2007:мај/јуни
општ
конкурс
с:станојески
данаил
г:години:18
п:професија/интереси:немам/
филмови, спиење
н:нешто за себе:сакам прошетки по плажа, да гледам
како врне и разговори со драги личн... не!
thebadabing@gmail.com
с:суви
се рацете на Михаил
Михаил работеше во
фабрика за куки. Ги одржуваше машините што ги правеа куките. Добиваше
добра плата и со парите жена му знаеше да се занесе купувајќи многу
работи, трупајќи го домот со мебел и украси. Михаил знаеше дека куките
стоеја во кланиците и во месарниците, а во посиромашни времиња на нив
висеше помалку мртво месо.
На дваесет и седми, само што го заштрафи А22 во периферниот дел Ц30, доби
повик на мобилниот. Токму тука клиновите се виткаат во куки. Го бараше
жена му.
- Купи млеко кога ќе доаѓаш.
- Добро.
- Ама обезмастено!
- Да. Добро. Еј, морам да одам. Чао.
Потајно чекаше вест за масовно труење, некоја кука во некоја месара била
лошо слиена, пуштила олово во месото. Умреле дваесет сираци. Или така
нешто. Загарантираниот квалитет на парчињата вешто направена легура го
направи своето и таква вест не стигна. Сираците беа живи, но затоа
пладневниот ручек во блиското ресторанче со колегите беше интересен од
слични причини. Разбра дека еден друг негов колега, кој веќе отсуствуаше
со месеци, има Алцхајмерова болест. Не смееше да се насмее на умирањето на
нечии спомени. Колегите очекуваа да каже нешто, но тој им врати
едноставно, покривајќи си ја устата со дланката, а погледот го
дефокусираше од нив, кон ѕидот со понудата на денот. Ох, имало гулаш.
Примети уште нешто. Рацете му беа посуви од порано. Чудно колку работи
осознаваш кога ти е непријатно. Во вакви ситуации, Михаил претпоставуваше,
луѓето оставаат поголем бакшиш, но беше крај на месецот, плата ќе имаше
дури од следната недела, па убавата келнерка со црвениот кармин остана без
напојница.
Паузата денес беше скратена и сите работници се собраа на паркингот на
фабриката каде што фин климатизиран автобус ќе ги носи во градот. Во
големата овална сала во зградата на компанијата имаше презентавција. Тука
важните заедно одлучиле дека е дојдено време да се спојат со друга
одредена компанија која произведува ладилници за месо. Денес се’ ќе им се
објасни на вработените.
Ревносниот презентер, најверојатно најмен посебно за пригодата со големата
насмевка и своите навистина бели заби кажуваше колку овој потег е значаен.
Розевата вратоврска задоцнето ги бркаше неговите кратки, брзи движења.
Можеби сето ова ќе станеше значајно и за Михаил, доколку не беше толку
фасциниран од сувотијата на своите предвреме остарени раце, од нивните
брчки и бајатиот мирис што го попримиле од којзнае-зошто парфимираните
лубриканти за машините. Еден човек, кој седеше четири реда пред него,
дигна рака иако сеуште не беше ред за прашања.
- А која е поентата?
- На што? – се насмевна презентерот. – Ладилниците се идни...
- На презентацијата. Поентата. Знаеме дека ќе има спојување веќе цела
година.
- Ах., поентата, поентата! Па, да се запознаат сите подеднакво со
планиранато спојување и...Гледај на тоа како ... Знаеш, мотивирање! И
фокусирање!
- Мотивирање и фокусирање. Супер. Ме одвлечкавте од ручек за мотивирање и
фокусирање. – незадоволно промрморе човекот додека седнуваше.
Михаил ќе се насмевнеше, ама имаше едно гадно чуство и слики во главата на
оган, пламења кои не можат да ги изедат ладните бетонскиве ѕидови од
истава зграда. Му се виде непобедливо. Ништо не гореше. Тука кај што
седеше, во задниот крај на салата, ги триеше предвреме осушените дланки и
чекаше човекот со голема насмевка и навистина бели заби да заврши. Сонцето
го биеше на тилот.
Една убава девојка се качи на подиумот да го открие постерот со новото
лого на компанијата. Михаил, ја навали главата, за прв пат забележувајќи
го тупето на раскезениот презентер. Слушна шепотење до себе.
- До мене е, или презентацијава е досадна?
Следеше поткашлување и ја сврте главата.
- Јас сум Петар од маркетинг. Вие? – кажа истиот човек кој беше дебел со
мустаќи.
- Михаил..
- Мило ми е.
Се ракуваа.
- Сакаш да одиме да земеме кафе? Има апарат пред салата.
Во лобито, до машината за кафе, Петар продолжи
- Извини за таму, не мислев дека презентацијата е лоша. Туку, знаеш де?
Инаку, што работиш ти тука? – кафето го држеше бизарно, колку што може
бизарно да се држи пластична чашка. – Нема да пиеш кафе?
- Не. Грдо е... Работам во фабриката, подмачкувам машини.
- Аха.
Обајцата погледнаа во подот. Михаил го примети грдиот, црвен, синтетички
тепих. Во канцелариите во фабриката имаше ист ваков, грд, црвен синтетички
тепих.
Михаил сам почна. Чуствуваше притисок во главата и сакаше да го заќути
зборувајќи.
- Кажи ми Петар, како планирате да ја рекламирате нашата гордост следната
година? Со новото лого сигурно ќе има и некој слоган.
- Па добро, знаеш не се куките за вакво де. Купувачите сакаат претежно да
ги знаат техничките спецификации, мислам куки се де, нема некоја потреба
разбираш? Куки, се става месо на нив. –малку збунето, но низ смеа го
заврши образложението..
Луѓето почнаа да излегуваат од салата. Иднината е сега. Куките и
фрижидерите заедно.
- Те разбирам. – кисело се насмевна Михаил. – Петар, јас одам.
Сакаше да излезе од зградата, но не издржа. Влезе во тоалетот до излезот.
Години отрови, потиснат гнев и се’ останато побрзаа од устата и завршија
во чистата, репрезентативна шолја, која го потсетуваше на чистото
репрезентативно лице на човекот со навистина бела насмевка, розева
вратоврска и тупе. Престана да биде горко. Избистрен, исчистен од
сиво-жолтата маса, остана гнев.