т:темплум  

 

јуни-јули
г:
гето руди



г:години:30
п:
професија:лектор / професор по македонски јазик
д:досега објавено:има
getorudi@reggae.com.mk



и:или јас

Луѓето се туркаат меѓусебно во метежот. Сите се забрзани, возбудени, разиграни, а парите им летаат од џебовите и малку по малку со врвовите на прстите го допираат дното од џепната постава. Снегот им ги влажни главите и капутите, а калта им ги валка чевлите и чизмите. Јас ги гледам од прозорецот на вториот кат и не ни помислувам да излезам надвор за да се стопам со толпата. Мене, тука крај прозорецот, ми е топло, додека си слушам музика на грамофонот. Јас, едноставно, мразам турканици. О, и... Среќна Нова година.


 

к:калоспинтехромокрена

Тоа беше вторпат како се искачувам на мојот наперчен облак. Тој ме носи низ небесниот лавиринт, додека јас лебдам до коленици забразден во неговата магла, измешана со студени кристали, коишто на афелното сонце прават виножитовски отсјај.

Помислувам... ех, уште дожд ми недостасува па да го доживеам оној чудниот збор што случајно го прочитав во „Вујаклија”. Хе, што сè си помислувам кога лебдам. А ене го и познатиот прозорец. Јас тука се симнувам. Е, па, толку од записов.


 

к:кажувањето на Еразмо*

Едикојси веројатно се излагал кога запишал дека човекот со двојно име, Гедеон - во празничните утра и Еразмо - во вечерните часови на делниците, никогаш нема да биде споменат. Тој, Гедеон-Еразмо, со суво лице и танок издолжен нос, слика и прилика на германските генерали од Првата светска војна, при „бесцелните прошетки низ улиците на зовриениот град“ се среќаваше со мене, обичниот хранител на гулаби на почетокот од големиот парк. Токму така. Гедеон-Еразмо, за мене познат само како Еразмо, бидејќи се среќававме единствено во вечерните часови од делниците, секогаш ми зборуваше за некој прочуен писател од државава, кој велел дека сме „на минување низ времето и никогаш не ќе знаеме во кој од двата света сме живееле“. Е, токму тој писател, во некоја книга со тврди, дебели корици кажувал дека мојот соговорник Еразмо никогаш нема да биде споменат во никаков акт и во никаква книга. Еразмо, и понекогаш Гедеон, секојдневно се бореше, освен во празничните утра, тоа да не се случи, но немаше баш некакви реални шанси да го избегне најлошото. Беше малтретиран на секакви начини. Гедеон, пак, живееше мирен и спокоен живот. Човекот што се среќаваше со мене во вечерните часови на делниците додека ги хранев градските гулаби, добиваше анонимни писма, телефонски повици од кои се слушаше воена музика, тропање на вратата од неговото еднособно станче, чукање со ситни камчиња на прозорецот од спалната соба длабоко во ноќта. Телевизорот, кој го купи „на старо“ пред дваесетина денови, претходниот едноставно експлодира сам од себе, работеше само на еден канал, и тоа токму на оној каде што се емитуваа стари воени филмови без превод, но со германско потекло. Гедеон, пак, живееше мирен и спокоен живот. Еразмо мораше да почне да ги сонува ужасните сцени од момчаштвото, кога насилно го земаа да се бори на фронтот, некаде во Панонија. На чија страна - не знаеше ни самиот. Пукаше со стариот „Маузер“ и фрлаше бомби само за да опстане. Сега сите оние кои ги уби, а не им го знае ни името, ни бројот, ни ликот, му доаѓаат на сон. Го мачат. Секоја ноќ сè повеќе и повеќе. Затоа дојде кај мене, ненаспан, забраден и распартален. Ми ја раскажа неговата приказна. Гедеон, пак, живееше мирен и спокоен живот.

Долго потоа не го бев видел Еразмо или Гедеон, или Гедеон-Еразмо, мислев, отпатувал од „зовриениот град“, но разбрав од едикојси дека, сепак, умрел, како што и самиот предвидуваше додека ги храневме здебелените гулаби, од срцев удар, биле два едноподруго, како тектонски земјотрес. Додека спиел. Имал време само да се насмевне и да ги ококори очите со неподносливо големи подочници, потоа им се придружил на непостоечките.


* Гедеон-Еразмо е лик од расказот „Другата страна на непостоењето“ на Славко Јаневски, публикуван во книгата „Зад тајната врата“, во издание на „Македонска книга“ во 1993 година.

 


т:три навраќања на мотивот клупа

1.

Повторно скопските улици, повторно јас, ама сега без велосипед, пеш, навикнувам некако, полека-полека, се губам по трговскиве центри, по долгиве булевари, по кејот на уштемалкупаќепресуши Вардар, клупите што ги изминувам се скоро искршени (некои се сосем уништени, останата е само железната конструкција), а децата што бегаат од училиште седат неправилно, што би рекле, ние, старците, а, бре, деца седнете како што доликува, а не така, само ја валкате клупата, па после нема каде да седнеме, ќе се сториме „бербат“ во панталоните, бабите ќе нè караат, а каде да одиграме партија шах? Да промуабетиме малку за пензииве, за владава наша, за дневнополитичките настани, кој штрајкува денеска, кој утре, да си прикажеме кој умрел, кој отишол на другиот свет, го земал свети Петар, зашто ние старите сè уште веруваме во Господ/Бог - Создателот и неговиот син Исус Христос и се молиме понекогаш, кој колку знае, така останало од памтивек, традиционални навики, старост, ама во нешто мора да се верува, вие денес си верувате во патлакот и двата ташака, рипа уште, а! ако, ќе дојде време, ќе омлитави, после ќе ве видам во што ќе верувате, добро, нема да ве видам - сигурно! Не ме сфаќајте буквално, бре, деца, зашто мене црвите веќе одамна ќе ме имаат изедено, ама така се вели. Е, тоа ви зборувам цело време, симнете се долу од клупата, седнете си како што треба!

2.

Повторно скопските улици, повторно јас, ама сега без велосипед, пеш, навикнувам некако, полека-полека, се губам по трговскиве центри, по долгиве булевари, по кејот на уштемалкупаќепресуши Вардар, клупите што ги изминувам се скоро искршени (некои се сосем уништени, останата е само железната конструкција), а некои дечки што избегале од школо пак вртат џоинт, знам, го чувствувам остриот провокативен мирис уште од далеку, ех бре, па сега кога ќе поминам покрај нив ќе се прават на триипол, ама јас ќе седнам на најблиската клупа до нив, ќе им правам лош филм, а ги гледам и ги меркам, фураат некаков стил, беги плус суканици, некои јамајкански амајлии на себе (поим немаат што е вуду и обеах!) и други тракатанци, реге-хард кор, што да ти кажам, тие врска немаат од каде дошле зелената, златната и црвената боја, врска немаат зошто суканици и зошто света трева? А трагично е, тие никогаш нема да се заинтересираат зошто сето тоа и од каде? Нику пак, ако им го сервираш, изџвакаш или раскажеш, ќе ти речат, а, бе, ти ништо не знаеш, ние знаеме, ги одминувам мислејќи си: „Што вреди што си еден од малкуте растафаријанци во Ск. и што вреди кога им проповедаш за да ги просветлиш и образуваш, на крајот пак ќе ти плукнат в лице“. (Како во драмата „Лонг плеј“ од Горан Стефановски.) Навистина го мислам тоа и се уверувам дека треба да си го продолжам патот, прошетката по кејот на уштемалкупаќепресуши Вардар и сфаќам - останувам сам да го живеам растафари.

3.

Повторно скопските улици, повторно ние, ама сега без веспа, пеш, навикнуваме некако, полека-полека, се губиме по трговскиве центри, по долгиве булевари, по кејот на уштемалкупаќепресуши Вардар, клупите што ги изминуваме се скоро искршени, па седнуваме на горните даски од конструкцијата, оние што се за потпирање, а нозете ги ставаме на даските што преостанале, на тие што требало да се седи. Досадно ни е, киднавме од школо, па вртиме ганџа, колку да има што да се прави и таман ќе почне да нè удира во глава, да бидеме хај, стално поминуваат старциве што ги избркале од дома за да не досаѓаат, па ќе застанат до нас и само зборат, филозофираат, нè караат, нè учат, жива досада човече, едвај чекаме да им фати устата пења, па да си отидат до фонтаната, тука, на плоштадот и да се напијат вода, после тоа, едно време, све е супер, се кикотиме, ама кога ќе почнеме да стонираме доаѓа оној што мисли дека е пратен од Хајле Селасие или од Боб Марли или од самиот Господ можда мисли дека е пратен, па ќе почне да проповеда како ние не знаеме ништо, ко да сакаме да дознаеме (!!!), како он порачувал книги, музика (дискови и плочи) и списанија којзнае од каде, како он кога бил во Словенија, во Љубљана, купил книга „Реге“, сега ја преведува, проучува, студира, глупости, како он имал сновидение (негов збор, не наш!), му се прикажал Џа и му рекол да проповеда тука и уште еден куп срања. И збори ли збори! А ние само сакаме да стонираме на раат.




 

м:марко

Повторно седевме пред кооперација и пиевме евтино пиво. Јас и Марко. Полемизиравме како и обично, а тоа веќе стануваше здодевно. Но, што друго да се прави во петок навечер во градот кој ужива во својата едноличност.

- Еј, а, бе, еден пријател прави забава - рече Марко - сакаш да
идеме таму?
- Ќе има гага пиење? - прашав.
- Их, сигурно! - одговори тој.
- Ајде - реков одлучно, допивајќи го пивото и станав од празната гајба.

Тргнавме пешки, немавме како поинаку. Не знаев каде се наоѓа куќата во којашто имаше забава, па го прашав Марко дали е далеку. Да стопираме, ако не. Тој само мудро се смешкаше. Одевме и разговаравме. Ми надоаѓаше некое чудно чувство дека патот ме води во познато место. Оддалеку наслушнавме џагор. Стигнавме до куќата од којашто трештеше премногу гласна музика. Па, тоа беше мојата стара куќа! Мислев дека тука повеќе никој не живее, ние се отселивме пред цели седум години. Целото место требаше да биде запуштено, ама дворот беше прекрасно уреден, а фасадата од куќата свежо молерисувана. Влеговме внатре. Полно весели и пијани луѓе. Ние, јас и Марко, како однапред договорени, веднаш се разделивме и се изгубивме во толпата. Се загледував во лицата на присутните за да најдам некој познат и да му се „закачам“, но „жртви“ немаше.

- Ако - си реков - важно ќе има гага пиење.

Отидов до фрижидерот, го отворив и си земав едно пиво. Седнав на фотелјата, се опуштив и почнав да уживам во музиката додека безлични луѓе се мотаа околу мене. Стигна и второто пиво. Одненадеж нешто ми ги стресе сите сетила и ми забучи во главата. Па, сите предмети беа поставени како пред седум години. Тоа дури беа истите предмети. Истиот бел фрижидер, излепен со сликички од разни фудбалери од којзнае кое светско првенство, истата стара удобна фотелја без левата ногарка и затоа беше постојано залепена до ѕидот. Музичкиот систем, грамофонот, моите сакани винили и касети, хм... ене го и телевизорот. На него првпат ги гледав еротските канали, скришно, откако мајка ми и татко ми ќе отидеа во спалната соба за да се потрудат околу мојата константна желба за уште браќа или сестри. Тргнав по уште едно пиво.

- А да не испив премногу алкохол вечерва? - полугласно се запрашав. - И каде е Марко кога ми треба?

Тука нешто чудно се случуваше. Работиве не беа возможни и логични. Станав од фотелјата и отидов во бањата. Никој не требаше да ми го покаже патот зашто ми беше кристално јасно каде се наоѓа и тоа ме преплашуваше. Сè беше на своето старо место. Пристојно уринирав, потоа се навалив над кадата и почнав да си го мијам лицето со студена вода. Тогаш влезе некоја девојка. Наеднаш се завртев и ми се замагли пред очите. Се затетеравив. Таа ме задржа, ми рече „здраво“ и почна страсно да ме бакнува. Француски. Прифатив, држејќи се со едната рака за неа, а со другата за кадата. Не можев да се помрднам од местото. А и - не сакав. И онака немав друга попаметна работа, освен, можеби, да се напијам пиво. Пред малку се полнев, сега се празнам. Полека почнав да се опуштам од грчот што ме снајде, кога почувствував топла, леплива и солена течност во устата. Се оттргнав некако и се погледнав во огледалото. Глупавата кучка ми ги изгризала усните! Ја затуркав кон кадата, се ослободив од неа и онака крвав истрчав надвор, во дворот. Седнав на тревата. Всушност, легнав. Погледнав нагоре и ја видов полната месечина. Ја правеше ноќта многу светла, премногу светла. Ги затворив очите. Сè околу мене почна да се врти или пак јас почнав да се вртам околу сè. О, не! О, пак ли?! Едвај станав, се фатив за едно дрво и почнав да повраќам. Каде е сега Марко кога ми треба? Повраќав долго, навистина долго. Од пивото, ама и од сè што ми се наталожило на душава. Одвратни течности ме гребеа по грлово, ми поминуваа низ устава и ме тераа да повраќам уште и уште... Најпосле паднав на тревата сосем исцрпен, се завртев настрана и почнав да тонам во летаргично-халуцинантен сон. Ете, си расипав уште една забава.

Утре ќе биде прекрасен ден!

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори  

з:застапени автори

  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


































































































 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 


 

  д:дома