т:темплум  

 

јуни-јули
ш:
шалдева теа



г:години:малку
н:нешто за себе: тежок џаболебар
thea.shaldeva@gmail.com




ч:чекорење

Кога чекорам. Се разбира, низ грдите улици на овој град - кои чуваат одвратни и убави тајни; заборавам каде сум, заборавам дека се движам само напред низ времето и просторот и стискам "rewind", па ветерот почнува да дува во погрешна насока. Се' оди некаде далеку и станува матна точка, останувам само јас и моите залутани мисли.

Ги нема слатките мали кутии со компресираните насмевки на луѓето, ги снемува милионите полици со кафези невидливи за оние кои се внатре. Ги снемува сите клучеви, сите одговори, ги снемува некаде и клучалките и прашањата. Мене сепак, сеуште не ме снемува, барем малку.

Ги снемува сите за кои некогаш во животот барем малку сум се грижела, го снемува мојот најдобар другар кој е составен од четири елементи; снемува извици, снемува бои, слики, ги снемува дури и пердувите, школките и змиите, снемува се што беше црно, жолто и сино. Најпосле снемува се што на некој начин постои како запис во времето и на ниедно друго место, снемува цели редови реченици, сите потези со четката. Сепак, само јас сум тука. Малку осамена, ама не се приметува, нели?

Ги снемува завесите, ги снемува и решетките - причина за радост - но го снемува и се она што беше позади и сепак е само уште едно разочарување. Останувам јас како единствена надеж.

Полека ги снемува и моите соништа, моите мисли, чувства и солзи. Бледнеат и малубројните насмевки, сјајот во очите, снемува секаква трага од она што сум направила. Е тогаш, се’ друго се појавува, а јас малку збунето чекорам низ улиците...




 

f:flaming

Еднаш, ми се чини беше многу одамна, а можеби и навистина било многу одамна, но не е сега тоа важно - зошто ми се чини дека еднаш, некогаш одамна, познавав еден човек чие име не го паметам затоа што не е важно, но паметам дека беше одамна, и дека го познавав тој човек, беше прилично чуден и леткаше натаму наваму, незнаеше каде е и што е, и постојано ги прашуваше другите; а тие пак, незнаеа ништо повеќе и само ги вртеа главите на страна мрчејќи за тоа колку луѓето знаат да бидат глупави и изгубени.

Чудно е како тој човек преживеа за да ме сретне мене, заглавен во огледало полно со крвни садови, а јас само го допрев и тој исчезна.

Потоа знам дека најверојатно одлетал некаде, онака лебдел низ парчињата воздух, шлапал низ мали вирчиња барајќи ме, ама не ме нашол и сосем случајно умрел.

...не е важно, ми требаше некое време да го најдам мртвото кревко тело, да го изгорам и пепелта да ја проголтам.

Потоа сретнав еден друг човек. Тој беше самиот оган, заради што сите станувавме црни и јагленосани, и малечки, малечки... Еднаш го допрев и веднаш изгорев. Пепелта се помеша и порасна едно мало цвеќенце, кое беше прилично убаво, но сепак беше само обичен цвет.

И тогаш... тогаш помина еден мал принц и цветот го стави под стаклено ѕвоно, се грижеше за него и ги уништуваше семките од баобаб, и никогаш, никогаш, цветот не беше сам. Но цветот засекогаш остана само мал цвет, онемен и тажен, со мало изгорено срценце кое никогаш не престана да чука, полно со сина светлина...




 

t:the Fire

Си беше еднаш... живееше ваму и таму, се влечкаше низ песокот и низ старите, неисчистени патчиња. Сите зборуваа дека е убава. А сепак сите зборуваа дека е одвратна. И никогаш не дозна зошто. Остана да стои само како интересен знак, ваму и таму, некаде низ водата, некаде низ воздухот.

Постоеше и еднаш... една допрена пеперутка. Седеше тажна и полумртва на листовите на еден цвет, гледаше како светот споро се придвижува, како мали парченца прашина лебдат низ воздухот, откриени од зраците кои продираа низ разбрануваните гранки. Веќе премногу мртва, таа полека се придвижи кон крајот на ливчињата на кои стоеше и се нурна во потокот. Природата го обележа почетокот на уште еден живот.

Некаде таму постоеше и една птица со скршени крила. Стоеше на едно мртво дрво, црно и изгорено од некого или подобро кажано, никого. Го набљудуваше малото парче свет кое останало, осветлено од последната гранка која полека тонеше во пламења. Птицата падна во огнот, и во следниот момент веќе леташе кон Сонцето.

Мислам дека еднаш, таму некаде, постоев и јас. Тивко чекорев околу скршените коски на своите соништа, одамна закопани, и шетав придружена од ветерот, по долги бесконечни патчиња покриени со песок. И еднаш случајно сретнав некој кој го снема веднаш, откога ми кажа - кога веќе нема што да гори, фрли се во огнот...
 



 

в:вина

Еднаш имаше едно јас - чие име го пишуваше во убавите, матно сребренкасти мисли на луѓето. Тие беа малку налудничави и чуднички, ме гледаа мирно и насмеано и зборуваа каква сум и од каде доаѓам. Низ воздухот летаа мали парченца градска прашина, се лепеа на нивните лица и тие бавно умираа, оддавајќи го последниот здив по неколку милиони пати.

Имаше и многу воздишки. Малите сребренкасти потоци трепереа и низ нив одвреме-навреме се провртуваше понекое јагленосано телце на рипка која случајно залутала натаму. Тогаш од поточињата капеа сребрени капки и во следниот момент, јас веќе ги бришев од лицата на моите најмили.

Некако помина времето и луѓето дознаа каде се, па сребренкастите потоци испишани со моето име ги заменија долги реки крваво црвени мисли, изнапишани со туѓи имиња, и наместо врз лицата, прашината се лепеше врз реките, а тие се закоравуваа и се претвараа во големи, нечисти езера. Немаше место за течење, ниту за моето име, немаше место за растење и за убавиот сребренкаст сјај, немаше место дури ни за малку светлина која порано успеваше да се провре низ тенките сребрени нишки. Немаше ниту место за чистота и за нивните солзи, па тие станаа големи луѓе, се изгубија низ толпата и јас останав сама и збунета, со мојот стар, сребрен сјај.

Навистина, кој е виновен?

 


 

е:едно од оние сабајлиња

Ова е едно од оние сабајлиња. Може некој би напишал "утра" место "сабајлиња", ама ова не беше утро. Ова беше онакво, сабајле.

Се разбудив. Нели, чудно би било воопшто да не се разбудев, иако можеби и убаво. Сонцето не светеше, беше скриено таму некаде позади некои гадни бели облаци. Тоа што ги прави облаците гадни не е бојата. Не е всушност ни формата, ни големината, ништо поврзано со изгледот. Она што ги прави грди облаците е тоа што не се движат. Тогаш се мртви и се немаат разбудено заедно со мене ова сабајле, туку умреле и нивните мртви тела пловат безначајно по небото додека зајдисонцето не ги проголта...

Додека замислував како Сонцето изгрева, а всушност гледав само како полека стануваат побели одредени делови од облаците, си размислував како е почудно што се будам ова сабајле, одколку воопшто да не станев, ни денес, ни вчера, за утре не ни помислувам. Да не станев никогаш, да не бев суштество што се создало кога некое друго се создало, да не седев и да пцуев мртви облаци сега. Да не беше толку ладно. И да не живеевме сите во голем компјутерски програм во кој едниствено нешто кое е природно се вика "чувство". А да, нашите мили компјутери ја мразат природата. Затоа и е малку лошо денес.

Што ќе биде со мене кога ќе станам голем, бел облак? Чудесното е што ветрот кој е некаков си животен флуид на небото е тука доле и ги тресе пајажините на моите глупави, неостварливи соништа, провевот затвара врати и не потсетува дека сме останале само ние и нашите сеништа. Па на него му е местото горе, кај мртвите облаци, кај живите облаци, кај замислените облаци, кај дрвјата и нивните лисја кои се преродуваат секоја година. И прашувате каде се фениксите од оние слатки бајки што ни ги читаа како малечки?

Ми недостига времето кога ме немаше. Ми недостига времето кога сите вас ве немаше и не се слушаше баш ништо освен ветрот.

Знам дека изгледам депримирано. Знам дека изгледам како да сакам да растажам некого или да направам плачачка атмосфера. Вистината? Ова е едно од оние сабајлиња, ништо повеќе...

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори  

з:застапени автори

  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања























































































































































































 

  д:дома