т:темплум  

 

мај
р:
распутиновски петар



г:години:25
п:професија/интереси:студент/живот
п:нешто за себе:не би можел да бидам онолку концизен колку што сакам, по ова прашање.



и:ињекадан
Посветено на правнук ми.

Сите линии спирално завршуваа во иста точка, во потполна симетрија со времето и просторот, потполно вообичаено, a прилично безвременски и вонпросторно. Милијарди и милијарди сигнали спојувајќи се во еден, не диктирајќи ништо, едноставно наоѓајќи го својот пат. Галактички точни, сино-портокалово-црвенкасти и мирисајќи на младост. Вртлог на сеќавања и мисли. Една мисла тргна од кајшто вообичаено тргнуваат сите мисли без исклучок, помина низ првобитниот филтер со сите нишани, се затетерави малку на излезниот терминал, но цврсто го трасираше својот пат до најблиската, нејзе слична, мисла посестрима. Заедно во пар, тргнаа во хеликсовидна патека кон најблискиот фокус. По небитно краток изминат период веќе се наоѓаа во големо друштво, се губеа и последните траги на его, и сите пливаа панзадоволни кон небото.
Оригинаторот со никаков товар, несвесен за своето рано попратено чедо, веќе создаваше нова мисла, овојпат со нова главна тема. Оригинаторот не беше безживотен труп, имаше доста да каже и направи, и прилично многу да мисли. Влезниот терминал беше она што го штитеше од останатите оригинатори, недозволувајќи им влез на мислите со теми кои сам ги внел во филтерот. Да, сам ги внел. Сам ги одбрал и ги внел. Нема тука ништо чудно.
.
Кога сите знаат се, и сите можат да прават се и да имаат се, и да кажат се, и да бидат секаде останува единствено едно нешто по кое се вршеше сегрегацијата. Конзорциум, синдикат, организација, влада, конгрес, совет или компанија немаше. Имаше само гологлав, голобрад, развиен, висок и бос критериум.
Импликанти беа сите, оригинатори не беа сите. Импликантите и оригинаторите не се разликуваа во ништо освен во едно. Кога одеа пред порталот што водеше кон гореопишаниот критериум, едните беа уважени, другите послужени.
.
Како и секој импликант, Тој немаше свест за својот статус. Како и секој оригинатор, неговиот брат знаеше дека Тој е висок, со долга плава плетенка која почнуваше од страната на главата, некаде над увокодот, и продолжуваше величествено до глуждот на ногопедот. Неодамна реши да ја израсне, и сметаше дека тоа е одлична идеја. Критериумот не се согласуваше.

Некаде по осумилјадитото кратење на плетенката, една мисла тргна од кајшто вообичаено тргнуваат сите мисли без исклучок, и стигна до првобитниот филтер. Овој прилично возбудено ја пропушти и ја попрати со клоцнат бокал вода. На излезниот терминал му требаше мала вечност да профункционира, и да го отвори за прв пат излезот на патот. Мислата возбудено иташе кон најблиската, нејзе слична, мисла посестрима. Сестринството на мислите доби нова членка. За да ја најде најблиската нејзе слична мисла посестрима, оваа мисла излезена од оригинаторот со најубавата плетенка во неговиот декагон, почека вечност и отпатува бесконечност. Откако се сретнаа, како пар во хеликсовидна патека отпатуваа до најблискиот фокус. Егото исчезна, но друштвото во вртлогот стана плаво-црно-зеленкасто и почна да мириса на распад. Ињекадан беше клучниот збор, а потомците на оригинаторите, многу едноставно, веќе беа тргнати во потрага еден за друг.
.
Останаа само луѓето. Една раса се ширеше. На сметка на сите останати, преживеаја, непретпоставувајќи ја својата супрематија. Десеткувани започна нова ера. Преминот во новата ера беше посуптилен и од кинење на ливче од стар багрем. Беа исти. Новиот систем дојде сам по себе, ненаметнат и просторновременски оправдан. Се имаа себе, но имаа и прашање. Едно, единствено, останато, неоткорнато. Во суштина чудно, а навидум нормално. Прашањето беше плаво-црно-зеленкасто и мирисаше на распад. Владееше со се.
.
Потомците на оригинаторите во својата меѓузависна потрага, трагаа по одговорот.
Се најдоа на хоризонтот на нештата, проговорија кратко и брзо дојдоа до консензус. Двајцата итаа накај домот на првобитниот оригинатор, човекот со најубавата плетенка во својот декагон. Критериумот попатно се согласи, беше тоа одлична идеја, и апсолутно ја негираше потребата од постоење на прашањето. Ињекаданот беше тажно инкорпориран во вртлогот. Критериумот престана, оригинаторите и импликантите се изедначија во потполност. Целиот систем на хеликси, фокуси, терминали, филтри и човек знае што уште не, стана излишен во тоталност. Човекот не беше тоа што беше, не беше тоа што мислеше дека е, не беше тоа што другите мислеа дека е. Другите не постоеја. Расата беше единствена, уникатна, и немаше ништо на неа најмалку слично никаде. Човекот беше сам во просторот и времето. Вртлогот остана плав-црно-зеленкаст и мирисаше на распад.
Луѓето не беа излишни, тие беа таму. Продолжија, и едноставно мораа да сфатат дека младоста и распадот се едно, исто, и дека боите немаат никаква улога во нивното постоење. Сфатија доста едноставно, посуптилно и од супернови на сите ѕвезди одеднаш. Вртлогот запре, а космосот премина во состојба на целосна и дефинитивна кома.




 

з:“за времето пред историјата”

Заледената зора расцвета во утро со многу магла. Ретка, приземјена, со тежок мирис помешан со оној на свежата трева. Низ маглата се гледаше многу малку, но зеленилото на тревата успеваше да се пробие до неговите очи. Сини, крупни очи. Долга, црна и виткана коса, која започнуваше многу блиску до неговите веѓи, а завршуваше величествено под половината. Со едната мускулеста рака ја туткаше косата зад ушите, а со другата беше потпрен на големиот гранитен камен пред колибата. Маглата полека го напушташе полето и се слеваше низ падините на планината. Веќе почна да ги забележува колците од гробовите на падините карши колибата. Честит споменик на тивките жртви, од претходната битка. Многумина негови пријатели и роднини лежеа под тие колци, во тие тесни и плитки гробови. Беше гол од половината нагоре. Телото му беше огромно, мечковидно, со неброени лузни. Носот импресивен, веѓите дебели а ушите со многу накит. Пантолоните и обувките од волчја кожа. Кожата светла. Кралска. Се сврте и влезе во колибата за да ја облече наметката. Ветерот кој струеше по висорамнината почна да станува појак и скоро целосно ја растера маглата. Тивкото утро ја добиваше посакуваната физиономија.

Звуците кои допираа до него низ маглата, стануваа се подалечни. Ниту еден од нив не беше животински. Сите беа човечки. Неговите луѓе, џагорат, се бодрат, се спремаат, кажуваат шеги или ги спомнуваат шепотејќи паднатите.
Се сретнаа илјада лица, со илјада лица, очи во очи, со заледени погледи. Тивко и миговно, еден по еден, се бришеше живот по живот. Беше тоа убав ден да се умре.

Ја прескокна планината со еден чекор, замавна со сечилото на својот меч од ладен паладиум, и го расече зацрвенетото сонце на два дела. Со извик ги повика прастарите духови на небото, земјата и водата, со поглед го охрабри своето племе. Ги слушаше извонредно добро и најдалечните космички шумови, ја мирисаше слободата на постоењето. Неговите крупни, сини очи беа извор на животот. Неговата смрт - крај на човештвото. Остана достоен, пред лицето на поголема сила.
Во приквечерината, лежеше во ист онаков тесен и плиток гроб, мртов како и хероите пред него, до неговите пријатели и роднини закопан од нечии туѓи деца. Славен, осамен и неспомнат. Колот над неговиот гроб поминуваше низ јадрото на земјата.

Ноќта се изродуваше. Во времето пред историјата останаа многу спомени за неисплаканите тажаленки... Тишината растеше, постепено заменувајќи го екот на громовите кој сеуште резонираше во воздухот, со компромис. Компромис по силата на светот.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори  

з:застапени автори

  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања







































































































































 

  д:дома