т:темплум  


2007:март/април
жанровски конкурс


б:бувљак нада




 

н:наследство

Се разбуди во собата со подот од мувлосани штици, во куќата на татко му, изградена во времето кое сега беше длабоко минато. Низ отворот кој никогаш не го затворија со врата, се рашири мирис на пржена сланина. Откога се протегна и низ прозорот го препозна планинското сонце, се освести. “Назад сум!„ Си мавна дури и шамар, да се осигура, додека се ѕвереше во огледалото чиј одминат рок на употреба му го изобличуваше ликот. Си го изми лицето во легенот со вода кој некој веќе го имаше спремено. Сигурно Вера, помисли.

Вера беше новата жена на татко му. Незнаеше многу за неа, сем дека е приближно негови години. Татко му ја престави како верна, силна и посветена.

“Тамам она што ми е потребно на овие години. Мајка ти замина, ти си далеку, без намера да се вратиш, ниту треба. Што ми се заштедите ако неможам да живеам во мир?„ беше уводот при последниот телефонски разговор.

Заштедите беа од печалба. Кога Љубе замина на спротивната страна, татко му го градеше пристаништето во Перт. Се врати кога почина жена му. Парите беа доволни да ја закопа, продолжи да гувее во падините на Плачковица, а и зачува значителна сума. Љубе не стигна на закопот. Тогаш сеуште беше во шкрипец за пари и документи, па враќањето ќе значеше и збогување со шансата за истите.

Ги навре фармерките и кошулата со којашто долета и се упати кон скалите. На излегување со аголот од окото ја здогледа штавената кожа од мајка си. Пред воопшто да зачекори по патот на сеќавањата, се упати кон кујната.

“Добро утро,„ запеа, впуштајќи се во прегратката на жената чиј озарен вокслик исплетуваше мрежа од младешка возбуденост.

Во тој момент влезе татко му. Годините го имаа одминато стариот градежник чии рамена беа клапнати, а рацете исушени и потечени. Очите му беа суви, а косата како да ја имаше вдомено разретченоста на времето кое се обидуваше да го развлече што повеќе.

“Се запозна со мојата младост, гледам?„ изговори, прегрнувајќи го синот за прв пат по една деценија.

“Си остарел и ти! Седи. Уморен? Ќе да си. Спремен за дрвата? Само што пристигнаа, ќе мора да ги исечеме и наредиме во шупата. Ах бре! Кукурек!„ продолжи, видно возбуден.

Додека таткото и синот ги исполнуваа празнините на одминатото време, Вера молчеше. Ги послужи и се повлече во аголот од собата, од време на време упатувајќи го погледот кон новодојденецот.

Деновите потоа ги поминаа окупирајќи се со дневните политики на селскиот живот. Се наредија дрвата, запечати зимницата, искоси сеното...

Една недоумица сепак остана да тлее.

Имено, Љубе иако вратен со значителни заштеди, неможеше да ги оттргне мислите од оние под перницата на татко му. Настрана нејзините бујни гради кои се почесто му ги крадеа погледите, неможеше а да не го примети забрзаното одминување на векот на татко му. Но знаеше дека нема да има полза од муабет. Стариот беше обземен со нејзе.

Сепак немирот на Љубе му велеше дека Вера нема право. Не на крвните врски, не во минатото и заедничките борби и болки. Во тој дел немаше место за неа. Но, заклучоците, се косеа со законите. Знаеше дека не се на негова страна. Истото го потврдуваа и индиректните укажувања на селските озборувачи. Не требаше долго да се рашират муабетите за “маќеата која ќе го закопа стариот и ќе го искористи син му.„

Муабетите најмалку го загрижуваа. Но, во озборувањата ја препозна шансата за неотуѓувањето на фамилијарното.

Една вечер, за време вечерата, молкот го преќина Вера.

“Ти се уарни гледам,„ му се обрати, дрско, трескајќи со лонецот.

Љубе остана подзинат, обидувајќи се да го препознае правецот на започнатиот говор. Татко му стана и излезе.

“Мислам... се најави на две недели, поминаа два месеци, се прашувам, зарем не те чека некоја, таму, во Америка?„

Љубе успеа да ја прикрие омразата која се таложеше со секој одминат ден. Упатувајќи се према нејзе, со десната рака ја остави чинијата, а со левата и ја обви половината. Ја прилепи својата до нејзината глава, и и` дошепна, „Не, имаш среќа... ќе чекаме заедно.“

Муабетот не се повтори. Љубе успеа да го убеди татка си дека одлуката да остане дома е искрена. „Доста скитав, сакам да се вдомам. Овде припаѓам.“

Продолжија да живеат заедно во тројка. Љубе навлезе бргу во рутината. Ги презеде обврските околу стоката, не мешајќи се во нејзините куќни задачи.

Знаеше дека помеѓу стариот му и неа нема физичка интимност. Истовремено, се почесто се приметуваше самиот како се ѕвери во нејзините гради и колкови: кога таа го метеше дворот, или ги простираше алиштата.... Но, ги сузбиваше сите нагони, со “една ручна„ како што се изразуваше. Употребата на раката му разлеваше насмевка, предизвикана од чуството на скорешна победа, многу повеќе отколку од сексуалната возбуда.

Татко му не го приметуваше јазот помеѓу нив. Горд беше на, за него, заедништвото. Не ги приметуваше нејзините комшиски обиколки кои завршуваа дури длабоко во ноќта. Не замераше ни на Љубевите зачестени посети на селската биртија.

Едно неделно утро, враќајќи се од црква, Љубе го пречека Вера превиена како клопче. Ликот и беше пребледен, со видни болки пресликани во ужаснат грч. Пред воопшто да ја праша, ги слушна зборовите кои му ја открија судбината: “Трудна сум!„

Ја прифати вината, и уште истата вечер му ги соопшти вестите на стариот, кој својата растревоженост ја претвори во рационална одлука: Љубе ќе живее со срамот и обврските кој сам си ги создаде. По изреченото, ја извлече бочвата заколната пред години: “За идната снаа„. Како мајка свесна за сопствената грешка во зближувањето на синот со селскиот измет, со наведната глава им ги предаде заштедите. Не проговори повторно. Истата ноќ ги заклопи очите, кои ги пречекаа заедно со првата заедничка зора.

Наскоро беа повторно тројка. Неприродноста на истата остана фамилијарна тајна. До самиот свој крај Љубе остана доследен до сопствената наводна неморалност со која, како што велеа: “си го уби стариот.„ Дури и се убеди во надмоќноста на својата “ручна„ која никогаш не ја употреби за ништо, сем за пребројување на наследството. Вера никогаш не му се спротистави.

Молкот за нашето тројство беше разбиен денот кога ми укажаа на сличноста со селскиот поп, од кого во наследство го имам пелтечењето, очниот белег и жар црвената коса. Деталите на приказната која ви ја пренесов, ми ги раскажа вујна ми на денот на нивниот закоп - резултат на огнот кој ги зеде заедно со мувлосаните штици. Тогаш ми го предаде наследството со кое на свои седумнаесет години и јас заминав на печалба. Кога ја прашав каде била досега, ми рече дека не сакам да знам. Небаре и толку сакав.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања



































































































































 

  д:дома