март
в:василева анета
г:години:24
п:професија/интереси:
студент
ч:човекот со црв
Ножот ми е сведок- ми
рече мојот тогашен соговорник. Тој ќе ти каже дека милион пати го држев,
посакував да го вкусам неговиот железен ‘рскот, неговото кратко
светнување. Распрснат на билјон делови, се ситнев уште поситно. Барав, го
барав она штуро мало црвче што ме гриза, што ме глоѓа секој миг. Исто како
црвот во крушата што ја јадеш, од никаде не влегол, а внатре е и ја глода,
ја гризе, ја расипува. Кутрата круша!
- Но, повкусна е со црв - му реков, и поздрава.
- Сакаш да кажеш дека Господ го става црвот во човекот за да биде човекот
“поздрав” кога ќе го голтне земјата.
- Ма што ти е тебе, само така реков, од каде јас да знам што прави бог.
Јас не верувам во бог.
- Само тоа има смисла. Тоа ќе го сторам. Во мене има црв, инаку сум душа-
човек. Исто и крушата. Господи што сакаш да ми кажеш? - рече повеќе како
за себеси, неочекувајќи одговор. Ќе го извадам, или… Не можам. Секој ден
ја променувам мојата кожа и се трудам, мислам дека ќе започнам сè од
почеток, но не, црвецот упорно останува. Си го носам каде и да одам. Не ни
мислев дека ако го извадам ќе ми недостига. Јас не можев без него, а тој
без мене ќе најде друг. Кога сфатив дека сите луѓе ги јадат црви, дека
сите се гадни, злобни и живи примероци на ѓаволите или ангелите, се
зачудив што јас не сум ниту во тие, ниту во тие. И мојата логика беше
безлогичност. Што беше тоа што ме сили да се заградувам и заробувам во
сопствените нерви, да се оградувам од моите вени. Се гнасев од сопствениот
пол, од сопственото име, од сопственото его. Се мразев зошто едноставно
бев дел од прашината на старите предмети, од ‘рѓата, од ѓубрето на
денешниот свет, а и лош пример бев за “идните поколенија”.
Ги мразам луѓето и сè по ред (итн.) зошто лажат, и лажат, и живеат во
лага, и сè е лага и… и јас лажам и зошто се правам или да се правам
поинаков кога веќе сум поинаков. Колку пати човекот може да биде поинаков?
И јас глумам, глумам светец и замисли го кријам најубавиот дел од себе.
Тогаш каков светец сум јас, црн!? Црн, кој несакајќи да го преземе врз
себе секојдневниот блуд, создава свој дебакл, и притоа сè што умира е
мојот алтруизам.
Не, не сакав да биде така. Јас сакам да останам жив, ЖИВ! и да ги сакам
луѓето затоа што тогаш не би живеело тоа. Би можел да се обидам да ја
кажам вистината, што корист, ќе ме направат луд. Ќе си предизвикам болка
уште повеќе, уште повеќе ќе порасне црвот и нема да се знае ни кој е кој,
ни што е што. Голема работа, ни сега не се знае и никогаш не се знаело.
Човек не може да знае. Тој има разум да мисли, но тој разум ги блокира
сите потребни нагони, или ако сакате повеќе инстинкти кои водат до
реалноста. Има очи, но е слеп, најслепиот жив организам. Има и уши, но за
да биде најглувиот, уста за да го каже тоа што не знае што значи, раце за
да го направи тоа што не му е потребно, нозе за да отиде до својот гроб, и
после сè, гратис-чувства за да болат што разумот погрешно мисли, устата
зборува што не треба, очите што го гледаат погрешниот избор, ушите што го
слушаат погрешниот одговор, нозете што не знаат да се вратат назад и
рацете што еден ден ќе се свртат против нас. Човекот е збунет и осамен
пакосник. Зар може таквиот жилетен бумеранг да биде љубен или да љуби. Да?
Не верувам.
Човекот се плаши. Секој допир значи пролевање, значи секот, крв, викање,
солзи. Значи крај! Сите се опфатени од луда манија за среќа, здравје и
љубов, а и плус тоа и долг живот. Хе! Тоа му се потребните утопии на
светот, нешта што секогаш ни фалат. Е навистина и тоа е грешка.
Овие “нешта” се толку силни, толку бројни, тие се како составен дел на
атомот на човекот. Тие се толку присутни што од нивната преголема
застапеност се заслепивме, тргнавме по погрешни насоки - да ги бараме, а
само се оддалечивме од нив. Стигнавме до опседнатост, како луѓе кои
давејќи се во морето, ќе умрат од жед.
Да, да, луѓето се тие што од мало влакно ќе направат голем проблем, а од
едно обично дрвце сложен механизам, механизам кој можеби ќе го уништи
светот. Зар да се осудам да бидам човек?
-Ај не ме замарај, реков, сакајќи да престане да зборува и да ме тормози.
Но, тоја продолжуваше.
-Ножот ми е сведок дека сакав да го убијам црвот што ме гризе, но уште
повеќе себеси, зошто сум човек во кој живее црв. Зошто сум жилет и што
сечам, и сум сечен. Ножот ми е сведок дека се чудам, и се плашам и бегам,
но и очајно барам жртва. Зар може ѕверот да ја мрази срната. А сите сме
срни и ѕверови. Нема некој што е само едното или другото, или ниедно од
двете. Јас не можам да издржам да бидам двојник, да бегам и да бркам…
Јас само сакам мирен сон, мирен природен живот, без бескоренести нешта.
Зошто дрвјата, тревата никому не би направиле зло. Животните се јадат, но
нивните цели се достоинствени, оправдани, цивилизирани.
Луѓето јадат од завист, од гордост и во име на “доброто “. Си го
олеснуваат животот, но не успеале да го продолжат само да го скратат.
Тогаш зошто да постојат, за да живеат само црвите во нив. За да создаваат
пустош и празни верувања за Бог кој ги создал луѓето за да на крајот
умрат, за да се плашат од она што самите можат да си го направат, за да се
надеваат во она што знаат дека не е можно, за да бидат лошо формулирани
реченици во кои подметот е и предмет, за да до крајот на својот живот не
можат да дефинираат што се и упорно го бараат тоа што веќе го имаат. Зар
не е срамно? Зар не е смешно?
Ножот ми е сведок дека не сакам да биде така. Јас ќе бидам цвет и ќе ја
украсувам природата. И ќе ги правам луѓето среќни, радосни. Мојата немост
и глувост ќе зборува и ќе слуша многу работи, ќе ми донесе божествена моќ.
Ќе бидам како богот кој го создал целиот свет за да биде среќен. Да живее
и да сведочи за своето постоење. Чувствата се луксуз, а потребните нешта
се во примитивните животински инстинкти. Бог не ги убива луѓето туку тие
него. Затоа постои несреќа. Оние што го заборавиле бог осудени се да
живеат само во свет на луѓе. Оние што го пронаоѓаат живеат низ разни
облици,а оние што го губат умираат.
Ножот ми е сведок дека јас нема да кренам рака на мојот бог. Иако се
мразам и размислувам како другите сепак нема да се убијам. Зар да се
осудам да завршам како човек? Или да докажам дека сум постоел само како
човек. Не!
Дефинитивно не-рече и си замина.
Сè уште ги слушам неговите зборови:”Ако успеам, бог нека ми суди, ако не
успеам бог нека ми прости…”
Никогаш повеќе не го видов тој човек. А многу сакам да го сретнам. Ако го
видете некаде кажете ми. Морам да го прашам што направи со својот проблем,
со својот црв. Сакам да знам бидејќи почуствував: и во мене живее еден.