март
w:worm
л:лопатар
- Кај си царе, што
праиш?
- Еве накај тебе.
- Што ти текна да поминеш накај мене, очи ти неам видено последниве 3
месеца.
- Работам царе, ја не сум као вас студентарија, што сакате си праите. Мама
и тато пари уште ви даваат.
- Е што е право, право е, него ти слушам домаќин си станал.
- Така е. Него слушај. Абе, треба некоја земја да пренесам со камионот, па
барав работници, ама недела, нема. Само еден најдов. Ми треба уште еден.
Ако си слободен да дојдеш да ми помогнеш.
- А каде?
- Тука во близина. Нема којзнае колку работа. Да префрлиме една земја и се
враќаме.
- Ај чим викаш, само да се облечам.
- Земи си некои стари алишта, ќе се изпрљаш, земја ќе носиме.
- Ок. Сеа доаѓам. Секунда.
Влегоа во камионот. Вратата не се затвораше па мораше да се држи со рака,
преку отвореноот прозор. Борејќи се со промајата, полека се приближуваа
кон местото, каде требаше да се подигне земјата.
Отпрво отидоа кај газдата, седнаа, добија сите тројца по еден сок и се
упатија кон земјата. Купот беше не баш мал. Еден цел камион. Го наместија
камионот, така да може да се внесува земја во приколката. По две три
фрлени лопати другар му ги остави со работникот да товараат, а тој замина
кај газдата со оправдување дека треба да се договорат околу цената.
Останаа двајца. Заринкај со лопатата во земјата, подигни и префрли во
приколицата. Беше додуша потребно малку високо да се подигне лопатата, но
сепак му помагаше висината. Се испоти, капки пот почнаа да го облеваат,
ама како да не им обрнуваше внимание. Сакаше што е можно побрзо да се
натовари купот земја. Побрзо да отиде дома. Требаше да се слушне со
девојката, за да се договори да се најдат подоцна. Одеднаш работникот му
се обрати:
- Од кога работиш утовар, како да си нов. Не те имам порано видено.
- Не работам утовар. Му помагам на другар му.
- Како си се засилил. Ако продолжиш така све ќе те боли.
- Не е страшно, место да играм баскет, малку ќе ги размрдам мускулите.
- Ти си знаеш.
Продолжија да го товараат камионот. Работникот како да беше изморен и се
обидуваше да забушава. На секои две лопати, враќаше со една. Подоцна веќе
го фати таква мрза, да дури и му беше тешко да ја префрли лопатата во
приколицата, па несакано на три пати, уфрли земја преку отворениот прозор
во кабината на камионот.
- Ќе одам да се напијам вода. Одма ќе се вратам.
Отиде кај газдата и другар му. Газдата имаше извадено некои пржени
колбавчиња, што ги имаше спременио жена му, пиеја пиво и мезеа кашкавал.
- Одмараш? – праша газдата.
- Да се напијам вода. Другар ми дој малку.
- Кажи царе.
- Абе овој ти фрли на три пати земја во кабина на камионот.
- Како бе? Причекај малку овде. Газда, ај нека поседи другаров малку со
тебе да видам што напраил овој, па ќе дојдам. Иначе детево е одличен
студент на правен.
- Седни дечко, замези се.
- Не, фала, не треба.
- Земи, не се срами.
- Ај, ќе се напијам уште една чаша сок.
- Жешко, а?
- Многу.
- Како факултетот?
- Добро е, иде.
- Ај заврши, па ќе видиме ќе ти најдеме нешто, да не се мачиш вака со
лопата. Колку те плаќа мајсторов?
- Другар ми е. На испомош сум. Не можел да најде работници.
- Добар другар ти е изглеа, а.
- Школски. Се знаеме од мали.
- Аха. Земи си кашкавалче.
- Не, фала, не треба, ќе ме тера на вода.
- Ти си знаеш, мое е да ти понудам, твое е да одбиеш така?
- Така е.
Се слушна гласот на другар му.
- Царе дој малце.
- Идам.
- Слушај го избркав овој, сеа остануаме само ја и ти. А, ја мора да отидам
до кај газдава, уште не сме пазарени, па ќе дојдам.
- Терај.
Остана сам. Ја зема лопатата и почна, како претходно, но овојпат веќе
поотежнато, а и сонцето печеше повеќе. Лопата, по лопата, полека се
намалуваше купот. Другар му го немаше да дојде. Секоја фрлена лопата го
насочуваше да го побара, да дојде, да му помогне. Но нешто го
премислуваше. Ја префрли целата земја. Ги фрли нараквиците и отиде кон
другар му. Веќе беше видно вцрвенет, поради сонцето, а и испотен. Капки му
се тркалаа по целото тело.
- Момак завршив. Бегаме?
- Мајсторе, кај го најде детево алал да ти е многу вредно. Ај нека заврши
па ќе праиме работа негде да го бутнеме со факултет.
Подголтна. Се напи вода. Се поздравија, влегоа во камионот и тргнаа назад.
Пак ја држеше вратата преку прозор, да не се отвори. Промајата доаѓаше
добредојдено. Ја сузбиваше температурата по целото тело. Не ја ни
чувствуваше.
- Царе, ќе те остаам сеа прво тебе, а ја после ќе идам да искипам.
- Да не треба да ти помогнам?
- Не бе па ти сам си кипа, ова киперче е. Не џабе поскапо го купив. Еј,
слушај фала многу.
- Нема гајле.
Стигнаа.
- Се глеаме.
- Ајде така, поздрав и фала уште еднаш.
- Немај гајле. Фурај.
п:пак
Подзастана. Звук му ја
одземаше тишината. А беше на неа навикнат. Бар овде сега, во времето на
одмор. Пофтаса да ги поднаостри сетилата, за да може да го одгатне изворот
на нарушувањето. Ги начули ушите, ја намали музиката и слушна. Звукот
доаѓаше од прозорот. А на него беше застаната една оса и упорно се удираше
од стаклото. Како да сакаше да излезе, но беше заглавена, а не можеше да
ја истурка сигурноста, стаклото беше перцепција за неа непозната, првпат
сретната.
Се доближи до неа и ја набљудуваше. Неколку мига. Потоа како да се врати
за миг во минатото.
Беше дете, стоеше пред куќата. Ги имаше во рацете кофичето, греблото и
лопатчето. Му ги дадоа. Се насочи во песокта. Седна на неа и почна да
претура во кофичето. Го полнеше, го превтуваше, правеше купче од песок, го
растргнуваше со греблото и повторно започнуваше со полнењето на кофичето.
Игра. Детска.
Одредено зуење му го одзема вниманието. Се сврте. Во близина на песокот,
во една од циглите на куќата влезе оса. Немаше видено дотогаш. А немаше ни
кој да му објасни. Му се виде интересно. Од циглите влегуваа и излегуваа
оси. А тој ги набљудуваше. Одеднаш одредена мисла водилка го натера да го
земе кофичето и ја поклопи дупката. Сакаше да им го затвори патот кон
дупката. Осите кои доаѓаа однадвор вртеа околу некако збунети, позната им
беше маршутата, а не го добиваа она кон кое беа насочени – влезот. Во
кофичето почнаа да се собираат оси, една по една. Ги гледаше, зуеја, и се
удираа во ѕидовите. Беа измамени и затворени. Но сепак, иако жолтата боја
на кофичето дозволуваше да се видат силуетите на осите внатре во него, не
можеше да се види најјасно, нивниот облик. И со ниет да види што прават
внатре осите, го потргна малку кофичето од ѕидот и се наѕре со едното око.
Одеднаш излегоа неколку од осите и го нападнаа. Не беше припремен да
реагира, беше нов и незнаеше како да реагира. Го испушти кофичето и почна
да мафта со рацете. Се бранеше од осите. А тие немилосрдно го напаѓаа од
сите страни. Им беше засегнат домот. Почна да плаче, да вриска и да ја
повикува мајка му. Одеднаш мајка му излезе, го зема за рака и го внесе
внатре. Го избегнаа гневот. Плачеше. Најмногу што може. Го болеше. Имаше
премногу убоди на лицето, ушите и по целото тело.
Тоа беше денот по кој стана алергичен на убоди од оси. Оттогаш внимаваше
да не добие убод, поради последиците.
Се врати пак со мислите во собата. Продолжи да ја гледа агонијата на
осата. Се трудеше да излезе и продолжуваше да се удира во стаклото. Но не
успеваше. Подаде рака и ја фати. Осети убод, па уште еден, но не ја
пушташе. Како да беше решен да ги израмни сметките. Ја стисна силно и ја
згмечи. Престанаа убодите, но почна да му се врти. Сакајќи да седне на
креветот запаѓа. Вртоглавица. Падна на подот. Овојпат остана само да се
слуша пригушениот звук на музиката. Тивка и несметана.
ш:шарпланинчето
Возеше со моунт бајк.
Го имаше неколку месеци и имаше потреба да го тестира по разни земјени
терени. Возеше кон ридот. Се искачи и сега се симнуваше. Одеднаш на патот
здогледа мали кученца. Закочи, застана и ги гледаше. Беа три. Почна да
вика:
- Куци, куци.
Едно од трите кучиња тргна кон него. Видно задоволен во мислите му се
вртеше, потреба да го земе кучето и да замине. Се приближуваше се поблиску
до кучето кое ѕивкаше.
Одеднаш, како да изникна од никаде, со страотен лаеж и грамадна снага кон
него се стрча кучка, шарпланинка. Се повлече назад што од страв, што од
изненада.
- Куци, куци. – пак извика.
Но, овој пат од другата страна беа подадени заби, спремни на готовс и
затаено ржење со позната парола. Полека, застанат, се обидуваше да не
вознемири. Наназад по некое мало движење, да при зголемување на звукот на
ржењето пак подзастане. Но, сепак се врати полека. Го зема точакот со себе
и пак почна да ја искачува угорницата од каде се симна. Друг пат за назад
немаше, но веќе и не се обидуваше да ја поминува истата пречка. Го зема
точакот на рамо и тргна низ лозјата. Беше обземен со страв, исплашеност,
срцето му биеше пренападно.
Се сети, одамна овде во лозјето собираше пајаци, за инсектариум. Ја
смируваше напнатоста. Продолжи низ лозјето.