2007:март/април
жанровски
конкурс
s:she
н:недела
Таква беше рутината - секоја Недела попладне како по таен договор, тој
доаѓаше кај неа. Јадеа индиска храна, гледаа филм на пиратско ДВД, имаа
секс, па таа го бркаше да си оди пред да дојде 2 еј-ем. Преку цела седмица
повремено се слушаа, се гледаа овде-онде, но знаеја дека ништо не
испуштаат и дека следната Недела како и сите останати ќе биде само нивна.
Таа Недела, тој отиде до ресторанот за индиска храна, потоа купи филм од
некоја дива тезга, и за прв пат сврати до цвеќарница за неа. И’ купи еден
голем убав Сончоглед, за кој одамна знаеше дека е нејзино омилено цвеќе,
но знаеше и дека таа мрази подароци колку што ги мрази ружите. Се наоружа
со храброст, со Сончогледот во одбранбени редови и заѕвони на вратата.
Беше изненаден од пријатното заблагодарување, и таа веднаш го стави
цвеќето во шарената вазна на трпезариската маса.
Оваа Недела нешто беше поразлична од другите, ни самиот не знаеше зошто.
Го изгледаа лигавиот романтичен филм додека јадеа од книжните тањирчиња со
отпакувана алуминиумска фолија од страните. „Чудно“, си помисли тој, но
таа како да беше разнежнета од филмот. Или од Сончогледот, можеби.
За миг по почетокот на одјавната шпица, алиштата се влечеа по подот околу
троседот, а тие се најдоа во таква прегратка, од каква што никој никогаш
не би можел да ги оддели. Се движеа во ритамот на звуците што заедно со
раната пролет доаѓаа низ отворениот прозорец. Неа за прв пат во мислите не
и се мотаа прашања дали е доволно убава, дали косата и е доволно сјајна,
дали кожата и мириса на лаванда или дали тој нема да примети дека и
потпораснале влакната на нозете. Таа Недела, за прв пат заедно се искачија
до сите врвови натрупани од енергија што двајца може да ја чувствуваат
еден за друг. Сеуште задишана од брзиот ритам на срцето, како да се
струполи врз него и го зтскри нејзиното лице во неговата прегратка, а тој
почувствува солзи на неговиот образ. Таа Недела, таа целосно му се
препушти и тој тоа го знаеше. Облеана во солзи, со потечено лице и црвен
нос, таа сеуште му изгледаше како најубавата жена на светот. Ја сакаше
повеќе од се, сега, кога знаеше дека конечно е негова. Таа се поттргна
колку да го гледа во очи. „Глеј повреди ме... ќе ти ги исечам јајцата“ низ
солзи и смеа му рече. Тој се насмеа и цврсто ја гушна, преплетувајќи ја
едната рака во нејзината коса како што во тој момент беа испреплетени
нивните тела.
Таа посебна Недела, во 2 еј-ем, за прв пат таа не го избрка да си оди.
д:два погреба и
венчавка
„Наташка, разбуди се“ со мил глас ја будеше баба и’ Душка.
„мммм... “ пром’мла таа рассонувајќи се. „Колку е саат?“
„Седум. Ќе одиме со дедо ти во Битола, еве ти го клучот од нашиот стан,
дај и’ го после на мајка ти“
„... што ви текна сега да одите?“
„Умрела баба Митра, Бог-да-ја-прости“
„Добро бабо... поздравете таму“ рече и пак се преврте во кревет.
____
„Ало, дадо, што правиш?“ и’ се јави Христина на сестра и’.
„Еве, на работа“ и’ одговори Весна, мајката на Наташа. „Имам клиенти.“
„Абе... мама и тато тргнале за Битола. Чичо Тасе умрел.“ и рече на брзина.
„Оф, леле... па долго беше болен... Жал ми е за тато, сите браќа му
отидоа... Ако овој беше толку терсене, пак е тажно.“ се пожали.
„Тоа е... нека е тато здрав и жив. Ај, ќе се чуеме подоцна, да видам дали
стигнале“ одговори и ја спушти слушалката.
____
Ѕвонењето на телефонот кое Наташа го мразеше најмногу од сабајле ја натера
да стане и да отиде до дневната соба.
„Ало!“ извика нервозно и со длабок глас.
„Те разбудив? Извини мило“ рече мајка и’.
„Баба ти отишле за Битола?“
„Да, ме разбуди кај 7, сега колку е?“ праша зевајќи.
„11. Ти кажа дека ќе одат кај дедо Тасе на погреб?“
„Не бе мамо, кај баба Митра???“ одговори зачудено.
„Како бе, сега ми се јави тетка ти, рече Тасе дека умрел?“
„Не бе мамо, спиев, ама не сум до толку. Рече дека е баба Митра. Од дедо
Митре, брат му на дедо, со син Мендо што е к’о Досе од Бегалка...“ почна
да објаснува.
„Не се прави многу паметна, знам која е баба Митра. Зошто тогаш тетка ти
ми рече дека е Тасе?“ се запраша.
„Што ве знам, сите сте како расипан телефон“ и реков.
„Ајде, ајде, доста. Продолжи да спиеш.“ рече.
„Чао.“
___
„Здраво, Весне. Марга овде.“
„Здраво Марге, како е во Битола?“
„Слушна за Митра?“
„Абе ми се јави сестра ми, ми рече чичко Тасе дека умрел, а мајка ми и’
рекла на Наташа дека била Митра! Значи Митра е, а?“ праша.
„Леле, да се чудиш. Двајцата!“
„Како бе двајцата?“
„Па бевме синоќа да бдееме кај чичко Тасе, цела вечер. И баш тогаш накај 2
сабајле умрела и Митра! Можеш да замислиш?“
„Не ми се верува....“
„Да... арно рекле, најголемите душмани Господ заедно ги зема..“
„Е, да. Дури беа живи, очите ќе си ги ископаа. Откако умре Митре, само се
караа за нивите која е - чија е.“
„... и сега во ист ден си умреа. Пу пу.. душман да немаш на Светов.“
продолжи братучетката.
„Добро... моите тргнале за натаму, мислат само Митра дека умрела. Не знам
кој ќе му каже на татко ми, се плашам да не го стрефи срцето. Ќе и’ речам
на Христина да му каже откако ќе стигнат.“ со туфкање рече Весна.
„Добро, јас одам да се спремам за на погреб. Се слушаме“ беше кратка.
___
„Еј, мамо, си дојде?“ без да ја погледне праша Наташа додека јадеше и
гледаше телевизија.
„Да, остај... каков ден...“ искоментира Весна вадејќи ги работите што ги
купила по пат од продавница.
„Стигнале баба и дедо?“ праша џвакајќи.
„Да. Инаку Митра била...“
„Гледаш дека не бладам?“ праша задоволно.
„.... и Тасе“ се доискажа мајка и’.
„Аман бе? Сериозно?“ престана да џвака.
„Да.“
„Ајдее... шпанска серија“ се насмеа. „Извини!“ додаде.
„Ми се јави тетка ти Марга, ми кажа.“
„Пак оговаравте? Ептен сте си погодени“ пак се насмеа. Мајка и’ ја
погледна луто. „Извини, знам дека не е за смеење, ама ептен сте ми смешни“
дофрли.
„Што сакаш за ручек?“ ја праша за да го прекине разговорот.
___
„Добар ден, Васке. Како си?“ баба Душка ја праша фризерката.
„Оооо, Душке, од кога те немам видено! Што наваму?“ ја праша.
„Умрела снаата Митра, па погребот е денес.“ одговори.
„Бог да ја прости. Онаа од Митре?“ допраша.
„Да, таа.“
„Таков е животов. Не знаеш кога ќе си одиш.“ констатира.
„Така е.“ воздивна Душка.
„Со фарбање?“ праша.
„Не мора, не одам на свадба“ одговори Душка.
___
„Слушај, Кика, и Митра умрела.“ подоцна и’ се јави Весна на сестра и’.
„Знам, им се јавив на мама и на тато. Стигнале, ама никој не му кажал на
тато за брат му. Може нема да стигнат на двата погреби, во исто време
биле.“
„Како бе, никој не му кажал? Па брат му е?!“ се зачуди.
„Така, јас и’ кажав на мама да му каже кога ќе мисли дека е најдобро.“
„Добро си направила. Уште да му се слоши на тато, што би правеле?“
реторички си се запраша Весна.
„Слушај, ќе одам и јас за Битола, да не ги оставам сами.“ додаде Христина.
„Добро, оди. И известувај ме што се случува“ рече Весна и продолжи да
готви.
___
„...И така ти велам Душке, го чекам чупево да дојдат со мајка му за да ги
запознаеме со оној братучедот од мажот ми, греота се на старост да бидат
сами. Вака барем таа ќе му ја гледа куќата, а тој ќе ја чува.“ се сврти
муабетот во фризерницата.
„Добро бе, Васке, се немаат ни видено?“ праша баба Душка.
„Да де, сега ќе се видат. Туку тој суртук е ептен, ама жал ми е за чупево,
остаре немажена. Цел живот само за браќата и татко му работеше.“ додаде
Васка.
„Туку... а да почекаш малку? Имаме ние еден внук за женење... а?“
„Чиј е тој, мори, Душке?“ праша заинтересирано.
„Од Митра, де, Менде. Остана сам сега, нема кој да го гледа. Цел живот
мајка му му ги пребираше девојките, ниедна не беше доволно добра за него.
И ене го, остаре и тој, а сега нема да има кој да му ги пере гаќите. А има
два стана, едниот за него го токмеше, другиот таа да седи. Сега празни ќе
бидат.“
„Е, па, ај к’о велиш, да ја откажам средбава, можи ќе се бендисаат.“
___
„Дадо, тргам јас за Македонски Брод.“ и’ рече Христина на Весна по
телефон.
„Што те натерало натаму да одиш? Мама и тато кај се?“ праша зачудено.
„Ги оставив во куќата, веќе неколку дена тажи тато што не му кажаа за брат
му.“ одговори. „Одам да го носам Мендо, мама нашла некоја жена за мажење.“
„Ајде??? Па само неколку дена поминаа откако умре Митра?“ се изначуди
Весна.
„Да, ама таков е животот. Чувај му среќа да се бендисаат!“ се насмеа
весело Христина.
„Добро, нека ти биде. Сега и мама и ти стројници станавте, а?“ се насмеа и
Весна.
„Остај. Ајде, поздрав!“
„Чао...“ уште не рече Весна кога се спушти слушалката од другата страна.
____
„Еее... тето, кај си? Конечно си дојде, а? Скоро цел месец помина таму.“
праша Наташа.
„Еве да ве израдувам... Менде ќе се жени!“ се насмеа победнички.
„Ијаа... стварно? Се бендисаа кога се видоа, а?“ се насмеа Наташа.
„Да, бе. И после Мендо за 8ми Март, купил мобилен, па бил до Македонски
Брод, па и’ честитал...“ почна да раскажува.
„Не зафркавај?! Ама ти се модерни стројничкиве приказни.“ се засмеа уште
посилно.
„Да, да... и таа му рекла да чекаат да поминат четириесет дена од погребот
на тетка Митра, и сега кај и да е за некој ден ќе се пресели кај него, па
здравје и свадба ќе правиме!“ довикна Христина.
„Ех, што сте виее... па и младите од по пеесет години. И чекаше мајка му
да умре за жена да си најде, хе хе хе“ почна да се потсмева Наташа.
„Мало, ти доста!“ се подналути Весна, па се сврте кон сестра и’ „Значи
како сте ја наредиле со мама...“
„Да, па биле до кај нив после, да ја видат невестата. Се’ е готово, па
мама кума ќе биде!“ весело рече Христина.
„Е па, ај, за арно нека е. Си за кафе?“
„Никогаш не одбивам. Мора малку, за најдобрата стројничка!“ си се пофали и
двете слатко се насмеаја.