2007:март/април
жанровски
конкурс
р:романов андреј
к:касандра
Еден убав сончев ден
Касандра излезе да се прошета до блиската шумичка. Времето беше убаво и
сонцето нежно ги галеше нејзините долги катран-црни коси, кои што Касандра
ги имаше пуштено ветер да ги носи. На почетокот на шумичката го здогледа
нејзиниот некогашен дечко Ранду како игра пикадо. Инаку Ранду и Касандра
беа и колеги од циркусот, и двајцата паметеа многу пославни денови. Ранду
фрлаше ножеви околу Касандра, публиката ги обожаваше, а стопанот на
циркусот ги ценеше и покрај солидната плата секој втор петок им даваше и
еден вид на Крисмс бонус. Касандра и Ранду редовно, со уште неколку други
колеги од циркусот ги арчеа парите во кафаната Македонски маријачи инаку
во сопственост на битолчанецот Цане Бабата. Цане, некогашен победник на
заечарската гитаријада и бивш фронтмен на ко за македонски услови
симпатичниот народњачки бенд ЕЛИТА ги сакаше и ценеше овие циркуски боеми.
Првенствно заради прометот што го правеа, но и заради убавината на
Касандра, на која што како кант автор и посвети и една песна на неговиот
мајчин јазик. Е ама ѓаоло ни ора ни копа, туку со луѓето џумбуш си прај.
Хуго Чавез стана претседател на Венецуела и како една од првите мерки со
чија што помош работниците требаше да се свестат во класно- естетска
смисла, издаде декрет за укинување на циркусите. Демек по напорната работа
во фабриките на клетите капиталисти работниците наместо да размислуваат
како да го турнат црниот капитализам, одат в циркус и со помош на доодени
слонови ескипираат од реалноста. Залудни беа правдањата на газдата Рикардо
дека кај него во циркусот никогаш не било проблем да се формира синдикат и
дека тој вработените ги има за своја фамилија. Туку работата бидна, назад
немаше. Со циркусот беше готово, секој мораше да се снајдува како знае и
умее. Слоновите, откако никој не сакаше да ги купи, преку Цане ги донираа
во золошката градина во Битола. Другите животни, кое- како. Лавовите и
коњите во еден природен резерват во Аргентина, а маскотата на циркусот
папагалот Константин го купи еден студент по новинарство. Жирафа- парот
Габриела и Леополд му ги поклонија на Фидел Кастро, во знак на добра воља
и со желби за негово скорешно оздравување. Мајмуните и жонглерите се
регистрираа како трговци- поединци и фатија да тезгарат како улични
забавувачи, воглаво по венецуелската провинција. Фала богу, ниту едно
животинче не заврши в кланица. Газдата Рикардо, запали за Парагвај и се
вработи кај некое другарче на татко му, како шеф сале во кафана каде што
идеа потомците на германската емигрантска заедница. На Рикардо никогаш не
му стана јасно како човек може да се расположи, да се испијани и да прај
ќеф на ужасно бавна песна како Лили Марлен.
Касандра прво се обиде како актерка. Сними неколку филмчиња, имаше и
некоја надеж дека ќе ја викнат во една Јужна Америка- Боливуд
копродукција, ама од тоа не бидна ништо. После стотици ситни улоги, реши
да ја батали филмската кариера. Се вработи како презентерка на временска
прогноза на една локална тв- станица во Каракас. Сакаше да го мотни и
Ранду во телевизијата, ама тука имаше голем проблем. Дечкото, едноставно
одбиваше да ја прифати реалноста. Нејќеше да работи на улица, како
неговите некогашни колеги од циркусот, оти тоа е понижувачки. Јас не сум
ниту кловн, ниту мајмун- велеше. Кога Касандра му предложи да дојде во
телевизијата како реализатор на програма, рече дека тоа е работа за
шупелки. Во неколкуте години на касандрината актерска кариера Ранду не
работеше ништо. Фати да пие. Добронамерни колешки на Касандра почнаа да и
укажуваат дека нејзиното момче зема в кола осумнаесет годишни келнерки.
Касандра ближеше кон четириесет и знаеше дека луѓето се злобни, ама. . .
Еден ден Ранду дојде дома земја пијан и ги побара ножевите, за да се
потсети на старите добри денови. Касандра рече дека би можел да евоцира
спомени зад зграда, оти е тазе варосано, а и малиот Ернесто, нивниот
осумгодишен син со едно малско другарче играат монопол. Ранду збесна и
рече дека тој ќе фрла нож кај сака, и за да ги потврди своите зборови акна
еден нож точно во средината на една урамена фотографија. Ова беше премногу
за Касандра. Прво јасно беше дека работата е готова. Башка, сликата во
која што Ранду го стегна ножот и беше многу драга. Тоа беше фотка од
нејзината посета на Македонија. Таму Касандра насмеана го гушкаше
нејзиниот преведувач од шпански на македонски, еден симпатичен средовечен
буцко со бела брада. Подоцна разбра дека буцкото станал министер за
надворешни работи на својата земја. Како ли само се викаше? Чавкуле,
чавуле, чауле? Кој памти, поминаа години.
Ранду се насмевна кога ја виде Касандра.
- Сега ќе дојде, и рече
Ернесто имаше дванаесет години и викендите ги поминуваше со татко му.
Дотрча од шумата со нова тегет маичка, на која што беше втиснато црвено
пикадо со буквата Р.
- Види мама, ова се новите маички на фирмата на тато. Наредната недела тој
ќе оди во Парагвај, каде со чичко Рикардо отвораат нов погон за
производство на Р- пикада. Може ли да одам со него?
Касандра ретко кога можеше да ги одбие барањата на нејзиниот син.