2007:мај/јуни
жанровски
конкурс
а:алена
ш:шах
Во пет часот попладне кога сонцето си ги собира парталите, а јас му варам
сиктер кафе, доаѓа Дејан да играме шах. Ги одбирам белите фигури и
започнувам со пионот. Секогаш прв оди најслабиот. Тоа го дознав кога си
замина Лил. Лил со своите 50 килограми од кои дури 20 проценти паѓаа на
инсектите кои живееја меѓу нејзините гради, во онаа мала, светла рамнина.
Дејан се уште не го направил првиот потег. Наместо тоа ме буља во очи и по
неколку секунди ми намигнува. Мајмун. Кога ќе изгуби цацко ќе му биде
крив. Кога гледа дека нема никаков фид бек од намигнувањето го копира
мојот потег и се смее зелено.
Лил никогаш не играше како мене. Никогаш не ме гледаше во очи таа Лил. Ја
ставаше дланката испружена врз шаховската табла и птици слетуваа на неа.
Потоа доаѓаа прво нејзините, а потоа моите родители и парчосуваа се. Јас и
таа бевме во плакарот. Стуткани се смеевме.
Го шишнав офицерот напред скроз до крај. Стои таму бел и горд и цинично му
се смее на Дејан в лице. А тој, мајмун, ми ја тегне косата и дише некако
забревтано, грубо, грдо. Ја ставам дланката врз таблата шах, но птиците не
доаѓаат. Ги нема ни нашите родители. Глупаци. Се скриле во плакараот и
победоносно ги тријат дланките една од друга. Дејан ми го каса вратот.
Мајмун.
„Ајде, ти си на ред“- се трзнувам на страна стрелајќи го со поглед.
Го шишка и тој офицерот. Му го напаѓам кралот. Нечии копја ме бодат во
слабините. Мајмунот не си ги исекол ноктите.
„Ќе изгубиш“- му велам
„Нека маче...ќе те победам на поинаков терен.“
Глупак. Се нафрла врз мене. Тежок како слон. Бревта и испушта крици на
воин.
„Ова не е војна“- прошепотувам
Се престорил во планинар. Студена зима годинава на мојот врв. Ги забодува
клиновите во моето месо и вреска. Ги забива проклетите клинови и ми го
буши месото. На секоја дупка воскликнува победоносно со едно гласно
ААААААААА. Ја освојува планината, полека.
„Овде не би требало да има победници“- прошепотувам.
Го задушува мојот шепот со канџа на мечка врз мојот отвор кој фабрикува
реченици. Ми го гмечи лицето обидувајќи се да го прибере, да го згужва
сето во својата рапава дланка. И рика. Рика како лавот од почетокот на
некои филмови на кои со Лил секојпат им го вртевме грбот. Кога ќе се
појавеше разриканото животно на телевизискиот екран Лил викаше: Еј, овој
со лавот го имам гледано! Се смеевме двете и одевме во плакарот. Таму Лил
ми дозволуваше да шетам со врвот од јазикот по месестата рамнина меѓу
нејзините гради. Ги закачкав полека инсектите на Лил кои содржеа 20
проценти од неа. Ги р`чкав колку да им наговестам за бурата. Кога ќе
почнев да им пуштам облачиња од воздишки тие здивуваа. Формираа веднаш
чети и избувниваа од отворите на порите од кожата на Лил. Јуришаа кон
мојот грб. Ме пецкаа копајќи отвори во мене. Зуеја и вибрираа влегувајќи.
Лил стануваше прелесна и се одвојуваше од земјата, а јас се натискав во
подот тешка колку цела Кина заедно со Тајван. Правев дупкишта во подот кој
не можеше да ја поднесе мојата тежина. Лил со главата го бушеше плафонот
од плакарот. Се соочувавме со опасност плакарот конечно да експлодира.
Мајмунот ми ја зграбил косата и ми ја влече главата наназад. Го
погледнувам во очи. Згрчено лице. Мускулите му се оптегнати. Изгледа како
сликите на кои полагаат испити студентите по медицина. Устата ја здрвил
подотворена. Забите ги стиснал и тие шкрипат. Се грчи над мене, се трза,
ме стиска, урла. Кралот му е нападнат, а тој ликува победоносно. Глупак.
Со Лил ја штитевме кралицата. Затоа никогаш немаше победници. Еден ден
дојде точно во 5 часот попладне и ми рече: Конечно ќе одам кај кралицата.
Оттогаш не ја видов. Пере туѓи гаќи во домот на некоја лондонска фамилија.
Пишува писма секоја недела. Кратки писма. Се уште не ја видела кралицата.
Господин Браун и го пика вишокот машко месо во уста. Голта Лил. За виза.
Госпоѓа Браун ги сака алиштата испеглани до 5 часот попладне.
Мајмунот ме полни со неговите вишоци. „Чудовиште“-ми вели-„ме јадеш,
монструму!“ Јас голтам. За родителите. За домашна виза.
На балконот слетуваат авиони. Откога замина Лил аеродромот го префрлија на
мојот балкон. Секое утро ја чекам Лил. Со куфери. Се уште ја чекам. Штом
ќе ја види кралицата сигурно ќе слета на пистите од мојот балкон.