т:темплум  

 

април
а:
алчевски марјан



р:
роден 1978 во Скопје. Живее, работи и студира во Загреб.
marjan.alcevski@gmail.com



н:назаечки

  На радио викаат дека ако вртиш винилка од Ози Озборн назаечки ќе чуеш „God is dead“.
  Имам досадна работа па слушам радио. Девојка ми вика дека ќе се мрдне. Радиото стално е вклучено. Читам реченици назаечки. Пред издавање читам ракописи од последниот збор до првиот. Проверувам дали се добро напишани зборовите.
  Речениците што ги читам ретко имаат смисла и назаечки и никогаш не пишува „бог е мртов“. Понекогаш читам „среќно. живееа си засекогаш И“. Работам по цел ден па не читам ништо друго освен титлови. назаечки титловите читам ги Понекогаш.
  Девојка ми вика дека има три проблеми. Ја сум без амбиции. Тоа е првиот. Не пазам каков сум со луѓето и ги навредувам. Тоа е вториот. Моето глупо радио е третиот. Стално е расипано и стално трошам пари да го поправам и никогаш не работи.
  Радиото вика дека до 2019 година во Македонија веќе нема да има луѓе под триесет години. Или ќе остарат или ќе се иселат. Девојка ми влегува во собата во која работам и слушам радио и вика дека пак не сум платил телефон. Го исклучиле. Јас сум аутистичен кретен и доста и е.
  Девојка ми се всели кај мене и купи кола на кредит. Нејзиниот Опел има боја на трула вишна каква сакала одамна. Кога се всели нејзиниот живот беше остварување на сите нејзини сништа. Денес нејзиниот живот е она што го викаат ноќна мора.
  Сакаше да одиме на годишен а немавме пари. Бевме кај мајка и на ручек. Само реков дека фризурата и беше подобра пред да се шиша. Нејзината мајка после тоа ни кажа дека нема пари да ни позајми.
  На радио викаат дека летувањата се луксуз, како виски или цигари, ама не можам да и го објаснам тоа на девојка ми. Не ме слуша. Отиде на годишен со другарките. Се врати и рече дека сака да раскинеме. Запознала некој тип и мисли дека нашата врска го постигнала својот максимум. Три дена после дојде целата расплакана. Типот има жена и дете. Она што го викаат летна авантура.
  На радио викаат дека љубовта е најважна и пуштаат песна. Девојка ми праша и реков дека можам да и простам.
Полуде кога дозна дека сум потрошил три месечни плати на радиото. Сакав да и кажам дека љубовта е најважна ама девојка ми не е од оние што ќе те ислушаат до крај. Вика дека јас сум крив. Немавме пари за годишен бидејќи ги дадов за поправка на скапаното радио кое ионака не работи. Заради мене отишла на летување сама и го запознала кретенот што и го скршил срцето. Заради мене морала да ме моли и да се понижува бидејќи нема пари за стан затоа што целата плата и оди за Опелот во боја на трула вишна. Можев да бидам среќна, викаше девојка ми, да отидевме заедно на годишен. Ама не, бидејќи морав да го поправам скапаното старо радио.
  Стои на вратата и прашува кај ми се парите од платата. Зошто не сум платил телефон? Ме гледа седнат на маса до радиото и тргнува кон мене. Баба ми му го има оставено радиото на татко ми и тој ми го оставил на мене. Мајка ми умре кога бев мал. Додека се бањала и паднал фенот за када во коса и останала на место мртва. Татко ми почнал да го губи она што го викаат допир со реалноста и на крајот завршил во Бардовци. Го посетував еднаш месечно додека не ја запознав девојка ми која вика дека е срамота што имам таков лудак за татко.
  Радиото е толку старо што веќе нема шанси да најдеш делови за поправка. Не можам да и објаснам колку ми е страв дека еден ден ќе се расипе до крај и веќе нема да можам да го слушам, а она вика дека е тоа само старо, скапано радио кое никогаш и нема да проработи.
  Треба да го искршам, прашува. Треба да го фрлам низ прозор за да почнеш да ме слушаш? На радио викаат дека либералниот капитализам ги има уништено сите семејни вредности и сега живееме во ескапистичко општество. Никој никого не го слуша нити го разбира. Девојка ми оди на работа секое сабајле со Опелот во боја на трула вишна и се враќа дома за да биде несреќна. Јас читам назаечки. Во ескапистичкото општество крив ни е оној другиот.
  Оној другиот, тоа сум јас.
  Аутистичен сум, не читам весници, не гледам телевизија и единствениот допир со она што го викаат надворешен свет ми е радиото. Веќе не ја интересира ништо друго освен радиото. Доаѓа до мојата маса го зема и го подига над глава.
  Девојка ми вика дека и е доста.
  Девојка ми е толку лута што не приметува дека радиото вика дека шизофренијата е генетски условена. Го носи радиото кон прозорот и вика дека децата имаат најмили играчки и дека мојата е радиово и доста е веќе бидејќи имам дваесет и една година и време е да пораснам. Кабелот за струја се влече по девојка ми. На радио викаат дека шизофренијата најчесто не е, ама може да биде и насилна.
  Станувам и одам кон прозорот. На радио викаат дека шизофренијата е неизлечива и ако не ја добиете до дваесет и пет години веројатно нема ни да ја добиете. Пред да стигнам до неа го фрла радиото низ прозор и тоа паѓа три ката за да се искрши на тротоарот. Радиото вика дека заради филмовите постои стеретип дека шизофренијата е болест на многубројни личности. Тоа не е вистина.
  Девојка ми се смешка. Сега се чувствува многу подобро. Прашува зошто ја гледам така чудно. Не разбира бидејќи не го слуша радиото како вика дека најчестиот симптом на шизофренија е кога оболените слушаат гласови во главата. Девојка ми се трга додека грабам коса полна рака.

  Полицијата вика дека таква реакција на трауматски случки не е ретка. Утредента плачам и на колена собирам делчиња од радиото кои се лепливи од крв. Полицијата вика дека ги собирам парчињата бидејќи не можам да ја вратам девојка ми.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања

















































































 

  д:дома