т:темплум  


2007:јули/август
општ конкурс


б:бојковски милко





 

л:лудило, ме имаш

Знаев дека нема да можам да заспијам. Премногу е жешко во собата. Живеам на мансандрата (сите писатели живеат во изнајмени собчиња на мансандрите). Веќе е полна со секакви инсекти, муви, каења. Еднаш од еден познаник бев слушнал една настрана приказна за едно ќебе кое му скокало околу врат секогаш кога му било страв, за среќа моето се уште не е такво. Розови кошмари. Летото навлегува низ големите порти на градот. Светот е во војна. Едно со сигурност знам дека тој не им припаѓа на невините. Никој не добива, како и да свртиш ние сме единствените огорчени губитници во таа игра. Мириса на риба. Пристаништето се обидува да заспие. Од морето допираат звуци на расправа. Соседите долу под мојот прозорец пак дигаат прашина околу нешто кое се коси со сите логични човечки размисли. Не можат да сфатат дека не вреди човек да влага во такви безцелни дискусии. Бог е мртов. Гледам низ прозорецот. Времето не е исто какво што беше додека доаѓав наваму. Облаците добиваат облици на песји шепи. Понекогаш нивното движење ми е интересно со денови. Денеска излегов од домот. Заклучив дека нема повеќе што да барам таму. Докторот ми изврши некакви крвни анализи и ми реќе дека сум слободен. Се поздравив со малкумината кои нешто ми значеа и просто излетав низ дворот. Никој не се обидуваше да ме сопре. Работата кај заминувањата е во тоа што некои ги сфаќаат премногу трагично. Но не и јас. Јас бев на слобода и само тоа ми беше важно сето друго ми изгледаше бенигно или помалку смешно. Понекогаш треба само малку да се оддалечиш од лудите за навистина да сфатиш колку си луд. Утре е недела, празник. Мора да се оди во црква. Одам со мајка ми. Додека таа се моли за здравјето на сестра ми и седумката на татко ми јас го слушам ѕвонењето на железните црквени ѕвона. Така оставен меѓу останатите питачи добивам по некоја пара од моето чекање. Ја сакам таа блескава опиеност која се одигрува пред моите очи. Река од луѓе се слева од главната улица низ малите сокачиња до влезот. Курви, уморни трагачи, пијаници се лулаат по тротоарите. Во нив ги препознавам своите ликови. Мора да изгледам како еден од чиновниците на Гогољ барајќи го својот нос или во најлош случај својот шинел. Проблемот е во мене. Во предметите на ѕидот. Во нејзините фотографии. Некаков излет. Последен. После тоа фотографирав само облаци. Некако ми беа најлогични за фотографирање. Сите други работи полека но сигурно ја губеа својата смисла. Состојба на љубов и доверба. Се прашувам дали некои од нас некогаш во животот вистински ја доживуваат или тоа е само измислица на побрканиот ум на еден поет. Некогаш беше лесно да се справам со себе си, немав проблеми со контролирањето. Сега се е поинаку. Така го закачив овој проклет гастритис. Медицинска дијагноза-стрес, преголемо возбудување. До крајот на животот треба да внимавам да не се возбудувам премногу. Можеби поради него станав имун на сите работи коишто ми се случуваа, научив како да останам прибран. Не гледам ниеден друг начин. Од страна изгледа лесно знам. Обидете се сами. Дали би се откажале? Постојат такви кои го прават токму спротивното. Облаците јурат кон исток. Кон долината која е прекриена со ретка магла. Куќите клечат пред обидот на ветрот да сруши се. Луѓето се излезени на своите балкони и го сонуваат животот. Да токму така, не го живеат сонот. Сонувачите се само брбливи месечари. Тие живеат само во евтините филмови и романи. Љубовниците немаат соништа ова го имам веќе кажано некаде. Ја сонувам со отворени очи, така е полесно. Мојот разум претставува камера. Можам да го опишам целиот простор, ликовите од домот навираат пред моето лице. Нивните зборови не би ги прифатиле во ниту едно нормално сценарио. Затоа вредат, заради себе си. Никој не би ги објавил, но тие се отпорни пред просечниот човечки суд. Нивниот молк понекогаш ме плаши. Не сакам кога се тивки. Јас сум дилер на некои неми гласови. Предолго зјапам во нивните малечки скоро невидливи букви обидувајќи се со саати да прочитам што сакаат да ми кажат. Тие се слободни. Пораките кои стигаат до мојата глава ги запишувам со страст на потенцијален самоубиец. Пред некој ден гледав токму таква емисија. За моите браќа и сестри по убедување. Некои досадни тетки, важни доктори. Им треба да докторираат за да ја сфатат основната причина. Најопасни биле хирурзите а најмирни психијатрите. Пак ќе се извлечат некако мајчините. Страв од животот или акт на храброста? Бла, бла бла. Едни го осудуваат, додека другите жестоко го осудуваат. Исус се смее на изгниената икона. Осаменост драги мои, да осаменост. Вчера купив пиштол. Денес е понеделник, четири наутро. Идеално утро за смрт да цитирам еден друг поет. Ало... ало... од другата страна никој. Можеби е до слушалката, би требало да набавам диктафон. Така секогаш ќе бидам ислушан а никогаш осуден за своите потреби. Ало, сега е подобро, ало Вертер ме слушаш ли? Се наоѓам во една говорница недалеку од центарот на градот, ало дали ме слушате? Ми треба некој за да си помуабетиме? Затоа почнав да пишувам да не ги тормозам другите но ова е неподносливо. Не инсистирајте не го кажувам своето име. Да, одев на училиште и никогаш не сум бил злоставуван од својот очув. Секогаш бил добар кон мене, дури некогаш подобар и од мајка ми. Ја мразам. Најтешко е во петочните вечери, тогаш кога осаменоста го задава најсилниот удар. Моите раце веќе полека се навикнаа на телефонскиот именик. Каде е тука Бог? Му ја подавам својата кошула. Не сака да ја земе, премногу му била валкана. Ова не се мои реченици. Ова говори потсвеста. На небото облаците се извиваат и судруваат во убава екстатична положба. Формираат прекршени елипси, синусоиди од кои подоцна се извлекуваат модри линии. Од нив е создадена иднината. Јас сум разгатнувач на нивните експлозии дури и кога времето е мирно и погодно за пловидба. Никогаш не сум бил на риболов но често со неа одев покрај брегот на морето. Ги набљудувавме бродовите. Често умееше да влезе во вода и да ги предизвикува големите бранови. Водата беше премногу ладна но тоа не и пречеше. Чекаше на дождот. Велеше дека тогаш водата е најпријатна за капење. Успеав да го фотографирам тој миг. Миг кој од денешно гледиште е непријатен и непожелен за секакво сеќавање. Неговата дводимензионалност ми е позната само на мене. Конечно можеш да ги видиш нештата кои не можеш да ги допреш. Секогаш така се извлекувам, не знам што конкретно треба да кажам затоа оставам на некој друг. Верувам дека некој друг ги има изберено правилните зборови за да подобро ја опише разделбата. Тогаш моите мисли стануваат проклето луцидни. Собата е премала да го прими сето возбудување коешто навлегува низ крошните на липите. Останува да лебди во воздухот како сенка на некои дамнешни страсти. На ѕидовите се лепат нашите години. Предметите мирисаат на неа. Што да се прави во град во кој сите сонуваат дека се будни? Мислам дека сум единствениот разбуден. Дури и соседите долу свикнаа на скратените дискусии. Кафеаната се затвара пред еден, девојката ги собира криглите и не н# остава да посонуваме уште малку, само уште малку. Да ѕирнеме на другата страна. Вели дека е сосема доволно и толку што ни дозволила. Злобна девојка, не уверува самата дека е ќерка на огнот. Многумина ја сметаат за споулавена. Не можеш да ја поткупиш. Таа бара само малку љубов и разбирање. Нема потреба од мерење на времето кое одамна стои. Останува да се надеваме дека крстопатите повторно ќе се поклопат, дека патиштата водат кон полиња преполни со преубави и луди девојки. Таму кај што се точи нектар и каде што во амброзија ќе ги потопиме своите тела. Огледалата покажуваат непознати ликови. Мора повеќепати во животот да се полуди за да се докаже вистината. Можеби лудилото е само еден од начините да се влезе во тој свет.
 





 

т:така ме учеше чичко Чарли

Беше тоа еден сосема витален и јадар старец иако годините го кажуваа сосема спротивното. Ни најмалку не наликуваше на некој кој ја имаше започнато шестата деценија од својот живот. Но здравјето полека го напушташе. Имаше мајмунски раце, кратки нозе, и скоро секогаш подуени очи. Телото несоодветно му беше прикачено за големата глава додека косата раснеше околу ушите и неколку прамени слободно паѓаа врз неговото избраздено чело. Прекарот го добил уште во детството од другарите. Лекарите му дале погрешна инјекција со што му ги помешале хормоните и така на едната нога останал куцав за цел живот. Во младоста многу потсетувал на Чаплин. Живееше неколку улички подолу од нашата куќа. Од имот поседуваше само едно мало станче кое го наследил од некој далечен роднина. Чичко Чарли. Како мали често си игравме пред неговата гаража. Ќе се појавеше во полуискинатите пижами и бладаше по цела вечер. Нам ни беа интересни сите тие нејасни приказни. Од неговата уста излегуваа секакви нејасни лица и бајати отрови за кои уште тогаш знаев дека еден ден ќе пишувам. Останувавме до зори пред неговата порта. Се смеевме на сите будалаштини кои ги правел во младоста. Ја ловеше месечината на дното од пивското шише. Во целата таа смеа имаше нешто повеќе од само една залудно потрошена вечер. Повеќе од бол, можеби само добро сокриен гнев од злобните погледи и лошите луѓе. Го засакав. Беше далеку почовечен од сите комшии кои ги знаев. Поголемиот дел од луѓето кои живееја во таа населба претставуваа збир од ситни души, безвредни р' бетници и дркаџии кои пред с# уживаа во туѓата несреќа. Му откажуваше црниот дроб а имаше и потешкотии со дишењето. Пукна можеби многу порано од што се очекуваше. Но човек никогаш не може да биде сигурен со тие работи. Се бореше за секој здив. Често поминував покрај неговата зграда, ме праќаше по цигари и алкохол, повеќе не му беше грижа. Ми се виде некако помирен. Некои бараат само начин да ја допрат смртта зошто единствено така може да му се доближат на животот. Неговата ситуација наликуваше на сите оние филмови во кои главниот јунак не успева да преживее. Филмови од раните седумдесети. Кога луѓето излегувале од кината со солзи во очите. Солзите не се доволни да ја исперат валканоста и прашината од нивните души. Реченициве се обидуваат да го сторат токму тоа. Влегував во малото исполнето претсобје и ја гледав колекцијата на шишиња кое ги имаше во секакви форми, облици од кои истекуваа некакви густи течности. Тој со растреперени раце се вртеше околу печката и вареше чај што му помагаше за варењето на храната. Ме нудеше со колачиња и сок од вишни кој сам го подготвуваше. Живееше сам веќе неколку години. Само еднаш љубел но нe успеало. Луѓето се поинакви кога само поминуваш некое време со нив а сосема други кога се обидуваш да живееш со истите. Прво скитал наоколу и немал некоја посебна пасија за животот. Си спомнуваше за некој другар кој сега живеел на југот на Италија. Можеби еден ден ако собере доволно пари ќе го посети. Ја пропатувал тогашната цела Југославија. Не ни барал работа, преспивал кај ќе стигне. Јас седев на издупчениот душек којшто беше само мал дел од бедниот мебел и бев целосно вслушан во неговите неповрзани муабети. Мислите понекогаш му стануваа толку брзи со што го повишуваше гласот и тогаш морав дополнително да се напрегам за да можам да разберам барем нешто. Откако се вратил успеал да се вработи како поштар и таму останал цели тринаесет години. Работел само трета смена. Ноќе непречен од никого можел да лока колку сака. Набргу се откажал од таа работа и сега продава стаклени предмети на пазар кои ги изработува од меко стакло и од бакарна жица. Подоцна менувал неколку адреси на живеење и секогаш имал проблем со парите и киријата. Ми кажуваше за жените, како си играл со нив, како си играле и тие со него. Јас само зјапав во сите тие голи жени кои беа исполепени од крилата на големиот орман и возбудено одмавнував со главата.

- Немој никогаш да дозволиш да те убедуваат дека сите се исти, не се. Има дури и полоши од оние коишто си ги замислувал како најтрагични. Сите мирисаат различно, водат љубов различно, сакаат да те напуштат или убијат на различен начин.
- !?!
- Некои од нив ги замислуваш како хероински девици кои живеат само во легендите, додека на другите гледаш како на лесни и површни суштества, доволно валкани и грди што ти предизвикуваат гадење со самата помисла на нивното присуство.
- ...
- Таткото ми кажа дека нешто пишуваш. Да ти кажам нешто околу пишувањето. Пишувај за она коешто најмногу го познаваш, сето друго; слава, пари, с# е тоа магла и ветер разбираш.
- Како тоа?
- Така, пишувај за тебе, не дозволувај проблемите на другите да ги наполнат твоите мисли со секакви гомненици. Луѓето воопшто не ги боли за твојата вознемиреност во градите, за живиот здив со кој сакаш да го оживееш секој мртов дел од твоето движење. Тоа е само твое и чувај го како нешто свето, секогаш носи го со себе зошто ако го изгубиш исто како да си с# прелагал себеси или такво нешто. Тогаш нема да има ниту еден збор кој би можел да ја смири измамата со која ќе бидеш соочен. Чувај го зошто тоа е единствениот начин кој те одржува да не полудиш сосема и да станеш само уште еден послушен конформист. Сите швркнати уметници кои некогаш си ги прочитал биле нешто како екстремни спортисти. Екстремни во болката и екстремни во уживањето. Треба само голема верба момче... само голема верба...

Ваквите разговори станаа вообичаена работа. После училиште се почесто навраќав кај него. Моите ми рекоа да го поканам за мојот роденден. Дојде сам. Ми ја подари првата машина за пишување не знаев од каде нашол пари, знаев дека од продажбата не би можел тоа да си го дозволи но ете таа беше тука запакувана во сина светкава хартија.

-Каков писател си ти ако воопшто немаш машина за пишување. Рече низ насмев. Се смееше гласно и заразно. Не му пречеше на никого. Среќен роденден.

Во моите сеќавања јас сум искачен на оревот во дворот додека долу се Чарли и татко ми. Бистрат политика и ја практикуваат својата попладневна партија шах и чашка ракија. Чарли доаѓаше повеќе за ракијата отколку за шахот, можеше да преживее и без него. Јас сум горе изгубен помеѓу зелените лисја и гранки секогаш набљудувајќи ги со огромна љубопитност. Старееја и двајцата. Одозгора јасно можев да им ги видам побелените влакна кои на татко ми му завршуваа во тилот а на средината од главата можеше да му се види целата ќелавица. Доаѓа мајка ми со мезето.

Дознав една вечер додека бев во парк со девојка ми. Таа вечер мирисаше на есенски треви и леплив воздух кој излегуваше од утробата на земјата. Запурничави мигови и парови кои се придвижуваат кон нивната внатрешност. Одумирање на сетилата. Побрзав кон неговиот дом. Ана не можеше да разбере зошто постојано покажувам кон зградата неколку улички подолу од нашата куќа. Не ни очекував да разбере. Стигнав меѓу првите, немаше кој знае колку луѓе. Татко ми ми рече дека сакал да ме види и ме праша од каде сум ги научил сите тие работи. Не сакав да му објаснувам. Влегов внатре. Лежеше на својот душек со насмев кој многу тешко би можел да го опишам. Имаше некакво необјасниво задоволство во сето тоа. Го хранеа од цевче веќе неколку дена. Две згодни болничарки дури и за кои јас би можел да му позавидам постојано се врткаа околу него. Убави како ништо дотогаш што имав видено. Се насмеа пак. Не знаев што да кажам.

-Стари како е?
-Не е лошо.
-Здраво Смрт.
Знаев дека се наоѓа во рајот. Сонцето заоѓаше болно и жолто.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања



















































































































































































































































































 

  д:дома