т:темплум  

 

јуни-јули
ш:
шопов иван



б:багажот на стариот пријател

Беше Јуни, вторник-ден глупав како никогаш до сега. Одев по една неважна улица на уште помалку важен тротоар и воопшто не ми пречеше тоа што градот беше многу загаден. А ѓубре имаше насекаде, особено на тротоарот. Морам да кажам дека понудата на отпадоци беше разновидна: кутии од цигари; пластични шишиња; мрсни хартии и полуизедени тостови; скршени стакла; валкани шамивчиња; изџвакани мастики (една за малку ќе ми се залепеше за патиката); разни летоци кои ги фрлил некој граѓанин(?!), очигледно незаинтересиран за настанот што се рекламира; по некоја плунка исфрлена од устата на којзнае кој простак... И мене воопшто не ми беше гајле за тие отпадоци, сî додека не се лизнав на една лушпа од банана. Треснав на нечистиот бетон и гласно опцув. Чув силно смеење на рапав машки глас. Се свртев позади и здогледав неуреден човек кој прилегаше на скитник. Знаете, го имаше оној препознатлив парталав уличарски мантил, скинати чевли, небричена брада и излитен шешир. Сеуште смеејќи се ми пријде и ми подаде рака. Рече: “Пцуеш подобро од порано.” Останав да седам на тротоарот зошто сеуште не ми беше јасно кој е овој човек што од некаде ме познава. Ја прифатив неговата рака со недоверба, станав и зјапав во неговото лице. Тој продолжи да се ми смее некако улаво. Неговата развлечена од смеење уста му го откри златниот заб. Па како можев да не го препознаам мојот стар пријател! Срдечно се прегрнавме и се избакнавме. На обајцата ни беше мило што по толку време повторно се сретнавме. И покрај тоа јас немав некоја голема желба за разговор со него. Тој не брзаше никаде, а јас брзав НИКАДЕ. Но нели, нема смисла туку-така да си заминам, па решив да разменам некој збор со него. Забележав дека со себе влечка два огромни куфера. Го прашав: “Каде си тргнал? Што носиш во куферите?” - “Тргнав на пат” -рече. “А што носам во куферите? Во овој црниот носам секојдневни работи: мал прибор за ментална хигиена; малку храна, јадење и пиење за по пат. Ќе ми се најде. Носам, исто така, чиста долна облека; неколку маици; крпени чорапи; едно шишенце со маслиново масло; листови и пенкала; стари весници, во случај да треба да завиткам нешто; си ставив во куферот и игла и конец за крпење; ставив ножици, чешел, грицкалка за нокти, сапун; има во куферот и неколку чисти крпи; се разбира, има и нечисти. Во куферот носам, освен маици, и неколку блузи, да не застуди случајно таму каде што одам.”
Веќе ми беше здодевно да го слушам, но моето меко срце не ми дозволуваше да го прекинам бидејќи со огромна, за мене неразбирлива жар, раскажуваше за содржината на неговиот багаж. И продолжи: “носам еден капут; носам две зимски капи; носам шал; носам резервни копчиња; можеби ќе ми се смееш, но носам и трска за риболов и мамци. Заборавив да ти кажам за кошулите. Носам две бели, две црни, една со хавајска цветна шара... ја носам, верувал или не, онаа зелена кошула што ја носев на матурската вечер. Се сеќаваш на неа?” - “Се сеќавам”, реков, иако немав поим за која кошула станува збор. А тој ќе продолжеше да зборува што сî ставил во црниот куфер, но јас сакав да го забрзам разговорот бидејќи ми беше здодевно и повеќе ме интересираше каде оди отколку што носи во куферите. Затоа го прашав: “А што носиш во овој вториот, сивиот куфер?” Тој го смени веселиот израз на лицето и почна да раскажува мрзеливо: “Тој куфер си го викам споменар. Во него чувам спомени: стари фотографии од девојки, од другари, од семејството, од старите соседи... носам две тетратки од основно училиште, во нив има секакви чкртаници што сме ги правеле на часовите. Има и твој потпис на едната” -рече со носталгичен тон. “Носам и билети од концерти, од спортски натпревари; носам фискални сметки; носам интересни летоци за настани што сум ги посетил или за настани што сум сакал, а не сум ги посетил; носам секакви ливченца; носам многу писма и разлгедници; носам едно камче за кое мислев дека ми носи среќа; носам исечоци од весници и списанија; носам ситни подароци што сум ги добил некогаш...”
Го слушав пријателот без интерес. Па и нему му беше здодевно да раскажува за спомените. А јас бев сî позаинтересиран да разберам каде всушност оди мојот другар. И ми се брзаше. А тој раскажуваше и раскажуваше за својот втор куфер: “Носам и сликички од еден албум што го собирав како дете; ја чувам во куферот и првата стихотворба што ја напишав во градинка; чувам и еден мал молитвеник, знаеш, јас своевремено бев побожен човек.”
Јас повеќе не можев да издржам. Бев обзеден од голема љубопитност и го прекинав здодевното раскажување: “Добро, а каде си тргнал? Каде ќе одиш на пат? Каде ќе ги одвлечкаш овие преполни куфери?” Неговото лице видно се натажи и се растревожи, целиот се растрепери. Како да немаше сила да ми одговори. Почна да пелтечи: “Јас... јас ќе одам... ќе одам во...” Потоа длабоко воздивна и ми рече со тивок, речиси плачлив глас: “Заборавив. Јас не знам каде ќе одам.” Ме обзеде силна лутина. Другарот ми одзеде многу од моето скапоцено време (бидејќи брзав) раскажувајќи глупости за неговиот багаж, за да ми каже на крајот дека заборавил каде оди?! Тој забележа колку сум лут, ги подигна куферите и се подготви да си замине. Се разделивме без збор и зачекоривме во спротивна насока. Јас со брз, тој со бавен чекор. Иако се разделивме без поздрав, знае тој, а знам и јас дека сеуште сме добри стари другари. Знаеме и дека повторно ќе се сретнеме. Тој-што не брза никаде и јас-што брзам НИКАДЕ.



 

o:oпсесијата на мојот роднина

  Тоа утро се разбудив со покајание за минатата вечер: “Што ми требаше да испијам толку пиво? Сега устата ми е барут-сува.”
  Јас уште нерасонет, а телефонот ѕвони. На мое големо изненадување, тоа беше еден близок роднина од не многу далечна земја со кој подолго време се немав видено. Ме покани да престојувам кај него неколку дена. Бев пресреќен. Како што реков, одамна се немавме видено. Сигурно ќе имаме многу да си кажеме. Тој веројатно ги завршил студиите, можеби и се оженил. Не се сомневам дека е успешен човек. Но дали ќе ме препознае? Од последниот пат кога се видовме минаа многу години. Ах, сигурно ќе ме препознае. Па низ смеа ќе раскажуваме за детските денови, за бројните играчки-плачки, за малите и големите радости... Па ќе се напиеме по една, ќе ми го покаже градот, ќе ме запознае со многубројните пријатели. Сигурен сум дека ги има многу, бидејќи е многу комуникативен човек. А којзнае!? Можеби и ќе најдам причина да останам таму засекогаш. Се подготвив за петнаесетина минути и тргнав. Ми се чинеше дека патувам со денови. Бев многу нетрпелив и едвај чекав да стигнам.
  И конечно, по неколкучасовно патување пристигнав во неговиот град. Од џебот го извадив ливчето со неговата адреса. Прашав неколкумина минувачи каде се наоѓа неговата улица, но наместо одговор секојпат добивав само намуртени погледи. Продолжив да се распрашувам, но никој не ми одговараше на прашањето. Најпосле еден љубезен старец кој намерно или случајно ме следеше и ги слушна моите разговори со минувачите ми рече: “Господине, Вие сигурно сте тргнале кај оној чудак. Тој живее сам на една напуштена улица. Целиот град за него говори дека има некоја зла моќ. Излегува од дома еднаш до два пати годишно. Со среќа!” Потоа ми објасни каде се наоѓа улицата што ја барам и си замина. Си помислив дека се шегува со мене бидејќи мојот роднина не беше никаков чудак. Лесно ја пронајдов улицата и куќата. Навистина, целата таа област беше тивка и морничава. Радоста за нашата средба полека се претвораше во неизвесност. Чукнав силно на вратата. Никој не ми отвори. Продолжив да чукам уште посилно и по неколку минути ми отвори речиси непознат човек. Само една искра детска светлина од неговото десно око ме увери дека навистина е тој. Наместо срдечно да се поздрави, студено се ракуваше со мене како со туѓинец. Ми рече да влезам побрзо бидејќи имаме многу работа. Не разбирав. Ми тутна набрзина лист и пенкало во рацете. Ми говореше за тоа колку е животот краток и мора да побрзаме да запишеме СE', дека ќе ја победи вечноста и бесконечноста запишувајќи СE'. Буквално СE'.
  Неговиот дом, ако воопшто може да се нарече така, беше просто затрупан со хартии. На нив беа запишани секакви глупости. Се прашував што би можело да го доведе мојот роднина до ваква чудна опсесија и што го претворило од нормален човек во лудак-скрибоман. А тој цела недела ме тормозеше да запишувам некакви непотребности заедно со него. Не вредеа моите разубедувања дека човекот како привремена појава не може да ја победи вечноста, дека тоа не се прави со пишување, дека треба почесто да излегува од дома, да живее малку... Тој упорно и неуморно пишуваше глупости. Но јас веќе бев преморен од деноноќното чкрабање бесмислици заедно со него и решив да си одам. Му реков дека веќе сме запишале СE' и може да си одам. Тој се налути. Почна да ги расфрла, да ги кине, да ги гори сите негови ракописи создавани со години. Стана свесен за својата немоќ да запише СE'. Испушти силен, прачовечки крик и гласно заплака. Ронеше ситни солзи над своите веќе непостоечки ракописи.
  Што му требаше воопшто да почне да ги пишува? И што ми требаше мене да дојдам кај него? Си одам! Ме чекаат секојдневните обврски.




 

п:парчето челик, кантите со боја и четките

  Има на светов разноразни лимарофарбарски работилници. Но никаде нема ваква каква што сретнав јас. А се случи тоа пред неколку месеци, не се сеќавам точно на кој датум. И на местото каде се наоѓаше работилницата не ми текнува. Само знам дека во тоа место повеќе беа потребни столари. Ја видов првпат таа работилница кога залутав при една од моите секојдневни прошетки. Тоа всушност беше најобична лимена гаража на која немаше ниту натпис со име на фирма. Прилегаше на голем безимен метален гроб. Сигурно ќе ја одминев без да í обрнам посебно внимание, да не беше чудниот мирис што се ширеше од неа. Личеше на мирис на боја за метал, но беше малку поинаков. Ме обзеде љубопитсво и се прикрадов до гаражата. Низ едно мало дупче гледав што се случуваше внатре. А внатре имаше мало парче челик и неколку канти со различна боја. Такви бои дотогаш немав видено. Едноставно, не постоеја во мојот спектар. Секоја боја страшно ме потсетуваше на друга, веќе позната за мене, боја. Но не можев во целост да ги препознаам. Боите, како што си имаа своја канта, си имаа и своја четка. Од разговорот што го наслушнав разбрав дека сите четки дотогаш одлично се согласувале. Но овојпат водеа жестока битка за малото парче челик. Секоја четка сакаше да го обои челикот со бојата на сопствената канта. И го пребојуваа, го мачкаа, го шлапаа со секакви бои. Не се броеше колку пати беше пребоено тоа парче челик. Затоа и кантите и четките ми станаа толку одвратни, што посакав да си одам. Но ме интересираше која од нив на крајот ќе си го истера своето и продолжив со набљудувањето. Пребојувањето деноноќно се повторуваше и повторуваше. Сепак, по извесно време, четките се изморија. Влакната им се распарталија и беа исфрлени од употреба. Кога решив да си одам забележав дека бојата на челикот почна да се лупи. Набргу сосема исчезна. Челикот си го врати првобитниот сјај.
  Се изнасмеав на глупоста на четките што не сфатија дека челикот, со каква и боја да е обоен, сепак е челик. Истовремено се смеев на сопствената глупост што потрошив толку време набљудувајќи еден бесмислен процес.
  Начув дека утредента ќе дошле нови четки да ја продолжат кавгата за боите. И ним ќе им се изнасмеам. Уште повеќе.
 



 

с:снегулки од срцето на рајот
(по повод паѓањето на еден снег)
 

  Конечно небото реши дека вечерва е време за прочистување, време за осветлување. Го отвори срцето и ги расфрли насекаде безбројните снегулки. Во рајот станало студено, па морало срцето да се ослободи од снегот. Истовремено, на земјата се чувствуваше потреба од покривање на црните дупки. Каква коинциденција!
  И почна срцето на рајот со својата работа. Безмилосно ги покриваше црните дупки, го обелуваше црнилото, ја осветлуваше темнината. Ја пушти срцето својата музика и снегулките танцуваа во еден ритам. Како капка божество да се истурила од рајот. Да ги видевте само земните ангелчиња. Стоеја пред оваа зимска слика како буквалисти пред метафора. Се радуваа на белината. Се веселеа на музиката. Со насмевка го слушаа крцкањето на свежиот снег под своите чевли. Си велеа во себе: “Совршенство! Ова се снегулките од срцето на рајот. Колку е милозливо вечер небото!”
  Ох, кутрите земни ангели! Не сфатија дека небесниот ѓавол им испратил само уште една привремена вечност. Утре, точно напладне, снегот ќе се разлигави и нема повеќе да крцка под нозете. Белината ќе стане сивило. Навечер ќе стегне мразот. Ноќта со романтична атмосфера како создадена за љубов, ќе се претвори во лизгава ноќ создадена за кршење нозе.
  Леле, каков сеир ќе гледа небото!
 


 

з:залак

  ...два часот по полноќ, а јас не можев да заспијам. А кој би можел во таква ситуација? Утредента ме очекуваше однапред познат и сосема извесен настан. Таква возбуда немав почувствувано од времето кога бев првоодделенец. Па и таа вечер, на некој начин, бев. И така низ моето првоодделенско зеленило, лоцирано во пределот над рамениците, поминуваа најразлични мисли-смешна комбинација од благосолени вкусови. Нека. Само да не е кисело.
  Ме исцрпија размислувањето и очекувањата. Огладнев. Бев максимално тивок додека си го приготвував јадењето, бидејќи моите спиеја. И јадев речиси бесшумно, сî додека еден недоџвакан залак не ми залетна во дишникот. Силно се закашлав, не можев да дишам. Се молев некој да се разбуди и да ми помогне, но залудно. Свесен дека сум оставен сам на себе, силно се борев и со судни маки го исфрлив проклетото парче леб што ме засркна. Опасноста веќе ја немаше, но половина час потоа тешко дишев. Се ужаснував од помислата дека ќе ме убиеше парче леб што лично го потпеков на тостер. Така ми треба кога голтам повеќе отколку што џвакам. Па зошто ми служат забите, ако не за џвакање? А тоа нивно неупотребување... Ах, не сакам ниту да помислам каде ќе ме доведеше. Сепак, по неколкучасовна месечарска медитација конечно се успокоив. Бев среќен што го искашлав залакот и продолжив со постоењето. Ја спуштив главата на перницата и заспав како бебенце. Се разбудив испотен со помислата: “Колкав залак сум јас за животот, кога можеше да ме убие со мал залак леб?” Пожолтев.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори  

з:застапени автори

  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања







































































































































































































































































 

  д:дома