т:темплум  


2007:март/април
општ конкурс


с:стојаноска габриела




 

о:отворени врати

По начинот на кој Петра влезе во собата, полека и без да ја лупне силно вратата, Марко знаеше дека завршила: ги светнала сите соби и го изгаснала светлото насекаде, па ги свитка испружените нозе правејќи и место да се прибере покрај него, на троседот, пред телевизорот. Дотогаш можеби едно дваесетина пати брзо, со тупотење, влегуваше и излегуваше, де од едната врата, де од другата, де од балконската… Toj не беше сигурен што му пречеше повеќе, дали трескањето на вратите или провевот кога ги забораваше отворени, веројатно мислејќи да се врати за брзо. Но, не и префрлаше. По навика, без да стане, само ќе ја испружеше раката и ја затвораше со удар вратата зад него, барем да не му дува во грбот. Секоја неделна вечер Петра беше таква. Ќе ги испратеше до таксито Ива и Ева и уште качувајќи се по скали почнуваше да ги центрира изместените стази, да ги реди расфрланите влечки и да собира се што не е на место. И нему му застануваше на грло како нешто што не може да се проголта нивното заминување во Големиот Град, но тоа е тоа, кукличките – близначки пораснаа, сега студираат, утре којзнае каде ќе се омажат, и туку ќе се накашлаше. Но, повеќе му беше за неа. Знаеше дека сега, откако го среди хаосот кој го оставаа девојчињата зад себе кога ќе заминеа, нејзиното лошо расположение повторно ќе ја налегне.
- Што велиш душо, да ти направам една добра масажа, а? Да те опуштам малку? - слушна Петра додека се сеќаваше со каква сласт ја исркаа децата супата и по малку се лутеше на нив што се мрзливи и не си варат почесто супа во станот, па јадат што ќе најдат и она ѓубре од сендвичарите.
- Масажа? Мм... не. Не ми е до масажа – му одговори и го искрцка вратот на сите страни. Потоа стана и ја отвори ширум балконската врата.
- Ај нека постои уште малку балконскава отворена. Смрди на цигари! Еден куп ги испушија со другарки им. Ќе се иструјат. И нема ни три дена откако ги исправ завесиве...
И додека излегуваше на терасата тој и дофрли: - А добро би било ти да ме измасираш малку? Целиот сум здрвен од климана во автобусот. Ме поболи.
- Другпат - рече Петра и седна на столчето.
Ведро е. И ладничко. А крај на јуни е. Ближи единаесет, децава сега излегуваат по кафулиња. Види ги голи. Ќе се сетат кога ќе ги боли. Масажа. Ммм. Требаше да прифатам. Се ме боли. Сите коски и мускули. Уф. Но, тој ќе се разнежни... А мене главава ужасно ме влече наназад, како да пропаѓам. И после, ќе треба да му вртам грб, или да правам атер... Не можам. Не сакам масажа. Мразам масажа. Ооо, сакам масажа. Сакам масажа, но само масажа. Ништо друго во пакет. Еби му мајката, после толку години јас сум… небаре дете. Глупости! Знам од каде иде, и смешно ми е, глупаво... го имам надрастено, ехеј прерастено... Но ете, се уште без радост ја прифаќам масажата место предигра. И мислам „ место предигра “, кога можам да речам „ како предигра “. Годините си врват... Колку да имав тогаш? Надица беше тукушто мажена. Се вери на дваесет и седум, а од мене е постара дванаесет. Пет-шестнаесет. Лето беше. Загушлива вечер. Отворени врати и луѓе по балкони. Се вратив брзо. Многу предвреме. Се бевме скарале нешто со Ирена... за што ли се скаравме?... детски работи, нешто неважно. Но, и бев многу лута, ха, зашто постојано се лутеше без причина ха, ха. Којзнае зошто заминав директно во мојата спална соба? Дали затоа што бев разочарана и ми се плачеше?... Ќе требаше да објаснувам... а не ми се зборуваше... ги собув патиките и ќе се пласнував на перница да лежам и плачам во темница... Не знам. Ѕирнав низ завесата на вратата во стакло, колку да видам што прават. Мајка ми лежеше на креветот. Татко ми стоеше до масата. Тој зеде нешто, некое кутиче, сигурно салото со црн бибер и почна, се наведна над неа да ја масира. Ме чекале да излезам, па да се масираат. Редовно се мачкаат со сало кога се настинати. Оф, требаше да им се јавам кога дојдов. Ништо од моето самување. Ќе излезам тивко и ќе влезам повторно, како првпат. Дали претходно ја масираше на грбот? Не се сеќавам, но ја гледам кај што лежи на грб, а татко ми ја масира некаде напред. Не се гледа каде зашто телото и е пониско од страницата на креветот. Само темето на главата, коса над перницата, и ништо друго. Но, можам да ги претпоставам нејзините две огромни гради распослани на дебелиот стомак. Татко ми масира. Што? Како? Дали нив? Не знам. Мене ми изгледа како да не ги ни допира. Господе Боже. За срамота! Што правам? Колку незгодно. Морам да излезам. Што потивко! Ќе биде непријатно ако сетат дека сум ги видела во ваков интимен момент. Оф леле, ќе им скрцка вратава. Внимателно ги обув патиките, и пред да заминам ѕирнав уште еднаш. А, не требаше. Татко ми ги спушти пантолоните, старски, вреќести, широки гаќи... и се качи на неа. Почна да турка. Ужас. Заминувај! Полека излегов, и сосем тивко ја затворив надворешната врата од станот. Седнав на скалите. Срцето никогаш посилно не ми чукало. Господе боже! Што ми требаше ова? Каква слика! Татко ми и мајка ми! Од сите луѓе на светот токму нив да ги видам. Вака ли ме направиле? Господе боже! Во девет часот! Со незаклучена врата, еј! Сосетката може секој миг да влезе! Запалени светла, разотворени врати, прозорци, телевизорот ечи... Уште вие ми требавте: Мите и Дарко, внучињата на сосетката. Не знам што бараат, но засилени се да влезат внатре... веројатно татко ми кој редовно ги игра... Претрчуваа таму-ваму преку цел ден... И ете ме мене како ги сопирам, како избезумена, а тие се зачудени и лути... Не сфаќаат зошто и се борат... па морам да ги заиграм и да им го насочам вниманието кон нивниот дом. Зборувам брзо, тресам глупости, но добро, конечно заминуваат... Што ако влезеа? Што ако не бев тука? Кој ќе ги спречеше? Лута бев. Ако дојдат пак? Се вратив во станот, овојпат тропајќи силно со патиките. Ќе ги прекинам. Не сум фер, барем нека завршат. Бувнав во кујната. Ги поткренав и ги отпуштив сите капаци на тенџерињата кои стоеја на шпоретот. Што ако ги закочам еден во друг, како што кажуваат дека некои се заглавиле па морале да ги носат така до болница за да ги одделат? Ја отворив, подржав и затворив вратата на фрижидерот. Ѕирнав и во рерната. Им давав време да се приберат. Кога помислив дека е доволно за да изгледа вообичаено, се фатив за кваката на дневната соба. Одеднаш притисок. „Почекај малку!“ – мајка ми со цела тежина запнала и ја држи вратата затворена. Не навалувам. „Татко ти се преслекува“. За срамота! Господе Боже што им приредувам. Па таа знае дека јас сум голема и ќе се сетам што прават. Сигурно татко ми преминува во спалната соба за да се досреди. Се мразам. Влегувам во собата. Него го нема. Се задржува подолго. Веројатно во купатилото. Или пуши цигара на скали како обично. После доаѓа и седнува на неговото место да гледа телевизија. Јас сум гладна и и барам на мајка ми јадење. Ми минува мисла со кои раце сега ќе ми мачка мармалад. Друга слика. Седам на масата и сосила голтам. Нешто не ми е погодено јадењето... или не ми се јаде воопшто. Долго се молчи таа вечер. Татко ми вцрвенет и здрвен гледа телевизија. Мајка ми нешто плете. Но нејзиното лице издава дека притисокот сигурно и е покачен или главата премногу ја боли. Таа не се жали, но јас гледам колку многу и е криво и ми е жал за неа. Ми е жал за двајцата. Сигурно и тие жалаат за мене. Неколку денови живеам со мојата тајна. А после ете ме со сестра ми Надица, пак во мојата соба како и се доверувам готова да се расплачам. Таа се засмејува како на најслатка шега: „ А мори Петра што си видела, што мене дваесет и седум години додека живеев во овие две соби не ми се случило, ха, ха, ха... „Што зборувате вие две? Што ви се случило?“ - ја отвора вратата мајка ми и знае дека и кажувам. Сестра ми се смее, и мајка ми иако како да не и е некако сеедно, се насмевнува... а мене малку ми е полесно. Неколку години подоцна дури и ги зафркавав на оваа тема. Татко ми под мустаќ се смееше. Убаво е смеењето. Здраво е. Посебно смеењето на сестра ми, ме оздрави. И понекогаш кога ќе се потсетиме со неа се смееме. Но, ова со масажава, некако ми остана. И покрај сето разбирање што го имам денес. Можам да набројам десетина причини и оправдувања. А тогаш беше: Добро каде се бакнежите? Каде е нежноста? Каде е ЉУБОВТА? Многу суво... грубо... некако животински... невозвишено... ми се распарчи замислата за водењето љубов. Не беше така ни во книгите што ги имав прочитано, ни во романтичните комедии што ги гледавме, ни во разговорите со „искусните“ другарки, најмалку во мечтаењата за иднината. ТОА не требаше да изгледа така. Зошто никој не ме предупредил?
- Слушај: или влези внатре или затвори ја вратата, те молам. Доста ми е од чист воздух вечерва.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања



































































































































 

  д:дома