јуни-јули
b:bushy
meat
bushymeat@yahoo.com
љ:љубов и компири
Бети беше
мошне осамена девојка. Мајка ù беше загрижена, се плашеше ќерка ù ќе си
остане немажена. Бети, најчесто затворена во својата соба, поголемиот дел
од времето го поминуваше на интернет и сонуваше како еден сончев ден
нејзиниот принц ќе се појави на бел коњ.
Поминаа многу сончеви (и облачни) денови, меѓутоа принцот никако не
доаѓаше. На крајот некој сепак дојде. Додуша, наместо сончев ден беше
врнежлива ноќ и наместо принц на бел коњ дојде бел гулаб, поточно целиот
накиснат слета на нејзиниот прозорец. Бети веднаш го прибра гулабот на
суво, го нахрани и му даде име, Марко. Набрзо се покажа дека Марко не беше
обичен гулаб. Ако гулабите знаат што е тоа љубов, тогаш изгледаше дека
Марко не само што веднаш се заљуби во девојката туку уште следниот ден,
откако таа го бакна по клунот, ù слета на главата и ù се заплетка во
бујната коса. Таму ги зари своите канџи и ни пет ни шест си сврши работа.
Со тоа сакаше јасно да даде до знаење дека Бети е само негова. Очекуваше
таа да забремени и да му снесе неколку јајца, на тој начин сакаше да ја
врзе за седелото. Бети не разбираше каков далекусежен план има Марко, ù
беше по малку чудно што секој ден ù се плетка во косата, но ù се допаѓаше
сè друго што гулабот правеше во собата. Накратко кажано: Бети и Марко беа
среќни што се заедно. Мајка ù уште повеќе се загрижи бидејќи сега ќерка ù
сè помалку сакаше да излегува надвор. Меѓутоа Бети, додека беше со гулабот
како да не сакаше да знае што си мисли преостанатиот свет.
Идилата сигурно ќе потраеше подолго ако еден ден не се случи несреќа.
Марко се попари со врела вода. Бети топлеше лонец вода за да си ја измие
косата кога Марко, онака качен на нејзиното репче, се подлизна некако и
падна во лонецот. Бети брзо реагираше, инаку тој ќе се свареше. Гулабот
беше спасен од страшна смрт, но тоа веќе не беше истиот Марко: врелата
вода му го попари прцалото. Гулабот почна брзо да венее, не можеше повеќе
да се обидува да ја оплоди неговата љубов. Го дотолчи и тоа што дотогаш
Бети сè уште немаше снесено ни едно јајце, без потомство се плашеше дека
Бети ќе си најде друг гулаб. На Марко животот му стануваше бесмислен и
празен. Кутрата Бети плачеше со денови, не знаеше како да му помогне.
Смртта на птицата беше неизбежна. Бети мислеше не ќе може да ја преживее
загубата на единствениот пријател.
Мајка ù се крстеше и се чудеше кога ги гледаше двајцата стуткани в соба.
Се зачуди уште повеќе кога ја виде Бети како секојдневно зема по еден
компир од шпајзот, потоа го закопува во дворот и стои извесно време крај
местото. Таа не знаеше дека нејзината ќерка на тој начин се подготвува за
денот кога ќе престане да чука срцето на Марко. После девет дена и уште
толку закопани компири Бети мислеше дека најпосле е емотивно спремна да ја
дочека смртта на гулабот. За да не биде скршена од болка требаше само да
си помисли дека закопува уште еден компир. Идејата за подготвување за
најлошото беше инспирирана од сличен пример на кого налета додека луташе
по интернетот. Таму најде совет на некојси илузионист, Сендмен. Тој се
подготвувал за смртта на своето славејче со тоа што секое утро закопувал
варени јајца. На Бети компирите ù се видоа попрактични. Додека го
закопуваше десеттиот компир си помисли дека ќе биде убаво да му испрати
е-маил на Сендмен и да му каже дека неговата идеја е одлична, посебно ако
наместо јајца се користат компири. Побрза да се врати в соба, но таму ја
чекаше потресно изненадување. Мајка ù се беше лизнала на компир и го
испуштила здивот паѓајќи на подот. Марко го најде сплескан под нејзиниот
задник.
Кога најблиските на Бети го спуштаа в земја ковчегот со мајка ù и гулабот,
таа си помисли дека закопуваат вреќа со компири - така ù беше полесно.
Вечерта седна пред компјутерот и на илузионистот му ја напиша својата
приказна. На Сендмен му се стркала солза по образот кога го прочита
писмото на Бети, ù вети дека ќе ја посети на есен кога компирите во дворот
ќе бидат стасани за откопување.