2007:јули/август
општ
конкурс
b:bromofon
н:нешто
за себе: сакам животни. Не сакам насилство.
bromofon@yahoo.com
с:семе
Во мојот град се
продава се и сешто, па и семе за автомобили. Оние што веруваат купуваат од
семето. Соседот пред една недела купил такво семе. Упатството за употреба
напишано на кесичката со семето кажува дека треба да се ископа дупка во
земјата во големина на посакуваниот автомобил (или колку гаража) и да се
фрли семето во дупката. Ќе треба да се залева со многу вода. Кога колата
ќе се фати и заврзи на стеблото важно е секојдневно да се надгледува и
повремено да се врти како не би се деформирала каросеријата. Соседот ми се
пофали дека за некој месец ќе вози мерцедес.
т:трка
Во мојот град секоја
година се организира трка со ковчези. Тоа е традиционална трка, “Купот на
мртовците”, што се одржува во последниот петок од есента. Целата земја
тогаш оживува. На хиподромот покрај покојниците сместени во ковчезите
двоколки и грациозните коњи, може да се сретне најразличен свет, но
доминираат насмеаните црни и бели вдовици со нивните раскошни шапки и
шампањското. На тој ден живите се обложуваат на мртвите како луди; ако го
одбереш најбрзиот покојник можеш добро да заработиш.
Годинава јас добив. Се обложив на покојникот чиј ковчег беше влечен од
коњот “Тивка тиква”, одлично грло. Помогна и тоа што покојникот имаше
помалку од педесетина килограми. Сите весници пишуваа за него и за
големата победа; неговата вкочанета насмевка кажуваше се.