2007:март/април
жанровски
конкурс
п:панчо вила
к:кога
ѕвончето ќе заѕвони
По занимање писател
Гилгор, седна на своето столче за да пишува. Троножец со тркалца од доле
со рачка која ја подесува висината на неговото седење од пред компјутерот.
Размисли десет минути, стана за да побара некое чоколадо по дома,и отиде
во кујната да си свари кафе. Се врати назад и додека го пиеше кафето свати
дека не пишува затоа што нема што да пишува. Типките на тастатурата како
да беа зашвајсувани една за друга, залепени па не можеше да ги притиска
една по друга, а од белиот лист на мониторот пред него му се вртеше во
главата , како после испиени две шишиња вино. Белиот лист на мониторот му
праќаше порака. Не типкаш и не ме пополнуваш, затоа што си празен, бел
како и јас, немаш повеќе идеи. Кога би имал идеја таа би се придвижила во
твоите загипсирани прсти и би се пренела на мене. Убави букви болдирани и
неболдирани, прекрасни зборови, важни точни и во непрекината низа од
интересни реченици. Но ти немаш идеја, јас останувам бел екран, фајлот
никојпат нема да го снимиш со некое име, вака ќе остане како сега за
навек.
Тогаш заѕвони ѕвончето на влезната врата, а Гилгор осети олеснување, кој и
да е носи со себе изговор.Во ова време од ноќта никого не очекуваше,
сигурно беше некој гњаватор, но дури и тој би му сторил услуга.
Кога отвори виде дека тоа е едно силно и стројно момче убаво облечен со
весел поглед кој зборуваше на некој акцент.
“Јас сум Мики, драго ми е што Ве запознавам лично.”
“Повелете?”, запраша Гилгор.
“Можеби не бев јасен или можеби не го разбравте моето име. Јас сум Мики
оној од Вашите раскази.”
Стварно веќе неколку години по ред Гилгор ги објавува своите раскази на
својот блог, чиј главен јунак е токму Мики. Патуваше Мики во неговите
раскази низ времето, посебно во минатото и од таму го носеше здивот и
пораката во сегашноста. Но тоа беше само еден лик креиран на неговиот блог
кој никојпат не заживеа на хартија.Гилгор се осети изненаден и во небрано.
“Па што? И да сте стварно тој кој се преставувате, што сакате од мене?Како
прво ти си само лик и сам признаваш, па немаш право да се мешаш кај луѓето
од крв и месо и ако си стварно тој, треба тоа и да го докажеш, зарем не се
сеќаваш дека во последниот расказ умираш, ако не вистински тогаш во срцето
на твојата избраничка, не постоиш веќе за твојата Силвија.”
Тоа последно го напиша Гилгор и го затвори блогот и реши да пишува книги,
доста му е од виртуелните електронски букви, сакаше печатени букви со
мирис на старата добра хартија.
“Смирете се не се лутам јас што сте ме умреле за мојата жена, во својот
расказ. Тоа е најмалку важно. Кога некој лик е создаден и кога е
екранизиран и прикажан како жив, може да умре и да не умре и во книгата и
на екранот сеедно, него го примаат во шумата на вечноста . Тој е вечен
исто како што сум јас. Станувам и јас човек од крв и месо.”
“Екранизиран, што зборуваш момче глупости каково екранизирање, што ти паѓа
на памет.”
“Па зарем вие не знаете, па после секое Ваше постирање на нов расказ во
Венецуела се преведува вашиот расказ на шпански и по него се снима нова
епизода од еден мамутски долг филм, филм без крај.Вие толку умешно го
работите тоа, зарем не сте слушнале до сега.”
Гилгор го пушти Мики да влезе дома кај него и го понуди со кафе.Додека го
пиеше кафето Гилгор внимателно го посматраше својот гостин.Раскази,
преведување, екранизација се му звучеше нестварно.
“Можеби ќе ви изгледа чудно но јас не Ве замислував ваков.”
Мики се насмеја и запраша.
“О боже! А, како ме замислувавте?”
“Многу повисок, црн со коса кратко војнички потшишана, неугледно облечен и
никогаш не пушите цигари.”
“Жал ми е, ако сте ме замислувале таков, така и сте требале точно да ме
опишете, вака , јас сум таков каков што сум и нека не ви паѓа на памет да
ме менувате затоа што јас затоа и сум дојден да направите измена таква
каква што јас сакам, а не како што Вие до сега посакувавте.”
Гилгор го замислија овие последни зборови на неговиот соговорник.
“Измена, можеби и би прифатил, но ако добро разбрав не ви смета што
умирате за Силвија, што би менувал тогаш, би разбрал дека сакате да ве
оживеам ама ако не Ви смета која е поентата...”
“Е..., тука Ве чекав, видете во вашите приказни постојат само стални
бракови, таканаречени потврдени, па по својата природа нераскинливи.
Меѓутоа си креирал и многу лошо здружени парови, кои по природа на нештата
треба Веднаш да се распаднат, но тие се нераскинливи и во вашите приказни
тоа никојпат не се случува или ако се случи тоа е со тешки последици,
обавезно некој загинува или умира. Тоа и ми го сторивте мене.”
Мики стапи во брак со Силвија, и уште третата вечер избега од хотелот во
кој ја делеа медената сласт. Тоа го стори затоа што од својата најрана
младост срцето му копнееше по Луна. Тајно се гледаа и уживаа во моментите
на љубовта, се додека Силвија, неговата вереница, не дозна за нивните
ноќни таинствени средби. Откако виде дека не може да го спречи својот
сакан во неговите ноќни љубовни авантури, се реши на радикален чекор,
колку може побрзо да го земе Мики за свој маж. Но не успеа и така да го
отргне од Луна. Уште за медените денови тој и се јави од хотелот, дома.
Гилгор за цело време го слушаше Мики додека говори, се присетуваше на него
и неговите животни случки, го фасцинираа како бајка, а воедно во него
будеа професионална инспирација за пишување. Осеќаше задоволство и гордост
што ете тој Мики симпатичен и несомнено жив е негово дело, тој го створи
од ништо со помош на типките, како син е негов, дури и повеќе од син затоа
што за негова креација не му беше потребно жена. А сега тој е пред него
близок и топол и разговараат. Веднаш му се јави желба да пишува, осети
дека повторно е во форма да напише уште десет, сто ма двеста ликови, да ги
создаде да ги креира, за и тие да дојдат и да му прават друштво како и
Мики и да му донесат нов ветер на инспирацијата. Тогаш се сети дека не го
поставил главното прашање за Мики, кое постојано го копкаше уште од
почетокот на посетата, но не е и чудо, затоа што Мики зборуваше без
прекин, а не изгледа за човек на кого лесно му се влегува во зборот.
“Мики уште не ми кажуваш зошто дојде точно, како сакаш да ти помогнам, не
ми се случува често да ме посети некој мој креиран лик?”
“Одма ќе Ви објаснам, еве напишав расказ кој ќе треба да го објавите. Го
напишав не поради одмазда, нити поради благодарност едноставно имав многу
време и го напишав, во расказите во кој живеам нема ноќен живот, па имаме
време колку сакаме.Се надевам дека тоа не Ви пречи.”
Гилгор ги зема неуредно составените страни и почна да чита.
Расказот горе доле беше повторување на неговиот расказ и се работеше за
Мики, неговата жена Силвија и неговата љубовница Луна. Се зборуваше се
исто само што деловите на љубовен занес помеѓу Мики и Луна беа по
експлицитно објаснети, а револтот на Силвија беше преставен во многу
хумористични сцени на исмејување и бурлески, таа беше дури и преставена
како дебела и несмасна жена наспроти Луна грациозна убава и сјајна. Некаде
пред крајот прочита дека Мики бега после свадбената веселба и веќе е мртов
за неговата жена Силвија. Гилгор не го дочита до крај ракописот, ги извади
наочарите и рече.
“Значи сакаш ова да биде објавено така.”
“Го прочитавте ли до крај, ако немате ништо против, ДА.”
“Добро ќе ти ја исполнам желбата, впрочем не ми се случуваат вакви посети
често и би било непристојно да те одбијам.”
“Ама јас сакам вечер да го објавите тоа, не сакам да чекам.Знаете, утре
треба да се снима новата епизода и во неа сакам сцените со Луна да бидат
снимени, поубаво ми е така и не ми е криво што на крај ќе ме нема, а и на
онаа дебелана квачка од моја жена Силвија, сите ќе и се смејат. ”
“Па немам време целото треба да го прекуцам за да го постирам.”
“Немате потреба јас го имам и во електронска форма еве погледнете.”
Навистина тоа беше истиот расказ кој го читаше од несредените страници. Се
согласи Гилгор, додека Мики го допиваше кафето направи копи, пејст и го
објави расказот на својот блог. Мики се заблагодари и љубезно
поздравувајќи се со Гилгор си замина.
Гилгор задоволен од оваа ненадејна посета која му даде нов кураж и видик
за пишување отиде во кујната да си стави уште едно кафе пред да почне
конечно со вистинско пишување.
Ѕвоното од влезната врата повторно заѕвони. Да не е пак Мики си велеше,
сигурно нешто заборавил. Отвори, пред него беше една дебела и несмасна
жена. Гилгор ја препозна. Тоа беше жената на Мики, Силвија но што сега таа
бараше! Одеднаш таа ја крена раката во која силно блесна еден голем нож и
силно го зари во срцето на Гилгор. Гилгор падна, се струпули ничкум на
прагот од влезната порта. Немаше време ни да праша зошто.
Силвија си го зема зариениот нож од неговото срце и чистејќи го од крвта
промумла.
“Ти си изворот на сите мои проблеми ти и никој друг, сега Мики ќе биде
само мој.”
љ:љубовта одново
умира
Откако заклучи дека
нејзиниот животен избраник Мики е сигурно мртов, ѓавол да го носи веќе не
се појавуваше 6 месеци од свадбата, од онаа вечер во хотелот кога заѕвони
телефонот, Силвија попушти под притисокот на наговарање за да ја прифати
љубовта на друг маж. Го прими искрено и уверено дека го сака. Беше тоа
убав човек, висок, исправен, силен, со преубави заби и богат пред се. Пред
првата нивна средба Марта, мајката на Силвија и одржа едно предавање на
својата ќерка. Се сомневаше и таа самата во искрената љубов на својата
ќерка, па сакаше да и објасни темелно дека во некоја врска тоа што не
доаѓа по налог на срцето мора да биде надвладеано со интересот.
“Однесувај се пристојно и мисли дека можеби е и среќа, што Мики е за сите
нас мртов, откако се изгуби кукавички онаа ноќ. Ова овде е ...”, и ја
искриви устата со гримаса и движење на прстите што означува пари.
Силвија ништо не приговараше. Беше повеќе од очигледно и можниот приговор
укажуваше на недостаток од здрав разум.
Воздивна мислејќи на отсутниот, кој најверојатно беше мртов ако не
вистински барем во нејзиното срце, се присети на една препорака која тој и
ја беше оставил и покрај тоа што избега, а тоа е да биде среќна, ... се
смири.
Му рече на новодојдениот дека го сака веќе подолго време, дека го
запознала додека Мики сеуште бил жив и тоа што одма не го засакала било
затоа што веќе била верена за друг маж.
Длабоко уверен во својата добра судбина овој новиот ја слушаше и гледајќи
го своето лице на огледалото, додаде неколку зборови кои не искажуваа
изненадување.
“Знам, знам! Го приметив тоа.”
Од овој одговор Силвија остана изненадена. Таа не мислеше така и да беше
на негово место навистина би се посомневала. Колку само беше лесно да го
врти!
Нејзиниот поранешен Мики во се се сомневаше, а овој новиов, идниов, за час
беше уверен во било која изјава.
Мајка и Марта излезе за да им даде време поубаво да се запознаат.
Тој веднаш ја зграби, дивјачки ја гушна и ја бакна со таков бакнеж кој
демонстрираше освојувач.
Нејзе сето тоа и делуваше малку грубо, но откако се согласи на препораките
од мајка и Марта, возврати со движења кои демонстрираа задоволство.
Стоеја долго и се посматраа еден со друг.
Дури многу покасно тој започна долг разговор, очигледно однапред веќе
подготвен во кои детално објаснуваше што е за него сопруга. Во еден дел
дури изусти и збор кој многупати за неа сега покојниот Мики го
повторуваше. И тој како и Мики зимаше жена за да ја задржи целата за себе.
Само со таа разлика што Мики никојпат не кажал дека неговата жена не би
смеела да даде повод на друг ниту со очи ниту со збор.
“Минатото ти припаѓа знам, но сакам да го познавам,”праша новиот.
Таа почна да раскажува со помалку двоумење, Му раскажа за Г. а тој ништо
не писна. Му раскажа за Д., а тој ја исмеја. На крај таа сакаше да зборува
за Мики, но тој ја прекина.
“Сеќавањата на луѓе кои припаѓаат на другиот свет не ме плашат”, рече со
таква надмоќ што земјата прекина да се врти.
“Мајка ти веќе ми кажа дека си се омажила за него од сожалување.”
Таа зачудено го погледна но ништо не промрморе. Мики најверојатно веќ
одмана за неа бeшe мртов, но сепак умираше по втор пат.
м:младенци
За свадбената веселба, после многу перипетии, беше избран хотелот
Холидеј Ин. Фамилијата на младата невеста Силвија, скороевичи, повеќе
алудираа на Александар Палас, како по луксузен. Но старата скопска
фамилија на младоженецот Мики успеа да го наметне Холидеј Ин, постар и
помалку раскошен од Александар Палас, но многу повеќе елегантен.
На денот на свадбената церемонија, двајцата младенци влегоа во првиот,
најголемиот и најраскошниот автомобил од многубројните подредени пред
црквата. Целата поворка споро се придвижи.
Во текот на патувањето младата невеста му рече на својот маж, младоженец
дека ја обзема некоја мачннина и слабост.
“Зарем стварно одат во Холидеј Ин?”.
“Мила, заборави на тие глупости, јас сум тука”, одговори младоженецот
привлекувајќи ја кон себе. “Не се плаши”.
Младата невеста на која две солзи веќе и се тркалаа по напудрените образи
не рече ништо. Продолжи да гледа низ прозорецот некаде далеку, додека ги
одминуваа зградите, дрворедите кои се нижеа за време на возењето.
Штом стигнаа до хотелот доаѓајќи еден по друг, автомобилите го закрчија
цел простор пред влезот. Во предворјето на Холидеј Ин почнаа да се гужваат
познатите гости кои успеале да ги соберат двете фамилии. Звучни имиња,
јавни личности, транзициони газди, славни имиња од светот на уметноста,
влијателни пријатели, роднинни.
“Мора да се признае дека е прекрасно”, рече мајката на невестата на својот
маж, веднаш штом седнаа на стол во свечената сала.
“Нашата мала Силвија не била никогаш толку убава”
“Во право си драга, малку е бледа под нејзиниот невестински вел, но толку
е слатка со тие големи и црни очи.”
“Да драги, а нашето зетче Мики може да се смета за еден од најпосакуваните
момчиња во градот.”
Поради ова задоволство кое ја обзема мајката на невестата, Марта, заборави
на пропуштената шанса што не можеше да го организира свадбениот прием во
Александар Палас.
“Па на крајот на краиштата и овој хотел има свои предности”, постојано си
повторуваше.
Салата не беше во голем свечен стил, немаше ништо бело и златно, ѕидовите
не се овални, туку правоаголни и премногу темни, а декорација како воопшто
да немаше освен оние големи лустери. Сепак мајката сакаше да биде присебна
или барем да глуми присебност.
“Овој ден е премногу убав, за да се оптеретувам со секакви работи, и
хотелот е само преодна фаза, кога двајцата млади ќе започнат потполно нов
живот. Сепак нема сомнеж дека хотелот не е толку весел како Александар
Палас”, по којзнае кој пат ова му го повторуваше на својот маж.
По којзнае кој пат нагласи и дека секој може да зборува што сака но дека
сватовите и младоженецот се тие кои ја договорија работата за овој хотел.
Ќерката е убава добра и не смее да се заборави богата. Тој напротив се
китеше со своето старо скопско потекло, многу умишлености и ништо пари.
Таа ја остави својата нова сваќа во потполност со одврзани раце. Сега не
може а да не упати неколку забелешки, на крајот и толку се индискретни што
никој не ги забележува.
Не ја интересираа веќе ни гостите, ни музиката, ни младите. Целата нејзина
радозналост се концетрираше на ручекот. Таа осеќаше дека тука лежи
зајакот. Ех да беше ова Александар Палас. Кој слушнал некогаш дека на
свадбениот ручек главното јадење мора да биде натопено во вино. А што да
мисли за трите испечени прасиња со јаболко во устата поставени на
невестинската главна маса. Глупав ручек, тежок, примитивен, воопшто не
одговара на веселбата. Веќе предвиде дека на крајот од свадбениот ручек ќе
се случуваат зајадливи шеги, ќе се раскажуваат вицеви, дека ќе биде многу
бучно, што од примитивизмот на сите околу, што од алкохолот кој се точеше
во неизмерни количини. Се тешеше со тоа дека некои работи треба да им се
остават и на сељаците, кои за жал не знаат што е правилно однесување.
“Добро драга, опушти се, па еднаш во годината можеме и ние да си дозволиме
ваква слобода.”
“Да глупане ама не на свадбата на твојата ќерка.”
Цела среќа што ненадејното заминување на младенците ја скрати веселбата за
цел час. Така почнаа да си одат убавите и грди жени, младите и убави мажи
но и мажите со стомачиња и стомаци, девојчињата со кратки сукњички и
бабите на угледните скороевичи.
А за младите претстоеше ноќта, ноќта на нивниот живот.
Се повлекоа во една од хотелските соби на самиот хотел. Тоа беше нивната
прва брачна ноќ. Не се сеќаваа дали претходно се сакале или радувале,
едноставно чекаа да се соединат, потполно да се предадат еден на друг. За
нив во тој миг се требаше да исчезне, се бледнееше пред онаа единствена
светлосна точка на нивната среќа. Кога влегуваа во хотелската љубовна
одаја тој рече.
“Ова е сега нашиот свет, нашиот космос.Ништо друго не постои за нас.”
Ги затворија херметички вратите и прозорците. Навалија на среќата.
Утредента сонцето се пробиваше низ тешките и темни хотелски завеси.
Осамени живееја во својот посебен космос, во љубовното гнездо каде
часовникот не брои никакваи минути, саати, никакво време. Минуваа денови,
минуваа ноќи.
Една ноќ младоженецот погледна во љубовното гнездо со необична
радозналост. Тој посебен космос, одвоен од правиот космос, кај него
предизвика љубопитност и чувство на двосмислен механизам. Направи движење
како од себе да вади кравата, јаже или нешто што го стиска и му пречи да
дише. Но раката одеше во празно. Тој немаше ништо околу вратот. Вратот
беше слободен и гол. Сепак тој тешко дишеше, како во некој подрум,
воздухот беше редок. Одеднаш скокна од креветот, го раскрили широкиот
прозор. Бескрајна ведра ноќ беше надвиснала над градот. Се наведна од
прозорот, не можеше да земе воздух и сакаше да викне помош, но само
прошепоти.
“Се гушам, немам воздух, се гушам.”Младата невста се разбуди, го погледна,
откако се увери дека се е во ред повторно заспа како маѓепсана принцеза
која треба да биде бакната од принцот за да се разбуди. Тој не можеше
повеќе да спие. Се покриваше со покривачот само преку грб. Едно време
седна во аголот од собата, свртен со грб спрема ѕидот и го набљудуваше
љубовното гнездо. Погледна на телефонот и му се појави надеж во очите.
“Како на тоа не се сетив порано?” Ја крена слушалката, одбра некои броеви
и чекаше со радост но и со мачнина да слушне нечиј глас. Што му
одговорија? Осети во увото некои воздух на свежина. Ништо друго. Ја спушти
слушалката. Се одалечи од телефонот кој сега му беше одвратен. Посматрајќи
го телефонот на подот помисли.
“Кој знае може сега во оваа минута, некое ѕвонење некој глас оттаму доле
од светот на луѓето ќе се јави.” Влезе во купатилото да се истушира, да ги
измие своите мисли кои му се мотаат околу главата.
Кога излезе неговата млада и преубава Силвија, го држеше телефонот во
рацете а во очите и искреше ѓаволска љутина.
“Ѕвонеше телефонот”, рече таа.
“И кој беше?”, праша Мики.
“Ти ли и кажа дека си овде.”
“Да.”
“Тогаш да си одиш веќе еднаш одовде и од мене и од мојот живот.”
Младоженецот се сруши на креветот изнемоштен.
“Требаше да се одлучам за свадбената веселба во другиот хотел, или можеби
во некој трет”, помисли. Набрзина се облече и се изгуби во ноќта
засекогаш, далеку од тука далеку од неговата Силвија.