2007:март/април
жанровски
конкурс
п:петар пан
з:забранета
љубов
Живеев во северниот дел
од градот, а зеемајќи во предвид дека бев студент секогаш одев со автобус
до скопскиот универзитет.Се возев со автобус број 57,најдолгата и
најздодевната автобуска линија во градот.Таа одеше на училиште секој
ден,беше чудно како дотогаш ја немав забележано.Секој ден во исто време,
на истата автобуска постројка, автобусот ќе застане, во него ќе се појави
една црнка,од оние црнки чии очи се толку црни како задебелени болдирани
точки, а кожата прелеана со прелив добиен од слонова коска. Секое утро ја
гледав како се појавува на аголот од истата улица каде минува автобусот,
како трча за да го фати автобусот на градскиот сообраќај во кој двајцата
се возевме секое утро. Јас на факултет, таа на училиште.Трчаше постојано,
некако со забрзан,хаотичен поглед, витка и убава. Потоа влегуваше во
автобусот, малку задишана и кога ќе седнеше на местото наспроти мене,
постојано шараше со своите црни очи околу себе де на десно, де на лево.
Кога за првпат ја видов осетив дека тоа лице бескрајно ми се допаѓа.
Просто знаеш дека човек понекогаш сретнува некои од оние девојки кои
предизвикуваат силна желба да ги стегнеш силно во една луда прегратка и
тоа веднаш дури иако не ги познаваш. Оваа девојка одговараше на моите
желби, на моите тајни исчекувања, на оној вид љубовен идеал кој постојано
го носиме во дното на срцето а не знаеме за него.Упорно ја гледав. Збунета
со моето нападно ѕверење таа постојано поцрвенуваше. Посакував да ги
отргнам своите приковани очи од неа, но повторно во следниот миг ги
ококорував и зјапав како замајан, иако постојано се трудев да ги задржам
приковани за нешто друго. Кога автобусот беше преполн станував од местото
и се гужвав само за да бидам до неа иако тоа ме правеше повеќе од очаен.
Таа пак постојано ме поздравуваше со насмевка и покрај тоа што сеуште
поцрвенуваше со погледот насочен наземи. Нејзиното црвенеење не оддаваше
впечаток дека се љути. На крај почнавме да разговараме. Некој вид на
краткотрајна блискост се разви помеѓу нас, блискост од пола час на ден,
колку што траеше заедничкото возење со автобусот. За мене секако тоа беа
најдрагите и најубавите половина час на ден во мојот живот. Целото
останато време мислев на неа. Ја гледав пред мене постојано за време на
долгите и досадни предавања. Пред мене постојано беше сликата, која лицето
на една сакана девојка ја остава кај сите нас. Поседување на оваа мала
личност би била за мене една луда среќа.
*
Сега веќе секое утро ми ја стегаше раката, со секое изустено “ЗДРАВО”. Кај
мене се до вечерните часови остануваше сетилото на тој допир. Слабото
стискање на мојата рака од тие мали прсти ми причинуваше дека на мојата
кожа оставаат неизбришлива трага која јас постојано ја носам со себе.
Останатото време го поминував во постојано исчекување на тоа кратко возење
со автобусот. Неделите и викендите кога не се одеше на факултет и училиште
за мене беа посебно тажни. Сега веќе јасно гледав, и таа ме сакаше, без
сомневање, затоа што се согласи една саботна пролетна вечер со мене да
прошета малку по градот, онака безцелно, во разговор. Ме чекаше прва на
автобуската станица. Бев изненаден кога ми рече:
“Пред да појдеме заедно на прошетка, треба да разговарам со тебе. Имаме
дваесет минути, тоа е повеќе отколку што е потребно.” Трепереше целата,
потпрена на мојата рака, со спуштен поглед и бледи образи. Потоа
продолжи:“Не треба да се лажеш за мене јас сум поштена девојка и нема да
одам никаде со тебе ако не ми ветиш, ако не се заколнеш дека ништо...дека
ништо нема да сториш...што не би било...што не би било... пристојно”.
Во дното на срцето можеби ја сакав уште повеќе токму поради тоа, па
сепак...па сепак, минатата ноќ бев опседнат од соништа кои ми ја зовриваа
крвта во жилите. Сигурно помалку би ја сакал кога би знаел дека е
лекомислена, но сепак тоа би било толку убаво, толку слатко за мене. Како
што ништо не зборуваше, таа повторно почна вознемирено да шепоти:
“Ако не ми ветиш дека ќе ме почитуваш потполно, јас се враќам дома”.
“Ветувам, ќе правиме само она што ти ќе посакаш да правиме, на ништо нема
да те присилувам”.
“Вистина ли е тоа што сега го кажа?”
“Се колнам”.
“Колку можеш да ме сметаш за луда”.
“А, зошто”
“Зарем не е лудост, тоа што вечерва дојдов така сосема сама со тебе”.
“Ама те молам не...,не..., тоа е сосема нормално и природно”.
“Не, не така, не е природно за мене, затоа што јас неќам да згрешам,
меѓутоа вака се греши, вака се греши кога ќе се постапи, како што јас
постапив. Но кога би знаел колку е тажно и досадно секој ден се едно те
исто, секој ден во месецот и секој месец во годината, тогаш ќе ти биде
појасно. Вака ништо не разбираш.Покрај толку голема фамилија јас сум
сосема сама со мајка ми. Јас правам што можам. Пробувам да се смејам но
сепак не успевам секогаш во тоа.Сеедно, сепак – не е убаво ова што дојдов
сега со тебе. Немој да ми се љутиш што го слушаш ова, ама ти ништо не
разбираш и не си крив затоа што ништо не разбираш.”
Наместо одговор ја бакнав нежно во увото. Но таа се одалечи од мене со
брзо движење и наеднаш се наљути:“Ахх...,после тоа што ми се заколна ти
вака се однесуваш”. Се повлеков.
*
Од кај камениот мост се упативме накај старата железничка станица. Пиевме
кафе во една мала кафетерија. После кафето одеднаш ме обзема веселост и
бидејќи повторно се упативме спрема реката, и долж неа, накај градскиот
парк, наеднаш запрашав:
“А...,како се викаш?”
“Дрита”
“Дрита!”, повторив малку зачудувачки
“А ти... ти си Марко нели?”.
“Да”, одговорив и за кратко потонав во молк.
*
Стигнавме до гратскиот парк, час трчајќи час одејќи еден покрај друг, час
под рака. Дојдовме до една мала тесна патека која водеше далеку негде во
огромното зеленило околу нас, длабоко во темнината, надвор од досегот на
ноќните светилки. Тргнавме по патеката и наоѓајќи една мала задскриена
чистинка седнавме. Роеви од најразлични инсекти зуеја постојано околу нас
, ширејќи во воздухот, благ и постојан шум. И пополека сосема не осетно
пополека и тивко, започнавме да се бакнуваме, потоа се стегнавме силно во
страсна прегратка, спружени на тревата, без свест и осет за било што друго
околу нас освен за своите страсни бакнежи. Таа ги затвори очите и ме
држеше силно во прегратка, стегајќи ме избезумено, без било какво
размислување, опиена целата од глава до петици во силно и страствено
исчекување. Потполно ми се предаде, не знаејќи што прави, не сваќајќи дури
и дека ми се дава вечерта, потполно целата. Се разбудивме и двајцата од
опиеноста, избезумени во големата среќа. Дрита почна да плаче, цвилејќи од
болка, со лицето скриено од нејзините дланки. Пробував да ја утешам, но
таа сакаше да си оди, да се врати сама и тоа веднаш. Повторуваше постојано
одејќи со крупни чекори,“Боже мој, боже мој”
Јас пак постојано велев, “Дрита..., Дрита..., ајде да останеме, те молам.”
Таа имаше црвени образи и воспалени очи од постојаното плачење. Штом
стигнавме до автобуската станица таа се качи во првиот автобус кој се
појави не кажувајќи ни збогум. Јас останав да ја чекам својата 57 за накај
дома. Утредента кога се сретнавме во автобусот , ми се виде Дрита некако
ослабена, испиена променета.Ми рече:
“Јас и ти треба да зборуваме, треба да си кажеме збогум еден на друг.Не
можам повеќе да се гледам со тебе Марко, после она што бидна и она што
може да бидне”.
“Ама Дрита зошто?”
“Затоа што ти ништо не разбираш..., затоа што јас не можам, затоа што ти
ништо не сваќаш..., а јас знаев и пак...,постапив како што не треба уште
кога дојдов со тебе и затоа што јас сум крива..., затоа ќе ти кажам збогум
и повеќе нема да бидам крива, едноставно ќе ја исправам работата...”.
Почнав да ја молам, преколнувам, мачен од желбата, избезумен од потребата
да ја имам потполно во целост предадена во заедничките љубовни ноќи.
Нејзините изговорите ми се чинеа глупави, банални и неповрзани. Не сакав
воопшто да размислам зошто таа така неповрзано говореше, Очигледно беше
дека ме љуби, а бега така од мене. Слеп бев, до мене не допираа никакви
разумни одговори, на нејзините чудни изговори.Таа одговараше упорно:
“Не, не, не можам! Сакам ама не можам!”
Јас веќе паѓав во очај, се повеќе раздразнуван. Дури и ветив дека ќе ја
земам за жена, а таа уште по страшно крикна “НЕ”.
*
Не ја видов цели осум дена. Деветиот ден заѕвони некој на мојата врата.
Сам бев, дома учев, иако ниту една мисла не можев јасно да ја подредам во
својата глава. Се ми беше помешано и изгубено во лавиринт. Отидов да
отворам. Беа двајца млади и силни мажи, постари од мене, но не многу.
Ништо не рекоа освен што прашаа дали јас сум Марко. Само што одговорив
потврдно добив една силна десница точно во челото од едниот од двајцата и
се струполив како трупец на земја.Ударот беше толку суров и силен што сите
работи во главата му се подредија и го склопив мозаикот. Но касно беше,
љубовта беше преслепа за мене. Не можев навремено јасно да ги видам и
разберам зборовите на Дрита,“Ти не си крив и онака ништо не разбираш”. Не
можев да верувам дека токму мене ми се случи, забранетата љубов, за која
само имав слушнато и гледано по филмовите. Не ја дефинирав како “забранета
љубов” и до ден денеска, можеби затоа што и не сакав да биде таква. Ќе ми
каже ли некој на што мислат и што гледаат мажите кога силно љубат!