т:темплум  

 

мај
б:
бувљак нада



г:години:пред некое време престанав да ги бројам
н:нешто за себе:
немам соучествувано во никаков злостор
nada.buvljak@gmail.com

 

џ:џокер

Од прва рака извлече три џокери. Полека ги редеше картите додека невешто маневрираше со нив во своите раце. Другите го приметија тоа. Eден од нив јавно даде до знаење дека, наводно, му ‘прекипело’ да чека таа да фрли карта. Коментарот ја натера да крене глава за прв пат, по веќе три часовната игра. Но наместо да погледне во него, погледна во шишето кое беше полупразно. Скопско. Не се слеваше низ грлото како некогаш. Можеби е до атмосферата: премногу беше спарно а и сонцето е кренато премногу високо над Пацификот за да може човек да ја долови бојата на облаците. Немаат сеуште боја; не се приметни - си рече.

Играа карти. Бриџ. Некои од источњаците се противеа, ‘хант’ се велело на македонски. За малку ќе се степаа. Отворање е дозволено после втора или трета рака?! Не најдоа компромис. Секоја нова игра се растураше барем по еднаш: нервозно се фрлаа картите, се кршеа шишиња и ce испуштаа крици на негодување. Сепак се продолжуваше. Секогаш со поразлично од предходно воспоставените правила. Немаше правила.

До бурето за пиво или, според некои, ‘кегот’, се препотуваа три средновечни жени. Се жалеа на сопружниците. Од едната сопругот немал работа а купил нов ‘Харли’ додека таа, јадница, сеуште морала да се вози во скапаната Тојота купена пред неколку години на старо. Втората се обидуваше да наметне своја тема за каматните стапки кои ù ги јаделе инвестициите во ново купената куќа. Вината нормално лежеше во сопругот ù, кој не се консултирал со кредиторот на време, иако го предупредила. Третата цело време демонстрираше нервоза, иста како онаа на момчето што неможеше да го дочека неговиот ред. Нејзе и било веќе доста од муабетите за пари, за материјалности, за куќи, брокери, работа, деца... Размислува да се врати назад во Македонија, таму барем имала куќа со голем двор каде ќе може да си играат.

Од другата страна на ‘кегот’, на клупа направена од неизделкани букови дрва, комфорт се обидуваа да најдат сопружниците. Од нив разбра дека во јуни ќе имало избори, но дека не било cосема сигурно. Едниот едвај чекал да падне власта. Ќе се врател да инвестира. Иднината на Македонија е во сервисот!
Додека погледот и беше сосредоточен во новиот џокер кој го извлече, се обидуваше да одгатне што би можело да му значи тоа ‘сервис’?! Механичар е, можеби мисли на вукланизерски сервис. Неважнo - помисли.

Ма сите се исти! - крикна вториот. Никој не сакал да работи, затоа не ја бивало Македонија. Гоце го продале, а еве сега и на Јане на гроб не дозволиле литургија - што да сме сакале од таа земја.

Таа продолжи да гледа во облаците, се обиде да ја визуелизира бојата низ која се рефлектираат долу. Време на зајдисонце е таму, сигурно се црвеникаво-жолти над Водно. Го дофати шишето, последната голтка се сихронизира со крајот на играта. Оној до нејзе ù беше лут: не била доволно сериозна во играта. Можеби сакаше да игра табла? Не, му одговори тивко и тргна да си земе ново пиво. Немаше повеќе скопско, но и Хајнекен вршеше работа.

Седна на тревникот испpжен од јакото сонце. И пријде еден од локалците, расположен за муабет. Само што го завршил пријавувањето на данок, го издрала државата, веќе немало причина да се живее во оваа земја. Размислувал да замине за Канада, половина од работата му била завршена само уште да ја убеди сопругата.

Свесно се обиде да погледне низ него, а истовремено да остави впечаток дека е заинтересирана. Во последно време тоа и беше најголемиот предизвик. Облаците сеуште не рефлектираа боја. Рано е за зајдисонце - помисли. Време е.

На патот назад, потпрена на вратата од метрото, ги наслушуваше изливите на двајца француски туристи. Протестите на Сорбона веќе немале смисла, животот во Франција очевидно одел во декаденција. Едниот фасцинатно се обиде да и ја препише познатата Вајлдовска теза за американскиот премин од варварство во декаденција, но неможеше да се сети кој беше прескокнатиот мост помеѓу двете. Цивилизација! – громогласно си шепна самата и продолжи да ги гледа. Размислуваат да се преселат овде, каде што сеуште имало можности.

На излегување, барајќи го возниот билет во џебот, најде карта. Џокер. Кога ли го ставив во џеб? - помисли. Тргна да го фрли во најблиската корпа за отпад, но се предомисли. Излегувајќи од под земја го здогледа зајдисонцето. Облаците беа жарко-црвени со некоја нијанса на бордо, помешани со жолто и сиво.
Некој на саксофон ја свиреше ‘Самертајм.’ Музиката се бореше со еден неслучаен Заонист, кој најверојатно посакуваше воспаление на грлото. Ечеше целото предградието од мојсиевите заповеди и иднината е во Израел!

И се разлеа насмевка на лицето. Пречекорувајки ја улицата, загледана во сиво-жолто-црвениот отсјај, се успокои од глетката: Облаците сепак не се сиви.

Го стави џокерот во задниот џеб од фармерките, ментално запишувајќи дека не смее да заборави да го извади пред да ги однесе на хемиско чистење. Ги затвори очите во обид да го преслика залезот на сонцето, во својата сиво-жолто-црвена мапа на мирност од душа.

Останатите сигурно сеуште играат карти, не приметувајќи дека им недостига џокер.



 

о:(от)стапки

Тежината на воздухот и удри во лицето кога влезе во собата. За прв пат во двете недели колкушто веќе престојуваше во оваа некогаш нејзина детска соба, погледна низ прозорците. Помисли дека би било добро да ги отвори и тежината која ја чуствуваше ја снема. Примети дека дрвените капаци веќе се распаѓаат: и укажа на тоа мајка ù пред некој ден, зајадливо обвинувајќи го татко ù којшто својата финансиска немоќ ја потиснал во уште една негова теорија: некои работи не треба да се менуваат, бидејќи некои промени ги закопуваат спомените.

Помина со раката низ капаците. Некогаш, како дете, ù паѓаше жал за нив кога ќе заврнеше. Mногу дождови ги имаат облеано оттогаш, дождови кои ги има пропуштено. Реши да не мисли на тоа.

Ја поттурна балконската врата до крај и ја потпре со местите кои и се најдоа при рака. И го фатија погледот. Ја примети прашината којашто се беше насобрала на нив. Ох Господи - крикна. Ги поткрена. Ја осети нивната мекост, мекост проткаена низ прстите на нејзината баба. Никогаш не ги имаше облечено, се потсети дека минатиот пат намерно ги остави: немаше место во куферот. Како ли се чуствувала таа тогаш? Не помислив на тоа тогаш! - се укори .

Ја потрпре вратата со некој стар весник, а местите ги турна во преградата од куферот. Се потпре на креветот и длабоко вдиша. Не ти е прв пат, знаеш дека не вреди: ќе ти помине пред да сватиш - се обиде да се успокои. Продолжи да ја сложува гардеробата иако беспотребно. Во скоро десетте години од кога прв пат замина, никогаш се немаше спакувано сама. Барем не по посетата дома. Привилегијата секогаш ја имаше брат ù - мајстор за пакување, иако самиот не патува често. Чудно, каде ли има научено така умешно да пакува? Не бил ни во војска – се замисли милувајќи ја неговата слика која требаше да се одржи свежа до следното видување.

Некој затропа на вратата и пред да го дочека нејзиното одобрување, влезе. Застана занемен, како и секогаш одгатнувајќи ја низ својот ладен израз по кој знае кој пат неспособноста за емотивни пресликувања на сопственото лице. Погледот го впери во куферите, чијашто тежина се пресели во неговиот глас.

Си одиш?!
Не беше прашање. Заклучокот го проследија со тишина. По извесна, временски немерлива низа тешки чекори со коишто ги премерија сите агли во собата, загледувајќи се во секој предмет кој им се најде пред очи, повторно се погледнаа.
Мојата кариеристка - изговори, спуштајќи ја раката на нејзиното лице. Пoвторно назад, низ авениите на успешните. Гајле ти е, ајде назад на шеткање, на живеење. Бегај, бегај од бедотијата. Кој е како тебе?! Паѓаат капиталистичките дерлиња на прекрасната балканска дама?! Гризаш малечка, не си ти за овде. Ќе дојдеш пак, или можеби некаде, некогаш ќе се сретнеме повторно. Нели? - го почна цинично, нему својствено, монологот и го проследи со огромна доза сарказам којашто ја блокираше нејзината способност за било каквa интервенција. Всушност, се мислеше дали некогаш направиле меѓусебен разговор. Секогаш ù се чинеше дека не умеат да разговараат. Или можеби немаат потреба од разговор?!

Се чуствуваше немоќно во однос на него. Во однос на се во нејзиното секојдневие. Но не и спрема себе си. Не знаеше дали тој е свесен за тоа. Не е толку површен, ме познава: затоа е овде! - помисли будно пратејќи ја неговата насмевка низ која од време на време ќе заѕвонеше звукот на истата.

Ја зеде во своите раце. Кога ќе слета чудовиштето и кога ќе се судриш со улиците коишто ќе те однесат до твојот апартман, се ќе заборавиш. Твојот апартман еј! Ќе заборавиш веднаш на нас бедните, на коишто им требаше цела една година за да можат да ти обезбедат место за спиеше. Спиење еј, слушни ме колку сум културен со тебе! - се насмевна без намера да престане. Одамна не ти се случило некој да те однесе на рандеву во кола, нели? Богами, нема да ти дојде лошо враќањето кај господата на запад...

Немој! - нервозно го прекина, бегајќи од неговите прегратки. Колку и да сакаше, беше свесна дека нема да ја дочека неговата себичност. Не! Не беше себичен. Ќе ù дозволи да замине. Заминувањето е единственото нешто кое не бара отстапки.

Што е – тука е - со напор успеа да искрадне насмевка од себе си, прегрнувајќи го. Некогаш, некаде ќе се видиме пак. Го бакна во челото и се измолкна. Му ја отвори вратата и со поглед го проследи до улицата, онаа истата на којашто како мала заработуваше крвави колена.

Интересно! Колку умешно бегаш - ù се обрати со глас којшто од саркастичен премина во обвинувачки. Но, не ти замерувам: само луд може да одбере да остане во оваа глутница. Камо да можев да избегам и јас – зар`жа обидувајќи се да го протне клучот во бравата .

А зошто не би можел? Не ù одговори. Неколку пати ја заврте главата лево-десно, како војник во обид да го долови правецот од којшто се слушаат пукотници. Ја наведна главата и тивко изусти: Среќен пат.

Неколку часови подоцна уредно спакуваните тешки куфери се стркалаа по ладниот мермер на скопскиот аеродром. Лицата на цариниците, сеуште нерасонети ја отсликуваа навидум скриената омраза спрема работните места. Во еден од нив го препозна лицето неспособно за емотивни сликања и за прв пат во изминатите две недели, со нишка сигурност, си прошепоти: Да, бегам, и повторно ќе навраќам. Сеуште имам потреба да ме шокираат работите, дa мe изненадуваат, да патам, да плачам, да се расчеречувам…да разберам…

Од седиштето 9А го надгледуваше Петровец. Мп3 плеерот почна грчевито да ја напојува со звуците од Чајковски. Во раката нешто се скрши и се подели на две. На неколку седишта пред себе здогледа познат лик...

По неколку часа болката се пресели во нозете кои ги дочека ладната Виена. Летот го помина стоејќи, во разговор со својот повторно сретнат, дамнешен пријател бидејќи ниту девојката до познатиот лик, ниту момчето до нејзе не сакаа да ги заменат седиштата.

Утредента ja очекуваше уште еден лет. На картата пишуваше 3А. Од него сè надгледуваше... Овој пат, во авионот немаше познати. Се навали во седиштето и ги затвори очите. Почуствува како почнуваат да и ортпнуваат нозете.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори  

з:застапени автори

  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања




























































































































































































































 

  д:дома