т:темплум  


2007:мај/јуни
жанровски конкурс


п:павлова слободанка

 

 



 

м:мац, мац

Имам слушнато дека мачките бараат места со негативна енергија. Ќе ја почуствуваат, ја следат, ја зграпчуваат и уживаат во неа. Нашата куќа беше опкружена со мачки. Стотици. Цело време. Како што негативната енергија се шири, мачките си се раскомотуваат. Дрвјата во нашиот двор беа преполни од поспани мачки, кои изгледаа како да растат на гранките место јаболка или кајсии. Слободно можев да си наберам мачки и немаше да се бунат, но немаше потреба да берам од дрвјата, имаше уште мачки на патеката, помеѓу цвеќињата или околу моите нозе. Секој од нас привлекуваше мачки дома. Какви гении бевме! Знаевме дека мачките се паметни животни, па не можеш цело време да ги привлекуваш на ист начин. Си создадовме многу начини, посебно, не соработувајќи еден со друг. На почетокот се поделивме во две групи по двајца. Мина и Иван беа во прва група, а јас и Давид во втора. Секое утро, првата група ќе почнеше ја нарекува втора група со погрдни имиња како морони, гибитници, свињи или дебели копилиња. Тогаш се појавуваа првите седумнаесет мачки. Во почетните фази на привлекување мачки, Јас и Давид секогаш молчевме и никогаш не возвраќавме на навредите, само ја зголемувавме одбивноста кон Мина и Иван, тивко посаќувајќи да ги снема од нашата соба или, кога не бевме толку скромни, да ги снема од светот. Тоа беше нашиот начин на привлекување 24 мачки. Валкани мисли. На група еден не им беше јасно од каде доаѓаа овие 24 мачки, мислеа дека само тие имаа право да привлекуваат мачки и не треба никогаш да ни се извинат што први почнале со привлекувањето. А толку многу го посакувавме тоа извинување и страдавме од толку многу мачки во толку мала куќа која стануваше се потесна и потесна, па мачките мораа да си најдат други места за раскомотување. Единствено празно место каде што се уште можеа да се сместат мачките беа умовите на членовите од двете групи. Ни ги окупираа и умовите. Најчудно од се ми беше што никој освен нас не можеше да ги види мачките. Се прашував зошто тие беа невидливи за соседите или пријателите. Можеби затоа што штом ќе се сретневме други луѓе, или некој случајно ќе наминеше кај нас, стотина мачки брзо ќе ни се напикаа под облеката и остануваа таму се додека повторно не останевме сами. Се’ уште се прашувам како луѓето никогаш не забележаа ништо невообичаено под нашата совршена надворешност.
По седум години наидовме на проблем со поделбата во групи. Иван умре. Помислив дека можеби сега неколку мачки ќе си отидат. Иван секогаш не’ вознемируваше и бараше премногу. Секој вторник и четврток, кога Иван се враќаше од хемотерапија се појавуваа нови 73 мачки. Другите денови имаше 73 мачки помалку. Згрешив.
Знаев дека не е фер спрема Мина да нема партнер, па сега се поделивме во три групи со по еден член. По само една година од смртта на Иван, јас Мина и Давид почнавме да собираме по 1024 мачки на ден, што беше двојно повеќе од порано. Генијалци! Да, сите ние. Пронаоѓачи! Пронајдовме нови, уникатни начини за привлекување на мачки. Кога Давид ќе пуштеше силна музика, а јас учев, пристигнуваа 67 мачки, кога пушеше во мојата соба – 2039, кога бараше пари од Мина – 243, кога Мина ќе заборавеше нешто што трипати сум и’ го кажала и ќе ме прашаше пак – 375.
Другите се’ уште не забележуваа ништо. Како беше тоа можно, не знам. Сега имаше илјадници мачки по нашата облека, но не седеа мирни, гневно се движеа, па скокаа, ни гризеа од месото, не гребеа по кожата. Никогаш не предеа.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања













































 

  д:дома