август, 1967 година, а ти беше се’ уште тинејџер, како, впрочем, и јас, и не толку славен, секако. Бев сместен со останатите шахисти од Македонија во хотел “Palace”, во Охрид. Ти пред да дојдеш тука, беше во Скопје, а таму некојси Борче ти извадил нерешено. Сепак, тоа не беше ништо во споредба со мојата победа против тебе! Ти мораше да си заминеш, а претходно се доближи до мене, ми го стисна рамото и рече: Дозгулпмус, следната и сите следни партии се мои!
Фишер: Претеруваш! Сигурно не сум бил толку нападен!
Дозгулпмус: Стоеше така слаб, цврст и висок над мене и мислиш дека не сум се почувствувал неудобно? Дека сум заборавил? Не сум заборавил ништо од тој ден, но што сакаш да кажеш? Да не сакаш да ја одиграме “следната” партија?
Фишер: Сакам.
Дозгулпмус: Не сум играл со години. Ова нема никаква смисла.
Фишер: Те молам, престани да се преправаш. Гледам дека сакаш да се пробаме. Донеси го шахот!
Дозгулпмус: Во ред Роберт, ќе го донесам. (Седнавме на дрвената маса до каминот.)
Дозгулпмус: Бели или црни?
Фишер: Ти ги оставам белите, почни прв!

Што се обидуваше да докаже после 40 години?! Дали мораше да биде број еден и пред светот и пред себе? Кој ѓавол ме натера да прифатам?

Дозгулпмус: Пион на e-4.
Фишер: Пион на b-6.

Дозгулпмус: Кралско Фијанкето? – овој потег ме зачуди. Сепак јас ќе ја освојам средината, а со тоа и цврстината на мојата игра. - Пион на d-4.
Фишер: Ловец c-8 на b-7. Го имаш погледот на Спаски!
Дозгулпмус: Те молам немој да се фалиш со победата над него. Ќе ми го цитираш Спаски од ’92 година како вели “играта со Фишер не е само игра, туку и преживување!” Сепак ти заборави на Каспаров, а тој беше светскиот шампион таа година, не Спаски! Ловец f-1 на d-3.
Фишер: Глупав потег. Можеше ловецот да го ставиш на c-4 или b-5, но да го ставиш на d-3? Пион на f-5! Сакам кога кршам нечие его! Не зборувај премногу и запамти со кого играш! Јас сум се’ уште кралот на шахот!

Кога ќе забележиш добар потег, побарај подобар!² Емануел Ласкер постојано ми се моташе низ главата. Човек понекогаш пукнува без да може да си го врати разумот. Се плашев за Фишер дека е веќе предоцна. Генијалецот, гладен за нешто кое ќе го предизвика, умира во блатото на просечноста. Некои го губат духот, некои телото, а овој пред мене ги изгубил сите манири, и сега е див ѕвер кој партали се’ пред себе, сакајќи да и’ удоволи единствено на својата сирова желба.

Дозгулпмус: Фала Фишер, ќе го земам. Пион e-4 зема пион на f-5. Твоето кралство е премногу мало Фишер!
Фишер: Ловец b-7 зема пион на g-2. Правиш почетнички грешки Дозгулпмус! Не си дораснат за мене!
Дозгулпмус: Премногу тесен е твојот хоризонт за мојот, Фишер! Следните потези ќе ти бидат школски пример за цугцванг (принуден потег)! Кралица на h-5! Шах!

Се сеќавам, цело време нешто не штимаше. Ѕверот ја беше истакнал плашливоста но и изгледот на зајак. Сега е лесно да се предвиди, со голема точност, што точно се случуваше, но тогаш? Тогаш мојот стомак клокотеше пред неговата величина и ниеден потег не можеше тоа да го смени. А сега дознавам дека сум ја продал мојата човечност за да удавам гениј, еееј... Се чувствував како монах, аскет, пустиник, како свештеник кој мастурбира во олтарот.

Фишер: Хм... Ништо страшно. Пион на g-6.
Дозгулпмус: Пион f-5 зема пион на g-6.
Фишер: Коњ g-8 на g-6! (Ловец на g-7 е единствениот добар потег тука, после што би следело пион g-6 зема пион на h-7. Фишер би играл крал на f-8, по што јас би вратил пион h-7 зема коњ на g-8 и со тоа пионот ќе го промовирам во кралица. Фишер би играл крал f-8 зема кралица на g-8, а јас кралица h-5 би ја однел на g-6 или g-4 сеедно. Фишер со ловец g-2 зема топ на h-1 и така тој би се вратил во игра.)
Дозгулпмус: Си станал алчен! Јапонката ти го испила умот! Пион g-6 зема пион на h-7! Можеби староста ти го испила умот. Но ти секогаш си се преценувал!

“Ало?”
“Ало, Мијоко?”
“Дозгулпмус?”
“Да, но... како...”
“Боби беше опседнат со тебе. Ете дури и гласот ти го познав само од...”
“Те молам кажи ми дека нема вистина во она што го слушнав за Роберт!?”
“Вистина е. Последните месеци живееше затворен во својата работна соба. Само еднаш исчезна на три дена, а потоа работите станаа уште полоши”.
“Се сеќаваш на месецот?”
“Првата недела од месец август. Стравуваше за себе и почна да се колеба во својата игра. Не сум го видела таков. Го најдовме свенат над шаховската табла”.
Дали успеав да изразам сочувство на Фишеровата вдовица, не знам, ама знам дека моите очни капаци ги отворив после два дена, а телото си го подигнав од подот. Веќе се’ ми беше јасно.

Фишер: И ти да не си некој американски шпион? Знам! Ем шпион, ем евреин-шпион! Најлоша комбинација. Коњ f-6 зема кралица на h-5! Каде ти е кралицата Дозгулпмус? Хаха! Знаев дека си победил на среќа пред 40 години! Никој не може да го победи Боби Фишер!
Дозгулпмус: Фишер, во шахот, подобриот секогаш победува, како што и вистината, доблеста и добрината победуваат. Кога на Земјата би дошла интелигенција која е непозната за нас, јас би се согласил шахот да им го презентираме како наша највисока естетика. Како најголемо достигнување. Ти беше арогантен цела вечер, а со тоа и твојата игра. Со таква игра секако дека не би победил. Ја ќари кралицата но, го изгуби целото кралство! Ловец d-3 на g-6! Шах-мат! Се’ уште си полн со себе?

Ако срам(от) е семорднилап на Марс (што и единствено е), зарем црвенилото, при срамниот налет, оправдано не е? Е! Сега бев црвен од срам, а тогаш од воинственост. Марс ме водеше во битка. 21 Марсова година моето его се ситеше над Фишеровото.

Фишер: Не го видов тоа.
Дозгулпмус: Секако дека не го виде. Од старт ми го прогласи за глупав потегот со ловецот.
Фишер: Во ред Дозгулпмус, јас... ..јас ќе си заминам...
Дозгулпмус: Зошто не останеш кај мене?
Фишер: Морам назад во Рејкјавик, подобро да не знаеш.
Дозгулпмус: Во ред Боби. И ако сакаш реванш, јас сум тука. – се насмевнав.
Фишер: Благодарам Дозгулпмус... Не мораш да се фалиш наоколу за ова, добро? Знаеш, животот е шах, а јас сум при крај... и со двете... – ја задржа сериозноста.
Дозгулпмус: Среќен пат Фишер.
Фишер: Збогум Дозгулпмус.

Во животот, за разлика од шахот, играта продолжува и после матот.³ Monk²³ ја заврши својата Well You Needn’t, а јас си ставив лисици на рацете и се упатив кон полицијата. Мојата појава во станицата предизвика штама, а дежурниот полицаец праша што ми се случило. “Мене ништо”, одговорив, “меѓутоа, на Фишер, да. Јас го убив”. Тестенини, чоколади, варени јајца и крофни почнаа да се лигават од устите на полицајците кои се газеа од смеење по мермерниот под. “Што е, да не сакаш вака да си го подобриш детективскиот рејтинг?”, зуеше униформираниот пред мене. “Фишер умре од природна смрт. И обдукцијата го потврди истото! Можеби некоја гатачка те упатила овде?”, а неговите колеги сега го повраќаа оброкот од минатиот ден, повраќаа измет, сопствените црева и можеби уште нешто. “Јас сум смртно сериозен”, одговорив, и навистина бев таков. Смеењето престана, милицајчето ја подигна најголемата игла која воопшто сум ја видел и ми ја зари под прав агол во срцето. Ме заќошија во бездна темна и “колку лош здив имаат моите гради”, помнам, спомнав.


2 – Емануел Ласкер, германски шахист, математичар и филозоф. Станувајќи светски првак против Штајниц во 1894, титулата ја задржува 27 години, до денес се’ уште несрушен рекорд.
3 – Исак Асимов, американски писател на научна фантастика и био-хемичар со руско потекло.
23 – Телониус Монк, една од најсветлите фигури (највисокиот Свештеник) во историјата на џез музиката. Пијанист кој ја задржа почитта кон традицијата во своето свирење, истовремено растегнувајќи го би бапот, современиот звук и дисонантноста до самите граници.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања





















































































































































































































 

  д:дома