2007:мај/јуни
општ
конкурс
b:bromofon
н:нешто за себе: сакам
животни. Не сакам насилство
bromofon@yahoo.com
љ:љубов на прв
поглед
Се викам Лефтерие. Во
време на сиромаштија на човека не му е многу до зборување па ниту до
пишување. Повеќе гладен отколку сит, мене не ми беше ни до излегување на
улица, посебно откако ја изгубив работата. Тој есенски ден беше магловит и
подросуваше. Улицата беше пуста и се делуваше некако мрачно и потиштено;
сепак решив да излезам малку да се протегнам. Си одам јас така значи по
патот кога од спротива ми се пушта една поголема баба. Бог да чува, си
велам, каде ли само навалила бабетинава. Преку рамо имаше префрлено
потешка вреќа, свиткана е под тежината, но успева да ме потфати за рака,
дрско ме повлекува за ракавот и ми се обраќа онака насмевната од уво до
уво.
Стојанчо, каде сте млад господине, ми вели, од кога не сме се виделе.
Мајче, не сум јас Стојанчо, ни Стојан, па дури ни Столе, и велам, сигурно
сте се препознале, се случува.
Ама ова не се случува туку така, ми вели бабата. Судбата ни го вкрсти
патот. Ова треба да се прослави, ми вели таа и се посилно ме влече за
ракавот кон најблиската кафеана.
Не знам што треба да се прославува, и велам. Се обидувам да се оттргнам.
Безуспешен е мојот обид, бабата со невидена леснотија ми го сменува
правецот на движење. Јас сум Костадинка, се сеќавате на мене, ми се
внесува в лице со уште една насмевка од уво до уво.
Не можам да се сетам, и велам на Костадинка, жалам ама морам да одам.
Госпоѓо Костадинке имам многу важна работа, лажам само за да се отргнам.
Не се брзајте млад господине, ми вели бабата; веќе сме седнати. Костадинка
ја спушта тешката вреќа на подот и порачува две ладни пива.
Е, па кога сме веќе тука јас сум за чашка бренди, инсистирав.
Набрзо почнавме некаков неврзан разговор, се затекнав како се смеам од се
срце, бабата имаше добра смисла за хумор, а пиеше како смок. Меѓутоа,
после нејзиното второ пивце останав подзинат бидејќи таа одеднаш почна да
плаче.
Зошто плачете, ја прашувам.
Ве сакам, ми вели таа.
Ама ајдете, ви се молам... ме сакате, мене? Не ми се верува, се
насмевнувам.
Таа климнува потврдно.
Како тоа...? Не ве разбирам.
Ве сакам повеќе од пријател, ми вели бабата. Не знам... ве сакам, ете.
Ама како кога ниту ве познавам, и велам, сигурно сте се препознале.
Тоа сега не е ни толку важно, важно е дека ве сакам, додава бабата и
продолжува со плачење.
Госпоѓо Костадинке, ви се молам, и велам, Костадинка ви беше името, нели?
Да, потврдува бабата со светнати очиња. Госпоѓо Костадинке, јас треба да
си одам. Ете, пивнавме малку и се посмеавме та мислам за атер дека беше
доста.
Стојане, ве молам, останете уште малку, ме моли бабата. Но јас веќе
станувам, тогаш старицата го прави она што најмалку би се очекувало, се
пикнува во вреќа. Таква бабетина ја собра внатре, се прекрстив од чудото
невидено. Ми се чини дека одвнатре се уште можам да го чујам нејзиниот
плач. Се плашам дека ќе се задуши од плачење. Се обѕрнувам наоколу и кога
забележувам дека никој не ми обрнува внимание и се прикрадувам на вреќата
и ѕирнувам внатре. Меѓутоа таму има само кромид. Бог да чува, каде се
изгуби бабата, си велам. Вознемирено претурам низ вреќата, но наоѓам само
главици кромид.
На крајот, видов-не видов решив да си одам. Со себе ја понесов и вреќата.
Решив да ја чувам, барем додека не ми се разјасни исчезнувањето на бабата.
Отпрвин очекував таа да излезе од неа, на истиот оној чуден начин како што
влезе, но ништо не се случуваше. Потоа почнав од поблиску да го
разгледувам кромидот. Пак ништо. На крајот решив да излупам неколку
главици, небаре очекував дека ќе се случи чудо и бабата ќе се појави. Така
лупејќи и плачејќи се фатив во муабет со пријателка на еден пријател и
дознав дека на другиот крај на градот имало жена што имала слично искуство
како моето. Се израдував и веднаш ја побарав.
Тука е, уште од врата таа ми покажа вреќа полна со грав, не знам што да
правам со неа, ми рече со надеж дека некако ќе и помогнам. Пред две недели
еден непознат дедо едноставно си влезе во вреќава и оттогаш не го видов,
ми рече загрижено. Пред тоа дедото ме пречека на улица, ме покани да
приседнеме во блискиот парк и ни пет ни шест ми понуди брак, не знам како
очекуваше туку така да прифатам, се оправдуваше таа.
Кога и ја раскажав мојата случка кутрата жена ме прегрна, бидејќи мислеше
дека веќе почнала да го губи умот.
Ја поканив зимата да ја поминеме кај мене готвејќи грав со кромид.
Имам многу добра рецепта останата од вујко ми, тој знаеше да прави
прекрасен грав со кромид и цела пиперка, прстите да си ги излижеш. Таа ја
прифати поканата и се насмевна со олеснување.
Уште некоја вреќа со брашно или шеќер ќе ни беше добредојдена, но за
почеток бевме среќни и со она што го имавме.