т:темплум  


2007:март/април
општ конкурс


п:петар пан




 

и:и во безредието има ред

Секогаш наоѓав начин како да си формирам ред во редот.
“Во социјализмот имаше ред, а не ова сега демократијава, што ни ја накалемија америве”. Тоа е најчесто изговарана реченица на генерацијата на татко ми, а посебно на оние постарине.
Се сеќавам само што тргнав во школо. Кога одев од попладне на часови, мама ќе ми го обесеше на врат клучот од дома врзан на врвца од кондури и ќе ми дадеше пари пред да оди на работа по сабајлечки. “Оди во Центро, немој во Славија и купи млеко и зејтин.Точно пари имаш нема да ти вратат кусур.”
Кога ќе отидев имаше голем ред. Се ред од ред постари баби и дедовци.
“Имаш време ти внучко за чекање ние стари сме”.
Си чекав. Еднаш така чекајќи, од влезот на соседната зграда излезе едно мое другарче, Пајо. Дојде во продавницата и од задната врата, кај сувомеснатите, една штрбава тетка која таму работеше му даде нешто завиткано во кеса. Утре пак, задутре исто пак.
“Како си Пајо денеска, како е татко ти... еве повели да ми го поздравиш многу татко ти...”
Татко му на Пајо беше некој санитарен инспектор. Подоцна мама ме исправи и ми кажа дека во ствари не бил санитарен тику СА-НИ-ТЕТ-СКИ инспектор. За мене сеедно беше и санитарен и санитетски, Пајо добиваше млеко и зејтин од позади, преку ред.
Еден ден застанав и јас позади.
“Кажи мали што сакаш.”
“Како што, млеко и зејтин.”
“Ајде бришка таму на ред..., тука не даваме, другине будали ли се што чекаат...”
“Брат ми Пајо ми рече да ми дадете.”
“Пајо брат ти е?”
“ДА”
“Па што не кажеш одма, ние мислевме дека е единец.”
“Близнаци сме ама двојајчани, исто како да е еден.”
“Ха,ха,ха..., курле едно, еве повели и да ми го поздравиш многу татко ти.”
Мама се чудеше како толку брзо се враќав дома со тоа што ќе ми речеше да го купам. Дома бев дури и пред да замине на работа.
*
И на училиште се стоеше многу во ред.
“Ќе ве донесам јас на ред”, ни викаше Цветко професорот по физичко.
Не редеше по висина. Највисокиот од машките прв, најнискиот последен до првото највисоко девојче. Јас бев негде во средина и никако не можев да ги видам девојчињата во трико. И другите околу мене на моја висина патеа од истиот проблем. Сакавме да ги гледаме тие штотуку разженствени облини во тесното трико. Затоа го растуравме редот, го правевме по свое, се до следното:
“Мамлази ни заедни ќе Ве ставам јас во ред, стои мирно да не си мрднал, стои каде што ти е местото во редот, мајмун еден.”
*
Години потоа се сеќавам вујче беше самовработен човек. Тргуваше со бензин. Купи го тука продај го во Србија. Јас бев неговиот постојан содружник, за муабет и за убивање досада во редот пред границата кој личеше на колона. Одпрвин стоевме во ред, чекавме многу. Еднаш стоиме во колоната на плус четириесет и вујче многу се наљути.
“Седи во колата и чувај го редот, одма се враќам”
Се врати по неколку минути со двајца батки, ме зема и ме однесе кај некој чичко.
“Сакаш сокче или чај.”, стално ме прашуваше чичко Џевад додека седевме кај него дома и додека неговите два сина ја буткаа нашата кола до границата.
Кога колата ќе стигнеше до граница јас и вујче влеговме во кола и продолживме до местото каде го продаваше бензинот. Пред да си одиме вујче стално му даваше нешто на чичко Џевад, не можев да видам што, ама сигурно беше нешто многу интересно затоа што секој следен пат беше се посрдечен. Не чекавме повеќе во ред, барем додека носевме бензин преку границата.
*
Почнав и во град да излегувам.
Тато ми даваше пари секој петок и сабота. Стално ми раскажуваше како одел на кино кога бил мал и како стоел со часови во ред за да купи карта за некој вестерн. За да не стои во ред, пробал и му дал пари на некој војник кој бил понапред во редот да му извади карта, овој се нафатил ама му дувнал со парите и така не можел да го гледа ТОЧНО НА ПЛАДНЕ со Гари Купер.
Во мое време не се одеше во кино, имаше касети, цедиња и киното не беше интересно. Се одеше по кафичи и дискотеки, а таму за да влезеш се чекаше повторно во ред. Редот не беше како за леб и млеко, редот беше кркљанац. Толпа народ и ти се гужваш и чекаш да дојдеш до вратарот, а ако си му симпатичен ќе те пушти.
Еднаш стоевме цела вечер јас и Моме и не влеговме, утредента Цеце нашата заедничка симпатија со најубавите нозе и најнапрченото газе на светот ни дофрли.
“Кај бевте вчера бе дечки, пак не Ве пуштиле мама и тато а...аха ха ха ха.!”
Побудалував. Утредента му викам на Моме, “одиме на диско во шест попладне.”
“Како бе, па тогаш нема никој.”
“Ако, одиме.”
Отидовме и го чекавме вратарот да дојде на работа. Дојде.
Еден шуплоглав битанга кој ако се поздравиш со него ќе заклучиш дека има мечкина шепа.
“Слушај бато што викаш ние наместо пијачки да плаќаме, парите да ти ги даваме тебе а...”
Батето не се двоумеше, ми удри онака пријателски една блага заушка и ми намигна. Одевме секогаш првин во шест, се враќавме дома, па после пак излегувавме. И се беше во ред, никојпат повеќе не стоевме во ред. Само татко ми се чудеше зошто толку рано му ги барам парите, а посебно Цеце беше изненадена. Ја чекавме да се појави во гужвата пред диско а тогаш одма дигавме рака да не види батето, кој сите ги шутираше на страна за ние да влеземе.
*
Во војска постоеја најразлични виодви на ред. Чудна е таа филозофија на збирање лисја и метење на дворот по цел ден. Многу се стоеше во ред. Ред за јадење, ред за мочање, ред за чистење, ред за стражарење, ред на писта, ред во спалнам, ред за излез... ред до ред. Најинтересно беше стоењето во ред пред менза за бурек. Бурек даваа еднаш неделно и тогаш беше кланица. Стоиш како пингвин во ред и кога ќе дојдеш на ред.
“Нема бурек..., еве ти месни нарезак.”
“Како бе нема, броен е мора да има за сите.”
“Е нема сврши.”
“Да и свршам на ...”, тука обично се совземав со броење до десет за да не ја попијам конзервата во глава ако кажам нешто што не треба. Сепак се добро се сврши по мене. Го најдов Станиш еден мој малски кој само што се вработил како поручник во војска. Јас бев шофер во војска и му ветив дека кога можам ,а он е дежурен на касарна, дека со колата за итна помош ќе го фрлам до некаде во град, а после некое време ќе го земам. Он имаше девојче гевгеличанче, заљубен беше до уши и ич не му се седеше на дежурство во касарна. Кога ме праша како ќе го изведеме тоа му реков дека ако треба ќе иницираме или одглумиме итен случај и право со колата во воена болница. Се сложи. Утредента. Стојам во ред. Станиш се дере на цел глас.
“Војниче, војниче, пак ти во ред, јадеше прееска бурек сега пак во ред пак ти се јаде а... .”
“Не јадев бурек каков бурек!”
“Како не бе, уште ти тече тоа мрсното по лице од што си ждерел, ајде искачај од ред и право позади во кујна, по казна во џубокс, на миење садови”
Без многу бунење искачав од редот и одев во кујната, а таму ме чекаше малото братучетче на Станиш со една цела пита бурек и литро млеко.
“Што не кажеш па ти дека си другарче на Станиш да ти ибам..., нема проблем.., тогаш...,, неќни..., кога ме опцу за малку што не ти ја акнав конзервана од глава...”
Додека тој зборуваше јас ждерев бурек. Редот беше прескокнат. Ме заеба Станиш, се здебелив во војска цели 9 кила, по едно кило на месец.
Имаше уште многу ред и редици, некојпат стоев и чекав, а почесто ги заобиколував. Не ми се чекаше. Ги совладував сите редици вешто. Ред во банка, ред во амбуланта, ред пред студенски прашања, ред за работа ... ред до ред, ред во ред.
Првин чекав, после анализирав, па правев стратегија и на крај стапував во акција.
И денеска чекам во ред, убаво ми е..., ми фали нешто? Не.Е па не ми фали нормално.
Еве сега најново градам една стратегија за совладување на уште еден ред.
Чекам во ред за виза пред една амбасада.
Напишав и книга, практикум. Морам да го пренесам искуството. Се вика И ВО БЕЗРЕДИЕТО ИМА РЕД. Направив и промоција.
Сега работам како службеник и ставам печати на некакви документи. Не ме прашувајте какви, не ме интересира. Убаво ми е, сега јас креирам редици.
Види види, да се крсти човек, а ако не е крстен да се покрсти. Гледај и овде стоеле луѓево во ред. И тоа стојат за јас да им ставам печат. Нека чекаат мамицата нивна, ќе тегнам колку можам, нека чекаат ако треба три дена ќе седам тука и ќе ставам печати ама нека чекаат. Па јас толку ред се изначекав па они сега за овој мојот ред.
Пред мене се појавува една цицлеста. Преку ред.
“Извинете ќе сакате ли да ставите печат на мојот документ.”
“Би ти ставил печат јас и на друго место” помислив а не изустив, срамота е, сепак сум јавен службеник,не смеам така да се однесувам. Се мислам дали ДА, или дали НЕ. Таа ми се насмевнува мртка малку со колковите и ги потресува разголените цициња кои само што не се покажале.
Ехх... и во овој ред има некој како мене кој бара да помине преку ред. Се препознаваме ние таквите.
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


































































































































































 

  д:дома