т:темплум  


2007:мај/јуни
жанровски конкурс


с:стојаноска габриела




 

р:разговорот на близначињата

“Тешко на земјава што не крепи“.
Да, тешко на Земјата што не крепи. Многу и е тешко на оваа планета со нас, со човечкиот род. Но, тоа и е даденост, зададеност. Задача која ја врши молкум и прецизно. Со милениуми. Тоа и е судбина.
Па, кога и е толку тешко, што не се ослободи од нас? Што не држи на неа? Нека го заниша големиот грб, нека се почеша и нека ни направи: Метла! Или уште подобро: нека земе залет и одеднаш нека закочи, па да излетаме од неа како рој проектили... Зошто не врзала за на век со гравитационата сила?
„Лето - проклето. Жешко – тешко“. АнаМарија пегла, поти и се бриши. И доаѓа да се слече угул гола и така да пегла. Одвреме навреме ја крева главата за да види што прават разголените газиња кои претаат и непрестано гугаат на широкиот брачен кревет „Нешто многу се расприкажаа, утоп ќе се сторат“. Ја остави пеглата на страничниот дел од штицата за пеглање, исправена за случајно да не ја изгори навлаката и се качи на колена на постелата. Испотените перничиња ги сврти со сувата страна нагоре, а потоа ги преврти на стомак двете тримесечни бебиња „Ајде сега да се челичите малку, главите горе!“ и, иако некаков магнет ја влечеше да се преврти и таа на креветот, се одвлечка назад до врелата пегла и купот пресушени алишта.
Гугуче, гугуче, а гугу... а гу... Малку е потешко вака да гугаме кога .главата ми паѓа постојано и се закопува в перница небаре сум ној. Што сакав да ти кажам, а за Земјината тежа...
Ма каква гравитација, какви бакрачи? Да зависеше таа сила од неа, од Нејзината Тежа, таа одамна ќе се ослободела од луѓето, уште од времето пред Потопот, пред Железото, пред Ледот, пред Експлозијата... и пред Прапотопот, пред Пралавата, пред Пракаменот, пред Прапрашината, пред Пратишината... пред Пра... Пра... Прашањата...
Мислиш?
Па, да. Ние сме ја врзале за на век неа. Тајната е во силата и тежината на нашите мисли. Мисли без крилја, осакатени ограничени оловни мисли. Во нивниот негативен набој. Колку покусогледи, поплитки, помрачни толку потешки, толку полепливи, закотвени во неа. Толку поприземни. Со сета материјалност во нив само условно можат да се наречат мисли.
Знаеш дека имаш право. Ако погледнам назад, до кај што се сеќавам, гледам иста приказна. Плетеме и отплетуваме, плетеме до бескрај, огромни ортоми, дебели, цврсти. Со нив се врзуваме, се замотуваме убаво околу некое парче земја, куќа, или двор, двор со бавча, со автомобил или со базен, околу родно дрво или мермерен рид, или нафтено поле, или спид, без стид, без вид.
Е да. Тие јажиња ти се, да речеме, како мрежа на нова кошаркарска топка во која уловената Земја одвај може да се движи, само се прпелка и никако не е спремна за игра. А кога тие мисли би биле сосем спротивни од тоа што се, со поинаков вид магнетизам, со леснина немерлива со ниеден инструмент, таа мрежа би се отворила и би се претворила во некаква космичка трамбулина од која би се одбила и отскокнала и Земјата и луѓето на неа... замисли: секој во сопствен правец и секој ослободен од секого и сешто.
И секој, лесен како никогаш дотогаш, би долебдил до кое било место во вселената и би започнал нова неоптеретена цивилизација. Колку би било убаво да се родиме некогаш на такво место?
Влегува Христијан и без да погледне во АнаМарија клекнува покрај бебињата:
А бе кај сте багабонти едни? Кај сте сонца на тато? Што ве свртила вака мајка ви? Ко риби на суво. Ајде горе. Ајде во хор, ајде а гууу, а гу, а гау гау...
Гу-гу... аггг, аг, а-гу, а гууу...
- Што направи? Ги плати сите сметки?
- Ај не ме трујај сега, не почнувај за тоа. Знаеш и колку беа, и колку имаме... Кај можам да ги платам сите сметки? Не ми стасуваат ни сто животи. Ајде буцки: агу, агу-гу, агууу...
 

 




 

e:eлај си брат!

Цел џган не има околу тебе. Затната ти е собата. Генерации и поколенија. Мажи и жени. Деца и плачки, играчки и старци. Околу секое столче плешиме по деветмина во круг за на крајот на песната да седне само еден. Но, и тој седи цели три минути на раат. Се преполнија сите достоинствени места за одмор. В постела се туткаат по дваесет души, петшестнаесет прават падни – стани од каучот, фотелјата секој миг може да легне грбечки и да ги крене сите четири у вис. Останатите пак, се прпелаат по земја, се наддаваат нивните екстремитети над витрините, да, и се тепааат, се штипат, касаат, се кубат, кој како умее и знае но да седне барем еден момент во фиоката отворена на кратко. Па, не е лесно брат да се чека и дреме постојано укочен и здрвен во некој ќош заедно со пајаците или висејќи на некоја слика и држејќи се со сета сила за шајката како давеник за сламка. Добро е сепак, што повеќето се стари и искусни лебдачи, па се држат до горната половина на собата чија граница ти врви на два-три милиметри над темето. Тие, горните, отсекогаш биле во подобра позиција. Ем те гледаат одозгора и се потсмеваат на твојата гола ќелезанка, ем понекогаш те задеваат скокоткајќи ја и си прават сеир додека те принудуваат да се чешаш до крв и притоа да си скубнеш уште некое од оние малку влакна што ти останаа. Да знаеш, секогаш кога ќе ти се причини дека си се сетил нешто, тоа тие ти плукнале в уво и ти чукнале на главата како на лубеница која сеуште не е доволно зрела, но ќе биде некој ден. Во овој живот, изгледа не , но ... што да ти кажувам...
А ние ваму здола, а бе страшна работа. Голема смрдеа! Добро бе брат, зошто не си ги миеш нозете пред спиење и фрли ги веќе еднаш тие одвратни влечки, ај што не соцапа туку и не угуши. После сакаш мирно да спиеш. Па кај ќе спиеш кога мораме да ги префрламе твоите копита де поваму, де потаму колку што може подалеку. А ни требаат колку што може поблиску. За знакот. За сигналот. Ништо, семафорот не ти работи. Ни климатизерот. Толку многу ни е жешко во твојава постела со болна пот што ни доаѓа да те истуркаме до работ и да те витосаме под кревет. Само жал ни е, ќе ги потисне тој труп ситните душички кои спијат долу, точно под твојот смрдлив газ.
До кога вака брат? До кога ќе не собираш? Што душа ќе беше тоа? Душа што сите не слуша. Арно ама, ем не слуша, ем не не слуша! Душа бери-душа! Душа вади-душа! Нозете ти отрпнаа од трнки, од морници, мравите веќе не те полазуваат, туку и низ крвта ти пливаат, трески те тресат, струјно коло те дрма, но умот ти спие, пат не ни отвора. Пат ни се затвора! Се виде веќе, нема друго чаре. Ајде брат, пушти душа!

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања















































































































 

  д:дома