2007:мај/јуни
општ
конкурс
п:павлова слободанка
т:таа
-Нејзината вечна
насмевка:
Нејзината вечна насмевка се протегаше на само едена см од нејзиниот нос, 2
– 3 см оддалечена од брадичката и на околу десетина см од ушите. Нејзината
вечна насмевка беше неуморна, толерантна, заслужена и незаслужена.
Претерана и предолготрајна, некогаш гласна и продорна, некогаш тивка и
сталожена, незаслужена, вечната насмевка беше најголемиот кодош од целото
нејзино лице, вечно ги откривше забите, некогаш и долната и горната, а
најчесто само горната вилица. Нејзината вечна насмевка беше широкограда,
подарувеше бесплатно сонце од утро до вечер, незаслужено. Како дипломиран
актер или институиран лудак, вечната насмевка вешто и вечно ја криеше
вистината, таа, вечно-насмеаната, не беше среќна.
-Нејзиниот голем нос и продорните сини очи:
Нејзиниот голем нос беше приоритетниот дел од лицето што се забележваше
при нејзиното секојдневно влегување во автобусот. Сместен помеѓу
напудрените образи над насмевката, сериозно љубоморен на секојдневните
коментари што ги добиваа продорните сини очи, нејзиниот голем нос сериозно
размислуваше за скок од лицето, за самоубиство или барем за мало одсуство
од целата непријатна ситуација на добивање помала вредност од очите. По
двомесечна диазепамска терапија самоубиствените мисли беа заменети со
долги шишки под кои носот се сокри како во некој бункер среде војна. Преку
ден се криеше под шишките, а навечер излегуваше да наслушне дали пофалбите
за сините очи се заменети со загржени прашања за неговото ненедејно
исчезнување. Кога и да излезеше, ситуацијата на лицето остануваше иста,
среде ѓубриштето од голем нос, искривена уста и предолги шишки, продорните
сини очи се перчеа пред воздишките на нивната блескавост. На крај заклучи
дека, тој си е онаму каде што треба да биде и дека всушност очите случајно
залутале на нејзиното лице, давајќи му малку сјај на целото купче отпад.
- Ушите:
Ушите и беа најпребирливи од целото лице, аутсајдери. Бираа друштво, па
никако не комуницираа со очите, сметаа дека немаат заедничка тема на
разговор. Очите беа глуви, а ушите слепи и навистина немаше за што да
разговаррат, она што очите ќе го видеа, за ушите беше непознато и обратно.
Не само што ушите бираа друштво, туку бираа и звуци што сакаат да ги
пропуштат. До пет годишна возраст беа под сомнение дека се аутистични, а
коктелот од народна музика со забавен текст ја враќаше истата аутистична
параноја кога ќе се обидеше да помине низ нив. Еднаш кога очите се обидоа
да воспостават пријателски однос со ушите, преку морзеовта азбука им
објаснија дека звукот од коктелот е всушност попријатната страна од
целината, а дека сликата е таа која вистината ја претвора во повраќаница.
Тогаш, аутистичнте напади станаа почести, а ушите уште поцврсто решија
дека ќе бидат најбезбедни ако си останат сами во својот свет.
-Лицето:
Како мешавина од форми со различни карактери и изгледи, лицето достигна
еден вид на привидно скоро-совршенство. Мразеше огледала. Во текот на
своето постоење секојдневно работеше на остварување на својата цел –
изградба на мултикултурна заедница на својата територија. За малку и ќе
успееше ако сите делови немаа различни погледи кон животот. Носот, кој
секогаш беше песимистички расположен велеше дека смрдеата од таканречениот
живот може да се почуствува на целата површина која им беше доделена за
опстанок. Се согласуваше со планот за мултикултурна заедница под услов
очите да не бидат вклучени. На ова очите одговорија со благ, блескав
поглед и први беа примени во заедницата. По ова, лицето се ислплаши од
можниот неуспех на заедницата и веднаш го испрати носот на пластична
хирургија во одделот за промена на ставот кон животот. Со најновата
ласерска технологија ставот кон животот му беше променет за само три часа.
Веднаш по излегувањето, носот изјави дека животот мириса на пролет, на
трендафили и лаванда, со мали примеси на кашмир и еукалиптус, секоја
средба со животот е возбудлива мешавина од свежо црвено овошје кое
освојува со нотите од роза, љубичица и свежа праска.
с:секогаш е така
Секогаш е така. Долго
време пред тоа прифаќам. Не предвидувам дека ќе биде тешко. Гледам од
едната страна. Мислам на успехот. Би го постигнала. Немам врема да
помислам на неуспех. Нема ни потреба, нама ни да има. Сигурност.
Стопостотни позитивни мисли. Далеку е. Има време. Се фалам наоколу. Ме
гледаат толку сомничаво. Каква решителност. Тие не би можеле. Само така
мислите – ги убедувам. Ладнокрвност. Јас. Зачуденост. Тие. Добро де, три
месеци е. Во октомври се враќам. Да, ама летово. Испити. Има сесии. Во
февруари сум тука. Има и други. Нема време. А зборови? Англиски од домашни
говорители. Имаш CNN. Не можам по цел ден. Имаш Animal Planet. Не ме
зафркавај. И мене ми е тешко. Да, дури и мене – замисли. Мене. Почнува.
Веќе нема толку време. А кога имало? Денес 30 март ли е? Не. 10 мај. Леле,
кога? Би купила време. Се друго е илузија. Не веруваш? Постави прашање. На
најубавиот. Дечко извини, 24ти октомври. Февруарски поход. Гледаш. Во
право сум.
Читање книги. Сакам, да. Прочитав се. Се до кое дојдов. Признавам. Се
освен лектирите. Па после немало време. Има, само не колку што сакам.
Спијам. Пишувам. Ја сакам тишината. Месечината е интровертна. Па што. Ете
преживеала толку време. Јас се менувам. Уште малку. Еден месец не е малку.
Да, а кога помина април? Јуни е блиску. Имаш време. Немам. Не сакам да
одам. Зошто? Не знам. Три месеци е. Ќе одлетаат. Да, за тебе. Времето брзо
минува под климатизерот. Не ме потсетувај. Лето е. Срање. Мразам лето.
Сонце. Загушливост. Алергијата! Бљак!!! Кога тргаш? На 21ви. Виза. Немам
уште. А да не добијам? Ќе имам изговор. Нема да биде тoгаш до мене. Не сум
се откажала. Не сум се предомислила. Не ми дале виза. Супер. Ако кажам
дека тетка ми е таму? Дека одам по долари. Главна цел. И ќе сонувам за
виза. И лето под климатизер. Одлично. План. Интервју. Можеби следната
недела. Чекам меил.