јуни-јули
a:a.t.vedda
mail:
a_t_vedda@yahoo.com
к:како црвот бара љубов
Една девојка сама се шеташе низ градот. Здогледа портокал и се сопна.
Падна врз јаболкото и го гризна. Виде црв. Врисна. И црвот врисна. И сите
на пазарот вриснаа. Настана громогласна смеа. Таа стана и рече:
Престанете! Ох, се извинувам! Тогаш дотрча еден прекрасен дечко, и се
насмевна и рече: Дај ми го јаболкото! Девојката се зачуди и го праша што
ќе биде со црвот.
Тој го зема јаболкото и го изеде. А потоа, ги плукна семките пред
нејзините нозе. И ја погали по косата, залепувајќи и притоа мастика. Но,
тоа беше волшебна мастика. Од неа ти се зголемуваше носот. Но, овојпат не
дејствуваше така, ништо не се случи. Овојпат, помислив, дејството се
пролонгираше. Сепак, ништо не се случи. Дечкото, запрепастен, ги зема
семките од долу и ги голтна, направи гаргара и пак ги плукна. Ништо,
повторно. Ја покани на кафе. Таа се намурти. Но, тој и се извини за
непријатностите. И рече дека не е доволно упатен во тие работи и со
лигавата рака ја потфати нејзината влечејќи ја кон првото кафуле. Таа му
ја избриша раката со шамивче и тргнаа по патот. Тој ја погледна со чудна
насмевка заблагодарувајќи и се. Но, црвот остана долу на земјата барајќи
помош. Барајќи ново јаболко. Барајќи љубов.
с:сцени од животот
Сцена001; Иронија.
Едно дете падна од терасата. По него се фрлија тројца. Третиот викна
од долу по мајка му: Мамо! Фрли ми го велосипедот, сакам да се повозам! Не
сум возел никогаш со скршени раце. Може мамо??? Не доби одговор, само се
слушна едно ’дуп’ врз неговите нозе. Велосипедот, заедно со мајка му,
лежеше на бетонот. Тогаш се случи ’неочекуваното’: Татко му скокна долу за
да види што се случува. Тој скокна заедно со ќерка му. А потоа, дојде
комшичето, го јавна велосипедот и замина.
Сцена002; Среќа.
Мила денес замина од овде, рече дека ќе патува и исчезна. Е сега,
куферот остана во Скопје и се скина. Па што? Таа секојпат го забораваше.
Од куферот излезе еден трол и почна да шета низ градот. Тролот го
уништуваше секое живо суштество што ќе го сретнеше и настана хаос. Сите
умреа. Среќа што Мила си замина.
Сцена003; Живот.
И така....бебето дојде на свет. Имаше три очи и мачка на папокот. Само
едното око преживеа и виде се. Ги виде сите ужаси во светот, а ниту трошка
љубов. Цел живот му прелета пред око за само 1 минута. И капакот го
преклопи.
Сцена004; Докажување.
Прозорецот се скрши на милион парчиња. И од цела куќа остана само
оџакот. Низ него се спушти Дедо Мраз. Ама бидејќи не беше Нова Година, тој
не кажа Хо-Хо-Хо. Се растажи, си го почеша задникот и си отиде. Впрочем,
на крај излезе дека тој не бил Дедо Мраз, туку бил Хомер Симпсон, оној што
падна низ оџакот кога се скрши прозорецот и кога овој што мислите дека е
Дедо Мраз, и што не рече Хо-Хо-Хо и што се растажи....не е Дедо
Мраз....овој бил Симпсон...оној што кога се скрши прозорецот.....
Сцена005; Монотонија.
Преку 1456 ридови, 23 реки, 66678 планини, но не на Земјата, си
живееше еден парамециум. Имаше еден пријател кој знаеше се. И парамециумот
го праша: А бе, да не знаеш каде има WC? Пријателот наеднаш го погледна со
еден неверојатно зачудувачки поглед и се замисли; ова беше прашањето на
кое никогаш не одговорил и верувате или не, тој не го знаеше одговорот. И
така, парамециумот мораше да изврши голема нужда повторно во
митохондријата.
Сцена006; Акцент.
Се случи убиство во Ориент-Експрес. Осомничениот избега. По пат го
сретна Џемс Бонд. И Џемс Бонд го уби осомничениот. Така се разреши
убиството во Ориент-Експрес, што всушност е воз.
ш:што е живот?
Конечно стигнав до крајот. Велат таму нема никој. Но, има светлина. За да
не се чувствувате осамени. Зарем таа е никој? Ех, кој како ќе си ја
нареди. Па, така и беше. Јас, на работ на безумието, стигнав на крајот.
Чувствувам спокој, иако се најдов во еден чуден круг на т.н. чудовишта.
Без лица. А, можеби тоа беа моите одрази. Бездушни. Сите го правеа
спротивното. Кога требаше да се плаче, се смееја. Кога сите умреа, тие беа
живи. Дури и во сон. Сепак, имаше и нешто антихераклитовско кај нив.
Бојата на крвта. Беше вистинската.
А надвор сe’ уште студи. Вистина. In vidas veritas est. Никој не ја
зборува вистината, само така си мислат. Вистината е ништо. Вистината боли,
вистината гребе и чеша по грб. Ме боли слезината кога мислам дека треба да
кажам вистина. Исто како кога љубиш. Исто како кога ќе се финализира
процесот во дигестивниот систем. И чувствуваш како те боли нешто во
стомакот. Како се создава една голема грутка. И на крај излегува од тебе.
И крај на чинот! – се чувствуваш совршено. Ете, тоа е животот.