2007:мај/јуни
општ
конкурс
с:станоевска жанета
г:години:52
п:професија/интереси: преведувач
н:нешто
за себе:имам чувство дека сум најстара од сите посетители на сајтот
stanojeska@yahoo.com
с:соседи
Јас и мојата пријателка
Зоја пиевме кафе во дворот пред нејзината куќа и слатко муабетевме. Малку
понатаму, нејзината мајка переше алишта во пластично корито поставено на
дрвено столче. Иако тие одамна имаа машина за перење, таа немаше верба во
нејзината ефикасност, па упорно првин ги переше на рака пред да & ги
довери на доработка. Татко & Никола, нешто чепкаше во цвеќињата кои растеа
во леата крај ѕидот што ги делеше од соседниот двор. Одеднаш, еден
невротично пискав женски глас кој доаѓаше од другата страна на ѕидот, ја
наруши оваа идилична атмосфера.
-Што сте се развикале таму? Не може човек од вас да одмори!
Ние зачудено се погледнавме зашто навистина никој не викаше, но чичко
Никола, очигледно искусен во вакви провокации, веднаш реагираше:
- А вие, во двор ли преспивате?
-Во двор, ами како! - се надоврза сосетката- откако отворивте прозор што
гледа во нашата спална, не можеме да се почешаме од вас!
-Ти цел ден зјапаш кај нас, затоа сите манџи ти се загорени! -зајадливо
константираше таткото на мојата другарка. Разнишана од овој низок удар,
таа побара помош од сопругот, кој очигледно беше таму некаде, но не сакаше
да учествува.
-Што ќутиш, бре ти? Јадат трици дека сум недомаќинка, а ти како да си
фатен во устата! Кажи му што мислиш ти за жена му!
Несреќникот кој го венчал пискавото суштество молчеше, или, пак, она што
го кажа за да не го навлече гневотна себе, беше толку тивко што не го
чувме. Сосетката продолжи да везе монолог од неповрзани навредливи фрази,
па јас и пријателката престанавме да слушаме и продолживме со нашата тема.
Неколку минути потоа, вниманието ни го привлече гневниот глас на чичко
Никола кој стоеше речиси залепен до ѕидот и зборуваше со високо крената
глава нагоре, веројатно за да можат зборовите полесно да се истркалаат на
другата страна.
-Аман веќе! Ми ја направи главата тапан! Доста ломотиш, чанто ниедна!
-Слушаш? Ме вика ташна! - вресна хистерично сосетката , очигледно
неупатена во метафоричното значење на зборот. Ова предизвика гласна смеа
на нашата страна од ѕидот што за неа значеше поен во наша полза и сигнал
да помине во офанзива. Камен од средна големина, придружен со китка грозни
зборови, падна неколку чекори до нашиот борец. Тој потскокна стаписан, но
ја задржа присебноста на духот и не изусти ни збор, за да не му ја открие
на непријателот својата позиција. Потоа, отрча до шупата и се врати оттаму
со црево кое брзо и вешто го приклучи на чешмата, па го насочи силниот
млаз преку ѕидот.
- Убаво ми ги навади доматите! - иронично прокоментира сосетката.
Не предавајќи се веднаш, чичко Никола потрча уште малку долж ѕидот со
високо кренато црево, а потоа го фрли на земја оставајќи го да тече и се
втурна во куќата. Веднаш дотрча назад со радио-касетофон, го приклучи на
продолжен кабел и пушти неподносливо гласна музика. Тогаш, победоносно
седна на масата со нас за да ужива во тирадата од сега веќе неразбирливи
клетви кои бесцелно паѓаа во дворот, заедно со с# поситните камчиња.
Откако заврши со перењето, мајката на другарка ми која цело време беше
индифирентна спрема оваа мини војна, се појавуваше во дворот за да затресе
некое куќно крпче и пак ја снемуваше внатре. И, сега кога беше неизвесно
која од завојуваните страни прва ќе ги загуби нервите и ќе се повлече, таа
се појави со израз на крепостен мудрец, па за да не мора да ја надвикува
громогласната музика, само покажа со прстот на својот рачен часовник.
Чичко Никола срипа како попарен, го исклучи радиото и изјави: - За малку
ќе заборавев, зет ми ме чека на шах.
По неколку минутки протрча покрај нас со сламеното шеширче на глава и
излезе од дворот бучно затворајќи ја портичката. Гласот од другата страна
на ѕидот стивна.