2007:март/април
општ
конкурс
п:пешевска ина
н:недела,
слатка недела
Зима со криза на
идентитетот. Се однесува како пролет.
Мирис на запршка, скара, риба и други делиции за станарите од зградата со
фасада која исчезнува. Жени во фустани со цветен дезен, замастен од
зејтинот што умира на огнот, и мажи со олабавени стомаци и раце, но цврсти
маши, заедно креираат. Создаваат кулинарска уметност во своите ателјеа,
т.е тераси, кои од пред неколку години почнаа масовно да се претвораат во
кујни.
Нивните деца си играат на малото тревно квадратче. Родителите се задоволни
поради здравиот начин на социјализација. Иако, рака на срце, малечкиве не
знаат баш најдобро да играат. Но затоа совршено добро се плукаат.
Недалеку од нив, на клупите, седат старци и уживаат во сонцето. Без
разлика што неговото зрачење ги заморува нивните веќе уморни органи. Го
анализираат светското уредување од Балканските Војни па навака, и сé уште
посакуваат нешто да се промени. А, адолесцентите, кои минатата ноќ пушеа
трева на истите клупи, не чувствуваа потреба да сменат било што.
И единствено маалската кучка, со својот лаеж, внесува дисторзија во
совршено хармоничниот тек на настаните.. Создава бука поради својата
несигурност и искомплексираност, која е разултат на тоа што еден дел од
станарите ја хранат и галат, а останатите ја гаѓаат со камења.
Но, сеедно. Таа е само искомплексирана кучка која не треба и не смее да го
наруши мирот. Овој попладневен, неделен мир кој ја опкружува зградата со
фасада која исчезнува.