т:темплум  


2007:мај/јуни
општ конкурс


s:she




 

ц:црната мачка

Се тегнев во кревет откако ме подразбудија сите можни варијанти на домашни тропања и се обидував да се убедам да ги отворам очите за почеток на новиот ден. Полека, полека, се осмелив да ги отворам кога видов мачка до мојот кревет која ме гледаше со дречливо зелени очи. Ја погалив па се потегнав уште малку. Се свртев и пак ја погледнав мачката и сфатив дека не е мојата. Оваа беше скроз црна, мојата беше сиво-бела, не знам како сум можела да ги измешам. Сепак, не се чудев премногу, се излежував уште некое време мижејќи и отворајќи ги очите од време на време.
Си спремив корнфлејкс и чучнав пред телевизор да видам што има, а мачката полека со познатиот мачешки од дојде до мене и си чучна и таа. Мислам дека сериозно ја забележав кога тргнав за на факултет а таа одеше по мене, грациозно следејќи ме со тие чудни дречливо зелени очи. Ми се виде интересно, не се прашував од каде се појави, туку зошто ме следи.
На предавање седна на масата до мене, ама уште почудно беше што ниту еден професор не промр’чи зошто има животно на неговиот час. Некој од колегите ме праша нешто за материјалот на што бев незаинтересирана да одговорам, па го прашав како му се допаѓа мојата црна мачка, а на тоа тој ме праша на која мачка мислам.
Дури тогаш дојде моментот кога сфатив дека јас сум единствената што ја гледаше мачката. Отидов да пијам вода, таа беше до мене, отидов во читална, таа пак седна до мене. Избегав во кабината во јавното вц и таа наеднаш се појави таму. Почна да ми станува чудно и морничаво, па наместо на останатите предавања си отидов дома.
Цел пат го поминав во брзање и повремено вртејќи се назад да видам дали мачката оди зад мене, а таа секогаш беше таму, мирно следејќи ме. Не знаев што да правам ниту како да се ослободам од неа. Сè што ми изгледаше интересно на почетокот, сега престана да биде смешно. Се чуствував како некој да ми го окупира просторот и сака да ме загуши иако сè што таа правеше беше едноставно следење на мојот чекор и гледање со тие чудни дречливо зелени очи.
Си легнав уште пред да се стемни сакајќи да не ја гледам, но таа беше таму, во секој агол од моите мисли, од мојот сон. Се вртев на секое нејзино појавување и на секое будење ја гледав до мојот кревет каде што директно ме гледа во очи, пореална од сè што сум можела да замислам. Беше една од најдолгите ноќи што сум ги проживеала во вртење, превртување, мижење и будење и конечно и ставив крај околу изгрејсонце кога станав целата препотена од загриженост.
Се почуствував како Раскољников. „Па јас не убив никого!“ си помислив. Размислував цело време, кроев филмови, крпев сеќавања, правев ретроспектива на целиот мој живот. „Што сум згрешила за да го заслужам ова прогонување?“ се прашував како да сум најголемата жртва на светов. Мачката седеше до мене и како да ми ги ставаше тие мисли во главата со тој нејзин ужасен поглед. Не можев повеќе, мислев дека полудувам, всушност, сигурна бев во тоа. Во истата состојба преседов три дена, седејќи во згрчена состојба на мојот кревет, грицкајќи го ноктот на десниот палец и гледајќи во една точка во подот, така што таа да не влегува во видното поле. Но, знаев дека е таму, го чувствував нејзиното црно присуство со дречливо зелени очи и не морав да ја вртам главата за да го докажам тоа.
Тогаш, ѕверејќи се во аголот на подот, се сетив и престанав да го грицкам ноктот. Не знаев дали е тоа вистинската причина, но вредеше да се обидам. Се облеков на брзина и со мачката зад моите петици, конечно отидов да му се извинам.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања










































 

  д:дома