2007:мај/јуни
општ
конкурс
к:краљевски елизабета
п:професија:дипломиран
филолог по општа и компаративна книжевност
enavirago@yahoo.com
б:балкански
погреб (прв
дел)
Погребот, под услов да
не е твој, сам по себе е многу интересна случка и ако ништо друго внесува
промени во емотивноста на секојдневието. Можам дури да кажам дека ги сакам
свечено намуртените лица кои стојат покрај една два метри длабока рана во
земјата и се обидуваат да бидат тажни. Црните костуми се исто така посебен
елемент. Се купуваат еднаш во живот кај нормални луѓе а се носат на сите
погреби и свадби. Дали нешто се родило или умрело, понекогаш е дури и
исто. Така тоа оди кај нормалните луѓе. Меѓутоа на светов има едно зрнце
плодна земјичка и се вика Балканче. Таму луѓето не се нормални. Погребите
кај нив се нешто налик на патувачки циркус. Нешто секогаш сака де се каже
а никако да се покаже. Еве на пример оние намуртени лица на Балканчево се
заменети со смешни плачковци кои ај што плачат, ај што вијат, Боже мој,
уште и тажачки плаќаат гласно на гробот да го плачат покојникот. Ако
евентуално зборуваме за малку покултурни луѓе тогаш оваа улога ја земаат
тетки, баби, сестри од некое таму петнаесето колено (кои патем речено
често и покојникот го промашуваат бидејќи не го виделе минимум десет
години ). Редат, плачат како деца, а на покојникот ич не му чуе. На
нивното: Стани бе бате, стани, млад си ми уште; тој не мрда и само сака да
го потрупаат со земја за да не слуша веќе глупости и конечно да си најде
мир. А кога некој би ги прашал тие тетки, стрини и што ти јас знам таму
кој, зошто плачат, сета вистина на Балканчево би им излегла од очи: еден
благо телешки поглед во несклад со молитвеното: бееее!
Јас никогаш не плачам. Знам дека нема зошто. Како од каде знам? Не сум ви
кажала? Навистина? Знаете ли да чувате тајна?
Знам, знам, вака одприлика започнува секое озборување, ама не е тоа, еве
чесен збор. На крајот на краиштата ќе зборувам за себе.
Една вечер, така си лежам јас, пресипувам од високо тенко во широко празно
и си мислам кој знае што, кога надвор слушнав чекори. Самиот звук беше
смешен. Некој одеше, ама по влечки. Врп, врп, врп се довлечка до мојот
прозорец. Гледав, поточно слушав и му се чудев на храброста на тој тип кој
имаше муда во сто часот преку ноќ да ми се прикрадува од зад куќа. Ех,
камо среќа да беше човек. Една ковчеста рака ми го тргна пердето, кое беше
навлечено на џамот и ми го откри своето искезено лице. А-у, е тоа беше
лице, ранг Квазимодо. Едното око му беше натечено, долната усна висната,
образите испиени а носот скршен и крвав. Косата во првиот миг не му ја
забележав. Се џареше во внатрешноста на моите одаи и веројатно бараше
нешто. Кога ни се сретнаа погледите се искези уште повеќе. Забите му беа
бели, здрави и цик-цак турпијани.
-Здраво-рече изгубено-извини, аааа... знаеш најкус пат до Рај?
-А?! -зинав јас-Ти точен ли си?
Пак ме дочека глупав кез.
-Точен, точен, аха, аха-повторуваше тој додека влегуваше во собата низ
прозорецот. Без чувство за длабочина скокна и за малку ќе ми атерираше врз
главата. Бев принудена да ја напуштам својата удобна лежечка положба и да
скокнам и јас, се во име на спасението. Многу ме налути. Кога ги слушнав
чекорите очекував нешто романтично, симпатичен обожавател кој ќе ми
изрецитира некаква патетична балада, ќе ми посака лека ноќ и ќе си замине
а јас откако ќе се освестам дека не е сон, ќе скршам нозе да го стасам, ќе
го поканам внатре и ... ќе биде што ќе биде. А што добив? Куц искезен
идиот со цик-цак заби кој се изгубил на пат до Рајот. Мислам дека тогаш
прв пат ми се смачи од Балканчево.
Но, добро! Што е тука е,требаше да се преземе нешто. Типот веќе беше се
сместил на плафонот и висеше со главата веднаш над мојата.
-Идиот, ај симнувај се долу, овде се оди со нозете цврсто на земја.
Не знам како му успеа, ама како да исклучи некаков механизам кој го
штитеше од гравитацијата и тресна со главата на подот.
-Леле, ама си ти бил глуп-му помогнав да стане гласно изрекувајќи го
завршетокот на оваа констатација кога се сретнав лице в лице со него-и
грррд!
Беше претепан и крвав.
-Добро пиле, кој те претепа вака?-го прашав палејќи цигара.
-Господ-рече тој мртов сериозен
-Ај не се играј со мене! Ќе те исфрлам!
-Господ, Господ, аха, аха. А-уууу-му притекна-Не Господ, не Господ, син
му, аха, аха.
-Син му?
-Да бе, да. Јас сака биде Господ, а Господ кажал наследник биде син му. Ја
дигне војна, ја од ангели најпаметен аха, аха! Ама син му земе негов гром
и бум-трес мене Ад и скршен нос-рече покажувајќи на единственото нешто што
мислев дека е вистина, скршениот нос.
б:балкански
погреб (втор
дел)
Ми беше јасно дека типот не е луд, не е ретардиран, но ќе ми ја продолжи
ноќта. Повлеков добар дим од цигарата и му свртев грб за да ја наместан
столицата. Кога пак го погледнав, како да не го гледав него. Луѓе, пред
мене стоеше ангел, дури имаше и крилја, малку крвави ама пак, крилја беа,
чесен збор. Подзинав.
-Кукло-ми реже тој-за миг почувствував дека ми веруваш, еве ти уште еден
доказ, а сега...-го снема и пак се појви истата наказа од пред малку. Ова
беше премногу церемонијално, дури и за Балканчево.
-Добро, кој си ти?
-Ја Луцифер лично, аха, аха.
-Аха, а што бараш овде?
-Ја изгубил се. Ја тргнал Рај најдам и јас скршам нос Господ.
-Душо, на земја си, на Балканче! Рај мноооооогу далеку!
Помислив дека игра ама сфатив дека всушност се радува.
-Не, не, не-повторуваше скокајќи -Рај блиску, тука карши Едем јуууупииии!
-Ти си луд!
За него не беше важно што зборувам. Ме грабна за рака и ме повлече накај
прозорецот.
-Чекај бе, кај ме влечкаш?
-Тебе јас наградам. Дам каснеш од дрво на неумирачка. А Адам и Ева прц
прц. Ја бил прва жена Адам, после Ева.
-Па нели си машко?
-Ја машко, Адам женско. Адам трнвестит!
Како и да е, ме измолкна надвор преку прозорец и ме поведе на исток и тоа
цели пет-шест улички подалеку од мојот дом-во градскиот парк. Пред влезот
ме качи на рамената и почна да се качува по најблиското стебло. Кога стаса
на највисоката гранка скокна на друго, па на трето сè така до самиот
центар на паркот. Со ова ме убеди дека и не е толку луд како што се
однесува, очигледно знаеше дека ако го напече чуварот во ова време како
талка низ паркот сите заби ќе му ги избие. Само што помислив вакво нешто
забележав тип и типка, (најверојатно тоа беа хипици :беа голи и имаа долги
коси) седнати во трева околу фонтаната во центарот. И мојот ...
пријател... ги набљудуваше. Хипиците правеа безобразни работи гмечејќи ја
така трвата.
-Па ѓаволи да ве носат-дрекна некој-не ли гледате дека пишува: НЕ ГАЗЕТЕ
ЈА ТРЕВАТА? Тоа беше чуварот, очигледно разбуден од бревтањето на
вљубените, сега беше подготвен да убие. И уби. Навистина. Го извади
пиштолот и нанишани во главата на типката. Тогаш мојот пријател фати една
гранка, ми ја тутна в раце и рече:
-Ти седи овде њам, њам. Ја идам па вратам. Само њам, њам,после неумирачка!
Тоа што ми го бутна в рака беше црница. Бев помалку збунета, на крајот на
краиштата јас тебаше да ја вкусам бесмртноста. И најмалиот сомнеж го
оттргнав. Не е можно едно вакво невино и наивно лудаче од Балканчево да ме
лаже. Се сместив удобно и почнав да јадам, наедно гледајќи што ќе се случи
долу на земјата. А таму долу, мојот лудак се испречи пред пред чуварот и
почна да мавта со раце:
-Не Господ, не, ја кажав гмечат трева!
-Идиот, тргни ми се од пред очи-го турна со раката и ги уби девојката и
дечкото. Кога виде мојот луд пријател што направи безмилосниот чувар, ги
спушти рацете и му кажа:
-Ти Господ-идиот,-се сврте и се накачи пак на дрвото каде што бев јас.
-Господ-идиот аха, аха.-звучеше разочарано-Ти њам њам?
-Аха-одговорив
-Добра кукла, сега неумирачка. Водам тебе дома а јас вратам овде правам
уште бељи!
Пак си се најдов во собата и ја чувствував магијата на бесмртноста. Едно
време, навистина, ме здоболе стомакот, ама тоа е цената за вечен живот.
Некаде околу пет часот конечно заспав. Не сонував ништо, едноставно спиев
и се одмарав. Дури не запалив ни цигара пред да заспијам. По осумчасовен
одмор животот беше многу поубав. Шминка, деколте, штикла и фаќање
пладневна шема. Слушнав дека чуварот бил фатен и затворен и дека хипиците
се викале Адам и Ева.
-Сега сиот парк му припаѓа на мојот лудак-си помислив, почестена што еден
малоумник ми подари бесмртност. Тоа попладне отидов на погребот на Адам и
Ева. Целата балканска погребна циркузијада беше изведена беспрекорно. Но
јас можев да ги слушам мртвите, знаев дека бесмртноста ќе ми даде некоја
посебна дарба, но не бев сигурна која. Стоејќи покрај гробовите и таа
мистерија ми се разјасни. Го слушнав типот како, додека попот пееше, ñ
шепна на девојката:
-Човеков не знае да молчи! Човеку мир сакаме, дај му шанса на мирот!
И така еден лудак ме убеди дека не можам да умрам и навистина, еве веќе
кој знае колку години сум жива! Ама знаете каде е проблемот? Не смеам да
го напуштам ова зрнце плодна земјичка, ова Балканчево мое. Таков аманет ми
остави лудачето мое кога се видовме еднаш во паркот. Од време на време
раѓам ќерка, а по дваесетата година си ги менуваме улогите бидејќи тие
стареат и умираат а јас не.
Со мртвите не зборувам често, ама признавам дека многу пати ги слушам што
зборуваат. Ете, ви кажав од каде знам што си мислат мртвите кога ги
закопуваат.