2007:мај/јуни
општ
конкурс
и:ина
н:ниту црно,
ниту сиво, а далеку од бело
Нешто малечко, ниту црно, ниту сиво, а далеку од бело, удира по сé она
околу него. Ударите се слаби и плашливи. Иако сé што сака е да бидат
смртоносни.
Кога некој ќе ги забележи и ќе се побуни, тоа малечко, ниту црно, ниту
сиво, а далеку од бело, се обидува да ја поправи штетата со сервилност.
Единствено за да може повторно да удри. А, оние кои му опростуваат за
нанесената болка ги мрази. Повеќе од оние кои му ги возвраќаат ударите.
И верува дека ќе престане да удира штом ќе пронајде боја која би го
одредила. А, можеби ни тогаш. Којзнае...
Сепак, мило му е (или пак не) што се запознавте. Тоа е мојот личен
Салиери. Живее некаде помеѓу желудников и беливе дробови.
Каде живее вашиот Салиери?
п:портокаловиот
пат
Неговите предци живееја некаде во југоисточна Азија, а тој се роди во
Бразил. За разлика од нив, имаше поблаг вкус и подолг животен век кој се
должеше на слабата (нагласувам, слабата) радијација комбинирана со новите
хемиски раствори.
Детството го помина на една плантажа, и беше среќен поради тоа што на
малиот Луис Фернандо не му беше дозволено да скине ниту една овошка од
многубројните дрвја. Но, затоа пак, Нандо во секое време можеше да ужива
во вкусот на пилешки копани со посебна арома и заводлива сочност, кои беа
резултат на хормон за раст и разни антибиотици.
Сепак, не остана долго на плантажата, туку доби ретка можност да патува
низ светот во еден голем брод. А, фактот дека сместувањето на бродот не
беше баш најудобно ќе го занемариме.
Но, како и на секое патување, и на ова му дојде крај. Последна дестинација
беше земјата за која никој не знаеше дали всушност припаѓа на континентот
Европа (иако постоеја многу индиции кои укажуваа на тоа).
Се запознавме завчера на еден од пазарите во таа земја. Посредници ни беа
дете и три книжни банкноти. Јас одбрав да го наречам Портокал, иако ми се
претстави поинаку.
Сега се наоѓаме во мојот дом и сме еден наспроти друг. Усниве ме молат да
ја вкусам благоста на Портокал но, неговата животна приказна ме спречува.
Знаев дека не треба да ја слушам неговата исповед. Истата ме присилува да
мислам. А можев едноставно да јадам.