т:темплум  


2007:март/април
општ конкурс


к:крстевски ѓорги




 

ц:црна дупка

Најпрвин ни се виде долга улицата. Како да се протегаше до бескрај.
Потоа, возилата почнаа бавно да се движат по неа, а на едно комби што помина можеше сосем јасно да се прочита рекламата за еден дневен весник, напишана со мали и тенки букви.
Потоа, луѓето што ни доаѓаа во пресрет изгледаа како воопшто да не се движат кон нас, туку како да стојат во место.
Потоа, ни застанаа стрелките на часовниците.
Сè се забави до точка на запирање.
Ете, оттогаш се немаме вратено дома, а излеговме на обична вечерна прошетка како двајца вљубени кои се држат за рака.

 



 

н:ништо чудно

Една жена со долга црна коса и црни очила за сонце, сета облечена во црно, со црна чанта обесена на левото рамо и со црна полна торба во десната рака, поминувајќи пред градската библиотека се сопна од еден поткренат дел на плочникот и падна, при што неколку зелени краставички, кои најверојатно беа наменети за зимница, се стркалаа надвор од нејзината торба.
Ова се случи пред очите на точно четиринаесет случајно затекнати луѓе во нејзина близина, од кои поголемиот дел беа од женскиот пол.
Во светот секојдневно се сопнуваат и паѓаат илјадници луѓе, и нема ништо чудно во тоа.
Жената во црнина стана со помош на подадената рака на една љубезна млада девојка, и откако ù се заблагодари на помошта, ги истресе колената на своите црни панталони и ги
прибра стркаланите зелени краставички во торбата, а потоа седна на една блиска клупа за да се смири.
Во меѓувреме, тринаесет од четиринаесетте очевидци на оваа случка веќе не беа на своите места и итаа секој на своја страна.
Жената во црнина, откако поседе малку на клупата, стана и си продолжи по својот пат, каде и да водеше тој.
На крајчињата на усните на чуварот на градската библиотека, четиринаесеттиот очевидец, стоеше една развлечена насмевка која секој миг можеше да избувне во силна смеа, доколку тој не се воздржеше.
Нему, на пример, оваа случка му изгледаше многу смешна.
 

 



 

п:претстава

Писателот е платен за да ја напише претставата, а режисерот за да ја режира. Глумците се платени да глумат во неа, гледачите се платени да ја гледаат. Редарите се платени за да го одржуваат редот за време на нејзината изведба. Сцената е направена за претставата да се одржи на неа, а седиштата околу сцената се поставени за да се седи на нив додека се гледа. Вратите се вградени во ѕидовите за да може низ нив да се влегува и излегува од салата. Целото театарско здание е изградено за во него да се одржи претставата. Улицата што минува пред неговиот влез е пробиена низ густото зеленило за да можат посетителите непречено да дојдат на премиерата. Целиот град е испланиран до најмала ситница за да може да се смести театарот во самиот центар. Во меѓународни рамки создадена една мала држава во чиј северен дел ќе се наоѓа главниот град со воодушевувачкото театарско здание. Со таа цел создадена е и една планета со сопствена атмосфера, околу која кружи прекрасна месечина.
Всушност, измислена е цела една вселена за потребите на претставата.
 

 



 

н:несоница

Уморни сме, но веќе цела вечер не можеме да заспиеме. Се обидовме неколкупати: безуспешно. Ни броењето на сите пријатели и непријатели не помогна. Шетаме низ станот во таа застрашувачка тишина и не знаеме што да правиме со себе. Им завидуваме на останатите; тие сега спијат и сонуваат, припаѓајќи му на еден сосем поинаков свет. А ние, заробени во стварноста, речиси полудуваме од желбата да побегнеме од неа, макар и за кратко. Ни се чини дека ноќта предолго трае. Гледаме во ѕидниот часовник, а сказалките како воопшто да не се движат. Се напиваме вода во кујната и се враќаме во постелата каде што лежиме, и во мрак го очекуваме доаѓањето на новиот ден. Помислата дека можеби никогаш нема ни да дојде нè вознемирува и не ни дава спокојство за да ги затвориме очите. Лежиме така, со отворени очи, и го слушаме сопственото дишење.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


























































































 

  д:дома