2007:март/април
општ
конкурс
в:вучовска амадеа
г:години:20
и кусур
п:професија:проширување
на свеста
д:досега објавено:/
н:нешто
за себе:апфл штрудл ")
а:автобуска
сага
Во црвениот автобус ( кој патем веќе подолго не беше црвен, туку матно
сив, многу матно ) скоро и да немаше чист воздух за дишење.
Тоа се должеше на приговорите на една мајка дека од отворените прозорци
дувало ужасна промаја, која пак, наводно, била ужасна за главата и
органите кои таа ги содржи ( тука подразбираме од синуси до Евстахиева
туба ).
Седеше на местото кое му беше нешто како омилено.
Не долго наназад заклучи дека е стратегиски мошне погодно место токму
поради тоа што прегледно се забележуваше секоја фаца што
влегуваше/излегуваше од екс црвената лимена кутија. Имаше некоја откачена
тенка линија која ја преминуваше во себе на таа откачена температура. На
моменти можеше да излезе од своето тело и јасно да се забележи себеси,
како детски седеше на замастеното столче, со ноженцата скромно повлечени
под него, со бебешко русото косиче и издрпаните патики стари осум години,
кои ги доби како награда за успешно завршената трета година од своето
средношколско образование. Во тие моменти на излети од себе речиси и не се
чувствуваше себеси, благо се запотуваше од некоја возбуда и чувство на
надмоќност и... И се гледаше себеси. Онака како што би можел да ја гледа
некое чиче, некое посимпатично момче, некоја мила бабичка. Во една прилика
се виде на петгодишна возраст: русите, скоро бели локнички; можеше да ја
види мајка си со починатата сестра во нејзините раце, која толку мајчински
гледаше што не можеше а да не се наежи по десната страна од главата;
можеше да го види татка си на дванаесетгодишна возраст, сиот уплакан и
свиткан од болка, од плач по татка си кој се фрлил во реката затоа што...
, кој знае зошто...
Сонцето немилосрдно лазеше по заматените од нечистотија прозорци и игриво
се криеше зад секоја повисока градба крај која минуваше екс црвената
смрдлива лимена кутија. Да, по ѓаволите, мирисаше, или поконкретно и
народски изразено, смрдеше во бусот. Смрдеата е многу релативна, си
мислеше русото главче со издрпаните патики. Тоа што на некој му смрди и му
предизвикува да му се превртуваат цревата, на некого му е неутрално, или
воопшто не му е гроз. Дури и јако му е. Ама, па, не не, мишката отспротива
дефинитивно си смрдкаше. Факт, нема тука што.
Во црвениот автобус мирисаше на мажи. Оној познат мирис од кој му се
вртеше на русото главче, од кој нешто кривудаво му се случуваше во
стомакот. Возбуда. Веднаш се појавија слики од првите допири со машко
тело, со исплашеноста од неизвесност, со спознанието дека апсолутниот
принцип се погрижил да го насели светот со неговите два неспоиви а сепак
вечно единствени подпринципи. Машки и женски подпринцип.
Влегуваа мажи, и тоа голем број на мажи. Со секоја наредна постојка му се
чинеше на русото главче дека ги има безброј многу. Но набрзо сфати дека е
само време ручек. Тогаш мажите излегуваа од своите работни дувла и ги
преплавуваа улиците со својот тестостерон. Некој од рудник, туку што го
донеле со комбе; некој од климатизирана канцеларија, од неговата кошула сè
уште можеше да се насетат јоните од климатизерот и секако, парфемот на
неговата атрактивна секретарка. Некој од фабрика под стечај, некој од
запиена вечер во соба од студентски дом.
Русото главче си ги гледаше колената кои коскесто ѕиркаа низ панталоните.
Зад него беа седнати мајка и син. Класика: мајката зборува, дрдори, синето
нетрпеливо чека да заврши пеколот. Со екстра мазо елементи ги нагласува
нејзините здравствени проблеми, не гледа добро во последно време. Потоа на
синкото му се жали за некоја господја која и` ветила дека ќе и` најде
работа. „Мамо, не се вика `господја`, туку госпоѓа.“ „Ее, добро де, сине,
па знаш дека не сум живеела тука долго време,“ фрчеше хрватскиот акцент на
сите страни. Русото главче се присети на мајка си, на нејзините депресивни
и безнадежни очи, на нејзината мека, најмека кожа, на интелигентните
совети кои му ги беше подарила на главчето за време на карактерните кризи,
и секако, на нејзините досадни гњавења.
„Ау...“, стана синето и застана до седнатите рамена на главчето.
„Сине, зошто ( со нагласено ш ) стана?“
„Затоа што немам шампон,“ се смуртија сините очи на синето.
Главчето се украси со заблеста насмевка. Навистина е незгодно кога нечиј
соговорник плука, да му се не види...
Во екс црвениот бус мирисаше, или смрдеше, сеедно. И беше топло, да му се
не види. Па нормално, сонцето се беше искачило на својот зенит и дремливо
чекаше да мине пладнината.
Од далечината можеше да се здогледа пат кој водеше низ прилично запустени
ниви. Само по некое зеленкасто топче ѕиркаше, најверојатно се работеше за
лубенчиња.
По патот врвеше една екс црвена жешка и смрдлива кутија до врвот наполнета
со испотени мажи, една мајка, нејзиното сине со сини очи.
И русо главче со издрпани патики.