2007:март/април
општ
конкурс
х:хипокампус
г:години:27
к:кога би била
комисија на овој конкурс
НАЗНАКА: Јас ни малку
помалку од најмалку не би сакала да бидам комисија на овој конкурс за
краток расказ. Едноставно, многу е сложено да се добиваат мултипни пораки
од уникатни индивидуи во кои тие водат еднонасочна кореспонденција со мене
и тоа пред публика. Комплексна ситуацијата, дополнително искомплицирана од
простота со која тие ќе се дрзнуваат да ми праќаат приватни пораки
преполни со празни ветувања, парично-осиромашувачки поткупи, заканувачки
заведувања и заводливи закани.
ПОДГОТОВКА: Кога би била комисија на овој конкурс задолжително би се
опремила со незадолжителна насмевка и би купила:
- Коцки мраз против отоци на глава и други тркалезни творби;
- Лупа за зголемено гледање меѓу редови и ситничаво прогледување низ
прсти;
- Вода за дешифрирање на транспарентност во разводнети пораки.
ПОСТАПКИ: Кога би била комисија на овој конкурс прво би си ги земала
рацете, а потоа би си ја ставила главата во нив, како во торба. Па, како
мачор во чизми (само не во чизми, туку во торба), би си ја потресувала
повремено. И би си рекла:
“Бре, мајката, кој татко го створил авторов што ја сотворил певливата ода
за ономатопеата? Мора да е некој магионичар штом вистински ја пречистил
основната димензија на текстот (слики) до негова сирова верзија, а и на
ономатопеата и направил ономатопеа.”
“Види, види, четиво со несогледлива и недогледлива вредност! Заглушувачко
за очи заради мракот што паѓа од жал дека завршил текстот кој раширен по
целата своја должина се служи со архетипи со цел да конструира научна
фантасика без научна сигнификантност.”
“Оф, ме пресекоа чувствата со нивната мекост! Ме изгладнеа за љубов со
нивното лирско изобилие и ме сотреа со нивното милување. Ме потсетија на
мојот незаборав, па одам да го услужам со некоја љубовна заповед.”
ОДЛУКА: : Кога би била комисија на овој конкурс не би го ниту темелно
прочитала овој површен расказ. Уште помалку би ги анализирала неговите
сумации и засигурно не би му дала награда, зашто ако тоа се случи истото
би било знак дека јас сум суетна комисија која не прифаќа никакви
инструкции и забрани од први лица еднина.
Ама јас не сум комисија, па затоа овој расказ е комплетно непотребен.