т:темплум  


март

ј:
јаневски владо


п:професија:Deep Space
д:досега објавено:роман ‘Made in Јабана’ (2004, Слово, Скопје), збирка раскази ‘Нема Враќање’ (1985, Студенски Збор, Скопје).



в:во ритамот на блузот

  Кога сфатив дека сум човек заробен во тело на мачка веднаш пробав да се извлечам од мачкината кожа - до крв си го гребнав носот за да се уверам дека не сонувам, но тоа не помогна. Седам склопчен на стол во полумрачна чекална и нервозно си го лижам крзното, се мијам - о, господе, се мијам. Магливо се сеќавам што правев како човек извесно време пред да завршам во мачкинава кожа, потоа имаше празнина и сега сум тука. Во моментов толку не ме измачува тоа што не знам како стигнав во чекалната колку што се прашувам што се случува зад затворената врата. Оттаму слушам музика, некаков блуз, но и гласови, зборуваат ли за мене?
  Значи како човек тој е мртов? праша нечиј глас.
  Се работеше за мало недоразбирање, но му дадов шанса да живее како мачка, прошепоте друг глас.
  Треба да се внимава, вели претходниот глас. Најновите стандарди за практикување чуда се многу строги...
  Ова почнува да бидува замрсено, си велам и внимателно рипнувам од столот, се доближувам до вратата за да чујам подобро. Тогаш ме заплиснува светлина.
  Бромо, веќе си тука? Влегувај, само напред, ме поканува глас од просторијата. Го кревам опашот и зачекорувам внатре. Кога ми се привикнуваат очите, пред себе гледам маж и жена со ореоли на главите. Ми се претставуваат како светци. Жими опашов светци, си реков. Отпрвин си мислев шегобијци се, но подоцна се покажа навистина се светци. Од почит кон нивната приватност тука не сакам да им го откривам идентитетот, ќе ги наречам светецот Икс и светицата Ипсилон. Всушност, со светицата си немав многу работа, беше на излегување. Таа се збогува со колегата, ме помилува по крзното и си замина.

  Седни на софата, те молам, ми вели светецот Икс. Ако не ти се допаѓа блузов ќе пуштам нешто повесело.
Фино е, велам јас, малку блуз не пречи.
  Убаво се сместувам на понудената кожна софа и го гледам во исчекување. Светецот Икс носи темни очила. Необично за светец, си помислувам. Ми се чини некаде веќе сме се сретнале, можеби би се сетил каде ако барем ги крене очилата.
Знаеш, Бромо, тука го имам твојот случај на разгледување, ми вели светецот.
  Мојот случај!? се чудам. Тогаш ќе ми помогнете ли малку да се присетам за што станува збор и, патем речено, би сакал да знам како станав мачка?
  Секако, токму тоа ќе го разгледуваме, рече светецот Икс. Па, да почнеме. Дали се сеќаваш на оној ден кога твојот пријател Куш ја изгуби работата?
Климнав потврдно.
  Ако не ти претставува тешкотија, ќе можеш ли да ми раскажеш што се случуваше на тој ден, убаво ме замоли тој.
Се обидов да се присетам. Светецот ме слушаше внимателно.
Во многу што тој жежок летен ден не се разликуваше од преостанатите и веднаш ќе го потиснев во заборав ако колегата Куш не ме извадеше од такт. По ѓаволите каде се клештите, го прашав неколку пати, барајќи наоколу...
  По ѓаволите? Значи ти беше малку налутен, забележа светецот Икс.
  Да господине светец, и не само заради клештите, реков. Тешко е да си ведар ако работиш со концентрирани хемикалии во задушлива просторија. Секој не би се нафатил да врши таква тешка работа. Згора на тоа, стандарди и прописи на секој чекор, вистински кошмар, ви велам...
  Стандарди... ех, не ми кажувај, светецот Икс тешко воздивна, продолжи понатаму.
  Куш имаше лош обичај да го паркира својот вилушкар на срет пат, така и овојпат, и не пропушташе прилика да критикува. Глупости и трошење хартија, бирократија на секој чекор, рече кога го потсетив дека не ги почитува прописите. Погледни ме, гордо истакна тој, тука сум повеќе од петнаесет години и никогаш не сум ги следел тие глупави правила, не вредат повеќе од хартијата на која што се напишани. Нема ништо подобро од доброто старо логично размислување. Овде е се што ми треба, Куш значајно се чукна по главата.
  Не го слушав највнимателно бидејќи веќе пет минути бев во потрага по клештите.
  Тие треба да престанат да трошат тони хартија и да си го губат времето со цепидлачење и мерење на секој наш чекор тука долу во производство. Поарно нека ги засукаат ракавите, нека излезат од канцелариите и ни помогнат, критикуваше Куш.
  Не е се така едноставно, му реков. Секој си има задолжение, секое место во компанијата е од некаква важност.
  Важност, жими газот, се бунеше тој. Освен ние тука на подов што црнчиме, никој друг ништо не работи. Секој втор е некаков си менаџер.
  Зарем друго ништо не знаеш да кажеш? Само ќе критикуваш, му реков. Се повеќе ме иритираше безуспешната потрага по проклетите клешти. Ми беа потребни да отворам некои буриња: се работеше на норма и се мереше времето за секоја зададена работа.
  Јас не сум ти виновен што се вртиш во круг како бесно куче, ми се потсмеваше Куш, што бараш, си ја изгубил главата?
  Ама сто пати ти кажав што барам, се нервирав.
  Куш ги извади клештите од задниот џеб. Душичке, тука се, тој се потсмеваше и ми испрати воздушен бакнеж.
Ги позедов клештите и со нив му го приклештив носот.
  Господе, ти си полудел, писна тој.
  Ајде, сега потсмевај се да те видам, му реков. Се разбира не му го откинав носот, а можеби требаше; не го ни стегнав толку колку што пискаше. Сакав само малку да му го дотерам паметот и набрзо го пуштив. Меѓутоа тој не остави покусо, без многу размислување го крена чеканот што му беше прирака и ме удри по главата. Јас застанав како вкопан...

  Со чекан беше? ме потпраша светецот Икс, јас мислев со лопата.
  Со чекан беше господине светец, апсолутно, реков. Значи после ударот застанав како вкопан. Куш се уплаши дека ме отепал. Како се чувствуваш, болки во главата? ме праша загрижено.
  Не, реков.
  Со еден удар сум срушил бик а ти... уште стоиш. Куш се прекрсти. Ова е чудо, рече. Имаш натприродни способности!
  Сигурно имам кога можам да поднесувам идиот како тебе, му реков.
  Сериозно, мислам дека ова е чудо, Куш остана стаписан.
  И, што сега? го прашав.
  Куш ми се приближи. Не мрдај, не знам дали само ми се причинува или над главата навистина имаш светол круг... господе, жими гробот на мама, ова мора да е ореол. Бромо, по се изгледа си станал светец, промрморе тој и падна пред мене на колена.
  На будалата што клечеше бев спремен да му удрам жешка шлаканица за експресно да се врати во реалноста, но токму тогаш дојде шефот.
  Пред да отворам уста Куш му се фрли в прегратки покажувајќи кон нешто над мојата глава.
  Гледај, гледај, озарено му викаше тој на шефот, Бромо стана светец!
  Поверојатно е дека ти си станал будала, му се развика шефот. Како можеш да кажуваш такви глупости, и зошто ти е крвав носот?
  Ах, носот, ништо не е, Куш си ја забриша крвта со ракавот, гледај го ти ореолот на нашиот Бромо. Го удрив со чекан по глава и види - чудо невидено!
  Да, чудо е како досега си останал на работа, му рече шефот. За вакво однесување под итно ќе леташ оттука.
  Така и би, шефот се погрижи Куш уште истиот ден по кратка постапка да биде избркан на улица...

  Тука запрев и го погледнав светецот Икс. Ете тоа се случи, му реков.
  Светецот се почеша по ќелавата глава. Колку повеќе го гледав, во мене растеше уверувањето дека ќелавково претходно сум го сретнал. Само каде?
  А потоа, се сеќаваш ли што се случи со Куш? ме праша светецот Икс.
  Тој секој ден ме чекаше на влезот од компанијата, реков. Веруваше дека дефинитивно сум станал светец. Отпрвин беше осамен во своето лудо уверување, но после кратко време забележав пред влезот се појави и една старица, потоа уште неколку души, почна народ да се собира. Куш не се делеше од чеканот, се крстеше со него и ги тераше другите да го бакнуваат, претпоставувам го чуваше како симбол на мојата светост или нешто слично, кој би ги знаел тие работи. Како и да е, оттогаш многупати се загледував во огледало, небаре ќе го видам ореолот, меѓутоа во својата појава не наоѓав ништо необично, уште помалку натприродно. Единствено сфатив дека имам прилично тврда глава, но повеќе сакав да ја користам за пософистицирани цели; на пример, посакав да продолжам со школување и евентуално да завршам факултет. Меѓутоа од Куш и поклониците, чиј број од ден на ден стануваше се поголем, не можев да се движам непречено по улица а камо ли да студирам. Станав човек со изгубен внатрешниот мир - ни оддалеку материјал за светец...

  Тука пак запрев, си мислев дека се сум кажал.
  Толку? ме праша светецот Икс.
  Во истиот час се сетив дека имаше уште нешто. Има уште, има уште, викнав, сонот...!!!
  Сонот, точно, рече светецот Икс.
  Да, животот ми стана пекол, реков. Морав да најдам спас инаку бев готов. Тогаш го сонив сонот. Ми се појави еден од светците како вас. Ми рече спасот е во чеканот. Во чеканот!? го прашав зачудено. Тој само климна потврдно и исчезна. Се разбудив целиот облеан во пот, сонот имаше порака. Поклониците на чело со Куш озарени чекаа да чујат што ќе кажам.
  Удри ме пак со чеканот, му реков на Куш.
  Како мислиш, пак? тој се зачуди.
  Исто онака како што ме удри првиот пат, му реков решително. Очекував овој удар ќе има обратен ефект и сите ќе се уверат дека се работи само за тврда глава. Куш го крена чеканот и ме тресна, но овојпат многу посилно, веројатно си мислеше колку посилен удар толку поголем светец ќе станам - ги знаете луѓето...

  Толку паметам, му реков на светецот. После вториот удар не знам што се случувало со мене. Сигурно сум изгубил свест... кога си дојдов при себе забележав дека сум тука, престорен во мачка. Зарем е можно?
  Светецот ги крена темните очила и ми испрати долг поглед. Се е можно, ми рече со жалење во гласот.
  Тогаш ми светна каде сум го сретнал мистериозниот светец и избувнав: Ваша светост, па тој на сонот бевте вие лично. Вие ме советувавте да...!
  Пополека момче, се бранеше светецот. Јас само сакав да ти порачам да го скриеш чеканот, но за жал соништата понекогаш се толкуваат погрешно... ме разбираш, жалам. Меѓутоа ти давам шанса уште да поживееш... како мачка, тој се обиде да ме успокои.
  Благодарам за ништо. Тогаш да видиме како една мачка би се однесувала во случајов, мјаукнав разлутено и ги зарив ноктите длабоко во скапата кожна софа, парчиња ја сторив.
Светецот ги преврте очите, се покажа дека тоа воопшто не му се допадна.
  Најпосле, да се биде мачка и не е така лошо, си реков мрдајќи со опашот во ритамот на блузот. Ме обзеде бран на олеснување.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


























































































































































































 

  д:дома