т:темплум  


2007:мај/јуни
општ конкурс


г:гошевски душко




 

б:белешките на еден луд правник

Пред некое време примив правен совет од Фичо, комшија социјалец, во претодниот живот бил вработен во ,,Водовод,, . Не ми беше важен толку советот, не ми беше понижувачки обидот на оваа сирота душа да се надвие над некого и да му попува. Но не смееше да ми задира во она во што сум најдобар, прв шампион. Но ме иритираше и нервираше смеењето и крескањето на црниот облак кој веќе подолго време ми врнеше несреќи, неретко и грмотевици. Аде да раскажам прво нешто и за црниот облак па потоа да ги соединам овие две приказни.
Црниот облак таа несреќа веќе неколку години е со мене, мој верен продружник, компањон во вистинска смисла на зборот. Постојано е со мене, односно над мене, никогаш, ниту еднаш за сево ова време не ме напушти, посебно во некои реткосветли моменти кога можам да намирисам пристојност и малку човечност. Тогаш на сите звона расгласува, еве тука сум, подобро истави се да не ти напакостам, да не те сотријам, што ме заборави?, Не мој драг губитнику јас не дозволувам да прејдеш кај нормалните, сакаш бело облаче?, Ти ќе скапуваш, очаен си прекрасен, ти кој најдобро знаеш што е среќа, радост ќе гниеш во темнината на човековата несреќа, знам дека сакаш да те прегрне топлата пријатна пазува на љубовта, но единствено може да те прегрнат двете пазуви на дебелиот задник со арома на твојата смрдливата судбина.
Фичо пак, кој имаше далеку поголем облак од мојот, иако не толку лут, со неговата смешна арогнтност ретко имаше проблеми, освен неизбежните егзистенцијали, поврзани со преживувањето .Тој дури и им се допаѓаше на оние над кои се обидуваше да го воспостави својот беден авторитет, тие се смешкаа, тој освојуваше невидливи за другите ,но за него поданици, вработени, војници па дури и гласачи. И не би се занимавал, со неговиот умоболен карактер дококу и јас не додов на дневен ред во неговата шзофрена агенда.
Седевме на заедничката тераса, гледавме фудбал, конечно на близнаците долу им се посреќи да украдат телевизор. не им дозволивме да го чуваат дома, од ненадеен претрес. Седевме гледавме, пцуевме и пиевме, одлична вечер.Сето време додека траеше натпреварот, покрај досадниот коментар на спортскиот новинар моравме да го слушаме и плиткоста на фичо и неговите излети и обиди да ни ја долови од дург и поблизок агол убавината на оваа игра. единствените мунути задоволство кои и ги имав неделава континирано ги убиваше со додавање незрели коментари.
часовникот на моето трпение беше околу пет до дванаесет кога Фичо, кој го допиваше шестото пиво застана меѓу мене и телевизорот.Неговата опсервативна мисла очигледно беше одамна замостена инаку секако ќе го приметеше безмалку убиствениот мој поглед. Дури и другите кои седеа до нас почувствуваа дека саатот на Фиџо многу брзо отчукува, па и тие почнаа нешто да стенкаат, да мрчварат околу очигледната негова сегашна и моја идна непресметливост и неправилно расудување. и во таа мешаница околу оправданоста за моето идно нокаутирање на Фичо проследено со лесни а без исклучување и на тешките телесни.
Расправијата беше во полн ек, двајца стоеја крај Фиџо, еден зад мене а јас молчев. Во тој момент Фичо застане пред двајцата кои го држеа и ме посоветува да си најдам адвокат затоа што тој ќе ме тужел за навреда и клевета. Тенџерето на капакот почна силно да пишти и јас громогласно, силно гестикулирајќи побарав пауза од петнаесет минути додека да се снабдиме со потребните законски материјали и пиво, јас тргнав по првото а едниот од близнаците по второто.
По паузата јасно им ги претставив одломките кои се однесуваа на посочениот наводен деликт по што се разви бурна расправија по фактите. се течеше добро, пивото најмазно од се кога Фиџо стана и незадоволен од вака поставената фактичка состојба, не ги превзема вообичаените дејствиа што му стоеја на располагање и наместо да се жали преку редовните и вонредните правни лекови тој излезе од процедурата и направи преседан.Тој како што веќе реков не ја прифати вака поставената фактичка состојба поради најбанален факт - недоволна стручна спрема на противникот, Т.Е мене, по што беше направен преседанот односно прифатена таквата констатација, и ми беше сугерирано да ја прифатам и јас.
Јасно е дека удри(ја) по мене со најсилното оружје, по интимната болка што ме разоруваше секојпат кога ќе беше спомнато дека не успеав да добијам диплома и да го завршам правото.Секојпат се сведуваше на тоа. Но овојпат не можев да преминам преку тоа не кога на спротивната клупа беше една пропадната бедотија од човек.
Она, што се случи подоцна, многу добро знам дека е така се нарекува дејствие во миг, и не сум целосно туку делумно одговорен. Не сум одговорен ниту за подметнување, ниту за изгорениците од втор и трет степен.
Црниот облак се смееше, се смееше како никогаш дотогаш, се смееше со часови без прекин, додека ме приведуваа, за време на испрашувањето беше до истражната судијка( моја колешка), кога зборував со адвокатот по службена должност( истотака мој колега но послаб од мене) кај службеното возило…
Неколку часа се смееше и врескаше па се навикнав. Потоа неднаш престана, го снема.Исчезна. Потоа заврна …

 




 

п:портрет на еден жив мртовец

Во два часот изутрина, далеку од градскиот хаос, младите неартикулисани звуци и џагорот на ноќната страст, една мала уличка им го нудеше својот мир и спокој на нејзините жители .Се наоѓзше на периферијата на едн аградска населба и се уште одолевање на урбаните демони кои кога-тогаш ќе навлезеа во неа. Со мали куќи, дрвореди од липа од двете страни и неколку месни собиралишта, беше последниот бастион на некогашното маалско живеење, и оние кои живееја овде беа горди на своите домови, колку и да се неатрактивни и застарени. Уличните светилките згаснаа и речиси целата улица ја обви темнина.Речиси цела.
Горниот прозорец на една двокатна куќа остана да свети.Во малата соба седеше во фотелјата и веќе некое време зјапаше во каминот Јосиф Васинев – селедин.Лесно е да се каже дека имаше околу 54-55 години, среден раст, проседа коса и бркови. Лесно е да се каже и дека седата проретчена коса му се спушташе до рамењата, сеуште носејќи ја како спомен на едно време, бледа копија на некогашниот бурен живот кој го прокриваше и притискаше сево ова време, и кој сега го проголта. Вистинската тежинае да се проникне во неговите очи. Длабоките црни зеници, тие бележници на животот сега беа празни. Во нив немаше тага, болка, завист. Уште помалку среќа или радост. Во нив немаше ништо останато, беа испиени, пресушени. Неговиот одраз потсетуваше на одразот кои го имаа живите мртовци,убиени пред време, живи закопани. Луѓе кои го изгубиле најважното во животот, ја беа изгубиле надежта. Сега беа побројни за уште еден, Јосиф - селединот
Се уште седеше во својата фотелја, посматрајќи ја целата соба, масата , книгите по полиците, свеќата која гореше. Припали цигара. Вовлекуваше големи димови и ги пушташе нагоре кон затемнетиот лустер. Додека немо гледаше околу себе, скоро несвесен и во полу сон да го разгледаме неговиот живот односно крахот што го срози овој некогаш силен и амбициозен човек. Тој не потклекна на навредите од неговите шефови, ниту на уцените кога ја загуби работата. Со дигната глава ги работеше најпонижувачките работи. Тој не се скрши ни кога не можеше да ја школува ќерката иако претходно го обезбеди синот, и беше спремен на осуда поради тоа, колку и да го болеше. Ги губеше пријателите, стекнуваше нови. Животот продолжи и откако му ја прекинаа струјата пред две недели. Какво беше таа душа голема колку планина, и што се случи пред неколку часа за таа да го изгуби жарчето што тлееше во неа сиве овие години?
Но да се вратимена почетокот. Јосиф беше роден во блаженоста и љубовта на едно малку подобро ситуирано семејство. Среќни детски денови какви што секое дете заслужува, исполнети со игри и забава, и повремени прошетки низ тогашната голема држава. Мина незаборавни гимназиски денови во кои, поради неговата отвореност и широкоградост но и поради неговите патувања надвор постојано беше чекор понапред пред неговите врсници.Авторитативен и заводлив беше ... една среќна приказна.
Студентскиот ветер го оддува на еден сосема поинаков брег. По кратките револуционерни обиди, заплови во за него сосема нови води.Започна да задира во уметноста. Најпрво проба со сликање, доста неуспешно и самиот призна. Потоа со голем ентузијазам се обиде и во музиката, без поголеми успеси. Започна да пишува кратки раскази и повремено поетски творби, најпрво со посвети а подоцна почна и да ги објавува во неколку книжевни списанија.Иако неговите мали успеси воопшто не беа охрабрувачки, неговата наклонетост кон уметноста уште повеќе се засили. Откриваше нови правци, посетуваше секакви културни настани. Редовно одеше на театар, балет,опери вистински вљубувајќи се во нив.
Дипломирањето и бракот, а подоцна и несреќниот развод полека го оттргнуваа од претходните активности , постепено целосно да им се посвети на работата и децата.
Претходниот шематски моделиран живот продолжи да вози по шините што ги поставуваше општеството,но сега тоа беше патека на бедата, сиромашти ја и очај. Никој не можеше да се спрепознае новата состојба. Луѓе одеа по патот зборувајќи сами со себе, никој не препознаваше никого. Потресот беше толку силен што ги подмести сите пластови кои беа претходно градени.Слојот на љубовта се соедини со богатството, слојот на хармонијата се претопи во несреќата, имавме несреѓна хармонија. И низ сето тоа поминуваше Јосиф Васинев, сето тоа го пребродуваше, се до пред неколку часа.
Во последно време хонорарно работеше, поставуваа сцени. Неколкумина работеа на повик, најчесто кога имаше манифестации или отворени прослави, избори. Вчера, кога комбето ги транспортираше неочекувано нешто го растресе Јосиф. Се паркираа позади големата сцена на операта, влегоа низ подрумот. Никој не се загледуваше во изразот на Јосиф кој како мало дете шеташе со погледот лево десно. Долу додека другите работеа, тој се искачи горе на сцената. Иако немаше дојдено дваесеттина години малку што се имаше изменето. Се симна, работеше немарно. ПОчна да се наближува почетокот, тие требаше да учествуваат и во промените и во текот на изведбата. Тегобите раснеа во него, не се чувствуваше најдобро. Наеднаш извика, пред сите дека тој треба да е горе, во салата.Се расправаше со неговите колеги,го преколнуваше шефот да го пушти горе. Апсурдноста на неговото барање им беше јасна на сите, но никој не знаеше што се случува со Јосиф, инаку стабилен и сериозен човек кој еве како мало дете трчаше од една до друга страна. Првите звуци на оркестарот ги пречекаа неподготвени. Сите се стрчаа кон своите места оставајќи го Јосиф сам, гледајќи нагоре низ сцената како да може да види низ штиците. Како опиен стоеше и гледаше нагоре, ја препозна cavalerija rusticana . По две децении се врати на својата љубов која ја изневери, ја дочека во нејзиниот подрум, собирајќи ги каблите и влечејќи опрема од сцената. Не можеше да издржи и излезе надвор. Звуците сеуште одзвонуваа во неговата глава, задираа во неговите спомени. Во неговите дамнешни надежи и желби. Безброј слики му минуваа низ главата, слики кои бликаа со страст, љубов и младешка енергија.
Неговите остарени и груби раце не можеа да ги задржат солзите кои навреа Ниту еден од малкумината минувачи не можеше да разбере што ја јадеше неговата душа. Ниту еден не можеше да знае што ја гори душата на овој средовечен човек.Плачеше бесконечно дедека не пресуши. Застана и погледна ( со тој празен, празен поглед) околу него, се беа насобрале неколкумина, можеби прашуваа нешто. Да му помогнат? Дали некој може да му го врати животот? Не можат, не можам ни јас, ни вие...
 

 




 

п:повели и другпат

Никој ме немаше тепано толку многу како Кочето. Кога ќе подразмислам мислам дека сите други заедно не ме мавале толку многу пати. Ќе ме сретнеше некаде по улиците, без разлика дали има луѓе по неа или не, без разлика дали ме гледа некој од одделението и ќе ме прашаше ,,зошто сум берел праски од неговата круша,, . Откако ќе му одговорев, што и да му одговорев ќе ме расшлакаше со неговите долги раце. Неминовно. Единствено добро беше што не тргнуваше по мене кога ќе се истргнев, не, тогаш ќе направеше максимум два-три чекори ме испраќаше со добропласиран шут отпозади. Иако не трчаше по мене бегав се до аголот од некоја следна улица, не свртувајќи се не сакав да ја видам таа силуета која беше најголемиот кошмар во воето детство. Потоа Kочето се изгуби, беше некаде во странство но еднаш дојде на еден месец и тогаш иако гимназијалец јадев ќотек уште двапати. Се врати пред три-четири години. Дојде оженет со дете на пат. Кочето се смири. Од неговата круша праски береше само жена му.
Сега беше пред мојата врата, сув, испиен во лицето изгледаше како четириесетгодишник иако имаше десет години помалку. Стоеше така пред мене со молбен, страдалнички израз на кој се оддаваше сета мака која ја претргнал низ годините, суровоста на времето кое ја прегази неговата младост имаше оставено силен белег врз него.
Му реков да влезе . Одеше пред мене симнувајќи се по скалите надолу, и во тој момент мислев дали некој го има видено како влегува, се мислев дали да му помогнам да ги помине сите скали во еден чекор. Наглавечки.
Ми се разбистрија мислите кога влеговме во работната соба, која се наоѓаше во подрумот од куќата и во која ги минував деновите пишувајќи, преведувајќи, читајќи.Не знам дали беше во прашање глупавоста, разбиените рецептори за вкус и убавина или пак незаинтересираност кај него но тој не изрече ниту еден збор за мојата просторија која ја опремував веќе две години, грижливо го планирав и го поставував секој нејзин дел. Мојата библиотека, книгите наредени на темноцрвените махагонски полици, столовите и бирото од масивни дрва., каминот...
Околу час и половина ми ги образложуваше своите проблеми, беше поприлично заглавен, делумно поради незнаење а делумно поради уште поголемо незнаење.Никој не се потруди да им објасни на овие луѓе дека патот до брза заработувачка е најбрзиот пат до банкрот, ризикот кои го превземаа или не им беше посочен или воопшто не го слушаа од звукот на шуштењето на парите, од тропкањето на златните монети, тие звуци што не хипнотизираа и не држеа несвесни цела деценија. Сакав сево ова да му го истурам, многу погрубо и посилно, да го растресам, да му го истурам својот гнев преку овој канал во кој се давеше, да му ја потегнам јамката која самиот си ја ставил. Не можев. Го гледав тој скршен човек кој искрено веруваше дека ќе му помогнам, беше некако сигурен во тоа иако не наметливо, едноставно го знаеше тоа. Во неговиот поглед не можев да видам ништо од злото и пакоста која ја гледав сите оние години, но сепак тоа беше тој, страшилото на моето детство беше пред мене и јас имав шанса да го закопам. Сонував за ваква шанса, многупати размислував за начинот, како да се осветам, како ќе го згазам, уништам. А сега беше пред мене и во него не гледав дека се сеќава на нешто, на малтретирањето, на стравот со кој одев на училиште, со солзите кога ... еднаш му реков да не ме малтретира пред девојчињата после може да прави што сака. Ме држеше додека не дојдоа и потоа пред нив ми ги соблече панталоните. Знам дека веднаш потоа се разболев и не одев на училиште цела недела, а потоа како ништо да не било. Не знаев како да го потсетам, да побарам извинување, неговите проблеми беа поголеми , толку реални и толку сегашни.
Не знам како да си го објаснам ова но следните неколку денови ги потегнав сите врски, пријателства и служби за да му помогнам. Никогаш во животот не сум се заземал на таков начин ни за многу поблиски. А за него го испревртев целиот телефонски именик, четири дена се занимавав само со тоа не размислувајќи за ништо друго. Сликите од минатото не исчезнаа, беа тука цело време но некако подруги, не толку силни, некако ... дури ме поттикнуваа уште повеќе.
Беше околу осум часот, само што се беше спуштил мракот. Чекав еден документарец кој го пратев во серијал, обработки на библиските тајни и немав испуштено ниту еден дел. Звонеше звончето и излегов надвор, влезе без да праша. Беше пијан, смрдеата на лошо вино , или добро вино в лоша уста рееше низ целата соба. Седнавме во дневната, самиот си побара ракија. Надробив малку краставица и домат, молчеше за сето време. Потоа почна, почна да зборува. Oтпочеток ги поврзуваше приказните но потоа се губеше и зборуваше сосем друго. Пак го мразев но седев таму спроти него не кажувајќи му ништо, додека постојано ме тераше да се напијам и јас, јас го одбивав, по некое време пак ќе почнеше да ме тормози. Прво беше тажно незадоволен, потоа малку се опушти и почна да зборува многу посилно , пцуеше и колнеше се што ќе му дојде пред него.Не знам колку мисли ми прелетаа низ главата, што правев со него сега, зошто не го изфрлев надвор како клопче, како вреќа ѓубре што несомнено и беше. Кога ќе се сепнев тој се уште беше тука зборувајќи постојано, и чувствував како ништо да не сум испуштил од неговиот монолог. Почна и кон мене вулгарно да се однесува, ме тераше да пијам ми ја нудеше својата чаша. Станав и јас си наточив една колку да го успокојам. Пиев колку да наздравам потоа си ставив уште една и ми дојдоа неколку скици за раскази во главата, храбри фабули кои посакав да ги искористам и продолжив да пијам со намера подоцна кога ќе си отиде да се симнам долу и да пишувам. Тој зборуваше за едно , јас мрдав со главата мислејќи на нешто сосем друго. Ги празневме чашите седејќи во иста соба со мислите во две различни дмензии.
Утрото станав од третпат, аспиринот вистина ја уби главоболката но задушноста и гадливоста ме пратеа во текот на целиот ден. Решив да завршам со него, го зедов решението и самиот тргнав да му го врачам. На вратата излезе жена му, скромна и исплашена што зборува со маж во ходникот. Ми рече да дојдам покасно кога ќе биде дома. Попладнето го пронајдов, му го врачив документот, неколкупати ми се заблагодари, ме покани не влегов, ве влечеше да влезам му реков не сакам, а дојдов со намера да му кажам дека повеќе не сакам да го видам, дека ова е прв и последен пат што му вршам услуга. Неговото насмеано лице додека го читаше документот воопшто не предизвикуваше симпатија кај мене, или задоволство за моето добро дело. Се готвев да си заминам, сега беше моментот да му изнакажам се :
- Кочо?
- Уште еднаш фала ти Варски.
- Нема проблемо Коче. Повели и другпат.
 





 

ч:чеховци

Беше недела и јас седев пред слаткарницата, само што ја дочитував рецензијата за објавените раскази. Акцентот беше ставен кај оние авторите кај кои ,,се чувствува Чехов, тој е присутен, живее во овие млади писатели,, а бидејќи во мене не живееше никој друг освен јас, не бев спомнат.Моите раскази ги објавуваа на крајните страници. Тоа беа атрактивни страници, секако читани и интересни кои секојпат имаа одглас и реакции но кои високата класа ги карактеризираа како ,,поинакви, скандалозни но никако авангардни„ .
Го затворив списанието и се загледав во колоната што идеше кон мене Пред мене проаѓаа постари жени се врааќаа од црква и јас размислував за нив.Размислував кој ќе ни ја одржува верата кога ќе си отидат овие скромни женички. Кој ќе ја наследи нивната востановена пракса.Секоја недела одеа на литургија, палеа свеќи за здравје, ги посетуваа гробиштата, вечните домови во кои почиваа нивните ближни. Свежо цвеќе и догорки од свеќите остануваа по нив. Се враќаа оттаму со поблаги изрази, спокој се очитуваше на многумина од нив.Рамислував за нив и не навлегував во некои нивни пагански обичаи кои се вкоренети во нив, или нивното толкување и постојано испревртување на некои дотогашни традиционални верувања кои се менуваа со секој нов поп. Не тоа не ми е битно, единствено важно е што сето тоа го прават поради нивната вера, сето тоа е посветено на Бога и тие беспоговорно го следат, Кој ќе ги наследи? Секако не сегашнава средна генерација безбожници. Дали некој ќе ги наследи?
Мислите ми се разидуваа заедно со мамурлакот а кафето дополнително ми помогна во надминувањето на мојата состојба иако знаев дека подоцна рацете ќе ми се тресат од него.Неминовно. Го испив и станав да се прошетам по чаршијата. Беше околу пладне, зраците почнаа немилосрдно да напаѓаат. Полека се чистеше народот од улицата, останавме јас и уште четворица –пет кои само што седнаа на една од масите пред малата кебапчилница и кои очигледно планираа да се задржат. Го оставив нивниот гласен џагор зад мене и си замиинав дома. Седнав да пишувам но ништо не ми доаѓаше пред мене, никаква слика не ми помагаше да продолжам. Бришев и пак пишував зборови, само зборови без да ја довршам реченицата. Ќе напишев ,,Пред некои време,, и ќе избришев, пак ќе почнев со ,, Иван беше сиромав но .. ,, и пак ќе избришев.
Си наточив ракија ветувајќи си дека ќе испијам само една и дека нема да се заигрувам . Кога ќе се напиев пишував како луд, пишував додека не се отрезнам и потоа или ќе заспев или пак ќе продолжев со пиењето. Другиот ден им се восхитував на моите раскази и поеми ( навистина беа несекојдневни) неверувајќи дека јас сум ги напишал но веднаш потоа ги бришев или ги печатев и ги криев во едно сандаче немајќи храброст да ги објавам или покажам некому.
Рацете почнаа да ми се тресат и се симнав да јадам иако знаев дека тоа нема да ми помогне, напротив ќе имам проблеми и со варењето. Појадував и излегов надвор откажувајќи се од идејата да пишувам денес, барем не сега. Можеби вечер. Надвор врнеше оган а тоа го потврдуваше и градскиот термометар кој автоматски се гасеше по четириесеттиот степен и моментално беше една црна рамка.
Штотуку отчука пладне.Седев надвор под дебелата црешова сенка која нудеше необична ладовина и читав, односно го препрочитував Чехов. Тоа ми беше совет од издавачите, професорите, интернет-лекциите па дури и од библиотекарот. - Читај го Чехов момче, тој е книгата од која треба да учиш... читај и препрочитувај го потоа пак ... од него ќе научиш се што ти тр.. – и така јас го читав, нонстоп го читав и ништо не разбирав.
Од топлината ми се влажнеа прстите и се потешко ги вртев страниците на прастарото издание од 68, - та, ме нервираа тие жолти рапави страници . Лежев и го голтав најдобриот раскажувач кој идните генерации ќе го бараат по антикварници.
Кога завршив, (не знам зошто баш овој пат), со задоволство констатирав дека сепак Чехов е гениј и се радував што најпосле го доживеав уживањето кое сите го чувствуваа кога го читаа и се радував што не сум повеќе поглупав од другите туку глупав како сите нив. Сега знаев дека го сакам , го сакам човекот и ми е драго што постоел, што ги напишал сите овие страници ќе прочитам се од него ќе го прочитам и ,,Двобој,,. и драмите и .. апсолутно се што ќе најдам. Мојата радост беше неизмерна, слична ваква радост чувствував кога го ,,открив ,, Достоевски, иако за него ми требаше многу повеќе време да сватам дека има нешто посебно во целиот галиматијас од реченици кои се гледаше дека не се пишувани туку еруптирани.
Веднаш тргнав во библиотеката, таму не беше библиотекарот Антон, беше неговиот син кој често го менуваше. Ми покажа каде е рафтот со Чехов, кај руските писатели, очите ми се раширија кога ги видов комплетите. Извадив едно поздраво издание, навидум со сите страници.
- Дали има некое поново издание, или сите се предпотопски?- морав да прашам.
- Еее, ехе – се слушна гласот на Антон кој влегуваше – ехе ,ај земај ако земаш и не се прави вицкаст овие се за читање а не за во витрина.
- Антоне кај си? Прав беше Антоне, Чехов е мајстор, сега почнувам со него.
- Се убеди а? Дизелаш си ти касно палиш, ама ако запалиш...
- Да ајде ќе се видиме вечер на пиво, и имаш некоја пинцета ? – ме погледна зачудено – за страниве да не се распаѓаат кога вртам – една постара тетратка прелета покрај мојата глава на излегување но тоа не е важно го имав Чехов во рацете, а одев по ладно пиво во продавничката.

* * *

Препорачувам Чехов ( а и се друго) да се чита со ладно пиво или вино зависи од времето, тогаш задоволството е комплетно. Деновите ми минуваа под големата цреша каде пиев пиво и читав, со задоволство читав , пишував се повеќе, се чувствуваше неговот влијание во моите раскази. Му се јавив на Оли, колега од факултет, инаку профилиран писател со неколку романи и безброј лоши метафори во нив
- Оли овој бил неверојатен, виртуоз е без никаков..
- Кој , за кој ми збориш? – Му објаснив дека го читам Чехов, моите импресии ги искажував брзо за да го прекинам неговото смеење и гроготање.
- Ооо, Колумбо ти си? – и пак смеење. Ова не беше смешно, не воопшто не беше, го познавам неговото изнасилено смеење и преправање ова беше понижувачки од негова страна и затоа побрзав да прекинам.
Се радував како мало дете додека го читав и тоа ми стануваше сомнително Почнав да се јавувам на некои од пријателите и им кажував колку е добар Чехов, без срам за задоцнетост им се јавував и на некои писатели, на лектори, почнав да се тестирам, дали моето мислење е слично на нивното, дали не одушевиле истиве работи, ме загрижуваше мојата опсесија.Мака мачев да извадам повеќе од два три збора од нив,од сите тие. Никој не сакаше да разговара за него а разговаравме за се друго. Освен бајатите коментари дека тој е ,,мајстор на краткиот расказ,, наголемото прикажување на ,,Чеховската воздржаност ,, и неговата ,,леснотија на раскажувањето низ која те води како лептир низ ветрот,, немаше ништо повеќе. Немаше ниту во стручната литература освен поопсежни обработки на драмите.
Зарем никој не го гледаше она што го гледав јас?Дека самиот Чехов не се разликуваше (многу) од стариот Велко од Стрмјани или дедо Василиј. Се плашев јавно да го ,,пласирам,, таквото гледање но зарем не е така?. Зарем беа поразлични приказните не само на дедо Велко туку на цела една генерација старци кои како мал ги слушав, ги слушав нивните приказни, нивните животи и судбини. Зарем не го имав истото чувство дента на нивите или вечерта кога наседнати пред некое огниште ги слушавме старите со благост полни приказни, нивната природна способност интригантно да започнат, целосно држејќи те во тензија да самиот крај кога секогаш имаше ефект кој ме држеше замислен и по неколку дена? А нивната наративна техника, природна ненаметлива, нивните зборови... мед им течеше од устата. Сите тие Чеховци еден до еден неписмени мајстори на непишаниот збор. Зар Чехов не е ништо друго туку само образован претставник на ваквиот сој?
Ваквата екстаза ме држеше неколку недели, безмалку три, и за сето тоа време пишував под длабока импресија, без престан. Напишав четиринаесет раскази, и ги испратив до двете списанија со кои соработував, и кои ги издаваа моите творби. Се мислев како ќе одговорат на мојата промена, дури и тие ме охрабруваа да учам од него. По неколку дена добив два идентични одговори дека нема да ми објават ниту еден од расказите.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања




























































































































































































































































































































































































































































































































 

  д:дома