2007:јули/август
општ
конкурс
а:алена
д:дупката
„Облечи се добро пред да излезеш од дома“ беа секогаш последни зборови на
мајка ми пред да тргне на работа. По неа излегував јас и домот чмаеше
празен до доцна попладне. Ги натнувам патиките. Јакната ќе ја скриев под
креветот, индексот го згмечувам во задниот џеб и тргам накај Дупката.
Секој ден исто.
Откако замина Лил не излегував од дома се додека не ја пронајдов Дупката.
Геј бар во сутеренски простор. Набиен под земја во најтемниот дел од
строгиот центар на градот. Мала гробница на изгубените изопаченици. Бевме
неколкумина инвентарни гости, безброј глувци и нешто кусур поминувачи кои
откако еднаш ќе влезеа веќе никогаш не се враќаа. Се криевме во влажното
подземје за да ја избегнеме белата светлина на очигледноста. Секое
излегување од Дупката беше проследено со агонична болка во слепоочниците
која ни ја задаваше сонцето. Затоа ретко го напуштавме подрумскиот мрак.
Во кое време и да отидев Сара веќе беше таму. Понекогаш помислував дека не
ја напушта Дупката никогаш иако на полноќ заедно се упатувавме кон
автобуската. Мојот автобус постојано доаѓаше прв. Никогаш не ми кажа кој
автобус го чекаше и дали воопшто постоеше место кон кое се враќа. Евтина
ѕидарка во едната рака и цигара во другата која нервозно ја вртеше по
работ на пепелникот. До лани таа беше штитеник на домот за сираци. Откако
ја истрошија поголемите момци замина оттаму со огромна омраза кон сите
стрејт мажи и желба да бега. Каде било, само да му избега на непознатиот
непријател. Беше неверојатно слаба, но широките панталони успешно ги
криеја цевчињата и шилестите зглобови. Кога минував покрај неа знаеше да
ме плесне по газот. Или пак сосема неочекувано ќе ми се фрлеше во скут и
ми ги гризеше градите до изнемоштеност. Попусто врискав, се додека газда
Пепи не и спискашее таа не се тргаше од мене
Газда Пепи, или само Газда, беше сопственик на Дупката. Никогаш не
излегуваше од неа. Свесен дека лебот од нас не го вади уживаше да не`
пцуе. Веќе заглибен во зрело доба имаше обичај да каже: „се навикнувам
полека на апартманот во гратските гробишта. Се е ова само една генерална
проба“, а потоа долго ќе се смее се` до засркнување. Откако громогласно ќе
се искашлаше го враќаше стариот добродушен и загрижен израз на лицето.
Имаше одбивност кон сите работи кои ги доживуваше како модерни. Замараше
често со приказни од младоста која од необјаснива причина ја врзуваше за
1974. Ќе се начукаше здраво и почнуваше да реди:
„Абе на времето, еј, далечна 74-та, пред да се накотат лажливите борци за
човекови права се ебевме ко штуки. Кој ти глеал тогаш како си облечен и
колку мускули имаш? Смрдевме на фабриките во кои рмбавме и пак легнувавме
по некој секоја вечер. На скопската железница минуваа возови полни со
млади Руси. Ќе се стрчав од едниот крај на перонот и викав на цел глас: Ас
желаја кур, ас желаја кур! се дур не стигнев на спротивниот крај. Еј, а
таму на целта обавезно те чека барем еден Русин. Еххх, се знаеше тогаш шо
е здрав педерски секс. Асално пердашење бре, а не сега. Буљашки лајфстајл
со миризливи стапалца и скапи козметики, полни новчаници и факултетски
дипломи. Абе се усраа америчкине ен џи оуа. Сеа ќе ме прашаат: Ти бе Пепи
се дружиш со елитата? Имаш пари? Возиш јака кола? Се пржиш у солариум? Епа
не бе. Епа тогаш Пепи ти не си геј, ти си едно обично педериште. Ебати
човековите, ебати правата.“
Никогаш не дознавме дали приказните му се вистинити. Дали 74-та не беше
фракталче среќа натисната во огорчената душа на Газда. Мислам дека беше
потајно вљубен во Мартин, уште еден член на бандата од Дупката. Доаѓаше
секој ден и како по правило прво што ќе направеше беше да го остави
ранецот на стол и потоа во истата секунда почнуваше да ги соблекува
фармерките. Под нив носеше неверојатно нежни хулахопки. Секогаш различни.
Де црвени, де црни, де чипкани, де со баклави... Ги фаќаше фармерките со
два прста небаре го допрел најгнасното нешто на светот и ги фрлаше зад
себе без да погледне каде паднале. Потоа со насмевка на холивудска кучка
ќе ни се обратеше:
„Пичиња, Мартинчо ви носи нешто мнооогу добро од Господ.“ Господ го
викавме дилерот. Мартин носеше секогаш добра трева и штом ќе не` понудеше
не забораваше да дофрли: Ако ве праша некој од каде ви е немојте да сте
зуцнале. Кажете Господ ми ја даде. Така дилерот си доби име и ни беше
полесно да му допуштаме да влезе во нашите разговори.
Мартин се дупеше со некој амбасадор. Стар и грд. „Ќе дае виза копилето па
ќе славиме сите“ имаше обичај да каже.
Муабетите во Дупката без различни ама секоја вечер се пресекуваа во иста
точка: ВИЗА. Планот беше да се распарчи газот на Мартин па да се џапне
визата. Потоа Мартин ќе се венча со Сара и ќе ја повлече. Таму следи
развод и Сара се декларира како лезбејка па повлекува уште една од нашата
банда, Мартин го прави истото... Визниот воз завршуваше со мојата
индиферентност. Мајка ми ми избра сопруг. Имав претчувство дека ниедна
виза нема да ме откачи од грубоста во мојот живот. Другите ги броеа
деновите до заминувањето. Дупката беше чистилиштето од кое сите требаше да
заминат некаде. Визата им требаше ко леб.
„Уште десет...“ „Уште седум...“, „Уште три дена, уште три гнасни бушења во
ректумот и слободен сум! Ќе му ја здувнам еј! Сите ќе му ја здувнеме!“ ги
испапчуваше очите Мартин кога ќе се присетеше на егзилот.
Дувавме џоинт и сонувавме за визи до полноќ. Секакви визи. Секој со
својата мака. На полноќ Газда ќе викнеше-breaking news! и сите знаевме
дека треба да ја напуштине Дупката. Удираше клуч и остануваше сам во
мрачната дупка на соништата.
Последен пат ги видов бандитите една саботна вечер. Мартин дојде без грас
и хулахопки. Го заебал Амбасадорот. Фатил ново младо месо, а го изоставил
автограмот во пасошот. Дупката секогаш смрдеше на влага ама таа вечер
корнеше на човечки агонични воздишки, искршени надежи, растурени идеали.
Истиот ден моите ми го окачија вереничкиот прстен на левата дланка.
Мумлавме неразбирливо седнати во Дупката цели три часа се додека Мартин не
се издиша за последен пат. Зема воздух и нагло го испушти создавајќи го
најтажниот звук на светот. Гласно и финално воздивна како конечно да се
помири со себеси. Завладеа потполн молк. Совршена тишина која одговараше и
беше предодредена за гробницата.
„Морам да одам да правам дете“- реков и за последен пат му се насмевнав на
Газда.
На полноќ Газда го удри клучот од другата страна на вратат и никогаш
повторно не се вративме во Дупката. Ниеден глас повеќе не го вознемири
нашето подземје.